Достапни линкови

Две третини од државниот врв во посета на САД


Претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски на прием во ООН, 18 септември 2023
Претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски на прием во ООН, 18 септември 2023

Функционерите при патување во странство треба да бидат порационални со државните пари, порачуваат од Антикорупциската комисија. Во исто време во посета на САД се две државни делегации, едната предводена од претседателот на државата, а другата од премиерот. Првиот се обраќа пред ОН, вториот се среќава со економски и политички претставници.

И претседателот на државата и премиерот се во посета на Соединетите Американски Држави.

Претседателот Стево Пендаровски ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, посетата на Њујорк ја искористи за средби со економски лидери и со претставници на САД и на ЕУ.

Од тројцата претставници на државниот врв на Северна Македонија, во државата остана само претседателот на Собранието, Талат Џафери.

При одењето на седниците на Генералното собрание на ОН се практикува системот на ротација – една година оди претседателот на државата, а една премиерот и имаат свое обраќање. Прв пат и двајцата највисоки функционери се во исто време и на исто место - во Њујорк.

Друштво на Пендаровски му прават неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. И премиерот не е сам, со него е вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Дополнително, со претседателот на државата и неговата сопруга патуваат уште 10 луѓе - генерален секретар, советници, шеф на протокол, обезбедување... Со премиерот Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ уште четворица луѓе од нивните кабинети, потврдуваат за РСЕ од нивните кабинети. Од МНР за Радио Слободна Европа велат дека со министерот за надворешни работи Бујар Османи, се уште пет луѓе.

Поранешниот амбасадор во САД, Васко Наумовски вели дека е крајно невообичаено во исто време од државата да отсуствуваат и претседателот и премиерот.

„Доколку навистина се работи за битни средби, коишто не можат да се одложат, тогаш би било можеби и разбирливо. Но во случајот гледаме дека делегацијата на Владата присуствува на релативно небитни средби кои се одржуваат во исто време додека таму е делегацијата што ја предводи претседателот на државата“, вели Наумовски.

Тој додава дека државните пари треба да се трошат рационално.

„И истовремено да се внимава на бројноста на делегациите, што претставува и една логистичка потешкотија за нашите мисии и дипломатско – конзуларни претставништва во однос на организацијата на овие две паралелни посети на двете делегации“, рече Наумовски.

Трошоците за патувањата - тајна

Никаде не е наведено колку точно ја чинат државата патувањата на државните делегации во странство, но ако се земат предвид авионските карти, хотелското сместување и дневниците за членовите на делегациите, може да се претпостави дека сумата достигнува и до десетици илјади евра.

„Сите функционери треба да бидат отчетни пред народот. Тоа е во духот на доброто владеење и управување со државните ресурси“, велат за Радио Слободна Европа од Државната комисија за спречување корупција.

Во мај годинава, владината Служба за општи и заеднички работи склучила договор на една година за услуги за хотелско сместување во земјава и во странство со фирмата Њу вејс оф травел дооел Скопје. Вредноста на договорот изнесува 134.308 евра (8.260.000 денари). Истата служба има склучено и договор за резервација на авио билети. Договорот е склучен лани во јули со фирмата Елит травел дооел и се однесува на две години. Вредноста на договорот е 69.918 евра (4.300.000 денари). Фирмата е должна да набави билети за економска и бизнис класа, плус да обезбеди превоз на патниците од институцијата во која се вработени до аеродром и обратно, а вклучен е и ПЦР ковид тест.

Соговорниците на премиерот чести гости во регионот

На агендата на премиерот се состаноци со директорите на Светскиот економски форум и на Светска банка. Тој ќе се сретне и со заменикот помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, со кога имаше средба во Скопје пред само три недели. Ковачевски се среќава и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, кој е чест гостин во регионот.

Во фокусот на средбите на премиерот и неговите соговорници се економскиот развој, атлантското партнерство, европските перспективи и важноста на стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД.

Претседателот на државата Пендаровски ќе се обрати на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации и се среќава со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Претседателот ќе се обрати и пред Советот за безбедност и ќе учествува на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој под покровителство на Генералното Собрание и ќе се обрати на лидерскиот дијалог „Зголемување на активностите на клучните транзиции за да се забрза напредокот на Целите за одржлив развој“.

За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание.

Претседателот Пендровски во Њујорк се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц. Германија одбележува половина век членство во Обединетите нации. А на приемот организиран во таа чест присуствуваа и Ковачевски и Пендаровски.

Премиерот Ковачевски беше во фокусот на јавноста во мај годинава кога за време на посетата на САД ги поведе и неговите деца. Медиумите бараа тој да одговори кој платил за патувањето на неговите деца. Тогаш премиерот рече дека неговите патувања и на членовите на делегациите се според процедурите на Владата, а патувањата на другите членови на неговото семејство се нивни приватни активности и немаат допирна точка со Буџетот на државата. Радио Слободна Европа во мај испрати прашање до Владата колкави биле трошоците за патувањето на делегацијхата, но до овој момент одговор нема.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG