Достапни линкови

Со 60 денари на ден преживуваат 80 илјади граѓани


Графит на зграда во Скопје.
Графит на зграда во Скопје.

Според најцрното сценарио, во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. На меѓународниот Ден за искоренување на сиромаштија, во центарот на Скопје може да сретнете луѓе со подадени дланки кои чекаат некој да им фрли по некој денар.

Есенскиот дожд го принудил да се засолне во Градскиот трговски центар и таму да ја испружи дланката и да замоли за некој денар.

Не знае дека 17 октомври е меѓународен Ден на искоренување на сиромаштијата.

„Јас секој ден сум сиромашен“, вели седумдесетгодишниот Борко, кој седнат пред голем маркет во Трговскиот центар, чека некој да му „фрли“ денар – два.

„За лепче само.“

До скоро земал и социјално од околу 3000 денари месечно, но поради грешка, документите не му се обновени и сега е без денар. Додека чека повторно да добива социјално, проси. Но луѓето не се дарежливи, вели тој.

„Сите работат, а немаат пари, така зборуваат – немам пари“, вели тој.

На неколку чекори од него, со подадена картонска кутија во која има само неколку монети, седи жена. Од покриената глава со марама и со маска и се гледаат само очите. Маката ја натерало на ваков чекор, но не сака да го сподели ни своето име, ни маката. Само ја подава кутијата, не ни повикува некој да и даде паричка.

„Ѝ пак ќе ми речат што си седнала, што не одиш да работиш. Јас да можев да работам, ќе одев да работам“, вели таа.

Тоа што ќе го собере го дава за лекови, за леб некогаш не ни останува.


Kако Борко, има уште осумдесетина илјади луѓе, кои живеат во екстремна сиромаштија, и на располагање имаат по околу 60 денари дневно, недоволно да купат два леба. Во земјава има и околу половина милион луѓе кои се умерено сиромашни, односно имаат по неполни 200 денари на ден. Со тие пари може да купат еден леб, литар млеко и три паштети од најевтините.

Трговскиот центар, во кој нашите соговорници просат е наспроти Собранието. Да можат да влезат таму за 60 денари би можеле да јадат на пример чорба. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и новинарите што известуваат од Собрание објавија мени од собранискиот ресторан и владините бифеа, во кој јадат народните избраници и функционери, кои веќе половина година имаат плати повисоки за 78 проценти. И покрај тоа што тие имаат плати по над 1700 евра, тие и во Собрание и во Владата може да јадат појадок, ручек и вечера за 250 денари дневно. Таква „среќа“ немаат останатите граѓани, оти цените на храната во продавниците и пазарите се високи.

Дневно мени во ресторан на Владата на РСМ, 12 октомври 2023 кое на социјалните мрежи го објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски
Дневно мени во ресторан на Владата на РСМ, 12 октомври 2023 кое на социјалните мрежи го објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски

Пари за преживување, не за живеење

Во 2019, според податоци на Светска банка, во земјава имало 56 илјади луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија и 390 илјади умерено сиромашни луѓе.

„Пред кризата имало 56 илјади луѓе, колку што луѓе има една средно голем град, кои живееле во екстремна сиромаштија, со 47 денари на ден. Тие имале пари за голо преживување, тоа не е живот, тоа е колку да не умрете. Умерено сиромашните имале по 150 денари дневно, пари за да јадат, да пијат, можеби и да се облечат, ама толку. Тие имале за животарење, не за живот“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, автор на студијата „Влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Република Северна Македонија“. За студијата вели дека му е најважната што ја направил, но дека е тажна.

Цените на прехранбените производи - еден чекор назад, неколку чекори напред
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Секој трет сиромашен

Според најнеповолното сценарио, наведено во студијата, годинава ќе заврши со 86.405 луѓе кои живеат екстремно сиромашно и 519.452 умерено сиромашни.

Поповолното сценарио, пак, предвидува да има 70.084 екстремно сиромашни и 439,022 кои живеат во умерена сиромаштија.

Кое и сценарио да се земе, тоа значи дека меѓу 500 и 600 илјади граѓани во земјава, која брои околу 1,8 милиони жители, живеат сиромашно, односно секој трет граѓанин е сиромашен.

Народни кујни: Добро е што има кој да даде
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Стапката на сиромаштија се намалува, но сè уште е меѓу највисоките во Европа

За десетина година процентот на сиромашни се преполови, но се уште земјата има една од највисоките стапки на сиромаштија во Европа. Со почетокот на 2020 светот, а и Северна Македонија прво ги зафати ковид криза, поради која многу бизниси беа ставени во лер и многу луѓе останаа без работа. На таа криза се надоврза енергетската, па војната во Украина која го прекина снабдувањето со храна и енергенси, па тие стана недостапни и скапи.

Тоа дополнително ги осиромаши граѓаните. Инфлацијата се вивна до плафон, храната поскапе за речиси 40 проценти за само две години, а тоа најмногу го чувствуваат посиромашните.

„Купувам остатоци од сирење, тоа што ќе остане на дното во кантата, поевтино е, место речиси и да не купувам, а на облека не ни помислувам“, раскажува Менче, мајка на две деца.

Таа иако е вработена, работи за минималец, а децата се уште учат.
Ако нејзината плата се подели за да има за секој ден во месецот, на располагање ќе и бидат по околу 660 денари или околу 11 евра. На секого од нејзиното тричлено семејство така им следува по околу 220 денари дневно. Само малку за да не бидат опфатени во категоријата на умерено сиромашни граѓани кои живеат со по 192 денари дневно.

Како Менче на минималец, се уште 100 илјади работници, или една шестина од работниците.

ССМ - Тие што требаше да не вадат од сиромаштија, градат туѓи економии

„Од година во година во државата сè полошо се живее, оти луѓето кои требаше да не извадат од прагот на сиромаштија градат туѓи економии по Австрија, Германија и Швајцарија“, вели Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Стапката на сиромаштија годинава е на истото ниво на кое беше и пред шест години кога сегашната владејачка партија ја презеде власта. Иако на почетокот таа паѓа, последните кризи си го земаат данокот.

„Власта си ја клоца кофата со млеко што го даде изминатите неколку години“, вели Јовановиќ.

За справување со економските последици предизвикани прво од ковид кризата, а потоа и од инфлацијата и енергетската криза, Владата досега донесе осум пакети антикризни мерки. Даваше парични ваучери, субвенционираше сметки за струја, замрзнуваше маржи или цени на основни прехранбени производи...Сега најавува и нов пакет помош. Освен тоа, вицепремиерот Фатмир Битиќи во телевизиско гостување на 16 октомври рече дека ќе се бара поправедно решение за функционерските плати, односно парите што ќе им бидат скратени на функционерите, ќе им бидат дадени на најранливите категории граѓани.

„Тоа е клучно во временски периоди кога сите треба да покажеме солидарност’, рече Битиќи за телевизија 24.


Пакет помош вреден 70 милиони евра за ранливите категории, е предвиден и со пренамената на буџетот.

Јовановиќ во студијата за сиромаштијата предлага Владата да преземе мерки за ограничување на растот на цените и за покачување на приходите. За да се намали екстремната сиромаштија, предлага да се зголемат сите видови социјални издатоци – социјална помош, детски додаток, пензии, барем
за онолку колку што изнесува инфлацијата. А за справување со умерената сиромаштија, треба да се зголемат платите во јавниот сектор и минималната плата, барем за колку што е инфлацијата.

Но Борко, кој проси во центарот на Скопје вели дека сиромаштија имало и ќе има и се сомнева дека некој ќе ѝ стави крај.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG