Вести
Пендаровски со државна делегација на Генералното собрание на ОН
Државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски од денеска до 22 септември ќе учествува на 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Темата на годинашното собрание е „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите.
Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Пендаровски да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, при што ќе ја одликува ООН со Орден на Република Северна Македонија.
Како што е најавено од Кабинетот на Претседателот, Пендаровски ќе има обраќање пред Советот за безбедност на отворената дебата на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста на Украина“, а ќе се обрати и на лидерскиот дијалог „Зголемување на активностите на клучните транзиции за да се забрза напредокот на Целите за одржлив развој“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание.
Во состав на македонската државна делегација се и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Како што најавија од Министерството за надворешни работи, Османи во својство на министер за надворешни работи, но и како претседавач со ОБСЕ, А5 и ПСЈИЕ ќе земе учество на повеќе настани.
види ги сите денешни вести
Азиските земји зачекорија во 2025 година
Полноќ отчука во Кина, вклучително и во Хонгконг, Сингапур, Малезија и Филипините, со што овие земји влегоа во Новата година.
Милиони луѓе се собраа од Пекинг до Куала Лумпур за да го прослават крајот на оваа и влезот во 2025 година.
Во Јапонија и Јужна Кореја полноќ беше дочекана со ѕвона, а граѓаните традиционално се собраа и во храмот Тодаи-џи во јапонската престолнина Токио.
Прославите во Јужна Кореја беа ограничени, а во некои делови откажани поради периодот на жалост по авионската несреќа во неделата (29 декември) во која загинаа 179 луѓе.
Повеќе од милион луѓе го гледаа спектакуларниот огномет над Сиднејскиот мост, со кој се одбележа почетокот на 2025 година во Австралија.
Жителите на пацифичкиот остров Киритимати, пак, први во светот ја дочекаа новата 2025 година.
Полноќ на овој остров беше кога по средноевропско време беше 11 часот.
Киритимати е дел од островската држава Кирибати, во средишниот дел на Тихиот Океан.
Оваа територија е позната и како Божиќен остров.
15 минути подоцна, Новата година беше прославена и на островот Чатам, на источниот брег на Нов Зеланд.
Покрај во Нов Зеланд, Новата година во исто време беше дочекана и во Токелау, Самоа, Тонга, одредени делови на Антарктикот, на островите Феникс, додека во австралискиот град Сиднеј во тек е голема прослава и огномет како дел од прославата на новогодишната ноќ.
САД воведоа санкции кон Иран и Русија поради мешање во американските избори
САД воведоа санкции за ентитети во Иран и Русија, обвинувајќи ги дека се обидувале да се мешаат во американските избори оваа година, соопшти американското Министерство за финансии на 31 декември.
Како што наведува Министерството, ентитетите – филијала на корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и организација поврзана со руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) – имале за цел „да ги разгорат општествено-политичките тензии и да влијаат врз американскиот електорат за време на изборите во САД во 2024 година“, објави Ројтерс.
Според соопштението, операциите за влијание се планирале „најмалку од 2023 година“.
Се додава и дека Центарот за геополитички експертизи (ЦГЕ) со седиште во Москва ширел дезинформации за кандидатите на изборите и насочувал и субвенционирал создавање лажни слики, видеа и аудиоснимки.
Министерството за финансии, исто така, соопшти дека овој Центар манипулирал со видеоснимка за да произведе „неосновани наводи во врска со кандидат за потпретседател во 2024 година“, без да прецизира кој кандидат.
На санкционираната листа е и директорот на ЦГЕ, Валери Коровин.
Со санкциите се замрзнуваат сите средства што овие субјекти ги имаат на американско тло и генерално им се забранува на Американците да склучуваат бизнис зделки со нив.
Американската влада претходно оваа година соопшти дека иранските власти се обидуваат да предизвикаат немири и да ја поткопаат довербата во американските демократски институции, користејќи „социјален инженеринг и други напори за да добијат пристап до поединци со директен пристап во претседателските кампањи на двете партии“.
Украина тврди дека првпат соборила руска цел со помош на поморски дрон
Украина тврди дека за првпат еден од нејзините поморски дронови соборил руска воена цел во воздухот во период кога се случуваат интензивни напади од двете страни.
Воената разузнавачка служба на Украина (ГУР) на 31 декември преку Телеграм објави дека поморски дрон Магура В5, опремен со ракети, соборил хеликоптер Ми-8 кај западниот брег на Крим.
ГУР, исто така, објави дека бил погоден и втор руски хеликоптер, но тој успеал да се врати во руската воздухопловна база.
„За првпат во светот војниците на ГУР уништија воздушна цел со помош на поморскиот дрон Магура В5“, соопшти разузнавачката служба.
Тврдењето на ГУР доаѓа неколку часа откако сирените за воздушен напад се активираа ширум Украина додека Русија изврши уште еден голем воздушен напад низ целата земја, при што се слушнаа експлозии во некои области на Киев.
Сирените се активираа во регионите Чернихив, Суми, Полтава, Луганск, Дњепропетровск, Запорожје, Киев, Черкаси, Кировохрад и Винице, додека локалните медиуми објавија дека за време на нападот биле користени крстаречки и балистички ракети.
Воената администрација на Киев извести дека три згради и два автомобили во областа Дарницки биле оштетени од урнатини, додека системите за противвоздушна одбрана ги одвратиле руските ракетни напади.
Шефот на воената управа на Киев, Серхи Попко, изјави дека нема жртви.
Во исто време, шефот на градската управа во Шостка во регионот Суми, Микола Нога изјави дека се оштетени 12 станбени згради и две образовни институции. Нема информации за можни жртви.
Украински беспилотни летала, пак, нападнаа складиште за нафта во областа Јарцево во руската област Смоленск.
Новите напади доаѓаат ден откако Соединетите Држави ветија дополнителна безбедносна помош за Украина за да помогнат во зајакнувањето на нејзината одбрана долж линијата на фронтот.
Белата куќа вети дополнителен пакет од 1,25 милијарди американски долари за украинската војска и пакет од 1,22 милијарди американски долари од Иницијатива за безбедносна помош за Украина.
Неколку часа подоцна, Министерството за финансии објави посебна исплата на 3,4 милијарди долари за Украина како директна буџетска поддршка.
Најавите следуваат додека пред да заврши мандатот на претседателот Џо Бајден следниот месец.
Бајден вети дека ќе продолжи да ја зголемува поддршката, но пакетот најверојатно ќе биде последниот донесен за време на неговата администрација поради загриженоста дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп значително ќе го намали или запре снабдувањето со оружје за Украина со цел да го притисне Киев да преговара за мировен договор со Русија.
Трамп треба да биде инаугуриран на 20 јануари.
Русија со недели ги турка назад украинските трупи на фронтот и на 29 декември тврдејќи дека зазела уште еден град во украинскиот регион Доњецк додека продолжува со својата долга крвава акција против стратешкиот, но речиси уништен логистички центар Покровск, на југот од земјата.
Руското Министерство за одбрана на 30 декември соопшти дека нивните сили го зазеле Новотројитске, на околу 16 километри јужно од Покровск.
Украинската војска не коментираше конкретно за Новотројицке, но рече дека руските трупи извршиле 133 напади на нејзините позиции, од кои повеќето биле во областа Покровск.
Сиљановска-Давкова помилува седум осуденици за Нова година
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод новогодишните празници донесе одлука за помилување на седум осудени лица, соопштија од нејзиниот кабинет.
Од нив, едно лице е потполно помилувано, а шестмина делумно се ослободени од понатамошно извршување на казната затвор.
„Шестемина осудени лица се помилувани во траење од 3 месеци, а едно лице 3 месеци и 4 дена, што кај него доведе до потполно ослободување од извршување на казната затвор“, пишува во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Во соопштението не се наведени имињата на помилуваните.
Ова е прво помилување на претседателката по формирањето на новата Комисија за помилување кој беше комплетирана во ноември. Дел од неа се: проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
Претходниот состав на Комисијата која беше конституирана кон крајот на јули си поднесе колективна оставка, откако дел од помилувањата објавени за 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, предизвикаа реакции во јавноста поради некои имиња кои се најдоа на листата.
Таков беше случајот со затвореникот А.Р. кој по помилувањето беше пуштен од затворот „Идризово“ на условна казна, каде издржуваше казна од една година и три месеци заради нелегално поседување на оружје. Веднаш потоа беше уапсен како осомничен за обид за убиство во скопски Чаир, инцидент што се случил десетина дена пред помилувањето.
Помилувањата од страна на претседателот по повод Нова година и по повод поголеми државни празници, како што е и 2 Август – Илинден, се традиционални во Северна Македонија.
ЕУ: Изборите во Косово треба да бидат транспарентни и без политичко мешање
Процесот на верификација на политичките партии на претстојните избори во Косово треба да се заснова на правни стандарди и процедури во согласност со актуелниот закон, а не на политички преференци, порача Европската Унија (ЕУ).
„Додека Косово и неговите граѓани живеат во динамична демократија, неверификувањето на политичка партија од политички причини, наместо од правни процедури, би претставувало сериозен чекор назад“, пишува во соопштението на прес-службата на ЕУ.
Во него се наведува дека сите кандидати кои ги исполнуваат условите треба да имаат можност да учествуваат на слободни и фер избори, во целосна согласност со косовските закони.
„ЕУ нагласува дека изборниот процес треба да биде транспарентен, кредибилен и без политичко мешање“, се потенцира во соопштението.
ЕУ очекува дека Централната изборна комисија (ЦИК), чија улога во следењето на изборите е клучна, ќе ги користи сите применливи механизми за да обезбеди инклузивен, кредибилен и транспарентен изборен процес, овозможувајќи им на косовските гласачи јасно да го изразат својот избор.
„Одговорноста за зачувување на демократските гаранции е на сите членови на ЦИК, без разлика на нивната политичка определба. Ваквото фундаментално прашање не смее да се политизира и да се користи како ставка во предизборната кампања“, порачува ЕУ.
На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори.
Српската листа најави дека ќе учествува на овие избори откако изминатиот период ги бојкотираше политичките процеси на Косово.
На 23 декември ЦИК одби да ја верификува изборната листа на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово која има поддршка од властите во Србија. На верификувањето се противеа претставниците во ЦИК од редовите на владејачката косовска партија, Движењето Самоопределување, бидејќи, велат, станува збор за партија која не го признава Косово како држава.
Во своето решение објавено на 25 декември, Избирачкиот совет за жалби и претставки наведе дека Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола на политичките субјекти препорачала проверка на Српската листа во согласност со Законот за општи избори и другите правила пропишани од ЦИК.
Според одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, Српската листа ги исполнила критериумите откако доставила „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.
Меѓутоа, на 30 декември, заменик министерот за правда Блерим Салах, во име на Движењето Самоопределување, поднел жалба до Врховниот суд за ваквата одлука.
Врховниот суд ја одби жалбата и даде налог Српската листа да биде верификувана.
САД, Германија и ЕУ изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српската листа.
Жителите на островот Киритимати први ја дочекаа Новата година
Жителите на пацифичкиот остров Киритимати први во светот ја дочекаа новата 2025 година.
Полноќ на овој остров беше кога по средноевропско време беше 11 часот.
Киритимати е дел од островската држава Кирибати, во средишниот дел на Тихиот Океан.
Оваа територија е позната и како Божиќен остров.
Новата година беше прославена 15 минути подоцна на островот Чатам, на источниот брег на Нов Зеланд.
Покрај во Нов Зеланд, Новата година во исто време беше дочекана и во Токелау, Самоа, Тонга, одредени делови на Антарктикот, на островите Феникс, додека во австралискиот град Сиднеј во тек е голема прослава и огномет како дел од прославата на новогодишната ноќ.
Мицкоски: Проблемот во ЈСП не е со нафтата туку е административен
Во Град Скопје денеска (31 декември) попладне сообраќаат само 40-тина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) поради недостиг на нафта, но до крајот на денот се очекува бројот да се зголеми бидејќи фирмата „Пуцко Петрол“ ќе достави гориво, јави државната агенција МИА.
Сепак, премиерот Христијан Мицкоски, изнесе со тврдење дека повлекувањето на дел од автобусите не е поврзано со немање нафта туку во прашање е административен проблем.
„Од тоа коешто можам да го добијам како информација е дека раководството на ЈСП не доаѓа на работа. Административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта туку дека е административен проблемот. И апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз“, рече Мицкоски.
МИА претходно објави дека до крајот на денот ЈСП треба да добие 40-тина тони нафта кои ќе бидат доволни до божиќните празници.
Информациите за недостигот на нафта ги посочија и од Синдикатот на ЈСП. Претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски, изјави дека е точно оти уште синоќа било реагирано и дел од автобусите биле повлечени за да се заштети на нафта.
„Извршивме еден вид притисок и имаме информација дека нафта ќе пристигне за неколку часови“, изјави тој за МИА.
Стојановски исто така посочи дека денеска бил продолжен и мандатот на в.д. директорот на ЈСП, Драги Кушевски.
Во однос на беспатниот превоз за студентите, кој беше ставен под прашање откако изминатиот период билетарниците на ЈСП не им ги продолжуваа годишните карти, од Владата денеска соопштија дека донеле одлука да префрлат пари.
„Еве 120 милиони како Влада ќе префрлиме уште веднаш, би рекол во текот на денешниот ден ако е тоа возможно. Треба сепак прво да излезе одлуката. Оваа недела ќе добијат 120 милиони денари“, соопшти Мицкоски по денешната владина седница.
Претходно за продолжување на бесплатниот превоз реагираа и студентите. Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изјавија дека пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, за, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.
Црна Гора го екстрадираше „кралот на криптовалутите“ во САД
Црна Гора го екстрадирала јужнокорејскиот државјанин Хјеонг До Квон во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти црногорската полиција на 31 декември.
САД го бараа До Квон поради измама на пазарот на криптовалути во вредност од најмалку 40 милијарди долари.
„Денеска, на граничниот премин аеродром ’Подгорица‘, службениците на НЦБ Интерпол Подгорица, со поддршка на Специјалната полициска единица, го екстрадираа јужнокорејскиот државјанин Д.Х.К., по кого трагаа две држави, и тоа Јужна Кореја и САД“, пишува во соопштението од полицијата.
Оттаму потсетуваат дека До Квон беше уапсен во Црна Гора на 23 март 2023 година.
„Тој е предаден на надлежните органи на прогонот на САД и агентите на Федералното биро за истраги (ФБИ), а согласно решението на Министерството за правда на Црна Гора, заради водење кривична постапка во САД“, пишува во соопштението во кое се додава тој се товари за повеќе кривични дела.
Поради истото кривично дело До Квон беше баран од Јужна Кореја, но министерот за правда Бојан Божовиќ на 27 декември одлучи да го екстрадира во САД.
Тогаш тој објави дека „повеќето критериуми се во корист на барањето за екстрадиција во САД“, и дека биле земени предвид сериозноста на кривичните дела, местото на извршување, редоследот на поднесување на барањата, националноста на бараното лице, можноста за понатамошна екстрадиција во друга земја и други околности.
Т.н. „крал на криптовалутите“ До Квон, беше уапсен на аеродромот во Подгорица во март 2023 година со неговиот деловен партнер Чанг Џун, кога се обиделе да отпатуваат во Дубаи со фалсификувани пасоши.
Откако беа осудени на по четири месеци затвор, Чанг Џун во февруари беше екстрадиран во Јужна Кореја, а До Квон одлуката за екстрадиција ја чекаше во прифатилиштето за странци во Подгорица.
За тоа време беа донесени различни одлуки за барањата на двете земји за негова екстрадиција.
Низа судски одлуки
Судовите во Црна Гора за неговата екстрадиција одлучуваа осум пати во период од една година и девет месеци. Адвокатот на До Квон, Горан Родиќ, ова претходно во изјава за РСЕ го нарече „судси срам“.
Откако во февруари беше поништена одлуката на Вишиот суд за негова екстрадиција во САД, истиот суд во март одлучи да го екстрадира во Јужна Кореја, со образложение дека барањето за екстрадиција од оваа земја било примено пред американското.
Во август Врховниот суд објави дека се исполнети условите за екстрадиција и дека министерот за правда Бојан Божовиќ ќе одлучи во која земја ќе биде испорачан.
Во меѓувреме, во САД започна судењето на До Квон во негово отсуство.
Во април, судот во Њујорк ги прогласи Д Квон и неговата компанија „Тераформ лабс“ за виновни за граѓанска измама бидејќи, според американската Комисија за хартии од вредност, инвеститорите биле доведени во заблуда поради што изгубиле околу 40 милијарди долари.
Иако во граѓанска спогодба „Тераформ Лабс“ се согласи да плати околу 4,5 милијарди долари, САД не се откажаа од барањето за екстрадиција.
Во Јужна Кореја, пак, До Квон е обвинет за измама и кршење на законите за пазарот на капитал.
Според налогот за апсење издаден од локалните власти во септември минатата година, До Квон бил на црвена потерница од Интерпол по пропаѓањето на криптовалутите Тера и Луна и компанијата Тераформ Лабс, во која тој е косопственик.
Случајот До Квон и политичката сцена во Црна Гора
До Квон стана дел и од црногорската политичка сцена, бидејќи премиерот Милојко Спајиќ беше обвинет дека од него добивал донации за неговата партија „Движење Европа сега“.
Спајиќ за ова даде изјава во својство на граѓанин пред Специјалното државно обвинителство кое оформи предмет.
Документите на американската Комисија за хартии од вредност покажаа дека Спајиќ, како еден од првите инвеститори во компанијата на До Квон, „Термаформ Лабс“, како физичко лице, инвестирал 75.000 долари во таа компанија во 2018 година.
За обвинувањата дискутираше и Советот за безбедност пред изборите во јуни 2023 година, кој објави дека Спајиќ и До Квон се сретнале во Белград, во време кога јужнокорејскиот државјанин веќе бил по црвена потерница од Интерпол.
Адвокатот на Квон, Горан Родиќ, изјави дека тој е „увезен“ во Црна Гора за да биде злоупотребен за внатрешно-политички борби пред изборите.
Причината за доаѓањето на Квон во Црна Гора, како и неговиот престој во Србија, до ден денес не е разјаснета.
Русија го намалува протокот на гас преку Украина до Европа
Руски Гаспром соопшти дека денеска (вторник) ќе испорача намалено количество гас во Европа преку Украина. Ова е последен ден пред истекот на договорот кој ја овозможуваше испораката на гас во текот на војната изминатите речиси три години.
Гаспром соопшти дека денеска ќе испорача 37,2 милиони кубни метри наспроти 42,4 милиони кубни метри кои ги испорача вчера.
Се очекува протокот да падне на нула во раните утрински часови на 1 јануари кога истекува петгодишниот договор за транзит. Прекинот на испораката го означува речиси целосното губење на некогаш моќното влијание што Москва го имаше на европскиот пазар со гас, пишува Ројтерс.
Поради војната, Украина одби да преговара за нов договор.
Прекинот на транзитот на гас преку Украина ќе биде голем удар за Молдавија, земја која некогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Од земјите во Европската унија, најпогодена ќе биде Словачка. Унгарија ќе продолжи да добива руски гас од југ, преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море, иако сакаше да ја задржи и украинската рута.
Украина пак, губи околу 800 милиони долари годишно од такси кои ги наплаќаше од Русија, додека руската компанија Гаспром ќе загуби 5 милијарди долари кои ги добиваше од продажбата на гас во Европа преку украинската рута.
Русија и Советскиот Сојуз потрошија половина век градејќи инфраструктура со која добија голем удел на европскиот пазар, кој достигнуваше и до 35 отсто. Меѓутоа, војната во Украина го уништи овој бизнис на Гаспром.
Во 2023 рускиот гасен гигант имаше нето загуба од 7 милијарди долари, што беше негова прва загуба од 1999 година.
Кина ги отфрла обвинувањата за сајбер напади врз министерството за финансии на САД
Кина денеска (31 декември) одговори на наводите на американското Министерство за финансии дека Пекинг е одговорен за сајбер напади што овозможиле заобиколување на безбедноста и кражба на документи, оквалификувајќи ги како „неосновани“.
„Постојано го изразуваме нашиот став за таквите неосновани обвинувања што немаат докази“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовната прес-конференција во Пекинг.
Американското Министерство за финансии претходно денеска, во писмо испратено до членовите на Претставничкиот дом, објави дека биле погодени од сајбер напад на почетокот на декември, но дека не биле загрозени никакви доверливи документи.
Според писмото напаѓачите биле насочени кон неколку работни места во министерството, и користеле софтвер од американската компанија „BeyondTrust“.
Нападот „според достапните индикации“ наводно бил извршен од актер „зад кој финансиски стои Кина“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете