Достапни линкови

Работниците ниско ангажирани, газдите слабо мотивирани за инвестиции во кадарот


илустрација
илустрација

Според извештајот на глобалната компанија „Галуп“, македонските работници покажуваат ниска ангажираност на работните места. Синдикатите велат дека работниците не се мотивирани оти имаат мали плати. Газдите сметаат дека се потребни повеќе инвестиции во обуки на вработените

Македонските работници покажуваат мала ангажираност на своите работни места, покажува меѓу другото, годинeшниот извештајот за „Состојбата на глобалната сила“ на компанијата Галуп. Извештајот забележува дека работниците не ги сметаат работните места за значајни, а немаат ниту надеж дека ќе се подобри нешто во иднина.

Вера М. е вработена во една државна институција. Ентузијазмот за работа и нејзината ангажираност кон работните обврски престанува тогаш кога забележала дека колегите со кои работи, биле помалку ангажирани, а ја добивале истата плата како неа.

„На почетокот ништо не ми пречеше. По цел ден само јас работев и ги преземав обврските и на другите колеги. Кога видов дека по некое време тоа не се цени, платата остана иста, не добив унапредување или некоја мотивација за мојот труд, во тој момент престанав да се ангажирам толку многу и сега искрено да ви кажам само гледам да го поминам денот што полесно и со помалку задачи“, признава Вера.

Според истражувањето на Галуп вклученоста на работните места се мери според ангажманот и ентузијазмот на работниците на нивните работни места.

Работодавачите не се изненадени од нискиот процент на ангажираност и продуктивност на македонскиот работник. Причините ги гледаат во воспитно-образовниот процес, етичката свест кај работниците и вредностите, а вина гледаат и кај сопствениците односно менаџментот на компаниите.

„Луѓето кај нас работат за да работат. Ниту за да постигнат нешто, ниту за да направат промена, ниту пак размислуваат како понатаму ќе напредуваат во професијата. Уште еден голем фактор за ниската продуктивност е слабиот системски менаџмент. Работниците одат на работа, добиваат задачи, ама не се знае ни колкава е оптималната продуктивност, ниту се знае што може да се очекува од нив, многу малку се знае колкава е услугата и колкава треба да биде платата. Ќе кажам една фраза која ја отсликува реалноста, а тaа е: „нашите работници не можат да работат толку многу, колку што ние можеме да ги платиме“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Ангажираност на вработените во државите од Европа
Ангажираност на вработените во државите од Европа

Од земјите во регионот, Северна Македонија највисоко котира според процентот на ангажираност на работното место, на ист ранг како Естонија и други членки на ЕУ. На Балканот најмалку се ангажирани вработените во Србија, додека Црна Гора е некаде во средината заедно со Бугарија. Но како што покажува истражувањето на Галуп, овие бројки не се за фалење бидејќи процентот на ангажираност на работниците во Европа е многу помал од она во светски рамки.

Дали најмалку се работи во администрацијата?

Во јавноста постои перцепција дека ниската работна ангажираност е карактеристична за вработените во јавната администрација. Ама од Синдикатот на управа, правосудство и здруженија (УПОЗ)не се согласуваат со мислењето дека сите административци се малку продуктивни.

Претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски, објаснува дека внатрешните оценувања во одредени сектори на управата покажуваат дека работниците добро си ги завршуваат работните обврски. Два пати во годината раководителите на секторите поднесуваат извештаи за своите вработени, а оние кои нема да добијат преодна оценка се соочуваат со губење на работното место.

„Во нашите законодавства има доволно добри одредби кои го оценуваат работењето на вработените. Работодавачите имаат многу големи казни кои може да ги проследат доколку вработениот не ги исполнува задачите. Досега кога ќе ги видите извештаите ќе видите дека администрацијата во јавен сектор има доста високи оценки што би значело дека вработените ги извршуваат доста совесно и ефикасно своите работни задачи“, вели Деаноски.

Оценувањата се прават два пати годишно од страна на непосредно поставените раководни органи и има соодветни казни и награди. Наградите, вели Деаноски, за жал се повеќе се изоставени, а казните се намалени поради субјективните причини за тоа кој се наградува, а кој се казнува. Казните можат да бидат или парични или уназадување во кариерата па се до најнепосакуваната казна, а тоа е губење на работното место.

Работниците бараат помалку работа, а поголема плата, газдите очекуваат повеќе работа за пониска плата

Мендерес Кучи е сопственик на приватни фирми во земјава и во странство. Како газда забележал разлики во однесувањето на вработените тука и надвор од земјава.

„Кај нас тоа е начинот на кој се гледаат работите. Работниците гледаат што помалку да работат, а да земаат повеќе плата, а газдата гледа што помалку да плаќа, а повеќе да ја искористи работната сила. Не гледајќи ја пошироката слика, да имаме корист и двете страни. Бидејќи ќар не е само да гледам колку пораснале моите приходи, туку колку е мојата средина поздрава, побогата, колку помалку сиромаштија има итн.“, вели Кучи.

Тој смета дека ниската ангажираност и продуктивност на македонскиот работник може да се подобри со едукација и инвестиција во вработените.

„Не можеме ние да ги натераме со сила да си ја сакаат работата. Туку да ги едуцираме и постојано да ги обучуваме за тоа работно место. И треба цело време да инвестираме во нив. Оти според мене тие не се фрлени пари, туку најдобро вложени пари. Да вложуваме во добро едуцирана работна сила“, вели Кучи.

Од УПОЗ се согласуваат дека најчести причини за слабата ангажираност на работниците се недоволната мотивација и немањето обуки на вработените во администрацијата. Кон ова ги додаваат и работни услови, за кои, како што велат, не се како европските.

„Мотивацијата, односно ниските плати, понатаму условите за работа и најчесто недоволното давање работни задачи се најчестите причини за ниската ангажираност. Немаме квалитетни обуки за вработените, постојано се менуваат законодавствата, се воведуваат нови системи на работа, но за жал вработените еве веќе 6, 7 години немаат соодветни обуки за својата работа,“ истакнува Деаноски.

Од Галуп наведуваат дека има опаѓање и на благосостојбата на работниците. Таа се зголемила за 1 процентен поен, но не во сите региони. Во извештајот се констатира дека пред пандемијата, вклученоста на работниците растела на глобално ниво, но по појавувањето на вирусот, таа стагнира. Во 2021 година, вклученоста пораснала за еден процентен поен, но останала под нивото од 2019, годината пред пандемијата.

Инаку ангажираноста и продуктивноста на работните места опаѓа и на глобално ниво. И останатите земји од Европа бележат вклученост на работниците од 14 проценти. Најголема е ангажираноста кај работниците во Соединетите Држави и Канада и таа изнесува 33 %.

И податоците на Светска банка укажуваат на тоа дека во Македонија има мала продуктивност, а очекувањата се дека продуктивноста и во иднина ќе опаѓа. Според упатените, опаѓањето на продуктивноста во најголема мера се должи на недоволното инвестирање во приватниот сектор и немањето на доволно квалификувана работна сила, но и недоволна мотивација, бидејќи работниците сметаат дека платите за кои работат се премногу ниски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG