Достапни линкови

Самит во Тирана - Од финансиска инјекција до балканско помирување


Домаќинот на самитот во Тирана Еди Рама, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет Мишел
Домаќинот на самитот во Тирана Еди Рама, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет Мишел

Лидерите на ЕУ на Самитот во Тирана порачаа да се забрза процесот на членство на земјите од Западен Балкан во европскиот блок. Тие понудија и економски пакет од 6 милијарди евра во замена за реформи, и порачаа на колегите од регионот да не дозволат духовите од минатото да им ја попречат иднината.

Спроведени реформи во замена за економска инјекција тешка 6 милијарди евра наречена „план за раст“ им понудија европските лидери на западнобалканските лидери на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана. Пакетот од 6 милијарди евра е составен од 2 милијарди евра во грантови и 4 милијарди евра во заеми кој ќе им биде достапен на земјите од Западен Балкан по логиката „инвестициите ќе се ослободуваат по спроведување на реформи“, што значи дека ќе бидат условени.

Овој процес на инвестирање пред медиумите го образложи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по завршувањето на двете работни сесии на Самитот во Тирана.

„Средствата ќе се доделат за испорачаните реформи. Значи условено е. Добро функционира во ЕУ, и ќе се убедите дека функционира и на Западен Балкан. За оние кои сакаат да одат напред и да ја подобрат економијата, нашите врати се отворени. Сакаме да им овозможиме пристап до заедничкиот европски пазар. За ова ни требаат реформи во Западен Балкан и оние кои имаат волја за реформи ќе добијат средства од Европската Унија,“ изјави фон дер Лајен.

Новиот план за раст, кој таа го презентираше на прес конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама, содржи 4 столба. Првиот столб е влез во единствениот европски пазар за компаниите од Западен Балкан, а вториот комплетирање на регионалниот заеднички пазар што ќе овозможи раст на БДП за 10 проценти. Третиот столб се реформите кои ќе ги направат и поатрактивни за европските инвеститори, по што следува четвртиот столб од планот, со кој ако се спроведат реформите тогаш ќе имаат зголемени ЕУ фондови за инвестиции, објасни фон дер Лајен.

Шолц: ЕУ мора да го награди напредокот на С. Македонија

Германскиот канцелар Олаф Шолц по самитот ЕУ-Западен Балкан истакна дека Северна Македонија е земја која мора да биде наградена за своите напори да се приближи кон ЕУ.

„Мора да се каже дека Северна Македонија постигна голем напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување и вложува многу напор. Во тој поглед, тоа е единствено исправно“, изјави германскиот канцелар.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, изјави дека сите земји од Западен Балкан треба да се свртат кон иднината, и да нема конфликти од минатото. Тој изјави дека добрососедските односи се основа на интеграција на регионот на ЕУ и дека регионот не треба да биде обременет со конфликти од минатото.

„Шесте земји од Западен Балкан треба да се свртат кон иднината. Шест држави ја имаат почнато Европската Унија, а погледнете ги нивните истории, но ги надминале своите разлики за денеска да бидат во Унија со најголем и најбогат светски пазар и организација во која сакаат да учествуваат сите земји, меѓу кои и Северна Македонија. Ако досега проширувањето беше интерес на земјите аспиранти, сега е интерес и за самите членки на ЕУ“, изјави Ковачевски.

ЕУ – Белград и Приштина да ги надминат конфликтите

Дел од пораките кои беа испратени на Самитот се однесуваат и на спорот меѓу Косово и Србија. Шолц, кој е еден од креаторите на Берлинскиот процес, изјави дека е време Белград и Приштина да ги надминат конфликтите кои го оставаат регионот да тапка во место.

Фон Дер Лајен и Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Еди Рама го осудија нападот во Бањска, Косово. На новинарско прашање дали ќе има санкции од ЕУ против Србија во врска со нападот, Лајен рече дека треба да се почека истрагата.

„Мора да има целосна истрага за да можеме потоа да заземеме став. Ги чекаме податоците од истрагата и подоцна ќе одлучиме“, изјави Фон дер Лајен.

Канцеларот Шолц рече дека го осудува нападот на северот на Косово и убиството на полицаецот Африм Буњаку и порача дека „сите проблеми мора да се решат пред да бидете дел од ЕУ“.

„Не можете да се интегрирате во ЕУ земајќи ги со себе проблемите што ги имате овде, ние ги цениме преземените реформи и другите аспекти, но ова е мојот одговор за ситуацијата на Косово со Србија. Во однос на интеграциите, за нас се важни денешните договори што беа потпишани меѓу земјите. Мора еднаш засекогаш да го решиме конфликтот меѓу Косово и Србија“, изјави Шолц.


Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека на самитот се зборувало и за ситуацијата на Косово, за вооружениот напад во Бањска и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека „немало никаков притисок“. Таа додаде дека разговарале и за тоа што следува во рамките на дијалогот, Бриселскиот договор, Заедницата на општини со српско мнозинство.

„За Србите и неалбанците во Косово апсолутно нема основни услови за нормален живот“, рече Брнабиќ и додаде дека „побарала“ за ова повеќе да не се разговара како политичко прашање, туку како хуманитарно прашање.
Србија, додаде таа, не направила „апсолутно ништо“ за некој да бара санкции.

Косовскиот премиер Албин Курти за време на самитот во Тирана изјави дека Западен Балкан не треба да живее со „страв од конфликт утре“, додавајќи дека Србија „продолжува да му се заканува на Косово со инвазија“.

„Дури и дваесет и пет години по геноцидот, и по толку многу рунди дијалог, на Косово сè уште му се заканува инвазија од Србија. Овој момент бара од нас да размислуваме и да не продолжиме да работиме како и обично. Таков чин не треба да остане неказнето“, изјави Курти, осврнувајќи се на нападот на косовската полиција на 24 септември во северно Косово и собирањето на српските војници во близина на границата со Косово подоцна.

Мишел- не дозволувајте духовите од минатото да им ја попречат иднината

Европската лидерска тројка која за прв пат пристигна заедно на балканско тло да го оджи самитот на Берлинскиот процес, им порача на шесте земји од Западен Балкан да работат заедно и во тоа да не им попречува минатото.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел им порача на колегите од Балканот да не дозволуваат духовите од минатото да ја попречат иднината. Мишел во Тирана се осврна на неговиот прелог даден на самитот во Блед околу проширувањето на ЕУ во следните две децении и рече дека е дојдено време ова ветување да се одржи.

Во рамките на Берлинскиот процес беа потпишани неколку договори за соработка и за меѓусебно признавање на дипломите од земјите на Западен Балкан за здравствените работници и за енергетско финансирање и зголемување на финансиите за енергетска независност и зелена транзиција.

Лидерите на Европската унија (ЕУ) повикаа за време на еднодневниот самит на Берлинскиот процес во Тирана да се забрза процесот на членство на земјите од Западен Балкан во европскиот блок.

Шесте земји од Западен Балкан се во различни фази на интеграција во блокот. Србија и Црна Гора беа првите земји од Западен Балкан кои ги започнаа преговорите за членство пред неколку години, а потоа следеа Албанија и Северна Македонија минатата година, но продолжувањето на преговорите за земјава е условена со промена на Уставот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG