Вести
Шмит – Крајно време е да се формира влада во Федерацијата БиХ
![Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, за време на прес-конференција во Сараево, 12 април 2022 година](https://gdb.rferl.org/03a70000-0aff-0242-7b2e-08da1ca339f6_cx3_cy18_cw92_w250_r1_s.jpg)
Високиот претставник за Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит денеска предупреди дека е крајно време да заврши процесот на формирање на влада на Федерацијата БиХ врз основа на резултатите од изборите одржани уште во октомври минатата година. Тој ги повика политичките партии да дејствуваат одговорно и на тој начин да обезбедат продолжување на потребните реформи.
Во авторски текст за сараевски „Дневни аваз“, Шмит се огласи за првпат откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина минатата недела ги отфрли жалбите против неговите одлуки за измени на изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) во врска со постизборното конституирање на посредно избраните тела.
Жалбите ги поднесоа тогашните членови на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври минатата година, донесени на денот на изборите, се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се поништат.
„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, рече Шмит во момент кога се уште не е јасно како ќе се формира новата влада.
Владата на Федерацијата БиХ последен пат беше формирана во 2014 година, а од претходните избори од 2018 година функционира како „техничка влада“.
Рокот за формирање нова влада истекува на 6 април.
Високиот претставник за БиХ ги носи одлуките врз основа на Бонските овластувања врз основа на кои има право да менува закони, устави на ентитетите или да менува функционери. Тој е конечен авторитет за толкување на Дејтонскиот мировен договор.
Уставна надлежност за именување и менување на владата на Федерацијата БиХ има претседателот на овој ентитет во земјата, со согласност на двајцата потпретседатели, а именувањето го потврдува Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ.
Претседателката на БиХ Лидија Брадара од Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ) и потпретседателот Игор Стојановиќ од Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) претходно најавија дека за премиер на ФБиХ ќе го предложат лидерот на СДП Нермин Никшиќ.
Другиот потпретседател Рефик Лендо од Странката за демократска акција (СДА) се противи на тоа и инсистира новата влада да ја формираат СДА, ХДЗ и СДП.
ХДЗ и коалицијата предводена од СДП велат дека имаат мнозинство во Претставничкиот дом и не сакаат коалиција со СДА.
СДА, ХДЗ и Сојузот за подобра иднина ја сочинуваат владата на Федерацијата БиХ од 2015 година. Во таа влада, СДА има премиер – Фадил Новалиќ.
види ги сите денешни вести
Протест во Сараево против благите казни за семејно насилство и фемицид
![Босна и Херцеговина, Сараево, студентски протести против благите казни за семејно насилство и фемицид.](https://gdb.rferl.org/2ac76b53-42a5-4862-a55a-08dd4a814ce6_w250_r1_s.jpeg)
Десетици граѓани во Сараево излегоа на протест на 16 февруари за да изразат револт против бавниот одговор на властите на Босна и Херцеговина на долгогодишните барања за зајакнување на превенцијата и правната и институционалната заштита на жртвите на семејно насилство, во светло на зголемениот број на случаи на фемициди(убиства на жени).
Ова е трет јавен собир на граѓани по убиствата во Калесија, во североисточна Босна и Херцеговина, кога ноќта меѓу 12 и 13 февруари беа убиени 37-годишната Инела Селимовиќ и нејзиниот 13-годишен син. Полицијата се уште трага по осомниченииот татко и сопруг на убиените, Емир Селимовиќ.
Денешниот протест беше организиран од неформална група студенти под мотото „Дали ова ќе се промени?“, со идеја да се соберат што повеќе истомисленици за да се иницираат општествени промени. За време на собирот беше организирана и работилница за изработка на транспаренти.
Актерката и режисерка Хасија Бориќ им се придружи на студентите на протестот, држејќи транспарент со кој го изразува нејзиниот протест против ниските казни и неказнивоста на семејното насилство, особено фемицидот.
„Потребно е да се изречат казни од 20 или 30 години ако сакаме да го запреме ова насилство“, изјави таа.
Граѓаните изминатите денови се собраа во Калесија и Сараево за да протестираат против благата политика на казни и зголемувањето на случаите на семејно насилство и фемицид.
По убиството во Калесија, Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина ги повика властите да преземат итни и конкретни чекори, вклучително и подобрување на законодавството, зајакнување на механизмите за заштита и превенција, „обезбедување соодветна поддршка за жртвите и елиминирање на неказнивоста за злосторствата на семејно насилство и родово базирано насилство“.
„Ова ужасно злосторство уште еднаш ја потврдува болната вистина - семејното и родовото насилство не стивнува и продолжува и покрај дадените ветувања и вложените напори“, соопшти ОБСЕ.
Израел и САД најавија дека ќе ја спречат „агресијата“ на Иран
![Американскиот државен секретар Марко Рубиo и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дадоа заедничка изјава за медиумите во канцеларијата на премиерот во Ерусалим на 16 февруари 2025 година](https://gdb.rferl.org/6092bf81-efbd-4c2f-9e18-9929e7e9557d_w250_r1_s.jpg)
Израел и САД се решени да ги спречат нуклеарните амбиции на Иран и неговата „агресија“ на Блискиот исток, изјави на 16 февруари израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Говорејќи по средбата со Рубио во Ерусалим, Нетанјаху рече дека имале „многу продуктивна дискусија“ за голем број прашања, од кои „ниту едно не е поважно од Иран“.
„Израел и Америка стојат рамо до рамо во соочувањето со иранската закана“, рече тој.
„Се согласивме дека ајатоласите не смеат да имаат нуклеарно оружје и исто така се согласивме дека иранската агресија во регионот мора да се повлече“, додаде Нетанјаху.
„Зад секоја терористичка група, зад секој чин на насилство, зад секоја дестабилизирачка активност, зад сè што ги загрозува мирот и стабилноста на милиони луѓе кои овој регион го нарекуваат дом, стои Иран“, изјави Рубио.
Нетанјаху рече дека Израел му нанел „силен удар“ на Иран во изминатите 16 месеци од почетокот на војната во Газа против Хамас и додаде дека со поддршката на Трамп „не се сомнева дека може и ќе ја заврши работата“.
Тој рече дека Израел го ослабнал движењето Хезболах поддржано од Иран во јужен Либан и погодил стотици цели во Сирија за да спречи отворање на нов фронт поддржан од Иран против Израел.
„Ако која било друга сила верува дека Израел ќе дозволи други непријателски сили да ја користат Сирија како база за операции против нас, тие се во голема грешка“, рече Нетанјаху.
Заблагодарувајќи му се на Рубио за неговата „недвосмислена поддршка“ за политиката на Израел во Газа, Нетанјаху рече дека Израел и Соединетите Држави под водство на претседателот Доналд Трамп имаат заедничка стратегија во палестинската енклава, каде што е воспоставен кревок прекин на огнот меѓу Израел и милитантите на Хамас - кои САД и ЕУ ги карактеризираат како терористичка организација - по 15 месеци војна.
„Сакам да ги уверам сите што не слушаат сега, претседателот Трамп и јас работиме во целосна соработка и координација меѓу нас“, рече Нетанјаху.
Рубио додаде дека Хамас не може да продолжи да управува како воена или владина сила.
„И се додека стои како сила која може да управува или сила која може да се заканува дека ќе употреби насилство, мирот станува невозможен“, истакна Рубио.
САД и ЕУ ја карактеризираат палестинската исламистичка група Хамас како терористичка организација.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека извршила воздушен напад рано во неделата врз луѓето кои се приближиле до нејзините сили во јужниот дел на Газа. Властите во Хамас соопштија дека во нападот загинале тројца нејзини полицајци додека го обезбедувале влезот на камиони со помош во близина на Рафах, на границата со Египет.
Хамас рече дека нападот е „сериозно кршење“ на примирјето и го обвини Нетанјаху дека се обидува да го саботира договорот.
Мицкоски: Наместо европеизација на Балканот – балканизација на Европа
![Македонскиот премиер Христијан Мицкоски](https://gdb.rferl.org/617b9183-99a4-4728-a56c-08dd4a814ce6_w250_r1_s.jpg)
Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа, изјави на 16 февруари македонскиот премиер Христијан Мицкоски на настан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон Европската Унија.
Мицкоски истакнал дека македонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка“.
„За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот во обраќањето посочил дека промената на името не бил единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.
„Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди?“ изјавил Мицкоски.
Во соопштението од кабинетот на Мицкоски е посочено дека македонската политика е целосно усогласена со надворешна и одбранбена политика со ЕУ, како и дека земјава е меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител. Дополнително македонската одбрана го исполнува условот 2 отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.
„Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членска од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат“, заклучил Мицкоски информираат од владината прес - служба.
Викендов светските лидери се дел од на тридневната Минхенска безбедносна конференција на која главна тема е војната во Украина.
Рубио: Хамас мора да се искорени
![Американскиот државен секретар Марко Рубиo и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дадоа заедничка изјава за медиумите во канцеларијата на премиерот во Ерусалим на 16 февруари 2025 година](https://gdb.rferl.org/6092bf81-efbd-4c2f-9e18-9929e7e9557d_w250_r1_s.jpg)
Американскиот државен секретар Марко Рубио на 16 февруари целосно ги поддржа воените цели на Израел во Појасот Газа, велејќи дека Хамас „мора да се искорени“ и ставајќи ја иднината на несигурниот прекин на огнот во дополнителен сомнеж, јавува новинската агенција Асошиетет прес.
Рубио се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим на почетокот на регионалната турнеја. До оваа посета дојде откако пред десет дена американскиот претседател Доналд Трамп соопшти план без детали со кој е предвидено да го пресели палестинското население од Појасот Газа и да го развие под американска сопственост.
Нетанјаху го поздрави планот и рече дека тој и Трамп имаат „заедничка стратегија“ за иднината на Газа. Повторувајќи го Трамп, тој рече дека „портите на пеколот ќе бидат отворени“ доколку Хамас не ослободи десетици преостанати заложници киднапирани во нападот на 7 октомври 2023 година што ја предизвика војната.
Нивните забелешки дојдоа само две недели пред да заврши првата фаза од прекинот на огнот. За втората фаза, во која Хамас треба да ослободи десетици преостанати заложници во замена за повеќе палестински затвореници, трајно примирје и повлекување на израелските сили, допрва треба да се преговара.
САД и ЕУ ја карактеризираат палестинската исламистичка група Хамас како терористичка организација.
Рубио рече дека Хамас „не може да продолжи како воена или владина сила“.
„Сè додека стои како сила што може да владее, или како сила што може да управува, или како сила што може да се заканува со употреба на насилство, мирот станува невозможен. Мора да се искорени“, изјави Рубио.
Таквата реторика би можела да ги искомплицира напорите за продолжување на разговорите со Хамас, кој, и покрај големите загуби во војната, останува недопрен и под своја контрола ја има Газа.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека извршила воздушен напад рано во неделата врз луѓето кои се приближиле до нејзините сили во јужниот дел на Газа. Властите во Хамас соопштија дека во нападот загинале тројца нејзини полицајци додека го обезбедувале влезот на камиони со помош во близина на Рафах, на границата со Египет.
Хамас рече дека нападот е „сериозно кршење“ на примирјето и го обвини Нетанјаху дека се обидува да го саботира договорот.
Продолжувањето на војната би можело да биде смртна казна за преостанатите заложници и можеби нема да успее да го уништи Хамас, кој го преживеа 15-месечниот напад на Израел и брзо ја врати контролата над Газа кога минатиот месец се одржа прекинот на огнот.
Српскиот министер за надворешни работи најави дводневна посета на Москва
![Архивска фотографија, српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ во Белград, 14 септември 2024 година.](https://gdb.rferl.org/0d6cdb57-a52e-4eb7-ad21-f2d0206dea51_w250_r1_s.jpg)
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ на 17 и 18 февруари ќе престојува во официјална посета на Руската Федерација, каде во Москва ќе се сретне со министерот за надворешни работи на земјата Сергеј Лавров, соопшти на 16 февруари српското Министерство за надворешни работи.
„За време на престојот во Москва, шефот на српската дипломатија ќе има одвоени средби со заменик-претседателот на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација Константин Јосифович Косачов, како и со заменик-претседателот на Државната дума на Федералното собрание на Руската Федерација Пјотр Толстој“, соопшти српското МНР.
Србија е една од ретките европски земји што одржува блиски односи со Русија, откако Кремљ пред речиси три години започна инвазија на соседна Украина.
И покрај повиците од Европската унија, кон чие членство има Србија, официјален Белград одбива да воведе санкции кон Руската Федерација.
Србија е речиси целосно зависна од рускиот гас и потпиша договор со Азербејџан дури на крајот на 2023 година за купување 400 милиони кубни метри природен гас годишно.
Нафтената индустрија на Србија (НИС) е ставена на листата на санкции на САД поради сопственичкиот удел во руската компанија Газпром Нефт.
Компанијата беше санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со Гаспром Нефт.
Српскиот претседател Александар Вучиќ побара од Владата да формира тимови за преговори со руски и американски претставници во врска со санкциите против НИС.
Нетанјаху ја пофали „храбрата“ визија на Трамп за Газа, откако во посета на Израел пристигна Рубио
![Американскиот државен секретар Марко Рубио и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дадоа заедничка изјава за медиумите во канцеларијата на премиерот во Ерусалим на 16 февруари 2025 година.](https://gdb.rferl.org/6092bf81-efbd-4c2f-9e18-9929e7e9557d_w250_r1_s.jpg)
Израел и САД имаат заеднички пристап кон Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пофалувајќи ја „храбрата визија“ на претседателот Доналд Трамп за територијата по разговорите на 16 февруари со американскиот државен секретар Марко Рубио, јавува новинската агенција Франс Прес.
Највисокиот дипломат на Вашингтон е во својата прва посета на Блискиот Исток, патување што доаѓа откако Трамп даде предлог, кој беше осуден од пошироката јавност, да ја преземе контролата врз Газа и да ги пресели нејзините повеќе од два милиони жители.
„Разговаравме за храбрата визија на Трамп за иднината на Газа и ќе работиме за да обезбедиме таа визија да стане реалност“, изјави Нетанјаху за новинарите по нивниот состанок, додавајќи дека двајцата лидери имаат „заедничка стратегија“ за иднината на палестинската територија опустошена од војна.
Шемата што Трамп ја претстави претходно овој месец, додека Нетанјаху беше во посета на Вашингтон, немаше детали.
Трамп рече дека Палестинците „живееле мизерно“ во Газа и посочи дека крајбрежната територија би можела да стане „ривиера на Блискиот Исток“, по обновата по повеќе од 15 месеци војна.
Иако Нетанјаху ја поздрави идејата, странските лидери во голема мера ја отфрлија.
Нетанјаху го предупреди Израел „ќе ги отвори портите на пеколот“ во Газа доколку не бидат вратени сите заложници, повторувајќи го Трамп, кој рече дека „пеколот“ ќе избие доколку Хамас не ги ослободи.
Рубио пристигна неколку часа откако Хамас ослободи тројца израелски заложници во Газа во замена за 369 палестински затвореници, шеста размена во рамките на кревкиот прекин на огнот за кој САД помогнаа да посредуваат заедно со Катар и Египет.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во неделата изјави дека формирањето на палестинска држава е „единствената гаранција“ за траен мир на Блискиот Исток.
Рубио треба да ги посети и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Во текот на ноќта, Израел соопшти дека примил пратка со бомби од американско производство, откако претходната администрација на Бајден блокираше пратка со тешкa муниција.
Хамас и Израел ја спроведуваат првата, 42-дневна фаза од прекинот на огнот, кој започна на 19 јануари, но речиси пропадна минатата недела.
Израел го предупреди Хамас дека мора да ослободи тројца живи заложници до викендот или ќе се соочи со обновени борби.
Ослободените заложници, израелско-американскиот заложник Сагуи Декел-Чен (36), потоа израелско-рускиот заложник Саша Трупанов (29) и израелско-аргентинскиот заложник Јаир Хорн (46), се вратија на дома.
Опкружени со вооружени и маскирани борци на Хамас на бината, тие мораа да поминат низ тешко искушение во последен момент да зборуваат пред толпата додека милитантите организираа демонстрација на сила.
Израел ослободи 369 палестински затвореници, главно притворени за време на војната, но и некои кои отслужуваат доживотни затворски казни за напади врз Израелци.
Макрон е домаќин на состанокот на европските лидери за Украина
![Архивска фотографија францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот престедател Володимир Зеленски на средба во Брисел,](https://gdb.rferl.org/177e6ae1-e30d-48a1-90a2-a0950767f46f_w250_r1_s.jpg)
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделник ќе биде домаќин на состанок на европските лидери на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро во неделата за радиото Франс Интер.
Изјавата на Баро доаѓа на еден ден откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, ја шокираше Европа со изјавата дека нема да има место на масата во разговорите за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Пет европски дипломати изјавија дека на состанокот ќе присуствуваат Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Данска, кои ги претставуваат балтичките и скандинавските земји, јавува новинска агенција Асошитет Прес.
Се очекува високи претставници на администрацијата на Трамп да започнат мировни преговори со руските преговарачи во Саудиска Арабија во наредните денови, но степенот на украинската вмешаност не е целосно разјаснет.
На Минхенската безбедносна конференција претходниот ден, генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека Европа мора да излезе со „добри предлози“ за обезбедување мир во Украина, доколку сака да учествува во преговорите.
„Ако Европејците сакаат да кажат, нека се релевантни“, им рече Руте на новинарите.
Шефот на Северноатлантската алијанса рече дека во понеделник ќе биде во Париз на средба.
Британскиот премиер Кир Стармер во саботата рече дека Европа „мора да преземе позначајна улога во НАТО“ и да соработува со САД за да ја „обезбеди иднината на Украина“.
Како дел од какви било „безбедносни гаранции“ за Украина, во Европа започнаа преговори за можно испраќање мировници.
Сепак, овие преговори се само во рана фаза, додека други тврдат дека фокусот треба да биде ставен на зајакнување на украинските сили.
Заврши петнаесетчасовната блокада во Крагуевац
![Протест во Крагуевац](https://gdb.rferl.org/5d0d73d4-7c46-420b-ba8d-8a96406cc456_w250_r1_s.jpg)
Блокадата на централните улици во Крагуевац заврши на 16 февруари, неколку минути по полноќ, откако на повик на студенти се собраа десетици илјади граѓани.
Најфрекфентниот булевар на овој по четврт по големина град во Србија беше блокиран од 9 часот наутро на 15 февруари.
Граѓаните беа повикани на протест од студентите кои веќе два и пол месеци блокираат повеќе од 60 факултети низ Србија, барајќи кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница во Нови Сад.
Во чест на жртвите од трагедијата во Нови Сад, насобраните во 23 часот и 52 минути одржаа петнаесет минутен молк до 12 часот и 7 минути, по што заврши блокадата во Крагуевац.
На блокадата дојдоа актери од Белград, Крагуевац, Сомбор, како и просветни работници од околните места.
На студентите на Универзитетот во Крагуевац на 14 февруари им се придружија бројни колеги кои пеш дојдоа на протестот од Белград, Ниш, Чачак, Нови Пазар, Краљево и други градови, како и оние кои дојдоа со велосипед или трчаа на штафетен маратон.
Насобраните ги носеа знамињата на Србија и нивните факултети, како и бројни транспаренти како „Без револуција нема еволуција“.
Вучиќ: Студентите да ги прекинат блокадите и да се вртат на предавања
Протестот се одржа на Денот на српската државност. Во истиот ден партиски митинг одржа и владејачката Српска напредна партија во Сремска Митровица, околу 180 километри северно од Крагуевац.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во своето обраќање на митингот изјави дека во Србија е во тек обид за „обоена револуција“ и ги повика студентите да ги прекинат блокадите и да се вратат на предавањата.
Студентите кои од крајот на ноември блокираа повеќе од 60 факултети низ државата бараат кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад, како и гонење на одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети. Студентите и академската заедница ги отфрлаат овие тврдења.
Пред Крагуевац, студентите организираа 27-часовна блокада на Мостот Слобода во Нови Сад, како и 24-часовна блокада на Автокоманда, сообраќаен центар во Белград.
Повреден пожарникар при гасење на пожарот во Врапчиште
![Илустрација](https://gdb.rferl.org/304b79c1-9178-4e5b-af93-5180e1bbcf31_w250_r1_s.png)
Еден пожарника е повредени при гасење на голем пожар кој доцна синоќа зафати два објекти во општина Врапчиште. На полноќ на 15 феврувари се запалиле два објекта кои се користеле како магацински простор каде се чувал полиестер.
Од противпожарната служба велат дека со три возила и девет пожарникари на терен го гаселе пожарот.
„Се работи за магацин за производство на полиестер кој се состои од три објекти, при што два се целосно изгорени, додека третиот е делумно изгорен“, информираат од Центарот за управување со кризи.
Пожарникарот кој се здобил со повреди за време на интервенцијата пренесен е на Ургентниот центар во Клиничката Болница во Гостивар.
Пожарот е локализиран во 05:30 часот утрово, но на местото сè уште се издига чад поради што ТППЕ Гостивар сè уште се на терен.
Зеленски: Украина не е поканета на разговорите меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија
![Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржува говор за време на 61. Минхенска безбедносна конференција во Германија на 15 февруари 2025 година.](https://gdb.rferl.org/7cf65d3d-c9bf-45d3-8259-9b9fb385f370_w250_r1_s.jpg)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев не е поканет да присуствува на мировните разговори меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија за ставање крај на војната на Москва против Украина.
Зборувајќи на 15 февруари, Зеленски, исто така, рече дека Украина нема да разговара со Русија пред да се консултира со своите европски сојузници.
„Немаме никакви документи, никакви покани, и за мене е нешто чудно да зборувам во овој случај, во овој формат, ако претходно немаме никакви преговори меѓу нас и нашите стратешки партнери, а како што се сеќавам, Русија не е наш стратешки партнер“, рече тој за време на конференцијата за безбедност во Минхен .
Неговите коментари дојдоа како американскиот претседател Доналд Трамп испрати висок тим во Саудиска Арабија за да започне преговори со Русија и САД. Оваа информација ја потврдија официјални лица за повеќе медиуми.
Американски официјални лица на 15 февруари им рекоа на новинарите дека државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и преговарачот за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе учествуваат во разговорите. Кит Келог, пратеникот на Трамп за Украина и Русија, не се очекува да биде на разговорите.
Не беше јасно кога точно ќе се одржат саудиските состаноци. Рубио пристигна во Израел доцна на 15 февруари, откако отпатува на конференцијата во Минхен.
Висок советник на Зеленски,Михајло Подољак, изјави дека „нема преговарачи кои ќе ја претставуваат Украина во Саудиска Арабија“.
„Денес нема ништо на преговарачката маса за кое би можело да се разговара. Русија не е подготвена за преговори“, изјави тој за украинската телевизија по коментарите на Зеленски на 15 февруари.
Европски самит за војната во Украина во Париз
Одделно, европските лидери се очекува да се соберат следната недела во Париз на итен состанок за војната во Украина.
Самитот е одговор на загриженоста дека Вашингтон продолжува со мировни преговори со цел да се стави крај на војната во Украина што ќе ја остави Европа настрана.
Келог предизвика возбуда во европската јавност кога рече дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Говорејќи на панелот во Минхен на 15 февруари, Келог посочи дека Вашингтон има за цел да постигне значителен напредок во рок од неколку недели.
Сепак, во услови на загриженост во Киев и во Европската Унија дека тие би можеле да бидат настрана откако Трамп разговараше со рускиот претседател Владимир Путин оваа недела и рече дека Москва и Вашингтон веднаш ќе започнат преговори, Келог рече дека Украина и Европа нема да бидат изоставени.
„Треба да ги донесете сојузниците со вас. Дали тие ќе имаат улога? Се разбира дека имаат. Не можете да го направите тоа со исклучување на никого“, рече тој.
На прашањето дали може да ја увери публиката дека „Украинците ќе бидат на масата, а Европејците ќе бидат на маса“, сепак, Келог одговори: „О, добро, штотуку ја променивте целата динамика“.
„Одговорот на последното прашање...е не“, рече тој, очигледно мислејќи на Европа.
„Одговорот на претходниот дел од тоа прашање е да, се разбира дека Украинците ќе бидат таму“, додаде тој.
Американскиот Стејт Департмент на 15 февруари соопшти дека претходно истиот ден државниот секретар Рубио телефонски разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Рубио разговараше со Лавров „како продолжение на разговорот на претседателот Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела“, се вели во краткото соопштение.
Зеленски и ЕУ против преговори без нив на маса
Зеленски и водачите на ЕУ изразија противење на какви било разговори што би ги исклучиле нивните преговарачи од процесот.
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, предупреди на „брзо решение“ и „валкан договор“ за ставање крај на конфликтот, инсистирајќи дека ниту еден мировен договор не може да се спроведе без учество на Европа и Украина.
Таа додаде дека „смирувањето исто така секогаш пропаѓа“ и „Украина ќе продолжи да се спротивставува, а Европа ќе продолжи да ја поддржува Украина“.
Во своето обраќање на конференцијата во Минхен, Зеленски ги повика европските земји да создадат заедничка армија наспроти можните САД. раздружувањето и заканата од Русија.
„Дојде време, вооружените сили на Европа мора да се создадат“, рече тој.
„Ако Американците решија да одат на тој начин, намалувајќи го своето присуство, тоа не е добро, се разбира, тоа е многу опасно“, рече тој, зборувајќи на англиски.
На маргините на конференцијата во Минхен, индустријализираните земји Г7 ја потврдија својата „непоколеблива поддршка за Украина“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете