Достапни линкови

Се „гуши“ ли Скопје од трговски центри среде беспарица и бетон


Граѓаните поделени, едни сметаат дека е добро што сите близу имаат голем мол за пазарување, други прашуваат кој ќе купува во сите нив, трети дека Скопје личи на Лас Вегас. Економистите со кои разговаравме велат на Скопје повеќе му треба саем, но на крај победува интересот на самиот инвеститор.

Скопје нема саем, министерскиот состанок на ОБСЕ ќе биде во спортска сала, таму се одржуваат и концерти, театрите кои се монтажни објекти се распаѓаат, паркови има се помалку... но отворањето големи трговски центри е тренд во Северна Македонија, особено во главниот град. Последниве години само во Скопје се отворија и наскоро ќе се отворат уште нови модерни молови. Се проценува дека поголемите молови вкупно зафаќаат површина од 100.000 квадратни метри, што е простор поголем од 15 спортски терени, или речиси иста квадратура колку 30 „Филхармонии“ или педесетина театри како МНТ.

Сликата деновиве ја надополнуваат градежните реони во кои стотици работници брзаат да ги запазат роковите за сечење на лентата, а зад нив наѕираат нови архитектонски решенија со стотици продавници и ресторани и само по некој нов бренд.

Наспроти тоа, на десетина локации во Скопје и на уште толку низ државата зјаат полупразни старите молови како Градскиот трговски центар, ТЦ Кисела Вода, Скопјанка... Се повеќе дуќани се со катанец на врата или со натпис „се издава/продава“.

Му требаат ли на Скопје нови трговски центри или театри, саеми, паркови...?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00

Оттаму логично е прашањето - Која е економската логика за отворање на такви молови во време на инфлација и на значително намалена куповна моќ на граѓаните? Или од руга страна, како што велат архитектите - Во чија корист е ваквиот вид на „бетонизација“?

Дали на Скопје му се потребни нови трговски центри?

Завршните работи за најновиот „Дајмонд Мол“, со неговите 48.000 квадратни метри површина, се на крај пред неговото утрешно отворање во најстрогиот центар на Скопје. По него ќе следува отворањето и на уште еден трговски центар со модерен архитектонски концепт - „Џевахир Мол“ во Аеродром, со површина од околу 25.000 квадратни метри.

Со овие два мола, Скопје ќе стане град со пет големи трговски центри - „Сити Мол“, „Ист Гејт“, „Рамстор Мол“, „Дајмонд Мол“ и „Џевахир Мол“, со вкупна површина колку половина од скопскиот Градски парк.

Во сите нив има над илјада продавници, ресторани, сендвичарници, книжарници, сувенирници...

Граѓаните се поделени. Едни велат дека Скопје со толку блескави трговски центри почнало да наликува на Лас Вегас, но и прашуваат кој ќе купува во нив?

Други пак велат дека е добро што се отвораат такви центри за на граѓаните да им е се на едно место.

Сепак преовладуваат мислењата дека освен толку многу молови, потребно е да се изградат концертни сали, паркови, спортски терени, театри... и дека во последно време се е свртено на трговија.

„Доволно е, доста им се, Лас Вегас стана Скопје. Приоритет треба да бидат други работи, а не нови трговски. Јас сум од Бутел, канализација немаме, тоа треба да се гледа“, вели граѓанин од Бутел со кого разговаравме пред еден од големите молови во Скопје и кој побара да остане анонимен.

„Потребни се, посебно за онаа категорија на граѓани кои сакаат на едно место да најдат се што им треба“, вели друг граѓанин од Скопје.0,

Некои од испитаниците пак се сомневаат дека нови трговски центри се потребни поради се помалата куповна моќ на граѓаните.

„Доволно е, јас мислам дека е доволно. Тоа треба да зависи од куповната моќ на граѓаните, а луѓето немаат пари, така што доволно е“, смета Стефан Јакимовски.

„Куповната моќ на луѓето е мала, сметам дека немаме реална потреба од повеќе нови трговски центри“, ни одговори Влајко Маријановиќ.

Упативме прашање и до Управата на најновиот трговски центар „Дајмонд“ каде ја гледаат економската исплатливост и целта за отворање на нов трговски центар во Скопје и покрај неколку веќе постоечки. Оттаму за РСЕ само кусо одговорија дека „во моментов се презафатени со активности за отворањето на трговскиот центар што ќе трае цел викенд“ и затоа не се во можност да ни одговорат.

Што велат економистите?

Економските експерти со кои разговаравме се на линија дека главниот град нема потреба од нови трговски центри. Аналитичарот Арбен Халили смета дека иако овие проекти се добри капитални инвестиции, сепак со се поголемиот број нови молови вели тие ќе стануваат непрофитабилни.

„Земајќи предвид дека сме мала земја, не само географски, туку и како маса на потрошувачи, сметам дека зголемениот број на трговски центри ќе направи овие трговски центри да бидат непрофитабилни, а за жал тоа веќе индиректно почнува и да се гледа и тоа ќе значи дека со самата инфлација и зголемената миграција од земјава која се случува во последните години, нормално е дека ќе има помалку потрошувачи“, смета Халили.

Поради ова, Халили смета дека треба да се стави крај на бетонизацијата со трговски центри и фокусот да се стави на други проекти.

Според претседателот пак на бизнис конфедерацијата Миле Бошков, со отворањето на нови трговски центри, други актуелни локации остануваат во втор план.

„Еве да ја земеме само за пример „Димитрије Чуповски“, една главна улица, на која 70 отсто од дуќаните се затворени, „Улица Македонија“ - пешачката зона исто така, така да аспектот на - создади потрошувач со добриот производ, кај нас како и се друго во глобалната пазарна економија, поврзано со нас, тоа не функционира. Така што, не сум сигурен дека граѓаните имаат доволна куповна моќ да одговорат на трговските центри кои се отвораат кај нас“, објаснува Бошков.

И архитекти сметаат дека не ни требаат нови трговски центри

Скопје е главен град без саем, замислете, правиме саеми во спортска сала бидејќи немаме саем, вели архитектот Андреј Јанков за РСЕ, но нагласува дека конзумеризмот е клучен зошто никнуваат токму трговски центри.

„Потребата ја има, меѓутоа, зошто токму трговски центри, тоа потекнува пред се од конзумеризмот. Практично, се смета, не дека има потреба, бидејќи ако земеме да анализираме некои демографски показатели во Скопје можеме да приметиме дека тука еве гравитираат најмногу од околните градови како Тетово, Гостивар, Велес, дел од јужна Србија, дел од Косово, и мислам дека веќе е исцрпена потребата од трговски центри, но тие повторно се раѓаат. Значи тоа е нешто сосема нормално во овие услови на општественото уредување во кое живееме“, вели Јанков.

Архитектот објаснува и дека во генералниот урбанистички план можат да се предвидат и културни објекти, меѓутоа вели тие треба да бидат финансирани од државата.

„Прво да размислиме кој го има интересот, кој го има крајниот интерес. Од концертна сала и од саем крајниот интерес го имаат сите граѓани, значи тогаш инвеститор би требало да се јави државата. Додека, кај трговските центри пак, крајниот интерес го имаат приватните инвеститори“, додава Јанков.

Инаку, се поголемиот број на трговски центри доаѓаат во време на инфлација од 6,6 проценти и трошоци за живот чиј просек е 49 000 денари само за основните потреби на едно семејство во последните шест месеци.

XS
SM
MD
LG