Достапни линкови

Невработените -„функционално неписмени“, фабриките дигитално полуписмени


илустрација
илустрација

Потребите на пазарот на трудот се менуваат, а покрај недостигот на соодветен кадар и македонските фабрики се чекор назад во процесот на целосна дигитална трансформација. Во земјава е слаб интересот за изучување роботика, автоматика, мегатроника и слично. Оние пак кои ги завршуваат овие струки, ретко остануваат дома, зошто нема каде да го применат соодветното знаење.

Шеесетина. Толку студенти во просек секоја година се пријавуваат на насоката компјутерско-системско инженерство автоматика и роботика на Факултетот за електроника и информациски технологии (ФЕИТ). Владимир Китановски е еден од нив. Студент е на трета година и е оптимист дека по завршување на образованието ќе си го најде посакуваното работно место, тука во Македонија.

„Доброто е што целата тематика која се обработува на оваа насока (КСИАР) е дека е навистина применлива секаде. Роботиката е област која станува се поприменлива во сите сфери на технологијата и општеството. Дури и на некои места во индустријата каде навидум нема потреба за автоматика и автоматско управување, секогаш може да се отвори таа можност. Но не само роботиката туку и кибернетиката, управувањето и самоуправувањето на системите е нешто кое се повеќе го среќаваме во секојдневниот живот, од најмалите апарати дома, па се до сложените системи во медицината или во воената индустрија “, вели Китановски.

Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски вели дека интересот за изучување на роботиката и електрониката е сѐ помал, иако пазарот на трудот го бара спротивното.

„Праксата покажува дека тоа не е доволно. Особено поради тоа што многумина од нашите студенти заминуваат во странство бидејќи нашите фабрики се уште не се целосно дигитално трансформирани. Нашата индустрија ќе мора да се прилагодува на четвртата индустриска револуција, односно индустријата 4.0“, вели Ташковски.

Индустрија 4.0 значи целосна дигитална трансформација за фабриките и компаниите кои се многу поинтелигентни, ефикасни и продуктивни. Употребата на новите технологии како што се роботика, нанотехнологија, квантно пресметување, 3Д печатење, автономни возила итн имаат за цел во голема мера да ги заменат традиционалните процеси.

Индустрија 4.0
Индустрија 4.0

Упатените велат дека нашите компании доцнат со спроведувањето на четвртата индустриска револуција.

„Тоа значи дека сите уреди ќе бидат поврзани и вие ќе може да ги контролирате од далечина. Производството во фабрика ќе може да се контролира од далечина, значи се работи за еден потполно нов концепт. Нашите компании ако сакаат да бидат конкурентни мора да се прилагодат на новите околности, а за тоа ќе требаат инженери, кои забележуваме дека веќе се дефицитарни“, објаснува професор Ташковски.

Концепт доживотно учење

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи деновиве изјави дека 90 проценти од невработените лица во земјава се „функционално неписмени“, односно не можат да се вработат затоа што ги немаат потребните квалификации за професиите кои во моментот се најбарани на пазарот на трудот.

Тој признава дека проблемот е децениски, но дека за да се реши истиот и да се остане активен на пазарот на труд, мора да се применува концептот на доживотно учење и подготовка на стручен кадар за четвртата индустријализација.

Од друга страна пак, интерес нема ниту за преквалификации, иако Агенцијата за вработување нуди такви обуки.

Според податоците на Агенцијата за вработување, во 2019 година 1650 невработени поминале обуки, во 2020 година – 1400, во 2021 година - 1422, а за 2022 година - планирано е да се вклучат 2 504 невработени лица.

Роботика за помош на општеството
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Димитар Бежановски пак е студент за софтверско инженерство и информациски технологии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Иако роботиката му е слабост и со неа се занимава како хоби, за своја идна професија го избрал софтверското инженерство.

Бежановски е креатор на два роботи, а целата му е да ги поттикне младите да се приклучат кон неговите проекти или да почнат свои за да се развие заедница за роботика во Македонија

„Единствена опција откако ќе завршите таква насока е да работите во фабрика. Имам многу другари кои завршија роботика, ама работат веб програмирање зошто не можат да најдат соодветна работа според струката“, вели Бежановски.

Од ФЕИТ пак уверуваат дека студентите на компјутерско-системско инженерство автоматика и роботика имаат соодветна пракса со компаниите со кои соработува факултетот. Лабораторите се исто така доволно опремени за студентите да го добијат соодветното знаење, велат од ФЕИТ.

„Конкретно за додипломските студии ја имаме таа романтизирана слика на работа со роботи во некои големи хали, со некои нешта коишто личат како да се излезени од научна фантастика, меѓутоа реалноста е дека за повеќето од инженерските струки, најмногу од работата се сведува на седење пред компјутер. Секогаш има простор за подобрување, но не е дека студентите не можат да го практикуваат тоа што го учат“, искрен е студентот Китановски.

Од компаниите пак признаваат дека имаат недостиг од машински инженери и дека се уште не се подготвени за целосна дигитална трансформација.

Трајан Ангелоски, косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи вели дека во неговата фабрика има се помалку потреба од работници.

„Во државата нема капитални инвестиции. Многу компании не можат да најдат адекватен простор, адекватни хали и услови, не се инвестира доволно од страна на компаниите и кога вие немате услови да изградите адекватен комплекс, кадар не ви ни треба. Државата има околу 80 проценти незавршени обврски и кога би ги завршила истите, фирмите многу полесно би функционирале и квалитетните студенти би останувале тука, а не би оделе во Дизелдорф, Штудгард и други европски градови“, вели Ангелоски.

Недостигот на стручни кадри на пазарот на труд не е нешто ново во земјава. На пазарот на труд има дефицит и на квалификувани кадри со средно образование, а уписот во голем дел од стручните училишта со години беше намален. Поради ова надлежните одлучија со кампањи и вложувања во стручните училишта да го вратат интересот на младите. Новина беше и воведувањето на дуалните паралелки, каде се склучуваат договори со компаниите, па учениците добија однапред обезбедена пракса, а дел од нив и вработување веднаш штом завршат средно.

Во Програмата за реформи во вработувањата, на Министерството за труд и социјална политика за перидот до 2022 година, посебно е истакнат проблемот со слабиот интерес за упис на ученици во средно стручно образование. За негово надминување беа предвидени околу 2,5 милиони евра, потребни за унапредување и реформи на образовниот систем и полесна транзиција на пазарот на труд.

Инаку, во јули годинава се регистрирани 117 049 невработени во Македонија. Од нив, 7 815 невработени се без работа најмалку 8 години. Вкупно 14 577 луѓе се без работа од 5 до 7 години.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG