Достапни линкови

Во Скопје ќе се одлучува идниот претседавач на ОБСЕ


Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

Предизвик за министерскиот состанок на ОБСЕ - барањето на Лавров да присуствува. Од 5 до 8 милиони евра ќе чини претседавањето со ОБСЕ, вели министерот Османи. За тендерите со еден понудивач, меѓу кои и изнајмувањето возила, се правда дека се законски, но скапи заради големината на настанот.

За три недели во главниот на Северна Македонија веројатно ќе се носи одлуката за иднината на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи драматично најави дека „во Скопје две завојувани страни (Русија и Украина), меѓу кои не постои никаква комуникација и дијалог ќе имаат можност да седнат на маса“.

Ова се дел од најавите со кои министерот за надворешни работи Османи денеска, на 6 ноември, ја истакна важноста на министерскиот совет на ОБСЕ, што на 30 ноември и 1 декември ќе се одржи во Скопје, а со кој треба да се заокружи претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за 2023 година. Активностите ќе започнат на 29 ноември со неформална министерска вечера.

Овој настан, според шефот на дипломатијата е најголем што е организиран во историјата на државата. Се очекува во Скопје да слетаат делегации од 76 земји – од 57 членки на ОБСЕ и од партнерски држави од медитеранската и азиската група. Ако се земе предвид дека министрите за надворешни работи со себе водат делегација во бројност од 10 до 40 членови, од МНР очекуваат околу илјада високи гости.

„И бројчено и суштински е најголемиот настан во државата. Ќе биде најголемиот настан по Обединетите нации што беше во септември. Меѓутоа и по суштината е исклучителен затоа што за првпат ОБСЕ се наоѓа во егзистенцијална криза“, вели Османи.

Ќе го отворил ли Северна Македонија небото за Лавров?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред четири-пет дена испратил писмо до македонскиот министер Османи во кое, како што рече шефот на дипломатијата, „покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје“. Но тоа е крајно неизвесно со оглед дека македонскиот воздушен простор е затворен за прелет на руски авиони, а тоа е случај и со повеќето земји во соседството.

Затворањето на воздрушниот простор дојде како одговор на руската агресија врз Украина. Од почетокот на војната, пак, Русија константно ја опструира работата на Организацијата во која се одлучува со консензус блокирајќи повеќе одлуки што беа од нејзин интерес. Досега неколку пати стави вето на кандидатурата на Естонија за претседавач во 2024 година, го блокираше буџетот на Организацијата, стави вето и за теренските мисии во Украина...

„По правило сите земји-учеснички треба да учествуваат на министерскиот совет, но дали ќе бидат конкретни личности, сепак, ќе зависи од одредени одлуки што ќе треба да се донесат наредните денови. Се надевам дека ќе успееме сите да бидеме во Скопје“, вели Османи.

Тој упати порака дека ова е време кога треба да се излезе од пристапот државниот интерес да биде пред колективниот и затоа очекува, како што рече, „Руската Федерација да покаже знаци на компромис и соработка за да се олесни процесот на обезбедување целосно присуство на нејзината делегација“.

Без разлика дали ќе дојде Лавров или не, Русија како држава, според најавите од шефот на дипломатијата, ќе учествува на настанот со свои претставници.

200 војници ќе бидат возачи на делегациите

На сите шефови на дипломатии и претставници во ОБСЕ возачи ќе им бидат професионални војници од Армијата на Северна Македонија. За тоа ангажирани се 200 припадници на Армијата.

„Решивме сепак војници да ги возат возилата кои ќе ги спроведуваат делегациите, а кои поминаа низ курс кој го обезбеди Министерството за внатрешни работи. Ангажирани се сите безбедносни служби, имаме редовни состаноци, од Дирекција за заштита и спасување која ги има направено сите планови за превенција и заштита, се разбира се до МВР и до Армијата. Засега сме подготвени целосно од логистички аспект“, уверува министерот за надворешни работи.

Османи за трошоците: Не сме навикнати на вакви настани, па трошоците изгледаат големи

Токму тендерот за возила за делегациите вреден околу 900.000 евра, предизвика критики во јавноста, но Османи уверува дека МНР мора да го направи тоа. Тој посочи дека станува збор за рамковен договор или како што вели, „резервен, бекап план“. Тоа значи дека МНР нема обврска да ги користи сите возила туку колку што ќе има потреба. Откако ќе се исцрпат државните ресурси, тогаш ќе се користат оние што се бараа за изнајмување преку тендер.

„Јавен тендер е спроведен, сите рент а кар агенции беа информирани бидејќи однапред беше комуницирано со сите за да се провери пазарот. За жал имаше една понуда. Зошто имаше една понуда, ќе треба да ги прашате агенциите. Дали не можеле да обезбедат толку број на возила од тие марки со таа боја во државата и регионот или немале интерес, тоа не е прашање до нас. Ние имавме законска процедура во која имаше една понуда“, рече министерот нагласувајќи дека со водич на ОБСЕ строго е определено каков тип на возила, марка и број треба да се користат за настанот.

По случаен избор тендерот за возилата, Бирото за јавни набавки го избрало за да се води управна постапка. Откако бил прегледан, од Бирото, тврди Османи, стигнало писмо дека се испочитувани сите одредби и треба да се продолжи со постапката.

На забелешките од новинарите дали е истиот случај и со тендерот за интернет и озвучување од околу 500.000 евра, тој повтори дека тоа се истите процедури

„Јас ги разбирам реакциите затоа што ние не сме навикнати на настан од вакви димензии. Ова е веќе друга лига за државата и се разбира дека кога ги споредуваме со други настани, може да ни изгледа дека се поголеми, меѓутоа настан од такви димензии се разбира дека има одредени трошоци за тоа“, рече Османи

Колку вкупно ќе чини министерскиот совет во Скопје, но и целото претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, засега нема точни бројки. Шефот на дипломатијата, повикувајќи се на искуствата од претседавањата на другите земји, посочи дека тоа обично е околу пет до осум милиони евра. Прецизни трошоци, посочи тој, ќе бидат познати откако ќе заврши претседавањето.

Ќе се изгаснат ли светлата на ОБСЕ во Скопје?

Меѓутоа, Северна Македонија можеби ќе треба и во буџетот за 2024 година да одвои пари за претседавање со ОБСЕ бидејќи едно од сценаријата е земјата да ја извршува функцијата и следната година.

Естонија е единствениот формален кандидат, но Русија стави вето, па таа опција е најмалку изводлива. Втората варијанта е да се најде алтернативна држава за што Османи разговарал со речиси сите министри за надворешни работи.

„Ако се исцрпи и таа варијанта, тогаш Северна Македонија и покрај сите тешкотии, нема да дозволи Организацијата да остане без претседавач. Но, до последната минута до завршување на нашето претседавање јас ќе работам да најдеме алтернативна земја, веќе сум на добар пат, но прерано е да комуницирам имиња бидејќи треба да се направат дополнителни консултации со земја учеснички“, вели министерот.

Немањето претседавач не е единствениот предизвик со кој се соочува ОБСЕ. На 4 декември истекнува мандатот и на четворицата извршни лидери во Организацијата: генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите. Тука е и прашањето за буџетот кој не е одобрен од 2021 година, како и 13 теренски операции што ги има организацијата во моментов.

Османи вели дека теоретски постои можност во Скопје да се изгаснат светлата на Организацијата, но не верува дека тоа ќе се случи.

„Не верувам дека земјите ќе дозволат такво нешто затоа што ОБСЕ навистина се покажа како додадена вредност за овој регион на светот. Таа е најголемата безбедносна организација во светот со 1,3 милијарди луѓе кои живеат во тој регион и принципите и обврските на ОБСЕ дефинирани во Хелсиншкиот финален акт беа на некој начин темели на мирот и безбедноста во овој регион“, рече Османи потенцирајќи како пример што оваа организација е важна за регионот бидејќи во цел Западен Балкан постојат мисии, како и дека ОБСЕ е единствениот канал на комуникација помеѓу Кишињева и Тираспол.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG