Градежната експанзија во Скопје не престанува, а највидлива е во општините Центар, Карпош и Аеродром каде граѓаните го кренаа својот глас против Деталните урбанистички планови во кои се исцртани нови згради. Бројните примери досега говорат дека на крајот општините се ставаат на страната на инвеститорите, кои тријат раце од продажбата на становите, а не во корист на потребите на граѓаните кои ги поставиле на функција.
„Треска“ за згради во Центар
На просторот на поранешната скопска фабрика Треска веќе е видливо дека со градежна механизација се расчитува теренот за изградба на нови згради.
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ сметаат дека градоначалникот на општината Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања за Центар. Реагираат дека 47 отсто од целокупното земјиште на локацијата е државно и тоа значи дека ќе се гради според „незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година“.
„Зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание? Јавно го прозиваме да објасни што му дава сила да игнорира и не спроведува одлуки на Совет“, велат од „Шанса за Центар“.
Герасимовски во интервју за РСЕ објавено на 9 април изјави дека до општината уште пред неколку години се пристигнати многу барања, но дека мал дел од земјиштето ќе се продаде.
„Од тие парцели што имаат поднесено барања мислам дека е тоа мал процент на парцела, околу 10 до 15 отсто, што не се големи бројки. Останатиот дел што е државно ќе потпадне на урбанизација, решавање на сообраќајот, во делот на паркирањето и зеленилото“, рече Герасимовски.
Да го зачуваме Лисиче
Мирот кој го имаат жителите на населбата Лисиче кои претежно живеат во семејни куќи сега е нарушен со најавите дека пред нивните домови ќе никнат повеќекатници.
Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ пред некој ден до општината доставија писмени забелешки зошто се противат на новите згради во нивното маало.
„Градоначалникот на општината Тимчо Муцунски цело време тврди дека работи во интерес на жителите на населбата и сега е време тоа да го докаже во пракса и да се откаже од дупот“, вели Тодор Коцаров од „Да го зачуваме Лисиче“.
„Има тука други интереси кои најверојатно се врзани со урбаната мафија, а во основа градоначалниците и општините се избрани од нас и треба да не репрезентираат нас жителите“, порачува Коцаров.
Градоначалникот Муцунски на прес-конференција рече дека на локацијата на која е предвиден новиот ДУП во Лисиче на околу 95 отсто од површината ќе се градат куќи, а само неколку колективни станбени згради и изградба на нов парк.
„Ние сме поразлични од нив, ние работиме транспарентно и во согласност со законите. Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е процес кој е во фаза на консултација со јавноста, документ чија изработка е иницирана за време на мојот претходник Златко Марин “, рече Муцунски и притоа дел од прес-конференција посвети да упати обвинувања кон неговите политички ривали од владејачката партија СДСМ.
Од СДСМ денеска реагираа дека Муцунски, кој доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ признал дека станува збор за парцели и измени на ДУП за нови згради во Лисиче, иако претходно тврдел дека ќе се градат само куќи.
„Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ ги излажаа граѓаните на Аеродром, наместо повеќе зеленило и нови јавни површини како што ветуваа во кампањата, тие денес нудат бетонизација на постоечките зелени површини“ наведуваат од СДСМ во денешното соопштение.
Според владејачката партија, оправдувањата дека процесот е започнат во 2019 година не држат и притоа ја повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата да го истражи случајот до крај.
Борба за Влае
На адресата на граѓаните од Влае започнале да стигнуваат одговорите на поднесените проговори на јавната анкета против предлог дупот, според кој на локацијата зад кино „Влае“ треба да минува улицата Есперанто и таму ќе може да се гради и зграда до 11 ката.
Од иницијативата „Борба за Влае“ велат дека иако дел од нив се делумно прифатени, тие се од технички карактер и повторно на државното земјиште се планираат објекти од различен карактер наместо паркови и јавен простор, а се одзема и дел од школски двор.
За да се отвори простор за изградба на кулите, како што велат од иницијативата, треба ја изведат новата траса на улицата Есперанто и да го ослободат државното земјиште за окрупнување на парцелата. Градежни активности на терен веќе има и оттаму додаваат дека во тек е рушење на бараките кои се на трасата на улицата, со сечење на дрвјата, но и со работење во училишниот двор.
„Со тоа и со дозволата да се работи на просторот на новата траса на ул. Есперанто сметаме дека сепак Општината на крајот на денот ќе застане во интерес на инвеститорите и урбаната мафија наместо во интересот на жителите на Влае и Карпош“, велат од „Борба за Влае“.
Од општина Карпош велат дека на сите анкетни листови се одговара соодветно, но се работи за приватен имот.
„Сите права и обврски кои им следуваат на граѓаните, му следуваат и на инвеститорот согласно законот“, велат од општината за РСЕ.
„Мали победи“
РСЕ во неколку наврати пишуваше дека општините Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода се рекордери по издадени одобренија за изградба на згради во Скопје. Минатото преку примери покажа дека некои од граѓаните успеаја да извојуваат и „мали победи“.
Таков е случајот со локалитетот „Расадник“ во Кисела Вода каде првично требаше зеленилото да биде заменето со 99 згради. Протестите на граѓаните вродија со плод и актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски лани на 12 јули распиша Меѓународент конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник.
Но, при крајот на јануари годинава, конкурсот беше поништен бидејќи биле доставени само четири трудови, наместо потребните седум. Општината најави распишување на нов конкурс под истите услови, кој ќе овозможи предност на јавниот интерес наспроти приватниот.
Градежната „Пандорина кутија на Водно“ се затвори по одлуката на Уставниот суд за укинување на Деталниот Урбанистички план ЈО7. Со планот беа утврдени условите за градба за Старо Водно, Долно Водно, локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Мало Курило и Цвеќара. По оваа одлука, како што соопштија од Уставниот суд, општината нема да може да издава нови одобренија за градба, но тие што се веќе издадени остануваат во сила.
Најгласни за заштита на зелениот појас на Водно беа жителите на улицата „Питу Гули“ каде шумата беше пренаменета во градежно земјиште, кое отиде во рацете на фирмите „Ексико“ и „Кара“, поврзани со бизнисменот Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски кои беа осудени во случајот „Плацеви на Водно“.
Но, инвеститорите и покрај реакциите во јавноста ги остварија своите планови за изградба на нови згради, а меѓу последните примери е просторот спроти хотелот „Холидеј ин“ и кај зградата Тифани во близина на главната пошта, кои се наоѓаат во срцето на градот.