Достапни линкови

Вести

Дојави за бомби на црногорските аеродроми, сообраќајот не е прекинат

Илустрација - Архивска фотографија од аеродромот во Подгорица
Илустрација - Архивска фотографија од аеродромот во Подгорица

„Аеродроми на Црна Гора“, на 13 мај, соопштија дека нешто по 9 часот добиле одредени закани по телефон, поради што се зголемени безбедносните проверки на аеродромите во Подгорица и Тиват, пренесува агенцијата Бета.

Сообраќајот не беше во прекин, соопштија од компанијата, а од подгоричкиот аеродром соопштија дека во Подгорица бил вратен еден авион на дополнителна контрола. По детална проверка, авионот на „Аустриан ерлајнс“ полетал од аеродромот во Подгорица во 10.52 часот. Инаку, летот беше планиран за утрово во 07:00 часот.

Полициската управа соопшти дека персоналот на аеродромите во Подгорица и Тиват ги известил дека добиле телефонски повици од број од странство, со заканувачки содржини во однос на безбедноста на авионот.

„Полициската управа согласно утврдените процедури презема мерки и дејствија од нејзина надлежност, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштија од Управата на полицијата.

Поради дојава за наводно поставена бомба, на аеродромот во Подгорица биле испратени антидиверзантски увидни екипи за да се отстранат сите сомнежи.

Полициската управа соопшти дека персоналот на аеродромот во Подгорица и аеродромот Тиват ги известиле дека примиле два повици од странски број со заканувачка содржина за безбедноста на авионот.

Според податоците на веб-страницата на аеродромот во Подгорица, може да се забележи дека авионскиот сообраќај се одвива непречено.

види ги сите денешни вести

Почна судењето за отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол

Претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство
Претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство

Централниот окружен суд во Сеул денеска (14 април) го отвори процесот против отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство, јави ДПА.

Според агенцијата „Јонхап“, 64-годишниот Јун избегнал средба со новинарите и влезе во судот преку подземната гаража.

На почетокот на рочиштето, обвинителството го прочитал обвинителниот акт, по што Јун доби можност да одговори на обвинувањата. Се очекува во текот на денот да започне и сослушувањето на сведоци.

Обвиненијата се однесуваат на краткотрајното воведување воена состојба во декември, што Јун го прогласи за време на жесток спор во парламентот околу државниот буџет. Иако мерката траеше само неколку часа, предизвика сериозна политичка криза.

Јун подоцна беше подложен на постапка за импичмент, а на 4 април Уставниот суд официјално го отстрани од функцијата.

Сведоци од армијата тврдат дека Јун наредил пратениците насила да бидат исфрлени од пленарната сала, во обид да спречи гласање што можело да ја укине воената состојба.

Јун ги отфрла сите обвинувања.

Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со доживотна затворска казна, а теоретски останува можност и за смртна казна, иако во Јужна Кореја не се извршени егзекуции од доцните 1990-ти.

Унгарскиот парламент треба да гласа за забрана за собири на ЛГБТК припадниците

илустрација
илустрација

Пратениците во Унгарија денеска (14 април) треба да гласаат за контроверзниот уставен амандман кој активистите за човекови права го опишаа како сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето и дополнително да ги ограничи човековите права.

Амандманот, поддржан од премиерот Виктор Орбан и неговата десничарска популистичка партија Фидес, се обидува да ја внесе неодамнешната забрана за Прајд во уставот, дозволувајќи им на властите да користат софтвер за препознавање лица за да ги идентификуваат учесниците и потенцијално да ги казнат.

Според владата, амандманот има за цел да го заштити физичкиот, менталниот и моралниот развој на децата, а во исто време уставно да се признае постоењето на само два пола, со што се отвора патот за отфрлање на родовите идентитети од страна на некои граѓани во Унгарија, пишува Гардијан.

Откако Орбан постојано тврдеше дека странци се мешаат во унгарската политика, уставниот амандман вклучува и можност за привремено суспендирање на унгарското државјанство за лицата со двојно државјанство за кои властите сметаат дека се закана за безбедноста или суверенитетот на земјата.

Унгарскиот Хелсиншки комитет, здружение за човекови права, го опиша амандманот како начин за легално ширење страв во земја-членка на ЕУ.

„Овие закони претставуваат сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето, да ја ослабне заштитата на човековите права и да го зацврсти своето владеење“, се вели во соопштението.

Опозициската партија Моментум предупреди на сличности со ограничувањата во Русија.

Како Владимир Путин, Орбан се обидува да се прикаже себеси како бранител на традиционалните семејни вредности, воведувајќи мерки како што се забрана за посвојување деца од истополови парови и исклучување на ЛГБТК+ темите од училишните програми.

Моментум преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да им се придружат во денешното блокирање на зградата на Собранието, во обид да го спречат гласањето на законот.

Уставниот амандман се очекува да биде усвоен речиси еден месец откако пратениците забрзано го следеа законот за забрана на јавните ЛГБТК+ настани. Оттогаш, илјадници луѓе протестираат на улиците, блокирајќи ги мостовите и главните патишта со пароли како „демократија“ и „собирот е основно право“.

Орбан и неговата влада тврдат дека нивната цел е да ги заштитат децата од она што тие го нарекуваат сексуална пропаганда, но аналитичарите посочуваат дека тоа е предизборна стратегија во која малцинството ЛГБТК+ се користи како жртвено јагне за мобилизирање на конзервативниот електорат.

По објавувањето на веста за забраната на Прајдот минатиот месец, 22 европски амбасади во Унгарија - меѓу кои британската, француската и германската - издадоа заедничка изјава во која изразија длабока загриженост дека законот може да доведе до ограничување на правото на мирно собирање и слободата на изразување.

Организаторите на Будимпешта Прајд, кој редовно собира десетици илјади луѓе, рекоа дека и покрај се, планираат овогодинешната парада да ја одржат на 28 јуни.

Унгарскиот Хелсиншки комитет, Унгарската унија за граѓански слободи, Амнести интернешнал и здружението Хатер ја повикаа Европската комисија да покрене постапка против унгарската влада, тврдејќи дека последните измени го прекршуваат правото на Европската Унија.

Калас: Дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас

Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.

„Гледаме како тензиите растат (во регионот) и дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување“, истакна Калас.

Таа додаде дека синоќа (13 април) заедно со европските министри за надворешни работи присуствувала на вечера со колегите од Западниот Балкан на која, како што рече, разговарале и дискутирале со пријателите од регионот.

Калас нагласи и дека деновиве сме сведоци на најсмртоносните напади во руската инвазија врз Украина, во кои се убиени голем број цивили.

„Помина веќе е еден месец од кога Украина се согласи на безусловен прекин на огнот, но тоа не го гледаме од руска страна. Она што е јасно, е дека треба повеќе да ја поддржуваме Украина“, рече Калас.

Таа изрази задоволство што веќе се остварени две третини од нејзината иницијатива за обезбедување муниција за Украина, но дека ЕУ треба да направи повеќе, потсетувајќи дека оваа година европските земји се обврзаа на 23 милијарди евра поддршка за земјата, што е повеќе од минатата година, но дека треба и да се изврши и притисок врз Русија за да ја запре војната.

Високата претставничка информира дека на Советот ќе се разговара и за соработката на ЕУ со земјите од Африка и за засилување на европскиот ангажман на овој континент, како и за состојбата на Блискиот Исток, поврзано со можното олеснување на санкциите кон Сирија и за напорите за запирање на „ужасната загуба на животи“ во Газа.

Најмалку четворица повредени по напад со дронови врз Одеса

Одеса, Украина
Одеса, Украина

Одеса и регионот беа нападнати од над 10 дронови од Црното Море, објави градоначалникот на градот Генадиј Труханов на апликацијата Телеграм.

„Во градот одекнаа силни експлозии“, додаде тој.

Според прелиминарните информации, најмалку четири лица се повредени во нападот, изјави претседателот на Регионалната воена управа на Одеса, Олег Кипер.

„Непријателот ја нападна Одеса и регионот со беспилотни летала, предизвикувајќи штета на цивилната инфраструктура и автомобили“, напиша Кипер на Телеграм.

Остатоците од пресретнатата цел предизвикале пожар. Сите надлежни служби ги елиминираат последиците од нападот, додаде претседателот на Регионалната воена управа на Одеса.

Претходно локалните канали објавија дека освен кон Одеса, борбени дронови се упатуваат и кон приморските градови Черноморск и Јужни.

Властите ги повикаа жителите да се засолнат во засолништата за бомби.

Протест на транспортните работници во Софија

илустрација
илустрација

Возачите од градскиот превоз во Софија денеска (14 март) излегуваат на протест, што може да предизвика блокади и отежнато движење во градот.

Националниот протест, под мотото „Достоинствен труд – достоинствена плата! Без превоз, нема економија!“ е организиран од синдикатите на транспортните работници.

Од 8:00 часот се очекува демонстрантите да ги блокираат сообраќајните раскрсници во центарот на Софија, а дел од акциите вклучуваат и привремено попречување на работата на метрото, јави БТА.

Околу 11:00 часот, протестот ќе продолжи со марш кон Министерството за финансии и Градската управа.

Главното барање на транспортните работници е државата итно да обезбеди дополнително финансирање за секторот, со цел подобрување на платите и социјалната сигурност.

Од синдикатите нагласуваат дека моменталните предлози за зголемување на платите во Софија се недоволни.

Макрон: Потребни се „силни мерки“ за да се принуди Москва да прекине со огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон, архивска фотографија
Францускиот претседател Емануел Макрон, архивска фотографија

Францускиот претседател Емануел Макрон на 13 април изјави дека се потребни „силни мерки“ за да се принуди Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина, по крвавиот напад на руските сили врз градот Суми.

„Сите знаат: оваа војна ја започна самата Русија“, напиша Макрон на социјалната мрежа Х на 13 април.

„Дури и денес е јасно дека самата Русија избира да го продолжи ова – со јасно непочитување на човечките животи, меѓународното право и дипломатските напори на претседателот (Доналд) Трамп“, изјави Макрон, јавува новинската агенција Франс прес.

„Потребни се силни мерки за да се наметне прекин на огнот на Русија“, рече Макрон, додавајќи дека нападот предизвикал „бројни цивилни жртви, вклучително и деца“.

Во рускиот ракетен напад врз центарот на Суми, најмалку 32 лица загинаа, а 99 се ранети, соопшти Украина, додавајќи дека меѓу жртвите има и деца.

САД планира договор за технологија за нуклеарна енергија со Саудиска Арабија

Архивска илустративна фотографија, март 2025 година од саудискиот престолонаследник и премиер Мохамед бин Салман, десно, и американскиот државен секретар Марко Рубио во Кралската палата во Џеда, Саудиска Арабија.
Архивска илустративна фотографија, март 2025 година од саудискиот престолонаследник и премиер Мохамед бин Салман, десно, и американскиот државен секретар Марко Рубио во Кралската палата во Џеда, Саудиска Арабија.

Соединетите Држави ќе потпишат прелиминарен договор за цивилна нуклеарна технологија со Саудиска Арабија, најави на 13 април американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, означувајќи значаен чекор во врските меѓу двата сојузници.

Се верува дека договорот е дел од американските напори за поттикнување на нормализацијата меѓу Израел и богатата со нафта Саудиска Арабија.

Следниот месец кралството треба да биде дестинација на првото патување во странство на претседателот Доналд Трамп по преземањето на функцијата за неговиот втор мандат.

Рајт на прес-конференција во Ријад најави дека наскоро ќе бидат објавени деталите за нуклеарната соработка меѓу неговата земја и Саудиска Арабија.

„Мислам дека на краток рок, ќе потпишеме поширок договор за соработка во енергетскиот простор, во партнерства, во инвестиции, во истраги. Нуклеарната е секако една од тие области“, изјави Рајт во интервју за арапската државна телевизија.

Во последниве години, имаше шпекулации за тоа дали Саудиска Арабија би можела да биде следната арапска земја што ќе ги нормализира односите со Израел.

Двете нации се сојузници на САД, а Вашингтон одигра клучна улога во посредувањето на зближувањето меѓу Израел и другите арапски држави во 2020 година.

Со посредништво на САД, во септември 2020 година беа договорени формални врски меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои се членки на Заливскиот блок предводен од Саудиска Арабија.

Во септември 2023 година, де-факто владетелот на Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бин Салман, потврди чекори кон нормализирање на односите со Израел.

Бугарија го доби првиот американски борбен авион

Илустрација
Илустрација

Бугарија во неделата го доби својот прв борбен авион Ф-16 од американско производство, нарачан како дел од историските напори на членката на НАТО од источното крило за модернизација на нејзините воздушни сили.

За да ги замени своите авиони МиГ-29 од советската ера, Бугарија нарача 16 американски Ф-16 за цена од околу 2,4 милијарди евра, што е најголемиот договор за ремонт на нејзините вооружени сили од падот на комунизмот во 1989 година.

На церемонијата по повод испораката на авионот во воената база Граф Игнатиево во централна Бугарија, премиерот Росен Јелиазков рече дека присутните ја слават „неумоливата и неповратна модернизација“ на бугарската армија.

Американскиот одбранбен претставник Дејвид Бејкер ја поздрави испораката на авионот како „значајна пресвртница“.

„Вашите инвестиции денес ќе ја подобрат безбедноста на Бугарија во наредните децении и ќе ви овозможат дополнително да придонесете НАТО да стане најголемиот воен сојуз во историјата“, додаде Бејкер.

По првата испорака во недела, до крајот на 2025 година треба да бидат испорачани уште седум Ф-16, а останатите осум ќе пристигнат до 2027 година.

Бугарија, која минатата година ја прослави 20-годишнината од влезот во НАТО, долго време ја одложува модернизацијата на воздухопловните сили од политички и финансиски причини.

Но, како и со другите источни членки на одбранбената алијанса предводена од САД, руската инвазија на Украина принуди да се преиспита нејзината одбранбена положба.

Најсиромашната членка на Европската унија сега троши повеќе од основната линија на НАТО, два проценти од националното производство за одбрана - иако сè уште е далеку под петте проценти што сега ги бара американскиот претседател Доналд Трамп.

Како резултат на нејзината застарена флота, на борбените пилоти во земјата им недостига обука, според владиниот извештај од 2024 година, кој исто така укажува на недостаток на квалификуван персонал.

Во јуни 2021 година, бугарски пилот загина откако неговиот МиГ-29 се урна за време на воена вежба во Црното Море.

Во септември 2024 година, уште двајца војници беа убиени за време на тренинг лет за аеромитинг.

Османи:Судан го призна Косово

Косовската претседателка Вјоса Османи и суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција
Косовската претседателка Вјоса Османи и суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција

Судан, земја на североистокот на Африка, ја призна независноста на Косово во саботата, објави косовската претседателка Вјоса Османи. Таа во објава на социјалната мрежата Х порано позната како Твитер изјави дека Косово и Судан се договориле да воспостават дипломатски односи.

„Ова е почеток на едно големо партнерство“, напиша Османи.

Признавањето од Судан е второ за неколку недели за Косово, откако на крајот на март го призна уште една африканска земја, Кенија.

Во видеото заедно со суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Османи рече дека ја информирал за одлуката на суданскиот претседател да го признае Косово и да воспостави односи меѓу двете земји.

Признавањата од Кенија и Судан доаѓаат по период на стагнација во процесот на меѓународно признавање на Косово. Пред нив, последната земја што го призна Косово беше Израел, во 2021 година.

Судан сега стана 119-та земја што го призна Косово. Претходно Србија ја осуди одлуката на Кенија да го признае Косово и рече дека тоа може да влијае и на односите на Белград со таа африканска земја.



Авторот на книгата „Признавање на државите“,Гезим Висока, смета дека доколку се вклучат институциите, ова може да биде „пресвртница во корист на Косово“.

„Признавањето на Кенија претставува добра можност за Владата на Косово, но и за другите ангажирани актери, да ја вратат динамиката и да работат на одржлив и стратешки начин со цел да се заврши процесот на меѓународно признавање на Косово“, изјави тој за Радио Слободна Европа.

Судан го призна Косово околу три недели подоцна.

Висока, професор по мировни и конфликтни студии на Универзитетот во Даблин во Ирска, вели дека во иднина Косово треба да цели на 10 до 12 признавања во рок од една година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази страв дека признавањето на Кенија може да го поттикне трендот на признавање на Косово.

update

Најмалку 30 луѓе загинаа во руски напад врз украинскиот град Суми

Последиците од рускиот напад врз Суми. 13 април 2025 година
Последиците од рускиот напад врз Суми. 13 април 2025 година

Над 30 лица загинаа во руски ракетен напад врз украинскиот град Суми во неделата, соопштија официјални лица. Меѓу убиените има и две деца. Ранети се најмалку 84 лица, меѓу кои 10 деца.

Две балистички проектили изутринава го погодија срцето на градот додека луѓето се собраа да ја прослават христијанскиот празник Цветници, велат официјални лица.

Видеата објавени од местото на настанот на официјалните канали покажуваат тела на земја среде остатоци и чад околу центарот на Суми.

„На овој светол празник Цветници, нашата заедница претрпе страшна трагедија“, напиша вршителот на должноста градоначалник Артем Кобзар на социјалните мрежи.

„За жал, веќе знаеме за повеќе од 20 смртни случаи“, додаде тој.

Најмалку 21 лице загина како резултат на нападот, соопшти Канцеларијата на јавниот обвинител, повикувајќи се на првичните резултати од истрагата.

Повредени се уште 83 лица, меѓу кои седум деца, напиша на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека спасувачките напори се во тек и рече дека „десетици“ биле убиени во двојниот ракетен напад.

„Според прелиминарните информации, десетици цивили се убиени и ранети. Само гнасно ѓубре може да дејствува вака, да ги одземе животите на обичните луѓе“, рече Зеленски.

Зеленски, исто така, повика на глобален одговор на нападот.

„Разговорите никогаш не ги запреа балистичките ракети и воздушните бомби. Потребен е однос кон Русија каков што заслужува еден терорист“, додаде тој.

Нападот доаѓа помалку од еден ден откако највисоките дипломати на Русија и Украина се обвинија меѓусебно за прекршување на пробниот договор постигнат со посредство на САД за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, нагласувајќи ги предизвиците за преговарање за крај на 3-годишната војна.

Министрите за надворешни работи на двете земји зборуваа на одделни настани на годишниот форум за дипломатија во Анталија, еден ден откако американскиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на разговори за мировните перспективи.

„Украинците не напаѓаат од самиот почеток, секој изминат ден, можеби со два или три исклучоци“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додавајќи дека Москва ќе им достави на САД, Турција и меѓународните тела список со нападите на Киев во последните три недели.

Неговиот украински колега, Андриј Сибиха, жестоко го оспори тоа тврдење, велејќи во саботата дека Русија лансирала „речиси 70 проектили, над 2.200 беспилотни летала и над 6.000 наведувани воздушни бомби во Украина, главно кон цивили“, откако се согласила на ограничената пауза на нападите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG