Во Воронеж, јужно од Москва, воените канцеларии за регрутирање испраќаат наредби до мажи за регрутирање, со барање да ги ажурираат информациите за контакт.
Слично на тоа, во регионот Пенза кон истокот, „се врши расчистување на личните податоци“, изјави неименуван воен претставник за државната новинска агенција РИА-Новости.
Исто е и во Удмуртија, во регионот на реката Волга, факт што го натера регионалниот гувернер да се појави на државната телевизија за да се обиде да ги увери луѓето дека не е во тек задолжителна мобилизација, туку само повик за волонтери кои се подготвени „да ја бранат татковината, да ги бранат нејзините интереси“.
Во 13-те месеци откако претседателот Владимир Путин ја започна најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, руските сили претрпеа големи, некои западни официјални претставници велат и „катастрофални“, жртви. Проценките објавени неодамна од Стејт департментот на САД велат дека бројката на загинати и повредени Руси е над 200.000.
Од своја страна, Украина, која строго ги чуваше бројките за своите загуби, би можело да има најмалку 120.000 жртви, според Вашингтон пост.
Но, Русија, соочена со постојани неуспеси на бојното поле, двапати се сврте кон кампањи за регрутирање, за да собере мажи за во војна.
Во септември, Путин шокираше многу Руси со најава на мобилизација на резервисти и други мажи кои ги исполнуваат условите за војници, за да обезбеди 300.000 нови лица во борбата.
Сега, кога зимската офанзива во источниот регион Донбас влегува во вториот месец, а Украина најавува сопствена пролетна офанзива, руските власти повторно се обидуваат да го зголемат бројот на војници.
Најмалку 42 региони низ целата земја сега испраќаат покани до мажи кои ги исполнуваат условите, според адвокатот за човекови права Павел Чиков. Еден од сајтовите за вести познат по поддршката на владините политики, објави дека официјалната цел била да се примат до 400.000 мажи.
Што и да е, тоа не е мобилизација, инсистира Кремљ.
„Нема такви дискусии“, изјави портпаролот Дмитриј Песков, цитиран од новинските агенции на 15 март, на прашањето: „Дали Кремљ разговара за втор бран на мобилизација?“
Но, иако сè уште не се работи за масовен и задолжителен повик, може да стане таков.
„Јас мислам дека тие ќе мора да направат уште една мобилизација, порано или подоцна“, изјави Дара Масикот, одбранбен истражувач во корпорацијата РАНД, со седиште во САД.
„Прашањето е како тие го прават тоа. Опцијата А е континуирана серија на мали повици. Опцијата Б е огромна, масовна мобилизација“.
„Мало, постојано надополнување: тоа е она што може да го поддржи системот. Тоа е она што Кремљ би го сакал за домашната стабилност“, рече таа. „Тоа се ад-хок методи за да се подигнат бројките, а кога тоа нема да ги покачи, тие ќе мора да ескалираат“.
„Почна вториот бран на мобилизација“
Русија со години се обидуваше да ги модернизира и надгради практиките и структурата на силите од советската ера, да ги направи своите вооружени сили попргави и попрофесионални. Сепак, руските команданти се спротивставија на прекинот на задолжителната регрутација, а сите мажи на возраст меѓу 18 и 27 години се обврзани да отслужат една година.
Според законот, на тие војници им е забрането да служат надвор од границите на Русија или во борбени зони, иако на почетокот на инвазијата, можеби по грешка, имаше распоредување на мал број регрути во Украина.
Со оглед на тоа што инвазијата во Украина се претвора во истрошувачка војна , руските воени претставници со месеци сигнализираа дека најверојатно ќе бидат потребни нови војници за воените напори.
Минатото лето, Министерството за одбрана спроведе кампања за пријавување волонтери, наречена „контратники“. Тој напор се надоврза со построгите напори на озлогласената приватна платеничка компанија Вагнер Груп, која вклучуваше регрутирање затвореници за борба, во замена за помилување.
Претходно, Кремљ ги приспособи и старосните ограничувања за луѓето кои може да служат како волонтери.
Во декември, министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека Русија ќе ги зголеми своите вооружени сили на 1,5 милиони, иако најави дека ова е главно насочено кон проширување на НАТО, особено кон претстојното членство на Финска во алијансата.
Септемвриската наредба за мобилизација на Путин беше најдраматичниот потег.
Сепак, процесот набргу стана хаотичен, со голем број јавни поплаки од новосоздадените единици и нивните роднини за квалитетот на оружјето и опремата што се делеше, за обуката што ја добија или за командантите кои го надгледуваат распоредувањето.
Според информативниот сајт Ura.ru, новата кампања за регрутирање ја надгледува Дмитриј Медведев, поранешниот претседател кој сега е воен коментатор и потпретседател на Советот за безбедност на Путин, а наводно има за цел да обезбеди 400.000 нови војници низ Русија.
Веб-страницата на 10 март објави дека официјални лица издале квоти за регрутирање на регионалните воени власти: на пример, по 10.000 мажи за регионите Свердловск и Чељабинск; 9.000 за регионот Перм.
Во Воронеж, регионалната влада на 14 март објави дека се испраќаат повици до неодреден број мажи.
„Посебно нагласуваме дека единствената цел на овие настани е единствено ажурирање на податоците за воена регистрација, во воените канцеларии за регистрација и упис во Воронеж“, велат властите во објавата за Телеграм.
„Ова е вообичаената рутинска работа на канцеларијата за воена регистрација и запишување, која постојано се спроведува: проверка на податоците за воената регистрација“.
Масикот вели дека не е сигурна дали тековното испраќање покани е всушност формална акција за регрутирање, или само воените регрутери се обидуваат да ги подготват своите бази на податоци и други системи за почеток на вистинската акција.
Во секој случај, таа се сомнева дека службениците ќе можат да ги достигнат своите цели за регрутирање.
„Многу од ова е едноставно фантастично: Мислам кој ќе се пријави за руската армија освен ако не биде принуден? вели рече. „Да, материјалните придобивки мотивираат некои. Но сепак…"
Николај Митрохин, руски социолог на Универзитетот во Бремен во Германија, наведе 31 регион каде веќе се испраќаа документи и документи за регистрација.
„Во Русија започна вториот бран на мобилизација“, рече тој во објава за Телеграм. „Досега, очигледно, тие го тестираа електронскиот систем кога ќе е готов“.
„[Но] сè уште не е јасно кој ќе биде повикан. Или сите кои ги исполнуваат условите, или само оние кои потпишуваат договор да служат“, рече тој.
Митрохин, исто така, шпекулираше дека службениците нема да можат да ги исполнат квотите на некои места, а потоа ќе бидат принудени да користат присилни мерки, за да ги принудат мажите да се пријават.
Во јужниот сибирски регион Чита, новинските извештаи го цитираа Јуриј Шувалов, воен регрутер, кој вели дека се организираат и нови часови за обука за резервистите заедно со испраќањето покани.
Во меѓувреме, годишното регрутирање на воени регрути, одделно од каква било дополнителна мобилизациска акција, треба да започне на 1 април. Руските власти рекоа дека се надеваат дека ќе регрутираат меѓу 170.000 и 200.000 мажи на пролетната регрутација.
„Верстка“, независна интернет-страница за вести, цитираше неименувани официјални лица во Воронеж и неименуван сибирски регион како велат дека кампањата за мобилизација ќе се фокусира на волонтерите во моментот и никој нема да биде присилно ангажиран и испратен во Украина.
„Можете да ја одбиете понудата да одите на фронтот“, изјави функционерот за Верстка, цитиран од агенциите.