Достапни линкови

Судската администрација на улица - два протеста, исти барања


Протест на судската админситрација во организација на Синдикатот на УПОЗ, Скопје, 28 септември 2023.
Протест на судската админситрација во организација на Синдикатот на УПОЗ, Скопје, 28 септември 2023.

Вработени во судската администрација, поделени во два синдикати, во истовреме протестираа низ центарот на Скопје со исти барања - повисоки плати за 78 отсто и да им се исплатат додатоците на плата од 35 отсто, што не ги земаат со месеци. Колкаво покачување добиле судиите, да добијат и административците, порачаа синдикалците.

Десетици луѓе чекаат да дојде 11 и 30 часот и веднаш да ја наполнат чекалницата на Кривичниот суд во Скопје. Судската администрација секојдневно со месеци по два часа дневно прекинува со работа, оти бараат повисоки плати и да им се платат законските додатоци. А луѓе чекаат за да извадат потврда за неосудуваност.

„Најчесто тоа се луѓе кои заминуваат на работа во Хрватска и Словенија“, вели судскиот службеник, кој се обидува да се „справи“ со веќе преполната чекалница.

Во Граѓанскиот суд до него, каде се издаваат потврди за деловна способност и за родителско право, пак, гужвата е помала, но таму чекалницата е далеку поголема.

Но овој четврток, судската администрација излезе на протест. Дактилографи, вработени на шалтер, благајници, вработени со судски одделенија која подготвуваат предмети, со месеци бараат и тие да добијат повисока плата за 78 проценти, како што добија судиите. Тие бараат да им се вратат и 35 отсто исплата на додатоците на плата, кои исто така не ги добиваат со месеци. Станува збор за пари што ги добиваат за доверливост, за ризик и за посебни услови при работа.

Протести за европски плати за достоинствен живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00

Вработените во судството останаа без пари за додатоци оти парите за таа намена отидоа за повисоки плати за судиите.

Низ судовите во Северна Македонија работат околу 2000 судски службеници. Просечната плата за месецов треба да им е околу 24 илјади денари, нешто повеќе од минималната која изнесува 21 илјада денари. Голема група на судските службеници во државата на 28 септември се собраа пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), во центарот на градот.

Протестот го организираше Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), што е дел од синдикатите на ССМ.

Поворката собрана зад големиот бел транспарент „Бараме плата за достоинствен живот“, помина и пред зградата на Собранието, кое се наоѓа на стотина метри од зградата на ССМ, а потоа низ центарот на градот, се до пред Влада. Во нивната поворка доминираа црвените знамиња на ССМ и сино-жолтите на УПОЗ.

Десетина минути по нив, низ центарот на градот поминаа други судски административци, но тие беа под капата на Независниот синдикат на државна администрација. Тие чекореа зад големото црвено платно со порака „Европски плати за Вас и за Нас“. На овој протест доминираа жолтите знамиња на нивниот синдикат. И тие бараат, како што велат „европски“ плати, како што имаат функционерите, односно покачување за 78 проценти и да им се вратат додатоците на плата. Оваа група почна со протест од пред комплексот судови, до пред Министерствата за правда и финансии.

Протест на Независен синдикат на државна администрација во Скопје.
Протест на Независен синдикат на државна администрација во Скопје.

Административците го вклучија црвениот аларм откако со одлука на Уставен суд, од април годинава избраните и назначени функционери во земјава добија зголемување на плати за 78 проценти. Повисоки плати добија 1060 функционери, меѓу кои и судии и обвинители.

Потоа почнаа серија протести и штрајкови на вработени во судови, обвинителства, Управата за јавни приходи, во Царинската управа, вработени во образованието, културата, во Државниот испитен центар. По серијата од незадоволство, на 18 јули власта и синдикатите потпишаа договор за зголемување на платите на административците од септември за 10 отсто и да добиваат и по 10 илјади денари регрес за годишен одмор или популарно наречено К-15. Но не сите излегоа задоволни од договореното. Синдикатот за образование и наука (СОНК) продолжи со преговорите со Министерството за образование и тие добија покачување на платите за 15 отсто.

Вработените во администрацијата се уште не ја добиле септемвриската плата, која треба да биде потешка за 10 отсто. Со тоа покачување, просечната плата на судските административци ќе изнесува околу 24 илјади денари. Без тие 10 отсто, правосудните административци беа на минималец, со плата од околу 21 600 денари.

„И да добиеме покачување од 78 проценти, никој од овие вработени нема да ја надмине просечната плата во државата [околу 36 илјади денари], само ќе се доближи до неа. Работата во судовите е тимска и доколку еден не си ја заврши работата, судијата нема да може да донесе пресуда“, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Администрацијата во обвинителствата веќе штрајкува

Од 27 септември во штрајк се вработените во обвинителствата. И тие бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто. Штрајкот ќе трае сè додека не им се исполнат барањата. Обвинителската администрација ќе работат само за предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби.

За следната недела се најавува и штрајк на вработените во државното Правобранителство, рече Деаноски.

„Ако и колегите од судовите започнат штрајк, ќе се парализира целото правосудство. Мора да се разбере, не се живее и не е фер ако еден во судовите зема огромна плата, а нашите плати да бидат во размер еден спрема шест и еден спрема седум“, рече Деаноски.

Еден судија „тежи“ колку шест-седум административци

Драган Јосефски, претседател на синдикалната организација на правосудство во Кривичниот суд, дел од Независниот синдикат, вели дека не е фер само едната страна, односно судиите, да има високи плати.

„Ниту еден човек, колку и да компетентен, колку и да има знаење, умешност, вештина не вреди за шест луѓе“, вели тој.

Од април на пример претседателот на Уставен суд има плата од околу 140 илјади денари, а уставните судии околу 126 илјади денари.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023

Претставници на синдикатот што го предводи Деаноски денеска се среќаваат и со министерот за правда Кренар Лога. Поканата дојде, додека протестирачите поминуваа пред зградата на Министерството, во центарот на главниот град. Ова е прва средба откако Лога стапи на функцијата пред шест месеци. Но административците во правосудството плата добиваат преку Министерството за финансии, па Правда, може само да се заложи во Владата, да се слушне гласот на судската администрација. Независниот синдикат, пак, не добил покана за средбата.

Во собраниска процедура е Предлог одлуката за прераспределба на пари од државниот буџет. Владата предложи да се скратат пари од таму каде што има послаба реализација и од капитални расходи, за да има повисоки плати во јавниот сектор, пензии и социјални трансфери. Но во овој предлог е вкалкулирано само покачувањето од 10 отсто на платите на административците и од 15 отсто за вработените во образованието.

Одлука како понатаму ќе продолжи изразувањето на незадоволството, дали преку протести или пак ќе стапат во штрајк, синдикалните организации, дел од УПОЗ, ќе донесат до крајот на денот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG