Достапни линкови

Црквата протестира, власта вели само се дебатира – Што е спорно во законите за „род“?


Соборниот храм „Св. Климент Охридски“
Соборниот храм „Св. Климент Охридски“

Епископот Јаков Стобиски тврди дека законот за матична евиденција е во собраниска процедура, а законот за родова еднаквост е на чекор до тоа. Тоа не е точно, категорична е министерката за труд и социјала Тренчевска. Предлог законот за матична евиденција владата го повлече лани во март, а за Законот за родова рамноправност трае јавна дебата и е далеку од собраниска процедура.

Отворање на Пандорината кутија од која секојдневно ќе излегуваат разно-разни родови. Вака го опишува својот страв Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), ако се донесат предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост.

Црквата бара да се повлечат законите, оти со нив ќе се редефинирало целокупното општество и тврди дека се на чекор да бидат усвоени во Собранието.

И двата предлога воопшто не се во Собрание, вели за РСЕ министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Но и покрај тоа МПЦ - ОА повикува на сенароден протест на 29 јуни. МПЦ – ОА објави и дека добила поддршка и од другите верски заедници во државата, Исламската верска заедница, Католичката црква и сите останати во државата и очекува нивно присуство на протестот.

Со овој повик и силна кампања на социјалните мрежи сметаат на одѕив од верниците. Верските заедници во Северна Македонија, пак, ја уживаат најголемата доверба од граѓаните, покажува неодамнешното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦ) подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“.

Пол = Род?

Црквата за прв пат во својата историја организира протест. Досега имало разни повици за прашања од државен интерес, но на протест ги натераа само законите за правата на ЛГБТ заедницата. Законите ни носат едно поинакво значење на поимот род, од тој на кој ние сме навикнати, рече на 27 јуни, епископот Јаков Стобиски, на прес – конференција во името на Синодот на МПЦ-ОА.

„Родот како атрибут на полот, како социјален конструкт на полот не го одвојуваме од полот и аналогно на тоа ако има два пола има и два рода. Овие закони ни носат еден чудовишен конструкт, отвораа една Пандорина кутија, секој ден да излегуваат разно-разни родови, секој да биде што ќе посака. Тоа е нешто на што не сме навикнати, не го сакаме и не го прифаќаме“, рече епископот.

Тренчевска - Не треба да се мешаат поимите родов идентитет, род и пол
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:58 0:00
Директен линк

Тренчевска - Не треба да се мешаат поимите родов идентитет, род и пол

Не треба да се мешаат поимите родов идентитет, род и пол, вели во интервју за Радио Слободна Европа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Законот за родова еднаквост е во надлежност на Министерството за труд, а Законот за матична евиденција под Министерство за правда. Најмалку што треба е да се прави забуна во дефинирањето на род и родов идентитет, додава Тренчевска.

„Полот е биологијата, а родот е социјален конструкт, она што општеството го смета за улога за девојчињата и жените и за момчињата и мажите, и така и треба да се гледаат и тоа е менливо, затоа што и општеството со своите демократски процеси оди напред“, вели министерката.

При подготовка на предлог законите за матична евиденција и за родова рамноправност се користени примери од Европската унија, но и од регионот, оти сите земји од соседството имаат Закони за родова рамноправност, додава министерката.

До каде се предлог законите?

Епископот Јаков Стобиски вели дека законот за матична евиденција е во собраниска процедура, а законот за родова еднаквост е на чекор до тоа, бидејќи, како што рече, втор пат во државата се организираат јавни дебати во однос на законот.

Меѓутоа предлог законот за матична евиденција владата го повлече уште лани во март, за да има поширока дебата и да се исполнат очекувањата на целото општество, вели во интервју за Радио Слободна Европа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, а вториот, предлог Законот за родова еднаквост не стигнал до собраниска процедура оти е во фаза на консултација и досега се одржани 18 јавни трибини.

Јаков - За мал процент добро за 99 проценти ова е диктатура

Епископот вели дека протестот не е насочен против никого, туку против содржината на предлог законите. Со нив можеби ќе се даде поголеми права на поединци или групи, но тоа сериозно ги би загрозило правата на мнозинството.

„Тоа е диктатура“, вели епископот Јаков.

Министерката вели дека секој има право да протестира.

„Не можеме да ускратиме право особено ние кои се бориме за човековите права“, вели министерката за труд. Таа додава дека „вистината ќе излезе на виделина“ и ќе се покаже дека со Законот за родова еднаквост се унапредува положбата на жените во општеството.

Владејачките партии СДСМ и ДУИ под влијание на најавата на протестот што го организира Црквата сега ретерираат за овие закони и оставаат простор за корекции.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека, законите за матична евиденција и за родова еднаквост, такви, какви што се нема да добијат поддршка од него како пратеник на ДУИ.

„И ако е за Европа, ова е последното нешто што треба да се направи за Европа“, рече тој на 26 јуни на брифинг со новинарите.

Лила Милиќ: Секојдневна битка со стигмата и дискриминацијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Што се предлага?

Во предлог законот за родова еднаквост, за кој се дебатира речиси 10 месеци, стои дека:

  • „Пол“ ги подразбира биолошките и психолошките карактеристики врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи.
  • „Род“ ги подразбира општествени својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко, и со односите меѓу жените и мажите и момчињата и девојчињата, како и односите меѓу самите жени и односите меѓу самите мажи.
  • „Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот родот што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може но и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото телото и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и дуго.

Во предлог законот за матична евиденција, пак се отвора прашањето дека транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Предлогот предвидува секој полнолетен граѓанин да има право на правно признавање на родот и дека тоа може да се направи со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.

Односно ќе може лицето да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.

Поддршка за протестот

Повикот на Црквата за протест в четврток, го поддржаа со видео пораки на социјалните мрежи познати музичари, луѓе од културниот живот, лекари...За собирот се организира и бесплатен превоз на луѓето од внатрешноста.

Епископот Јаков вели дека државата и верските заедници се едни од најтолерантните кон ЛГБТИ+ заедницата. Дали сте забележале протести, попречување од страна на Црквата, или говор на омраза кон тие луѓе, прашува епископ Јаков. Напротив, додава тој, Парадата на гордоста помина успешно, со каква успешност ретко кој во соседството може да се пофали.

Тој вели дека не се насочени кон луѓето со поинаква сексуална ориентација, туку против невладините организации, кои, како што вели, под плаштот на заштита на човековите права сакаат да го оковаат во тоталитаризам општеството.

„Тие паради се злоупотребуваат да се испратат пораки на омраза кон верските заедници“, вели тој.

Црквата својот повик за протест против двата закона го објави само ден пред Парадата на гордоста што се одржа на 24 јуни.

Во извештајот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија за Северна Македонија, објавен на 13 октомври се наведува дека земјата тапка во места во однос на остварување на правата на ЛГБТИ. Во него се наведува дека промоцијата на еднаквост и осудата на говор на омраза, криминал од омраза, дискриминација и нетолеранција кон привадните на оваа заедница треба да се систематска.

Ден пред епископот да одржи прес, Комисијата за заштита од дискриминација го прозва епископот Стобиски да се извини, оти, како што утврдила Комисијата, извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Тој во јавни настапи искажал понижувачки, навредливи и деградирачки ставови кон трансродовите лица, кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето

Ако не се извини јавно Комисијата ќе поднесе барање прекршочно да одговара. Веднаш потоа, тој им одговори дека не ги прифаќа нивните препораки и дека е подготвен и да биде суден, но и на многу повеќе.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG