Достапни линкови

Зеленски во Берлин, Германија вети 3 милијарди долари за Украина


Зеленски и Шолц во Берлин, 14 мај 2023
Зеленски и Шолц во Берлин, 14 мај 2023

Украинскиот претседател во Берлин дојде на клучни разговори, само еден ден откако Германија ја најави најголемата помош за Украина до сега

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа клучни состаноци со германските лидери во Берлин, веднаш откако Германија објави пакет воена помош од 3 милијарди долари за да му помогне на Киев во неговата борба против руската инвазија.

„Веќе сме во Берлин. Оружје. Моќен пакет. ПВО. Реконструкција. ЕУ. НАТО. Безбедност“, напиша Зеленски на Твитер рано на 14 мај, по пристигнувањето од Италија во Германија, под силно обезбедување.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го пречека Зеленски во Шлос Белви, неговата официјална резиденција во Берлин, каде што двајцата лидери требаше да разговараат заедно со по четворица советници.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави украинскиот лидер со воени почести во канцеларијата пред да одржи разговори еден на еден.

Се очекува Зеленски да отпатува и во градот Ахен за да ја прими престижната награда Карло Велики.

Зеленски изрази благодарност до Германија додека ја потпишуваше книгата за посетители во резиденцијата на германскиот претседател.

„Во најпредизвикувачкиот период во модерната историја на Украина, Германија се покажа како наш вистински пријател и сигурен сојузник, кој одлучно стои рамо до рамо со украинскиот народ во борбата за одбрана на слободата и демократските вредности“, напиша Зеленски.

Во пресрет на неговото пристигнување, Германија објави нов пакет воена помош за Украина во вредност од над 3 милијарди долари, вклучувајќи тенкови, противвоздушни системи и муниција.

„Сите се надеваме на брз крај на оваа ужасна војна на Русија против украинскиот народ, но за жал тоа не е на повидок“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус во изјавата.

Пакетот вклучува 20 пешадиски борбени возила Мардер, 30 тенкови Леопард 1, 15 противвоздушни тенкови Гепард, 200 извидувачки беспилотни летала, четири дополнителни противвоздушни системи Ирис-Т вклучувајќи муниција, дополнителна артилериска муниција и повеќе од 200 оклопни борбени и логистички возила.

Германија беше критикувана од многумина во Украина за нејзината неподготвеност да испрати тешко вооружување во Киев за нејзината битка против руските сили. Најновиот пакет помош е најголемиот во Берлин од инвазијата во февруари 2022 година.

Патувањето на Зеленски во Германија доаѓа откако украинскиот лидер доби гласна поддршка на 13 мај од италијанските лидери во Рим и во Ватикан, каде папата Франциско повика на „хуманитарни гестови кон најкревките луѓе, невините жртви на конфликтот“.

XS
SM
MD
LG