Од многу објаснувања, договорот со Бехтел и Енка, уште понејасен
Не е од сега, но стана правило. Ако власта не може да истурка набрзина некој закон, му лепи европско знаменце. И не е важно што тоа нема врска со реформски закони за доближување до Европската Унија, па дури и не се земаат предвид ни предупредувањата од претставниците на ЕУ дека тоа не е во ред.
Најнов пример е пакетот закони кои треба да се сменат, во насока на исполнување на преземените обврски од Владата за договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатишта. Овие закони требаше да бидат донесени пред потпишувањето на договорот.
Во меѓувреме, владини претставници, на чело со вице-премиерот и координатор на проектот, Артан Груби, во повеќе наврати го објаснуваа договорот со Бехтел и Енка. Но, колку повеќе го објаснуваа, толку повеќе не е јасно што сѐ е договорено. Зошто е тајна, колку ќе чини, има ли рокови???
Шпекулации многу, точни одговори малку.
Нов изборен законик, козметички корекции или по старо?
Како се одвиваат работите и со најавените измени во изборниот законик - идеи, предлози, партиски желби и тесно-партиски интереси, ништо чудно и тука да се појави европско знаменце.
Формирана е работна група за реформи во изборното законодавство, во која не учествува ВМРО-ДПМНЕ, за спроведување на препораките од ОБСЕ/ОДХР. Претседател на работната група е поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски, кој рече дека е оптимист дека ќе успеат да го запазат рокот, измените да бидат донесени шест месеци пред да се одржат изборите.
Измените требаше да се донесат уште одамна, СДСМ ги вети пред 7 години, а препораките се однесуваат главно на спречување на доминацијата на големите партии во медиумскиот простор, но и во буџетскиот колач, како и отворање простор за разни граѓански иницијативи. Тоа, на големите партии не им одговара, не сакаат да се откажат од доминацијата.
Па така, промената на политичкиот пејзаж со реформа на изборното законодавство може да остане уште едно празно ветување, што секако не ја доближува државата до европските вредности.
Како да се заштитат децата од насилство?
Политиката и политичката култура, но и општо, културата во едно општество има силно влијание и врз децата. Тие, пак, денес живеат и во виртуелен свет, „нападнати“ од разни содржини преку социјалните мрежи.
Трагедијата во училиштето во Србија отвори дебата како да се заштитат децата од насилните содржини на социјалните мрежи. Училиштата може да го ограничат пристапот до некои содржини, но експертите велат - нема да има ефект.
Цензури и забрани не се европски вредности. „Вториот пристап е тој што го користат Кина, Саудиска Арабија и ред други земји и буквално го контролираат целиот пристап до интернет, односно одлучуваат што во таа држава може да се види, а што не може да се види“, вели Божидар Спировски, експерт за информатичка безбедност.
На слично мислење се и младите кои ги анкетираше Радио Слободна Европа.
Тендерски игри со печатењето свидетелства
Младите, односно учениците, исто како и лани, имаат и друг проблем – повторно може да им доцнат свидетелствата, што, секако, не е според европските стандарди. Тешко дека во некоја земја од ЕУ може да нема сведителства или пак учебници, како кај нас.
Причината е: кој да ги печати? Односно, да заработи.
На огласот што го распиша Бирото за развој на образование во март, се јавиле четири фирми, а изборот паднал на фирмата Арбериа Десинг, која досега беше задолжена за печатење на свидетелства и на дел од учебниците, но и за организација на прославите за 20 и 21 годишнината од Рамковниот договор, како и за неодамнешното поставувањето на камен темелникот на Коридорот 8.
Конкурентските фирми вложиле жалба сметајќи дека се дискриминирани и дека избраната фирма Арбериа Десинг не ги исполнува условите, затоа што понудила материјали со лексички грешки. Тендерот е поништен.
По повторно разгледување на понудите, според последната одлука објавена на Бирото за јавни набавки, тендерот го добива битолската печатница Киро Дандаро. Но, и на оваа одлука има жалба. И така во недоглед.
Фирмата Арбериа Десинг, во 2015 се јавува и како донатор на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Тогаш тетовската фирма одвоила 20 илјади евра и е најголемиот донатор на ДУИ за тие избори. Во последните четири години добила 61 тендер од државата, најчесто од институции раководени од кадри на ДУИ.
Со ФРОНТЕКС поефикасно против шверцерите со мигранти
Пример за доближување до европските вредности и европски начин на работа е мисијата на ФРОНТЕКС во Северна Македонија.
Во мисијата „ФРОНТЕКС“ работат 111 полициски службеници, според податоците, кои ги добивме агенцијата.
„Со отпочнувањето на мисијата ФРОНТЕКС, откривачката активност се зголемува од страна на мешаните патроли ФРОНТЕКС и македонските полициски службеници“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.
И невладините организации, кои долго работат со мигрантите кои пристигнуваат во земјава, гледаат повеќе приведувања на криумчари поради заедничките напори на „ФРОНТЕКС“ и македонската полиција.
Инаку, голем број мигранти или бегалци кои транзитираат низ Северна Македонија, се жртви на насилство од страна на криумчарите, но и на психолошки и финансиски притисок, предупредуваат од Црвениот крст.
Според организацијата, шверцерите на мигрантите им наплаќаат од 800 до 1.000 евра за да ги пренесат од јужната до северната граница на земјава, но тие често и физички ги малтретираат. Има многу случаи на претепани мигранти, но и такви кои завршуваат со тешки повреди во сообраќајни несреќи.