Достапни линкови

Со европско знаменце против опозициската блокада на законите за „Бехтел и Енка“


Првиот вицепремиер Артан Груби заедно министри во Владата одржаа прес-конференција за презентирање на законските измени кои ќе се предлагаат до Собранието за реализација на коридорите 8 и 10д.
Првиот вицепремиер Артан Груби заедно министри во Владата одржаа прес-конференција за презентирање на законските измени кои ќе се предлагаат до Собранието за реализација на коридорите 8 и 10д.

Со европско знаменце ќе се носат измени на закони за изградба на автопатиштата што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел -Енка“. Тоа што се носат на овој начин, откако претходниот обид во собранието е блокиран од опозицијата, не значи дека „роковите не газат“, вели првиот вицепремиeр Артан Груби. Од Делегацијата на ЕУ во земјата реагираат дека употребата на европското знаме за коридорите не е во согласност со стандардите на Унијата.

Владата предлага со европско знаменце во Собранието да се носат измените на законите потребни за побрза и поевтина изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 д.

За изградба на автопатиштата Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, пратеници претходно побараа измени на осум закони, но бидејќи тие се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави на 5 мај првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби.

„Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европски коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење, заедно со Коридорот 10 и кракот 10Д, одлучивме законите да се предложат со европско знаме“, рече Груби.

Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Европско знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ, реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава. Оттаму бараат одговори од власта и потсетуваат дека европското знаменце на законите не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом.

„Означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања,“ се вели во реакцијата од Делегацијата на ЕУ.

На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија, целта на Груби и Ковачевски е, како што велат, по брза постапка и без дебата во Собранието повторно да донесат закони, кои се во спротивност со правото и уставот.

„Носењето на законските измени по скратена постапка повторно под превезот на европско знаме е насилие и криминал, кој Груби и Ковачевски се обидуваат да го прават и во име на ЕУ, што е на целосна штета на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија во ЕУ. Артан Груби треба да знае дека криминалот не е европска вредност, како што тој сака да го прикаже,“ изјавија од опозициската партија.

Пратениците на СДСМ ги поддржуваат предложените измени на пет закони поврзани со изградбата на делниците од коридорите со европско знаменце, изјави денеска Миле Талески, пратеник од владејачката СДСМ.

„СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да направи хаос од изградбата на коридорите. Нема да дозволиме да ги чинат граѓаните поскапо за 150 милиони евра и со години да се градат. Нема да дозволиме да се повтори хаосот како на автопатот Кичево – Охрид кој го направи ВМРО-ДПМНЕ“, рече Талески.

Освен измени на овие закони, пратениците претходно до Собранието предложија да се направат измени и на Законот за минерални суровини, кој веќе е усвоен на собраниска комисија, а за Законите за шуми и за земјоделско земјиште, Владата увидела дека нема потреба да се менуваат.

Една од спорните точки во Договорот е времетраењето на работната недела за оние кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатиштата.

Власта уверува дека предложените измени во Законот за работни односи се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Оттаму велат дека станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 отсто повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови.

Владините функционери повторија дека овие законски измени не се однесуваат само за изградбата на Коридорите 8 и 10д, туку ќе важат и за сите постапки за изградба на патиштата, за железницата, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес.

Првиот вицепремиер Артан Груби
Првиот вицепремиер Артан Груби

Првиот вицепремиeр тврди дека предлогот да се носат измените со европско знаменце не значи дека „роковите ги газат“. Груби вели и дека во договорот нема конкретни рокови и не се предвидени „пенали“.

Опозицијата бара дуел Мицкоски - Ковачевски за коридорите

Опозицијата обвинува дека овој договор е штетен за државата и дека Владата ќе плаќа пенали од 300 милиони евра, доколку во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградба на коридорите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Димитар Ковачевски на ТВ дуел посветен на Договорот за коридорите.

„Народот е ужаснат од фактот дека се крие договор којшто за само два месеци ги чини 300 милиони евра, а лопата не е фрлена! Народот чиишто пари се фрлаат мора да ги знае фактите, толкав договор не смее да се сокрие!“, рече на прес-конференција на 5 мај портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Тој вели дека одбивањето на дуел ќе значи и признание дека е направен огромен, грабеж на народот.

Колку ќе чинат автопатиштата?

Изградбата на овие патишта според изјавите на првите пресметки требаше да чини околу 1,3 милијарди евра, плус околу 238 милиони за експропријација на имотот, каде ќе поминуваат трасите.

На прес-конференцијата во Владата на 5 мај, на која присуствуваатповеќе министри од Владата и функционери на институции кои имаат допирни точки со овој проект, вицепремиерот Груби рече дека доколку не се донесат измените на законите, проценките се дека проектот би чинел околу 1,5 милијарди евра, без парите за експропријацијата, а доколку се донесат тој би чинел 1,3 милијарди и би се изградил побрзо од претходно најавените четири години и седум месеци.

Тој вели дека сега од пратениците зависи дали изградбата на автопатиштата ќе биде побрза и поевтина или побавна и поскапа и останува на ставот дека ниту еден пратеник, ниту претседателот на Собранието го виделе договорот.

Договорот за стратешко прашање, содржи доверливи делови, па затоа јавноста не може да го види, а Владата одлучи да го презентира пред Собранието, но само пред пратениците кои имаат безбедносни сертификати. Опозицијата е таа која треба да одлучи кога и на која седница ќе се разгледува договорот.

Груби повтори од конзорциумот „Бехтел и Енка“ не бараат измени на законите, туку потребата дошла по сознанијата дека институциите се троми и дека тоа може да се одрази на изградбата.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски порача - Или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или ќе останеме обиколница.

Тој вели дека на 12 мај треба да започне истражување на терен за делницата Битола- Прилеп и за Тетово – Гостивар. Тие истражувања треба да ја дадат реалната слика за да може да се проектира. Кога проектот ќе биде готов, треба да биде одобрен од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), па тие да дадат налог за работа на изведувачот и тие треба да излезат на терен да работат.

„На тој начин реализацијата ќе оди побрзо без никакви застои затоа што ќе работиме со нова проектна документација, а не со нешто испроектирано пред 10 или 15 години“, рече министерот Боџварски.

ЈПДП вработува 28 луѓе само за коридорите

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми информираше дека има оглас за вработување на 28 луѓе, пред се инженери и специјалисти, кои ќе работат само на проектот за автопатиштата од Коридор 8 и 10 д. Една единица ќе биде за изградба, а една за експропријација на земјиштето и дислокација на објектите.

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.

Коридорот 8 треба да биде долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има шест ленти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG