Кога пред четири години Лила Милиќ конечно решава да поднесе документи за промена на полот во личната карта, не верувала дека и во 2022 година постапката уште ќе тапка во место. Иако била родена како машко, отсекогаш била свесна дека е поинаква од своите врсници. И биле потребни многу години за да прифати дека всушност е жена. Сега веќе 37-годишна трансродова жена.
„Најбитното е самоприфаќањето. Кога ќе се самоприфатиш себе си, после другото е многу лесно. Едноставно двојниот живот го оттргнав и почнав да го живеам тоа што сум всушност јас“, вели Милиќ.
Сепак, самоприфаќањето кое и донело олеснување, значело и нова борба, соочување со силна дискриминација и осуди од околината. Посебно на почетокот, кога таа ја започнува својата транзиција. Прво со хормонска терапија, до која за да дојде и биле потребни 9 месеци, бидејќи здравствениот систем не бил подготвен за потребите на трансродовите лица. На посетата на ендокринологот до кој повторно дошла „преку врски“, и претходела и посета на психолог кој ја убедувал дека само треба да си го смени друштвото и нејзиниот проблем ќе биде решен.
Но била упорна да оди понатаму и да се бори со системот кој и правел сопки на секој чекор.
Најтешко и било кога го сменила името во личната карта во женско, додека почнувала со хормонска терапија за која, како што самата ќе каже, и помогнала да ја усогласи нејзината надворешност со нејзината внатрешност. Сепак, институциите не и дозволиле да ја промени и ознаката за полот во документите, што донело многу проблеми.
„Замисли во полна чекална каде што седат пензионери, млади лица, луѓе во средни години и некој вас ве прашува што е ова со вашите документи и вие пред педесетина луѓе треба да се објаснувате зашто вашите документи се такви какви што се. И секако тоа ми создавало притисок, пред се страв од тоа што може да ме очекува потоа. Зашто може некој од чекалната да е хомофобичен, да е трансфобичен... и после напуштањето да дојде по мене и физички да бидам нападната“, раскажува таа.
Долг пат за промена на една буква
Македонија на почетокот на 2019 година пред Европскиот суд за човекови права го изгуби спорот со трансродово лице кое тужеше за повреда на правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјата. Државата беше задолжена да му исплати оштета од 9000 евра, но и да ја поправи законската регулатива. Ова фрли трошка надеж за иднина со помалку стрес и дискриминација врз трансродовите лица. Но не за долго. Две години по пресудата во Стразбур, Владата најави измени на Законот за матична евиденција со кои требаше да се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица. Во 2022 година, законското решение уште стои заглавено во Собранието.
Адвокатката Наташа Бошковска, која го водеше овој случај пред судот во Стразбур е разочарана од бавноста на институциите.
„Всушност и овој закон беше подготвен како обврска на државата да ја спроведе оваа пресуда. За жал, усвојувањето на законот не оди со динамика како што бараме како што очекувавме и еве скоро година дена е заглавен во комисиите во собранието, не е спроведена постапка на прво читање“, вели Бошковска.
Таа укажува дека по пресудата, институциите воспоставиле некаква пракса за промена на податокот за пол, за искуството покажало дека луѓето за ова чекаат од три па и до десет години. Затоа вели дека е неопходно системско решение со новиот закон кој треба да овозможи брзо спроведување на барањето во рок од 30 дена.
„Одлагањето на државата да ги прифати, да ги признае овие луѓе како еднакви на останатите ги изложува на секојдневни повреди на правата, неможност да си ги остварат сите права на здравствена заштита, на социјална заштита, вработување, домување итн. Така што одлагањето на носењето на овој закон ги одлага или ги одолговлекува проблемите на транс луѓето“, укажува таа.
По нејзина проценка, уште десетина лица во моментов чекаат промена на буквата за пол во личната карта. Лила Милиќ е една од нив.
Од Управата за водење матични книги за РСЕ велат дека промената на пол во моментот се врши само по донесување мериторно решение од Државната комисија во втор степен за управни постапки. И таму ги чекаат измените на Законот за матична евиденција.
Информираат дека во последните 10 години извршена е промена на ознаката на пол за 6 лица, а во тек се постапки за уште 4 лица.
„ Лицата согласно постоечкиот закон за матична евиденција во Управата за водење на матичните книги поднесуваат барања за исправка на ознаката на пол и како доказ доставуваат валиден документ за идентификација и извод од матична книга на родените. Некои од лицата кои биле подложени на медицинска интервенција приложуваат и примерок за завршена медицинска интервенција како доказ“, прецизираат од Управата.
Токму потребата за приложување медицинска потврда за извршена промена на полот бил каменот на сопнување при креирањето на новиот закон, открива пратеничката Маја Морачанин, која е координаторка на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето. Како докторка по професија, појаснува дека и медицинската наука го менува ставот за транс луѓето, па оттука смета дека апсолутно треба да се почитува „самоопределувањето и самоидентификацијата за неговиот или нејзиниот род“.
Вели дека планот бил во февруари законот да се стави на јавна расправа во собранието, што повторно не се случи.
„Многу се доцни навистина, претпоставувам дека пратениците веројатно не се согласуваат со овие еве вакви законски решенија и дилемите коишто ги имаат веројатно се причината поради која овој закон е заглавен. Мојот став е дека законот е добар, на крајот и ова законско решение е резултат на компромис и крајно време е навистина да им го олесниме животот на трансродовите луѓе и да им дозволиме подостоинствен живот“, додава Морачанин.
Проманата на пол како невозможна мисија
Лила Митиќ нема медицинска потврда дека е жена. Последната операција, онаа за промената на полот засега е само далечен план, бидејќи чини десетина илјади евра, пари кои во моментов ги нема.
Пред неколку години, непосредно пред парадата на гордоста, тогашниот министер за здравство Венко Филипче најави дека се планира оваа операција да се стави на товар на Фондот за здравствено осигурување. Поради негодувањето на јавноста, веќе следниот ден Филипче ја повлече ваквата најавата. Од Фондот појаснуваат дека на нивен товар, согласно Законот за здравствено осигурување се само здравствени услуги од болничката здравствена заштита за лекување заради подобрување на здравствената состојба на осигуреникот.
„Имено, не постои ниедна медицинска индикација дека промената на полот ќе го подобри здравјето на осигуреното лице. Поради тоа, за ваков вид на здравствени услуги, Фондот нема формирано пакет ниту утврдено референтни цени, од каде произлегува дека овој вид на здравствена услуга не е на товар на средствата на Фондот“, стои во одговорот од Фондот.
Оттаму посочуваат дека немаат податоци за тоа колку вкупно трансродови лица добиваат терапија во земјава. Велат дека многумина се обраќаат во различни установи или лекари во земјава и странство, најчесто од приватна пракса, а терапија порачуваат и онлајн.
Според податоците со кои располага Фондот, во моментов хормонска терапија на нивен товар примаат само 2 или 3 лица, на кои од специјалист им е одредена дијагноза F.64 (трансексуализам).
Живот со дискриминација и предрасуди
Сведоштвата на трансродовите луѓе се застрашувачки, а насилството е присутно на нивоа, вели истражувачот Славчо Димитров, кој пред три години го објави истражувањето за трансродовото искуство во Македонија. Неколку години подоцна, ништо не е сменето, забележува тој.
„Движењето по улица е движење исполнето со страв и несигурност, со постојана контрола за сопствениот изглед, за знаците коишто доаѓаат од средината и страв дека во секој момент може да бидат нападнати, да им биде дофрлано да бидат гледани чудно на улицата. Особено оние транс лица, тоа е најголемиот дел од нив, кои што немаат направено операција за потврдување на родот, коишто не толку лесно можат да пројдат како машки и женски, односно со родот со којшто се идентификуваат и изразуваат“, вели Димитров.
Освен на улица, вели Димитров, трансфобијата е широко распространета и во образованието, здравството, но и останатите институции. Транс луѓето не можат да живеат скриени во 4 ѕида, дециден е Димитров.
„Сите ние постоиме како социјални, како политички битија, тоа подразбира дека како такви ни се потребни јавната сфера и јавниот простор, пристапот до инфраструктура, до социјални мрежи и пристапот до видливост. Никој еден човек од нас не е изолиран остров кој може да постои без минимално признавање и препознавање на неговата човека димензија од другите“, заклучува истражувачот.
Денес Лила Милиќ е горда транс жена. Понекогаш исплашена, на моменти и премногу внимателна, но подготвена да истапи и да зборува гласно. Секојдневно комуницира со транс лица од земјава во обид да им помогне полесно да се изборат со системот. Се надева дека многу брзо буквата „Ж“ ќе ја замени „М“ во нејзината лична карта.
„Денеска ми е мило дека луѓе многу ретко ме препознаваат на улица дека сум трансродова личност, многу ретко ме препознаваат дека некогаш сум била машко, и тоа едноставно ме усреќува и ме прави да не чувствувам притисок дека треба некому да се оправдувам, која сум и што сум“, вели Милиќ.