Таканаречениот „Прајд“ според организацијата Амнести Интернешнал зазема повеќе форми: од карневалски маршови до прикажување на филмски проекции и дебати, тоа е момент на прослава на луѓето кои се маргинализирани со строги дефиниции на тоа што значи да се биде маж или жена.
Противниците на овие настани имаат најлоши зборови за ЛГБТИ луѓето и сметаат дека не мора на тој начин да ја покажуваат нивната сексуална ориентација. Од друга страна, поддржувачите ја истакнуваат важноста да се испрати јасна порака против дискриминација од секаков вид.
Прајд настаните се организираат во текот на цела година, во зависност од земјите каде се одржуваат. Во Европа и Америка сезоната обично започнува во јуни, кога луѓето од ЛГБТИ заедницата покажуваат дека се горди на тоа што се.
Фестивалите на гордоста се забранети во некои земји низ светот, вклучително Русија, Саудиска Арабија, Уганда и од неодамна Турција.
Гордоста, според организациите за човекови права, го слави движењето на различните луѓе од ЛГБТИ заедницата и го засилува повикот за почитување и заштита на нивните права.
„Парадата на гордоста е мирен протест на кој ЛГБТИ луѓето излегуваат да ја покажат својата видливост и оти е потребна заштита, еднаквост и слобода“, велат активисти за прва на ЛГБТИ заедницата во Македонија.
Амнести Интернешнал објаснува дека сексуалната ориентација е лично прашање за секоја индивидуа и оти од неа зависи како ќе одлучи да ја дефинира, а оти за некои луѓе тоа се менува во текот на времето.
Сексуалната ориентација вклучува лезбејка, односно жени кои ги привлекуваат жени, геј – мажи кои ги привлекуваат мажи, бисексуалци кои ги привлекуваат и мажи и жени, пансексуалци кои ги привлекуваат поединци без разлика на полот и асексуалци коишто сексуално никој не ги привлекува.
Трансродови лица се индивидуи чии родов идентитет се разликува од оној со кој се родиле, но не секое трансродово лице се идентификува како маж или жена.
Некои од нив се идентификуваат со повеќе од еден пол или, пак, како воопшто да немаат пол. Интерсексуалец значи лице кое е родено со сексуални карактеристики кои се разликуваат од машките и женските особини, велат организациите за човекои права.
ЛГБТИ луѓето во многу случаи се тепани и малтретирани на улици, а во некои случаи и убивани поради тоа што се.
Некогаш непријателствата кон ЛГБТИ луѓето се поттикнати од самите влади, како што наведува „ИЛГА“ - најголемата меѓународна организација за унапредување на правата на луѓето од ЛГБТИ заедницата.
Унапредени правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија
Во Македонија овој месец ќе се одржи првата Парада на гордоста во главниот град Скопје. Според активистите од земјава, таа има за цел да го сврти вниманието на јавноста на проблемот со стигматизацијата на лицата од ЛГБТИ заедницата.
Во земјава, според домашните организации за заштита на правата на ЛГБТИ луѓето, дискриминацијата освен на приватни места, присутна е и во државните институции, а говорот на омраза деновиве бележи голем пораст.
Но, активистите велат дека со донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, промената на Кривичниот законик и Законот за медиуми, состојбата е подобрена и правата на ЛГБТИ луѓето се унапредени.
Со промената на регулативите, говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет е кривично дело. Земјата оваа година е рангирана на 34 место од страна на „ИЛГА Европа“, додека минатата година Македонија беше на 41 место од вкупно 49 земји во Европа.
Сепак, ЛГБТИ активистите велат оти е потребно уште многу да се работи. Доследното спроведување на законите, според нив ќе значи вистинска заштита на правата.
Приоритет, велат тие, е професионалниот избор на членови на Комисијата на заштита од дискриминација, како и усогласувањето на законите во други области за сеопфатна заштита на човековите права на ЛГБТИ лицата.
„Тоа значи дека ќе се работи на повеќе полиња, од кои едно е образованието. Сè уште имаме огромен број на учебници кои не се променети, со дискриминаторска застарена содржина, која навистина прави штета сите овие години и дополнително ги зацврстува тие стигми и предрасуди, неточни и ненаучни знаења за ЛГБТИ луѓето“, вели Елена Петровска – ЛГБТИ активистка од организацијата „ХЕРА.“
Дискриминација и говор на омраза
Според последните истражувања на граѓанските организации, дискриминацијата на ЛГБТИ лицата слабо се препознава во општеството.
Податоците покажуваат дека постои дискриминација во државни институции, но и на приватни места, а мал е бројот на пријави главно поради недоверба на ЛГБТИ луѓето во државните институциите и поради нивниот страв од етикетирање од страна на службениците.
„Има различни случаи кои и Комисијата за заштита од дискриминација ги има во своите годишни извештаи: на пример трансродово лице не може да користи базен заради тоа што е со различен родов идентитет или луѓе од ЛГБТИ заедницата се избркани од кафуле, а кафулето е празно и со тоа се прави директна дискриминација само затоа што некој смета дека хомосексуалците или други лица од ЛГБТИ заедницата не може да седат во тоа кафуле“, вели Петровска.
Говорот на омраза исто така е посебен аспект на проблемот. Активистите велат дека оваа појава поминува неказнето и оти особено има зголемен говор на омраза на социјалните мрежи по објавувањето дека Парада на гордоста ќе се одржи во Скопје.
На повиците за убиства нема реакции од институциите, вели Петровска, посочувајќи дека тие повици лесно можат да станат и дела од омраза.
„Она што особено не загрижува е апсолутното нереагирање на институциите. Имаме една статистика од кампањата „Не суди кој кого љуби“, во која учествуваа членови на интерпартиската парламентарна група, пратеници од нашето Собрание. Кампањата одеше во текот на еден месец и имаше огромен број коментари со говор на омраза: од вкупно 250 коментари на неколку видеа, 170 според закон беа окарактеризирани како говор на омраза. Сите до еден се пријавени во одделот на МВР специјализиран за тие пријави, но за жал до ден денес ниту една пријава воопшто не е реализирана, ниту сме слушнале дека некој од тие кои вршат говор на омраза е повикан на разговор во полициска станица“, вели Петровска.
Според неа полицијата и обвинителството имаат познавања да ги процесираат овие случаи, но игнорирањето, како што вели, го покажува нефункционалниот систем.
Стотици илјади на најголемата Парада на гордоста во Тел Авив
„Прајд паради“ се одржуваат во многу градови во светот. Од Лос Анџелес, преку Рио де Жанеиро, до Токио, од Лондон преку Виена до Тел Авив. Токму во Тел Авив деновиве беше одржана најголемата парада во поддршка на ЛГБТИ заедницата во светот. На неа, според организаторите, учествувале над 250.000 луѓе меѓу кои и 30.000 од странство.
Гоце Атанасов
Најголемата парада на гордоста, не само на Блискиот Исток, туку и во светот, привлече стотици илјади луѓе на улиците на Тел Авив во Израел. Учесниците облечени во боите на виножитото бараа поддршката за правата на хомосексуалците.
Ваквите барања се сè пошироко распространети во Израел, каде што припадници на ЛГБТИ заедницата служат во војската и учествуваат во работата на парламентот, но сé уште немаат целосна еднаквост во општеството.
Елисете Ретер, жител на Тел Авив и учесник на парадата рече дека станува збор за „важен ден“, бидејќи „геј правата мора да бидат признати“.
„Се чувствувам одлично, бидејќи овој ден е многу важен за целиот свет, бидејќи правата на хомосексуалците мора конечно да се признаат. Јас сум од Бразил и се чувствувам како да сум на голем карневал и ја сакам геј заедницата, но, јас сум активист за геј заедницата.“
Широкото прифаќање на културата на ЛГБТИ заедницата му помогна на Израел да се појави како една од најпознатите туристички дестинации во светот, а секуларниот Тел Авив, посебно да се прослави како центар на хомосексуалната култура.
Тоа е во остар контраст со остатокот од Блискиот Исток, каде што членовите на ЛГБТИ заедницата често не се толерирани и постојано се прогонувани. Американскиот турист Дејл Карлсон вели дека му е „чест“ што може да биде сведок на парадата.
„Мислам дека е одлично што мојата посета тука во Израел се совпаѓа со Неделата на Прајд парадата. Со нетрпение очекувам да видам дека луѓето доаѓаат заедно со љубов и поддршка на ЛГБТ правата, а особено тука во Израел.“
На слично мислење е и Марија, од Австралија: „Вибрациите тука се феноменални, сите се високо, сите се на различно ниво. Денес Тел Авив е поинаков.“
Лат, учесник од Германија пак вели: „Дојдовме овде, зашто околу вас, има 200.000 луѓе, сите слават еднаквост, разновидност и гордост.“
Алекс, од Сан Франциско додава: „Се венчав во Израел во јануари, но ние сме на парадата затоа што ги поддржуваме сите да го живеат својот вистински живот, да бидат свои и да слават како сите луѓе.“
Пред четири години во Тел Авив во текот на парадата била убиена една 16 годишна Израелка. Полицијата пред годинашната парада соопшти дека уапсиле 17 луѓе кои имале намера да го спречат настанот.
Парадата на гордоста ги покажува длабоките поделби меѓу секуларните и ултраортодоксните Евреи во Израел. Овие вторите на прифаќаат јавно изразување на хомосексуалноста, наведувајќи дека тоа е навреда за еврејското верско право.
Како и да е, во почетокот на јуни премиерот Бенјамин Нетанјаху за министер за правда го постави пратеникот на својата конзервативна Ликуд партија Амир Охан кој е прв деклариран геј министер во историјата на Израел.
Инаку, репутацијата на Израел како пристаниште на ЛГБТ заедницата предизвика критичарите да ја обвинат земјата дека ја користи нејзината толеранција за либералната хомосексуална култура како алатка за брендирање за да ги прикрие нејзините нарушувања на палестинските права.
Протестна порака на Парадата на гордоста во Скопје
Активистите во Македонија велат дека Парадата на гордосата во Скопје ќе биде настан како и сите други и оти очекуваат полицајата да го обезбеди со макимална професионална проценка каде ќе се гарантира безбедноста на сите учесници.
Ирена Цветковиќ од Организациониот одбор вели дека земјава е последна во регионот, заедно со Босна и Херцеговина, каде не е одржана Парада на гордоста, а целта на овие прошетки, како што посочува, е помалку славење, а многу повеќе протестна порака.
„Целта е повторно да ги отвориме прашањата за човековите права на ЛГБТИ луѓето, а во однос на поддршката очекуваме да ја добиеме од сите. Ќе видиме дали тоа навистина ќе се случи, но важно е бидејќи одржувањето на успешна парада на гордоста не е само придобивка или победа на ЛГБТИ заедницата, туку е и придобивка на државата и демократските општества“, вели Цветковиќ.
Таа додава дека одржувањето на Парадата на гордоста ќе ја покаже и зрелоста на државата.
„Свесни сме дека овие денови има сериозен говор на омраза, повици за линч и насилство, но сега се на ред институциите на системот да видиме како тие ќе се покажат, бидејќи тие институции се задолжени секој граѓанин и граѓанка на оваа земја да се чувствува безбедно и да може да ги практикува своите права, меѓу кои и правото на мирен собир“, вели Цветковиеќ.
Елена Петровска вели дека на Парадата на гордоста во Скопје ќе биде мирен собир каде ќе бидат претставени протестните пораки до јавноста, за ЛГБТИ луѓето да ја покажат својата видливост дека им е потребна заштита и еднаквост.
„ЛГБТИ заедницата во Македонија е една од најмаргинализираните заедници и кога ќе кажат луѓето зошто да ги гледаме во јавност да парадираат, тоа е заради тоа што двојните аршини и негирањето на институциите се кршат на плеќите на луѓето на ЛГБТИ заедницата“, вели Петровска.
Според податоците на Амнести Интернешнал, истополова сексуална активност е криминал во 70 земји во светот, а во девет земји за тоа може да се добие и смртна казна, вклучително Иран, Саудиска Арабија, Судан и Јемен.
Во Бангладеж активисти на ЛГБТИ се убивани од страна на вооружени групи со мачети, а полицијата и владата не обезбедуваат правда за семејствата на жртвите.
Според податоците на „ИЛГА“, Шведска и Португалија се земји во Европа кои обезбедуваат уставна заштита против дискриминација врз основа на сексуална ориентација.
Такви права за ЛГБТИ луѓето се загарантирани и во Мексико, Боливија, Еквадор, Јужна Африка и Непал, што значи можност за брак или други форми на правно здружување на двојки од исти пол, како и можност за посвојување деца. Во 52 други земји правните системи гарантираат широка правна заштита на ЛГБТИ луѓето.