Достапни линкови

Премиерска и министерска поддршка во локалната борба за гласови


Сарај- премиерот Зоран Заев, градоначалниците на Скопје и Сарај Петре Шилегов и Блерим Беџети на увид во изградба на пат во селото Бојане
Сарај- премиерот Зоран Заев, градоначалниците на Скопје и Сарај Петре Шилегов и Блерим Беџети на увид во изградба на пат во селото Бојане

Преклопувањата на партиското и државното се на минимална основа во однос на претходната владејачка гарнтитура вели претседателот Пендаровски. Во меѓувреме премиерот Заев со кандидати промовира локални проекти, а партиите промовираат кандидати иако кампањата не е почната.

Премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети и лидерот на ДУИ Али Ахмети, сите четворица оваа недела беа на настан именуван како „увид во реконструкција на локален пат во село Бојане“.

Двајца од нив, Шилегов и Беџети се повторно кандидати за градоначалници на локалните избори што треба да се одржат на 17 октомври. Заев од позиција на премиер им изрази поддршка.

„Реконструкција е само еден од десетиците инвестициски проекти на локалните власти во нашата земја и ја имаат целосната поддршка од владата низ повеќе различни програми“, рече Заев.

Тој ова во кажа во вторникот неколку недели пред формалниот почеток на изборната кампања за избор на новата локална власт на кој ќе се натпреваруваат и Шилегов и Беџети, првиот како кандидат на неговата партија, а вториот на партијата на Али Ахмети, владиниот коалициски партнер.

Локални избори - што е кампања, а што мешање партија и држава?

Но, сегашниот премиер како опозиционер во 2014 година бараше услови за избори од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пред седум години испорача пет барања до власта, а меѓу нив и регулирање на одвојувањето на партијата од државата. Тврдеше дека власта на Груевски има „несоодветно разграничување на партиските од државните активности “.

Во 2016 година пак, пред парламентарните избори по кои дојде на власт, СДСМ преку соопштение го критикуваше лидерот на тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски зошто одел на промоција на проект во Гази баба, платен како што пишуваа со парите на граѓаните и го прашуваше во кое својство бил таму.

„Наместо Никола Груевски да даде одговори за злосторничкото здружување и постапките за изборни измами, тој денеска повторно ја покажа желбата на ВМРО-ДПМНЕ да ја поклопува државата на централно, но и на локално ниво“, тврдеше СДСМ пред пет години.

Пендаровски- преклопувањата на партијата и државата се минимални

Претседателот Стево Пендаровски и како поранешен претседател на Државната изборна комисија на мешањето на партијата и државата сега кога на власт е СДСМ, опцијата што и него го поддржа смета дека има подобрувања. Тој за Радио Слободна Европа вели дека пречекорувањата кои ги констатирале и меѓународните набљудувачи за последните изборни циклуси се минимални во споредба со оние што ги правела владата на Груевски.

„Да направам паралела без да ја правдам оваа власт кога некаде ја замаглува таа линија меѓу партиското и државното. Еве земето го мојот избор циклус 2019 година, или претходно 2017 година, тие локални избори. Со сите забелешки што ги имаше тогашната државна изборна комисија, тогашната мисија на ОБСЕ преклопувањата на партиското и државното беа на минимална основа во однос на тоа што претходно го гледавме кога беа практично споени партиското и државното за време на претходната политичка гарнитура“, вели Пендаровски.

Во меѓувреме кандидатите за градоначалници се на терен, зборуваат со граѓани, ветуваат што ќе направат, кои им се идните проекти што би ги реализирале ако граѓаните на 17 октомври гласаат за нив. Сето ова изгледа како изборна кампања која во Изборниот законик меѓудругото се дефинира како „јавно собирање и други јавни настани, истакнување на плакати, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“.

Но, иако сето ова го прават некои кандидати, законски изборната кампања не е почната. Според роковникот за локални избори кој го објави Државната изборна комисија, кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до 15 октомври. Клучниот збор во законот на кој се повикуваат од Државната изборна комисија која е надлежна да ја следи кампањата е потврдени кандидати. Според роковникот на ДИК , Општински изборни комисии по извршената проверка во надлежните инситутции кандидатите треба да ги потврдат најдоцна до 11 септември.

„Не можам директно од случај во случај да се впуштам, меѓутоа на 11 септември ќе биде денот кога ќе бидат објавени листите. И тогаш ние ќе знаеме кои официјални кандидати ќе бидат, по тоа што го гледаме сега ние, некои што биле предлог за градоначалник па сега не се“ вели претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Министерска и лидерска поддршка за локалните власти

Зависно од кандидатот, дали доаѓа од владејачките или опозициските партии во неговата промоција се вклучуваат или владини министри или опозициски челници. Па така со кандидатот за општина Центар од СДСМ по населените места шета министерот за правда Бојан Маричиќ, а граѓаните на Карпош со кандидатот на владејачката партија ги посетува директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Независната кандидатка за град Скопје Данела Арсовска, која ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ на своите промоции оди со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој пак ги промовира и нивните кандидати за Бутел и Ѓорче Петров. Сето ова партиите го прават на средби со граѓани, трибини или од врата до врата.

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски вели дека цело време има забелешки во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР за мешањето на партијата и државата. Тој додава дека нема конкретни наводи за законски прекршување, но дека меѓународните набљудувачи сугерираат партиите да најдат законски начин ова да се спречи.

„Но кај нас тоа не се направи. Во однос на кампањата во моментов не може никој да преземе никаква санкција или да поведе постапка бидејќи кампањата не е започната. Тука е недостиг во Изборниот законик што партиите без разлика дали се власт или опозиција никако не сакааат оваа тема да ја средат еднаш засекогаш. Тука се единствени затоа што сите водат кампањи“, вели Новаковски.

Инаку изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите што би значело дека за овие локални избори кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври. За вториот круг од локалните избори кампањата ќе трае до полноќ на 29 октомври.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG