Достапни линкови

Ознака на пол може да се смени и без новиот закон


Парада на гордоста, 24 јуни, 2023, Скопје.
Парада на гордоста, 24 јуни, 2023, Скопје.

Во девет држави од ЕУ прашањето за промена на ознака за пол во лична карта се регулира по принципот на самоопределување, а во другите земји потребни се медицински документи. И во Северна Македонија се предлага промената да е со самоопределување. Но законот е повлечен од Собрание. Во меѓувреме трансродовите лица зависат од добрата волја на службениците.

Во изминатите шест години, 14 трансродови луѓе во земјава, успеале во лична карта да си го променат полот и да добијат нов матичен број.

Сегашниот закон не забранува промена на податокот за пол во матичната евиденција, но нема јасна процедура, па институциите се оставени произволно да одлучуваат, а процедурата може да трае од една година до една деценија.

Од Управата за водење матични книги за РСЕ велат дека промената на пол во моментот се врши само по донесување мериторно решение од Државната комисија во втор степен за управни постапки.

Измените на Законот за матична евиденција предвидуваат пол да може да се менува само со нотарска изјава, без за тоа да е потребна медицинска промена на полот, како што е случај со земјите во регионот. Toa се актуелизираше деновиве деновиве со протестот на Македонската православна црква со поддршка од останатите верски заедници.

Девет држави од ЕУ ова прашање го регулирале по принципот на самоопределување, а во другите за промена на ознака за пол се потребни медицински документи, вели пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, е една од предлагачите на измените на Законот за матична евиденција

Црквата протестираше и против Предлог-законот за родова еднаквост, во кој се дефинирани „родов идентитет“ и „лице со разновидни родови идентитети“.

Црквата стравува дека со усвојувањето на овие закони ќе се отвори, како што велат Пандорината кутија, и секој ќе може да си го дефинира родот, независно од полот. За Црквата има два пола – машки и женски и аналогно на тоа и два рода - машки и женски.

Протест на Црквата против Законот за родова еднаквост
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Што предлагаат измените на Законот за матична евиденција?

Предлог измените на законот се повикуваат на предлозите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа правно да се признава родот „засновано на самоопределување“, преку „укинување на стерилизацијата и други задолжителни медицински третмани.

Транс-луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во лична карта и во извод. Името лесно може да си го променат во личната карта, но промената на полот, во согласност со она како се чувствуваат, а не како се родени, пак, тешко оди.

Сепак работите почнале да се помрднуваат од мртва точка откако Македонија на почетокот на 2019 година пред Европскиот суд за човекови права изгуби спор со трансродово лице.

Лицето тужеше за повреда на правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјата. Државата беше задолжена да му исплати оштета од 9000 евра, но и да ја поправи законската регулатива.

„Тоа многу ги забрза процедурите. По пресудата побргу одат работите“, вели трансродово лице за РСЕ.

Законот, што државата беше задолжена да го промени, пак никако да ја види светлината на денот. Измените лани во март беа тргнати од собраниска процедури, за да има поширока дебата.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека ако се стремиме кон Европската унија и кон организациите кои и носат бенефит на земјата треба да се почитуваат нивните одлуки.

„Но, тоа до ден денешен не е спроведено од наша страна“, вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на Комисијата Исмаил Камбери.

Ознака за пол може да промени само полнoлетно лице, кое не е во брак

Според предложените измени, што беа повлечени од собраниска процедура, за на некое лице правно да му се признае родовиот идентитет, што не е во согласност со полот, лицето треба да е полнолетно, да е деловно способно и да не е во брак. Лицето може да го направи тоа со поднесување на барање што би се пополнило на нотар. Не треба да е во брак, оти според Законот за семејство, бракот е со закон уредена заедница меѓу маж и жена. Нема закон за истополови бракови и заедници во земјава.

Морачанин вели дека со тоа што се одлага носењето на закон, трансродовите луѓе не може да си завршат обична работа, вели таа.

„Да не зборуваме дека поради тоа се дискриминирани, се мета на говор на омраза, на насилство. Службениците во институциите на шалтер не може да разберат дека документите им се во ред, дека се е законски, само затоа што ознаката за пол, не соодветствува да речеме со изгледот на луѓето“, вели Морачанин за РСЕ.

Протест во организација на МПЦ- ОА против законите за родова еднаквост и за матична евиденција
Протест во организација на МПЦ- ОА против законите за родова еднаквост и за матична евиденција

Што предлага Законот за родова рамноправност?

Предлог законот за родова еднаквост, пак е во фаза на консултации 10 месеци. Но иако и двата закони се далеку од донесување, сепак МПЦ-ОА, со поддршка на Исламската верска заедница, Католичката црква во државата и други верски заедници, одржа протест против законите.

Во предлог законот за родова еднаквост, меѓудругото се дефинира „родов идентитет“, кој се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чувствува за себе, што може, но и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање.

Се дефинира и „лице со разновидни родови идентитети“. Тоа е секое лице кое не се идентификува во бинарните идентитети на жена или маж, а ги опфаќа и трансродовите лица, транссексуалците, интерсексуалците и родово небинарните лица.

Инфографика - Колку се почитуваат ЛГБТИ правата
Инфографика - Колку се почитуваат ЛГБТИ правата

Како е во регионот?

Транс луѓето во Србија за промена на пол во личните документи се условени со медицински интервенции. Ова првично е проблем бидејќи не сите транс луѓе сакаат да поминат низ него.

Од први јануари 2019 година, промената на полот се запишува во матичната книга на родените само врз основа на потврда од здравствена установа.
Законот вели дека вториот род и име на трансродово лице може да се впише во матичната книга на родените по најмалку една година хормонска терапија, која ја следат психијатри и ендокринолози.

Но во Србија не е донесен Законот за истополови заедници, иако има Предлог на закон. Причината за одложувањето е отпорот во општеството.

Косово во голема мерка ги има усогласено своите закони со оние на Европската унија. Земјата има закон за родова рамноправност. Во 2014 година, претседателот на Уставниот суд рече дека Косово де јуре не забранува истополови бракови. Сепак, законот за семејство го дефинира бракот како заедница меѓу лица од различен пол. ЛГБТИ активистите тврдат дека тоа е спротивно на Уставот.

Во Босна и Херцеговина нема закон за родова еднаквост. Трансродовите лица, доколку сакаат да го променат полот во личните документи, мора да имаат медицинска документација за „целосна“ медицинска транзиција. Ова значи операција за промена на полот и целосна промена на гениталиите. Според тоа, уписот на родот во матичните книги, според чувство, не е предвиден со постојните закони за матични книги и се однесува на трансродовите лица кои ја завршиле медицинската транзиција.

Босна и Херцеговина нема закон за истополови партнерства. Во земјава има Законот за забрана на дискриминација ги штити лицата од дискриминација, меѓу другото, врз основа на родов идентитет, сексуална ориентација и сексуални карактеристики.

Црна Гора има Закон за родова еднаквост, но тој не дозволува да се внесува полот на личноста во зависност од тоа како се чувствува.

Но, предлог-законот за законско признавање на родот врз основа на самоопределување треба да се утврди најдоцна до крајот на годинава, според програмата за работа на Владата.

„Донесувањето на Законот за правно признавање на полот врз основа на самоопределување ќе им овозможи на трансродовите лица да го променат родовото обележување и матичен број во личните документи, без обврска претходно да вршат медицински интервенции“, се наведува во образложението.

Инаку, Црна Гора во јули 2020 година го донесе Законот за животно партнерство на лица од ист пол.

Законите во Хрватска, како земја членка на ЕУ, дозволуваат промена и на полот и на родовиот идентитет. Операциите за промена на полот се вршат на товар за Фондот за здравство, а промената на родот во изводот од родени го прават матичните служби.

За разлика од промената на полот, што е медицинска постапка за која пациентот мора да даде информирана согласност, промената на родовиот идентитет е управна постапка за промена во матичните книги.

Во обата случаи, клучно е мислењето на Националниот здравствен совет при Министерството за здравство, кој носи одлука за промена на полот или за живот во друг родов идентитет врз основа на медицинската и друга документација. Хрватска има правилник каква документација треба да се поднесе за да се докаже живот во друг родов идентитет.

И Хрватска има Закон за признавање на истополови заедници.

Меѓународната асоцијација за ЛГБТИ „Ренбоу Јуроп“ ги рангира земјите за тоа колку ги почитуваат правата на овие лица. Од земјите од Западен Балкан, Македонија е најниско рангирана, а Црна Гора води.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG