Достапни линкови

Вести

Службите и граѓаните ги расчистуваат последиците од невремето во Србија и Хрватска

Последици од невремето во Србија, Ваљево 19 јули 2023 година
Последици од невремето во Србија, Ваљево 19 јули 2023 година

Ден по невремето што во средата вечерта на 19 јули ги зафати Словенија, Хрватска, БиХ и Србија, државните и локалните служби за итни случаи ги расчистуваат патиштата и ги отстрануваат остатоците од покривите, дрвјата и другите објекти.

Припадниците на Одделението за вонредни состојби на МВР на Србија соопштија дека имале 201 интервенција во кои биле ангажирани 505 пожарникари-спасувачи со 203 возила и по тој повод евакуирале и спасиле 40 лица.

Припадниците на Одделението за вонредни состојби интервенирале при гаснење на 20 пожари предизвикани од удар на гром, а во други ситуации од коловозот ги отстраниле паднатите дрвја и лимените покриви.

Потребни се интервенции во Белград, на територијата на Шабац, Лозница, Бачка Паланка, Бача, Беочин, Крагуевац, Параќин, Јагодина, Краљевац, Ваљево, Љига, Лајковац, како и во делови на Сремскиот округ, Зајечар и Јабланица.

Во Ваљево нема повредени за време на невремето, но во четвртокот наутро на улиците беа видливи паднати покриви и гранки врз автомобилите.

Продолжија и операциите за чистење во главниот град на Хрватска, Загреб.

„Сите служби се уште се на терен. Се отстранува непосредната опасност по животот и имотот. Продолжува нормализирањето на сообраќајот. Трамвајските линии главно работат нормално. Некои автобуски линии се пренасочени поради отстранување на дрвјата од патиштата“, стои на официјалната веб-страница на Градот Загреб.

Од граѓаните на Згреб се бара „да продолжат да избегнуваат паркови и други потенцијално опасни места за сопствената безбедност“.

Според Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, силни грмежи се очекуваат во наредните денови од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до Карпатите до сабота навечер. Развојот на слични олујни облаци се движи кон северозапад, со појава на голем град и краткотрајни налети на ветер.

Од РХМЗ најавија дека со оглед на тоа што точната локација на започнување, движењето и јачината на самите невреме е тешко однапред да се утврдат, еден до два часа однапред ќе издадат итно предупредување за грмотевици.

На почетокот на следната недела од северот на Африка ќе пристигне нов продор на многу топол воздух кој ќе донесе температури околу 40 степени, информираат од РЗМЗ.

види ги сите денешни вести

Кавга по пратеничко прашање за потрошувачката кошничка

Илустрација
Илустрација

Пратеничката Славјанка Петровска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска влегоа во конфликт на пратенички прашања во Собранието. Вербалниот судир меѓу нив започна на темата околу потрошувачката кошничка и начинот на кој таа се пресметува и после изјавата на министерката дека таа не купувала грашок во конзерва и не сфаќа зошто таква храна е ставена во потрошувачка кошничка за 4-члено семејство во која има и 13 литри млеко.

„Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа, се обрати Петровска до министерката, во склоп на традиционалниот демократски инструмент за пратенички прашања, во Собранието.

На ова реплицираше Димитриеска-Кочоска која и порача на Петровска дека дури не може да ѝ каже дека таа е почитувана за неа.

„Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок, рече министерката од собраниската говорница.

Пратеничката Петровска и порача на министерката дека „ако имаше дно, вие го пробивте“. За неа ова биле неумесни коментари.

Веднаш стигна реакција од Форумот на жени на СДСМ кој ја осуди изјавата на министерката Кочовска нарекувајќи ја срамна, навредувачка и дискриминаторска и најдолен настан во Собранието.

Најмалку 11 загинати и 65 повредени во Конго по експлозии на митинг на лидерите на бунтовниците М23

Илустрација
Илустрација

Најмалку 11 лица загинаа во експлозии на митинг што во четвртокот го одржаа водачите на бунтовничката група М23 во заземениот град Букаву, источно Конго, јавува Асошиејтет прес.

„Во нападот има 11 ртвии во тек е проверка. Организаторот на нападот е меѓу жртвите“, изјави за новинарите Корнеј Нанга, лидер на Алијансата за реката Конго (АФЦ), во која е вклучен и М23. „Има 65 повредени, од кои шест се тешко повредени и моментално се во операциона сала.

Тој рече дека „по денешниот немил инцидент, должни сме да реагираме и да ги оддалечиме заканите подалеку од провинцијата Јужен Киву“.

Водачите на бунтовничката група М23, вклучително и Нанга, беа на средба со жителите кога се случија експлозиите во централниот дел на Букаву. Видеото и фотографиите споделени на социјалните мрежи покажуваат толпа луѓе кои бегаат од масовниот митинг во Букаву и раскрвавени тела на теренот.

М23 ги обвини властите во Конго дека го организирале нападот.

„Го обвинуваме и енергично го осудуваме криминалниот режим во Киншаса, кој штотуку го спроведе својот план за истребување на цивилното население“, се вели во соопштението на АФЦ. „Овој напад предизвика неколку смртни случаи, вклучително и неколку терористи од Киншаса и некои повредени. Двајца од нив беа веднаш приведени од нашите служби“.

„Овој кукавички и варварски чин нема да биде без последици“, се додава.

Претседателот на Конго, Феликс Цисекеди, го нарече нападот „грозоморен терористички чин што го извршила странска армија незаконски присутна на територијата на Конго“.

Бунтовниците се поддржани од околу 4.000 војници од соседна Руанда, според експертите на ОН, и ветија дека ќе маршираат до главниот град на Конго, Киншаса, оддалечен преку 1.000 милји (1.600 километри).

Бунтовниците М23 поддржани од Руанда го зафатија регионот заземајќи клучни градови и убивајќи околу 3.000 луѓе во најзначајната ескалација на конфликтот во повеќе од една деценија.

Во молскавична тринеделна офанзива, М23 ја презеде контролата врз главниот град Гома во источно Конго и го зазеде вториот по големина град, Букаву. Регионот е богат со злато и колтан, клучен минерал за производство на кондензатори кои се користат во повеќето електроника за широка потрошувачка, како што се лаптопите и паметните телефони.

Руанда го обвини Конго дека собира етнички Хуту борци одговорни за геноцидот во Руанда во 1994 година на малцинствата Тутси и умерените Хути.

М23 вели дека се бори да ги заштити Тутсите и Конго со потекло од Руанда од дискриминација и сака да го трансформира Конго од пропадната држава во модерна. Аналитичарите ги нарекоа тие изговори за вмешаност на Руанда.

Поднесено обвинение за случајот „Адитив“, опфатени се 5 фирми и 31 обвинет

РЕК Битола
РЕК Битола

Триесет и еден обвинет и пет фирми се во обвинението кое денеска го поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје за предметот познат како „Адитив“.

Според обвинителството во период од месец април 2023 до месец август минатата година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во меѓувреме со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на оваа група. Тие договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

„Обвинетите управители и сопственици на правни лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на Обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари“, пишува во соопштението од обвинителството.

Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.

Првообвинетиот сторил кривично дело Несовесно работење во службата, додека шестмина се обвинети за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, на четворица од нив на товар им се става и кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

На четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела – Злосторничко здружување и Перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

На кривично одговорните правни лица им се става на товар дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

Oбвинителството му предложи на судот да се одземат телефони, електронски и мемориски уреди што биле употребени при извршување на кривичните дела, а се бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица.Се бара и продолжување на мерка притвор за деветмина обвинети и мерка куќен притвор спрема еден обвинет.

САД го одложуваат спроведувањето на санкциите со специјална лиценца, објави Нафтената индустрија на Србија

Илустративна фотографија, српски знамиња пред една од бензинските пумпи кои работат во рамките на Нафтената индустрија на Србија, 14 јануари 2025 година.
Илустративна фотографија, српски знамиња пред една од бензинските пумпи кои работат во рамките на Нафтената индустрија на Србија, 14 јануари 2025 година.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) во соопштението доставено до Радио Слободна Европа наведе дека Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) и додели на компанијата специјална лиценца со која се одложи примената на санкциите до 28 март.

Како што е наведено во соопштението на НИС, лиценцата „овозможува непречено одржување на деловните, договорите и другите договори кои вклучуваат НИС или нејзините оперативни подружници“.
Овозможува и „извршување на сите трансакции со НИС и нејзините оперативни подружници, кои се насочени кон исполнување на договорот“.

„НИС ќе го искористи периодот на одложување на санкциите за да продолжи да работи, во соработка со акционерите, на изнаоѓање решенија кои ќе овозможат непречено функционирање на компанијата на долг рок и ќе обезбедат енергетска стабилност на Република Србија“, соопшти НИС.

Оттаму додаваат дека приоритет на компанијата останува „уредното снабдување на домашниот пазар со сите видови нафтени деривати, одржување на редовно работење и грижа за вработените“.

Посочија дека снабдувањето на синџирот бензински пумпи НИС е редовно, додека рафинеријата за нафта Панчево работи во нормален режим.

Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил најави одложување на санкциите.
На 10 јануари, Соединетите Американски Држави (САД) го ставија НИС на списокот со санкции поради сопственичкиот удел во руската компанија Гаспром Нефт, со цел да ја спречат Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина.

На 4 февруари НИС испрати барање до американските власти да ги одложат санкциите за минимум 90 дена. Ова барање беше поддржано од владите на Србија и Унгарија.

Ден пред одлуката на Министерството за финансии на САД, дојде до промена во сопственичката структура на НИС.

„Газпром нефт“, кој е под санкции од Западот, префрли околу пет проценти од својот удел на „Газпром“, руска компанија што не е опфатена со санкции, така што уделот на „Газпром Нефт“ сега е намален на 44,85 проценти.

Зголемен бројот на заболени од грип

Илустрација
Илустрација

Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период, изјави денеска раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински.

Тој беше прашан каква е состојбата со грипот моментално, откако во државава имаше благ пад на заболени лица одреден период, а според денешните податоци, повторно има пораст.

Институтот соопшти дека во осмата недела од 2025 година, пријавени се 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот, за 11,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица за тој период, споредено со осма недела од минатата сезона е зголемен за 3,7 пати, а во споредба со бројот за осма недела од типичната епидемиска крива - моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 25,6 проценти. Од 17 до 23 февруари, пријавен е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје, кое било хоспитализирано во УК за пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип.

„Тоа на што апелираме уште од почетокот на сезоната, е, почитување на општите мерки на превенција за респираторни заболувања воопшто, каде припаѓа и грипот. Избегнување контакт со заболени лица, избегнување простории каде што има голем број лица, често проветрување на просториите каде што се престојува, слоевито облекување, топло во ладните зимски денови и консумирање свежи продукти богати со витамини и минерали - овошје и зеленчук, подвлече Кочински.

Вкупниот број случаи на грип и слични заболувања во сезоната 2024/2025 изнесува 17.375, посочуваат од Институтот. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 12,3 проценти. Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани биле три починати лица асоцирани со грип.

Од Институтот повторно нагласија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи - согласно препораките на СЗО: постарите лица - над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, како и здравствени работници.

Заклучно со осма недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.293 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

Мицкоски: Довербата во судството е на негативна нула, Коцевски ќе биде сменет

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на јавниот обвинител Љупчо Коцевски му била дадена шанса, но оти во изминатиов период, како што рече, од него не се видело ништо друго освен пресметки со неистомисленици во обвинителството и последен браник за одговорноста на минатата власт.

„Дадовме шанса што може да направат, дали може да излезат од таа политичка матрица во која поединци се наоѓаат, не сите. Не влеговме како другите влади од прв ден да се пресметуваме со обвинителот и да правиме маратонски седници и да менуваме закони. Рековме да оставиме простор, но освен внатрешна пресметка со неистомисленици во рамките на обвинителството, која се случи како резултат на процеси во позадина како исплатените дневници за поранешните специјални обвинители, друго ние не видовме, рече Мицкоски, во одговор на пратеничко прашање за реформите во правосудството и барањето за разрешување на обвинителот Коцевски.

Според Мицкоски, од неколку проценти доверба што ја имаа граѓаните во судството и обвинителството, можеби сме сега на негативна нула.

Како што наведе, за да се покаже дека нема да биде „како до сега“ соочени се сите аргументи и констатирано е дека треба да се почне со барање одговорност од јавниот обвинител, кој смета дека од некои потези кои не личат на коректни и внатрешни пресметки во обвинителството, апсолутно ништо друго не прави.

„Има пратеници од политички партии во опозицијата наместо на страната на гласот на народот, застанаа во одбрана на Коцевски. Имајќи предвид дека довербата во обвинителството не е повеќе од 2-3 проценти, тогаш се поставува прашањето чиј глас го претставуваат бранејќи го Коцевски, рече премиерот Мицкоски.

Инаку Владата на пред два дена го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски. Тој ќе биде испратен до Советот за јавни обвинители кој треба да испрати мислење во рок од 15 дена.

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.

Џин Хекман и неговата сопруга Бетси се пронајдени мртви

Холивудскиот актер Џин Хекман
Холивудскиот актер Џин Хекман

Холивудскиот актер Џин Хекман е пронајден мртов во својот дом во градот Санта Фе во американската сојузна држава Ново Мексико, заедно со неговата сопруга, пијанистката Бетси Аракава. И нивното куче било пронајдено мртво.

Полицијата во округот Санта Фе вчера попладне ги откри телата на двократниот оскаровец 95 годишниот Хекман, 63-годишната Бетси и нивното куче. За сега нема потврдено некакво кривично дело, а причината за смртта не е соопштена. Шерифот на округот Санта Фе Адан Мендоза ја потврди веста во четвртокот.

„Можеме да потврдиме дека и Џин Хекман и неговата сопруга беа пронајдени мртви во средата попладне во нивниот дом на Сансет Треил“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Санта Фе во Ново Мексико. "

Истрагата се уште е во тек, но во овој момент немаме причина да веруваме дека овие смртни случаи се резултат на криминални активности. „Чекаме одобрение за да издадеме налог за претрес“, додаде Мендоза.

Јуџин Џин Хекман е роден на 30 јануари 1930 година во Сан Бернардино, Калифорнија. Откако неговите родители се развеле, тој се преселил во Денвил, Илиноис, каде што живеел со својата баба. На 16-годишна возраст, тој го напуштил домот и, лажејќи за својата возраст, се приклучил на Маринскиот корпус на Соединетите држави, служејќи како радио оператор четири и пол години. По неговото отпуштање во 1951 година, тој работел на различни работи пред да одлучи да се посвети на актерската кариера.

Хекмен започна со помали улоги во телевизија и театар, а своето филмско деби го имаше во 1964 година во филмот Лилит. Првиот значаен успех го постигна со улогата на Бак Бароу во филмот Бони и Клајд (1967), за кој беше номиниран за Оскар за најдобра споредна машка улога.

Во 1971 година, Хекмен ја освои наградата Оскар за најдобар актер за неговата улога како детективот Џими Попај Дојл во „Француската врска“. За време на неговата кариера, тој доби уште еден Оскар за најдобра споредна машка улога за улогата на Малиот Бил Дагет во „Недопирливите“ (1992).

Тој е познат и по улогата на Лекс Лутор во филмот Супермен (1978) и неговите продолженија. Хекмен глумеше во повеќе од 80 филмови, меѓу кои „Разговор“ (1974), Мисисипи Горење (1988) и Кралевите на криминалот (2001).

Покрај актерството, Хекмен напиша и објави неколку романи, меѓу кои и „Будење на ѕвездата Пердидо“ (1999) и „Потрага“ (2013). Тој се повлече од актерството во 2004 година, а во последните години живееше повлечено во Ново Мексико. Тој се посвети на пишувањето и сликањето.

Осум лица уапсени во Брчко под сомнение за трговија со деца

Куќа во која се пронајдени деца за кои властите се сомневаат дека се жртви на трговија со луѓе, Брчко, Босна и Херцеговина
Куќа во која се пронајдени деца за кои властите се сомневаат дека се жртви на трговија со луѓе, Брчко, Босна и Херцеговина

Полицијата на округот Брчко уапси осум лица осомничени за трговија со луѓе, трговија со деца и занемарување на деца, соопшти Џевида Хукичевиќ, портпаролка на полицијата, на 27 февруари.

Овие лица биле уапсени откако претходниот ден во приватна куќа во градот во северна Босна и Херцеговина биле пронајдени 31 дете, за кои властите се сомневаат дека се жртви на трговија со луѓе.

„Истрагата е сложена и оди во неколку насоки. Воспоставена е соработка со Агенцијата за истраги и заштита, Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон и Европол. Со оглед на тоа дека инволвираните лица се малолетни, нема дополнителни информации“, рече Хукичевиќ.

Таа додаде дека полицијата на округот Брчко на 27 февруари до обвинителството ќе поднесе извештај за извршените кривични дела.

Во Босна и Херцеговина, 26 лица се осудени за злосторства за трговија со луѓе во 2023 година, покажуваат најновите достапни податоци од Извештајот за трговија со луѓе во БиХ.

Од тој број, шест лица се осудени пред судовите на Босна и Херцеговина, 18 пред судовите на ентитетот на Федерацијата БиХ и две лица во округот Брчко, додека судовите на ентитетот Република Српска не донеле пресуди за овие кривични дела.

Во извештајот се наведува дека судските постапки генерално траат со години, но дека позитивниот развој во работата на институциите на БиХ за борба против трговијата со луѓе се рефлектира во изрекувањето на сè построги казни за овие злосторства.

„Во претходните години, судиите генерално изрекуваа казни кои беа полесни од минималните казни пропишани со закон, повикувајќи се на неразумни олеснителни околности за намалување на казната“, се наведува во извештајот.

Во истиот документ се наведува и дека некои од осудените трговци со луѓе избегнале издржување затворска казна користејќи ја законската опција затворската казна до една година да ја заменат со парична казна.

Агенцијата за храна нареди уништување на небезбедно замрзнато месо од Полска

илустрација
илустрација

По спроведниот вонреден инспекциски надзор, официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), наредија уништување на 1980 килограми небезбедно замрзнато пилешко месо по потекло од Полска, кое било транспортирано во возило што го запленило Министерството за внатрешни работи од непознат сторител.

„Во запленетото возило небезбедното месо се транспортирало во несоодветни услови, односно без потребен температурен режим за замрзнато месо (минус 18 Целзиусови степени) и без никаква документација за потеклото-ветеринарно здравствен сертификат, комерцијален документ и други потребни документи за гарантирање на безбедноста на производот“, соопшти АХВ.

Месото било спакувано во 180 пакети по 11 килограми.

Како што велат од АХВ, тоа во моментот на контрола било во фаза на отопување.

Кремљ вели дека за анектираните украински територии „не се преговара“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и рускиот претседател Владимир Путин (архивска фотографија)
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и рускиот претседател Владимир Путин (архивска фотографија)

Кремљ отфрли какви било преговори за статусот на петте украински региони за кои тврди дека ги анектирала и покрај тоа што не контролира целосно четири од нив.

„Териториите кои станаа субјекти на Руската Федерација, кои се запишани во уставот на нашата земја, се нераскинлив дел од нашата земја. Ова е непобитно и за тоа не може да се преговара“, изјави на 27 февруари портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија во 2014 година го анектираше полуостровот Крим на Украина по кратката воена операција и референдумот кој беше критикуван како нелегитимен од Киев и западните сили.

По започнувањето на својата целосна офанзива, Русија во септември 2022 година прогласи анексија на четири украински региони - Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Руските сили контролираат поголем дел од регионот на Доњецк и Луганск, но само делови од Запорожје и Херсон. Москва, исто така, зазема дел од регионот Харкив во североисточна Украина.

Песков, меѓудругото додаде дека обновувањето на прекинатите врски со Соединетите Држави е процес и ниту една страна не очекува брзи или лесни одлуки.

„Никој не очекува одлуките да бидат лесни и брзи. Но, со политичка волја на двете земји, со подготвеност да се слушаме и да се слушнеме, ќе можеме да го поминеме овој работен процес“, им изјави на новинарите Песков.

Трамп ги вознемири традиционалните американски сојузници во Европа со неговата подготвеност да ги обнови дипломатските односи со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за крај на војната во Украина, предизвикувајќи загриженост дека Европа, па дури и самиот Киев – ќе бидат настрана во процесот.

На 25 февруари се појавија силни индикации дека е постигнат договор за минералите меѓу САД и Украина и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе дојде во Вашингтон подоцна оваа недела за да го потпише.

Договорот ќе го опфати заедничкиот развој на критичните украински минерали и други природни ресурси, како што се нафтата и гасот, според повеќе медиуми, повикувајќи се на неидентификувани извори во украинската влада. Извештаите велат дека договорот е рамка за широк економски договор кој би вклучувал експлоатација на ретките минерали.

Сè уште не е јасно дали договорот носи одредени американски безбедносни гаранции или дали Вашингтон се обврзал да испрати дополнителна воена помош, објави Ројтерс. Сепак, официјален претставник на украинската влада, цитиран од АП, рече дека Киев се надева дека потпишувањето на договорот ќе обезбеди континуирана воена поддршка на САД што итно и е потребна на Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG