Достапни линкови

Сиромаштија и економска нееднаквост во Македонија


Ивана Велковска е докторантка по економски науки на Економскиот факултет во Скопје
Ивана Велковска е докторантка по економски науки на Економскиот факултет во Скопје

Очигледно дека пензиите имаат голем ефект врз намалувањето на сиромаштијата, ефектот од другите социјални трансфери вклучувајќи ја социјалната помош која ги таргетира најранливите е незначителен и треба да биде зајакнат преку низа мерки, пишува Ивана Велковска, докторанка по економски науки.

Пазарната економија и пазарните сили водат кон различни пазарни несовршености и резултираат во невработеност, сиромаштија и нееднаквост во доходовната дистрибуција. Суштинската улога на државата во пазарната економија се однесува на креирање на економска средина во која владеат адекватни пазарни услови за раст и развој од една страна, но и корективни механизми на пазарните сили и редистрибуција на доходот од друга страна.

За тоа се потребни низа правилно дизајнирани економски, даночни и социјални политики. Во една таква економија, дури и кога пазарот неизбежно креира пазарни несовршености, државата како коректор истите ги ублажува. Една држава или влада треба да се цени токму преку својот успех или неуспех да го постигне тоа.

Сиромаштијата во Македонија беше голем проблем уште од осамостојувањето, но дополнително се продлабочи со транзицијата што следеше во 90-те години. Денес, речиси половина од населението во Македонија живее во сиромаштија или е во ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Иако Македонија е социјална држава според Устав, очигледно е дека социјалните политики не се доволно ефективни при справување со овој проблем.

Стапката на сиромаштија пред распределба на социјалните трансфери и пензиите стагнира во текот на последните десет години. Во 2010 година таа изнесувала дури 42,8% од населението, додека во 2020 година изнесувала 42,1% т.е. бележи намалување од само 0,7 процентни поени за десет години.

Оваа стапка значително се намалува по распределба на пензиите и тоа за 15,4 процентни поени и во 2020 година изнесувала 25,1%. Стапката после распределба на пензиите е за 4,8 процентни поени пониска споредено со 2010 година, што значи дека ефективноста на пензиите во намалување на сиромаштијата бележи подобрување, што не е за изненадување имајќи предвид дека пензиите бележат голем пораст за периодот.

Дополнително намалување на стапката на сиромаштија се постигнува после распределба на другите социјални трансфери (социјална помош, надомест за невработеност и здравствена заштита) чиј ефект е значително помал во однос на ефектот од пензиите, а ја намалува сиромаштијата за 3,6 процентни поени т.е. таа после распределба на социјалните трансфери и пензиите изнесувала 21,8% за 2020 година.

Иако е очигледно дека пензиите имаат голем ефект врз намалувањето на сиромаштијата, ефектот од другите социјални трансфери вклучувајќи ја социјалната помош која ги таргетира најранливите е незначителен и треба да биде зајакнат преку низа политики и мерки. Намалувањето на стапката после распределба на пензиите и социјалните трансфери е позитивен знак дека социјалните политики се адекватно решение за проблемот, но веројатно обемот на истите не е доволен за да се реши високата сиромаштија.

Тука се поставува и прашањето зошто пазарот генерира толку висока сиромаштија во Македонија, односно зошто растот е неинклузивен. Алармантно е и тоа што дури 14,9% од вработените се сиромашни, а 15,4% од населението живее во долготрајна сиромаштија.

Доколку се погледне стапката на сиромаштија по возрасни групи, ќе се забележи дека ризикот од сиромаштија на и над 65 години изнесува 4,1%, ризикот од сиромаштија за возрасната група под 65 години изнесува 16,9%, а материјалната депривација кај децата дури 40,2%. Ова укажува на недостаток на меѓугенерациската солидарност во системот, што е повторно последица на фактот дека пензиите го заземаат централното место во нашиот систем на социјална заштита.

Ова е исто така показател дека во Македонија правото на социјална заштита е тесно поврзано со социјалните придонеси, т.е. на социјалните политики им недостига компонентата на универзалност. Успехот на социјалните расходи во намалување на сиромаштијата може да биде поголем со зајакнување на секоја од поединечните категории на социјални расходи, бидејќи секоја од нив има улога во борбата со сиромаштијата.

Тесно поврзана со сиромаштијата е и појавата на економската нееднаквост. Според индикаторите за економска нееднаквост (Gini индексот, соодносот 80/20) може да заклучиме дека во последната деценија во Македонија економската нееднаквост бележи намалување.

Намалувањето е поизразено кај индикаторот 80/20 кој покажува колку пати најбогатите 20 проценти од населението се побогати од најсиромашните 20 проценти од населението. Овој индикатор во 2020 година има вредност од 5,9 што е за 4,4 помалку во споредба со 2010 година т.е. има речиси двојно намалување во последната деценија.

Вредноста на Gini индексот пред распределба на социјалните трансфери и пензиите за 2020 година изнесува 46,1% што е за 8,1 процентни поени помалку во однос на 2012 година. Повторно пензиите како категорија на социјални расходи се тие кои имаат значително влијание врз намалување на нееднаквоста и во 2020 година придонеле за намалување на Gini индексот од 11,9 процентни поени (до ниво од 34,2 отсто). Социјалните трансфери во 2020 година го намалиле индексот за само 2,8 процентни поени односно до ниво од 31,4%, што е за 9,4 поени помалку од износот на овој индекс во 2010 година.

Од податоците може да се заклучи дека економската нееднаквост во Македонија е намалена во последната декада, а посебно е намалена разликата меѓу најсиромашните и најбогатите. Ова намалување на нееднаквоста е позитивен знак за македонското општество и економијата, но бидејќи е проследено со високи и стагнантни стапки на сиромаштија (посебно пред распределба на социјалните траснфери и пензиите), останува прашањето дали економската нееднаквост се намалила поради пад на доходот на најбогатите или раст на доходот на посиромашните слоеви (второто е секако поповолно сценарио).

За да се даде одговор на тоа прашање потребно е да се анализира дистрибуцијата на доходот во Македонија. Во 2020 година на првиот квартил од доходовната дистрибуција (најсиромашните 25% од населението) отпаѓа 9,1% од вкупниот доход во економијата. На вториот квартил од доходовната дистрибуција отпаѓа 18,7%, на третиот квартил 27,8%, додека на последниот квартил (најбогатите 25% од населението) отпаѓа речиси половина од вкупниот доход или 44,4%.

Од 2012 година па до 2020 година, забележуваме пад во доходот на најбогатиот квартил од 6 процентни поени. Се чини дека токму ова е причината за намалувањето на економската нееднаквост во Македонија. Доходот на најсиромашниот квартил за истиот период е зголемен за само 2,6 процентни поени, додека доходот на вториот и третиот квартил покажува стагнација, што е индикатор за тоа дека средната класа во Македонија тапка во место и по процентот на доходот кој го добива повеќе се приближува кон првиот квартил на најсиромашните, отколку кон четвртиот квартил на најбогатите. Имајќи предвид дека токму средната класа е столбот на секоја здрава економија, еден ваков податок е поразителен и повикува на преиспитување на економските политики.

Степенот на сиромаштијата и економската нееднаквост во една економија се одраз на здравјето на тоа општество. Трендовите на индикаторите за овие појави покажуваат дека во последната декада стапката на сиромаштија пред пензии и социјални расходи стагнира, а бележи значително намалување само под влијание на пензиите, додека ефектот на намалување од социјалните трансфери недостасува и треба да биде зајакнат. Економската нееднаквост пак бележи намалување во последната деценија, но истото повеќе се должи на намалување на доходот кај најбогатиот квартил отколку на значително подобрување на стандардот на најсиромашните или пак средната класа.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG