„Јас три месеци дома не одам. Три месеци ќе одам таму кај што ќе ми каже генералниот секретар и неговиот тим определиле дека треба да се оди. Ќе ги посетиме сите населени места“.
Ова го порача лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски од Велес, неговата првата станица од серијата на теренски активности на владејачката партија под слоганот „Рамо до рамо до победа“.
Граѓанските трибини „Силно и одлучно кон иднината“ на СДСМ од минатата година за засилено присуство меѓу граѓаните, сега добија надградена верзија. Униформирани во црвени елеци и испишани со новиот слоган претставници на партијата ќе посетат 946 населени места ширум земјата.
Иако парламентарните избори се закажани за догодина, политичките партии тврдат дека извршуваат теренски активности и дека не се работи за кампања во лов на гласачи.
Комуникологот Сеад Џигал смета дека не е јасен контекстот зад идејата на активностите, кои имаат за цел консултации со граѓаните, бидејќи се сигнализира дека се можни предвремени избори.
„Проблематичен е аспектот на недоволна транспарентност и партиите мора да водат сметка дека не е во ред граѓаните да бидат постојано под некаков притисок на постојани политички кампањи“, смета Џигал.
Да се слушне гласот на граѓаните
Идејата на теренската активност, како што најави Ковачевски е да дадат отчет за сработеното, но да кажат што следува во наредниот период, а воедно и да разговараат со граѓаните и да го слушнат нивниот глас за се она што им е важно.
Од Велес се пофали за сработеното, што и претходно не пропушташе можност да го направи. Ковачевски рече и дека не му е мисија да се расправа за сите работи со опозицијата, иако упати критика до нив.
„Денес ми доаѓа еден пријател, кој што е од опозиција и ми вели локалните избори кога се. Му викам изборите локални се 2025 година. Имате уште две години. Отиде пола мандат што направивте. Што направивте“, рече премиерот од Велес.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, минатиот месец започна акција „Заедно со народот“. Но, партијата е во постојана кампања ако се суди според зборовите на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Опозицијата 365 дена во кампања
ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и кампањата и трае 365 дена во годината, изјави Мицкоски пред некој ден запрашан за теренските активности на СДСМ и не му остана должен на неговиот најголем политички ривал.
„Одговорот на народот на оваа кампања на СДСМ е- внимавајте криминалци шетаат по улиците, не им отворајте“, рече Мицкоски при поставувањето на камен темелникот за изградба на основно училиште во општина Гази Баба, чиј градоначалник е од редовите на партија.
Ниту најголемиот коалиционен партнер на СДСМ во Владата, ДУИ не мирува и под мотото „Заедно за Европа“ неодамна излезе на средби со граѓани во скопската населба Чаир.
И ДУИ “тренираат“
Министрите од најголемата партија од албанскиот блок која има најдолг стаж на власт отидоа и чекор подалеку, па видовме и дека канцеларијата не е место само за работа, туку и за спортски активности.
Кој од нив беше највешт со топката граѓаните можеа сами да пресудат од видеото објавено на социјалните мрежи, а со нивниот глас ќе треба да пресудат и кој ќе победи во натпреварот за власт на изборите.
Но, според комуникологот Џигал фокусот на владејачките партии сега е изместен од најавите за реформи, борба со економската криза и други предизвици на кампањи и мобилизација за избори и поголема присутност во јавноста.
„Ако се растегнат овие периоди на водење на кампањи и да станат произволни, односно кога сакаат партиите да ги прават, проблематични се, не само за дефокусирање на јавноста и граѓаните од важни економски и политички прашања, туку сега тие функционери наместо да бидат во канцелариите и да ги вршат своите должности треба да одат на терен да разговараат со граѓани“, додава Џигал.
Караванот на СДСМ иако од 5 април секојдневно патува од место до место се уште е далеку од исполнување на зацртана бројка на средби. Партијата освен што има што да каже, како што најави премиерот Ковачевски, не е познато што досега слушнала, бидејќи граѓаните фигурираат само на фотографија, но, не и на зборови.