Достапни линкови

Вести

Ковачевски за годинава најавува раст на домашното производство на струја за 20%

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето новогодишно обраќање истакна дека зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, а за 2023 година најави раст на производството на струја за околу 20%.

„Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зависноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме“, истакна директорот на АД ЕСМ.

Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас, а смета дека компанијата добро се справила и со предизвикот за обезбедување парно за Градот Скопје.

Притоа истакна дека и покрај кризата, се прават инвестициите во обновливи извори на енергија. Ја спомена првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, како и подготовките за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.

„Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина“, подвлече директорот на АД ЕСМ.

Енергетската криза измината година беше поттикната од руската воена инвазија во Украина, што доведе со стравување од можен недостиг на струја, паралелно со нејзино големо поскапување на светските берзи. Како што истакна Ковачевски, лани се ставијаа во функција сите домашни капацитети, па имавме зголемено домашно производство струја за 27 проценти, во споредба со претходната година.

види ги сите денешни вести

Герасимовски: Малолетници обиле па возеле багер во Капиштец

Малолетници во Капиштец обиле и управувале багер, а предизвикале и штета на паркирано возило, објави Општина Центар
Малолетници во Капиштец обиле и управувале багер, а предизвикале и штета на паркирано возило, објави Општина Центар

Во текот на изминатата ноќ, во паркот во скопската населба Капиштец каде што се изведуваат реконструктивни работи, малолетни лица обиле багер, го стартувале и управувале и предизвикале штета на паркирано возило, информираа од Општина Центар.

Општината вели дека уништени се и каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета, додавајќи дека „направен е увид, а истрагата продолжува“.

Ова е втор ваков инцидент во овој реон, откако пред неколку месеци беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општината, потсетуваат од Центар.

Во објавата на социјалните мрежи апелираат до родителите да разговараат со своите деца за последиците од ваквите постапки, бидејќи „јавното добро е за сите нас“.

„Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговорност“, порача градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Општината во јули објави видео снимки доставени од граѓани, на кои се гледаат сцени во кои млади лица уништуваат реквизити на детско игралиште во истата населба.

Градоначалникот тогаш побара засилено присуство на полицијата на терен, а во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) најави и дека тим правници од Центар заедно со стручни лица ќе состави предлог законски измени во Законот за семејство и законите за основно и средно образование, но и дека можни се и предлог измени на членови на други закони.

Општината планира да постави камери на одредени детски игралишта и пофреквентни локации каде навечер има вандализам. Состаноците со педагози, психолози и универзитетски професори, ќе бидат насока за почеток на кампања за подигнување на јавната свест кај децата и родителите, изјави Герасимовски во јули.

И претходно игралиштето во Капиштец беше мета на вандали за што пишуваше РСЕ во ноември минатата година. Дел од реквизитите беа уништени само два месеца по реновирањето.

Шестчасовна блокада во Нови Сад поради несреќата на железничката станица

Граѓани на Нови Сад напладне се собраа на протест, на крстосница близу местото на трагедијата, 17 ноември 2024 година.
Граѓани на Нови Сад напладне се собраа на протест, на крстосница близу местото на трагедијата, 17 ноември 2024 година.

Во Нови Сад, денеска (17 ноември) напладне започна протест на кој граѓаните бараат кривично гонење на одговорните за смртта на 14 лица по уривањето на настрешницата на Железничката станица во тој град.

Граѓаните се собраа на крстосница во близина на железничката станица, за трет по ред протест во Нови Сад, по трагедијата што се случи на 1 ноември.

Блокадата ќе трае од 12 до 18 часот, најавија организаторите од здруженијата „Став“ (Студентите против авторитарната власт) и „Свиќе“.

Како што јавува известувачот на РСЕ, граѓаните носат пароли на кои пишува: „Мене ми се живее“, „Затвор, а не странска амбасада“ и „Кога е премногу?“.

Како што соопштија од двете здруженија, со оглед на тоа што режимот се уште не одговорил на поставените барања, постепеното зголемување на притисоците и барикадите продолжува.

Несреќата на Железничката станица во Нови Сад се случи откако зградата беше официјално отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Во јавно достапните документи на државните институции во Србија не може да се пронајде дека железничката станица има употребна дозвола, која согласно законот се издава откако ќе се изврши технички преглед и ќе се утврди дека објектот е безбеден за употреба.

Во српскиот парламент на 15 ноември стигна предлог за гласање недоверба на премиерот на Србија, кој го поддржаа 71 пратеник од опозицијата.

Како причини наведени се „пропусти во вршењето на надлежноста и преземањето мерки, како и неизвршување на должноста за утврдување одговорност од надлежните лица, што довела до смрт на 14 лица“ при уривањето на бетонската настрешница.

Поради притисок од јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ поднесе оставка на 4 ноември.

Тој изјави дека поднесува оставка поради морална одговорност, но дека не ја прифаќа вината за трагедијата.

Дел од јавноста повеќе од две недели бара одговорните да бидат кривично гонети.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 13 ноември соопшти дека испрашало 66 лица, а наредено е тој ден да бидат сослушани уште пет.

Од Обвинителството изјавија дека во тек е градежното вештачење и анализа на примероци од градежните остатоци од урнатата настрешница.

Фрлени факели кон резиденцијата на Нетанјаху

Протести во Израел на 5 ноември 2024 година (Илустрација)
Протести во Израел на 5 ноември 2024 година (Илустрација)

Израелската полиција уапси тројца осомничени откако беа фрлени факели кон приватната резиденција на премиерот Бенјамин Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја, објави Асошиејтед прес. Во меѓувреме, во израелските воздушни напади врз Газа во текот на ноќта и денеска (17 ноември) загинаа 12 лица, според тамошните медицински претставници.

Властите соопштија дека Нетанјаху и неговото семејство не биле во резиденцијата и дека нема повредени. Полицијата не објави детали за осомничените кои стојат зад фрлањето на факелите, но официјалните лица посочија на „домашните политички критичари“ на Нетанјаху.

Израелскиот претседател Исак Херцог, го осуди инцидентот и предупреди на „ескалација на насилството во јавната сфера“.

Нетанјаху се соочи со повеќемесечни масовни протести поради неговото справување со заложничката криза предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година - која САД, ЕУ и други земји ја сметаат за терористичка организација - што ја разгори војната во Газа.

Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за пропусти во безбедноста и разузнавањето што го овозможија нападот, како и за неуспехот да се постигне договор со Хамас за ослободување на голем број заложници кои сè уште се во Газа. Израелците повторно се собраа во Тел Авив во саботата навечер барајќи договор за прекин на огнот со што би се вратиле на заложниците.

Министерот за правда, Јарив Левин, во меѓувреме, го искористи нападот за да повика на обновување на неговите планови за реконструкција на судството во Израел, што предизвика повеќемесечни масовни протести пред војната и кои сè уште предизвикуваат длабоки поделби.

„Дојде време да се пружи целосна поддршка за обновувањето на правосудниот систем и системот за спроведување на законот и да се стави крај на анархијата, дивеењето и обидите да му се наштети на премиерот“, рече тој во изјавата.

Поддржувачите велат дека промените во судството имаат за цел зајакнување на демократијата преку ограничување на овластувањата на неизбраните судии и пренесување на поголема моќ на избраните функционери.

Противниците го гледаат предлогот како заробување на власта од страна на Нетанјаху, кому му се суди по обвиненија за корупција и напад врз клучниот ревизор.

Опозицискиот лидер Јаир Лапид, во објава на платформата Х рече дека „остро го осудува“ фрлањето факели кон домот на Нетанјаху, а истовремено го отфрла предлогот на Левин.

„Левин треба да си оди дома со остатокот од оваа неодговорна влада“, напиша Лапид, додавајќи дека „нема да му биде дозволено да го претвори Израел во недемократска држава“.

Ноќни напади во центарот на Газа

Во нападот на Израел врз Газа во текот на ноќта загинаа шест лица во Нусејрат и уште четворица во Буреи, два бегалски кампа изградени во централна Газа кои датираат од војната во 1948 година, кога е создаден денешен Израел, извести Министерството за здравство на Газа кое е под контрола на Хамас.

Бегалски камп Нусејрат во централна Газа, 7 ноември 2024 година.
Бегалски камп Нусејрат во централна Газа, 7 ноември 2024 година.

Уште две лица загинаа во нападот на главниот автопат што се протега од северот кон југот на Газа, соопшти болницата „Ал Акса“ во централниот град Деир ал Балах, која ги прими сите 12 тела, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Војната меѓу Израел и Хамас започна откако палестинските милитанти го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе - главно цивили - и киднапирајќи 250 други. Во Газа се уште има околу 100 заложници, а се верува дека една третина од нив се мртви.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека околу 43.800 Палестинци биле убиени во војната. Министерството не прави разлика меѓу цивили и борци, но рече дека повеќе од поовина од загинатите се жени и деца.

Околу 90 отсто од населението на Газа кое броеше 2,3 милиони е раселено, а големи области се срамнети со земја во израелските бомбардирања и копнени операции.

Во четвртокот, десетте избрани членки на Советот за безбедност на ОН расправаа за нацрт-резолуција со која се бара „итен, безусловен и траен прекин на огнот“ во Газа. САД, најблискиот сојузник на Израел, е клучната земја за тоа дали Советот за безбедност ќе ја усвои резолуцијата.

Полска подигна авиони поради рускиот напад на Украина

Полски борбен авион Ф-16 (илустрација)
Полски борбен авион Ф-16 (илустрација)

Полска соопшти дека дека денеска (17 ноември) ги подигнала борбените авиони и ги мобилизирала сите расположливи сили како одговор на рускиот ракетен и беспилотен напад врз Украина.

„Поради масовниот напад на Русија, која врши напади со крстосувачки ракети, балистички ракети и беспилотни летала на локации кои се наоѓаат, меѓу другото, во западна Украина, започнаа операциите на полските и сојузничките авиони“, соопшти денеска на социјалните мрежи полската оперативна команда, пренесе Ројтерс.

Тие мерки беа „насочени кон безбедноста во областите во непосредна близина на загрозените зони“.

Украинскиот министер за енергетика, Герман Галушченко, на платформата Телеграм објави дека „масовен напад врз нашиот енергетски систем е во тек“ и дека руските сили „напаѓаат капацитети за производство и пренос на електрична енергија низ Украина“.

Жителите на Киев се засолнуваат во метро станица за време на рускиот напад на 17 ноември 2024 година.
Жителите на Киев се засолнуваат во метро станица за време на рускиот напад на 17 ноември 2024 година.

„Русија изврши еден од најголемите воздушни напади: со беспилотни летала и проектили кон мирни градови, заспани цивили и критична инфраструктура“, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, по бомбардирањето што предизвика прекин на електричната енергија во Киев и два други региони на исток.

Пожарникарите на место каде паднала руска ракета во Миколаев, Украина, 17 ноември 2024 година.
Пожарникарите на место каде паднала руска ракета во Миколаев, Украина, 17 ноември 2024 година.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека едно лице е повредено кога остатоци од дрон паднале врз станбена зграда.

Локалните власти и украинските медиуми објавија бројни експлозии низ целата земја, вклучително и Запорожје, Одеса и Миколаев на југ и Чернихив на север.

Украинската енергетска инфраструктура цел на масовен руски напад

Жена и дете одат кон засолниште за време на руски ракетен напад во Киев, рано на 17 ноември 2024.
Жена и дете одат кон засолниште за време на руски ракетен напад во Киев, рано на 17 ноември 2024.

Русија изврши еден од најголеми воздушни напади врз Украина, рече министерот за надворешни работи на Киев денеска (17 ноември), со беспилотни летала и проектили насочени кон енергетската инфраструктура и други цивилни локации во градовите низ земјата.

„Ова е вистинскиот одговор на воениот злосторник (претседателот Владимир) Путин за сите оние кои му се јавија и го посетија неодамна. Ни треба мир преку сила, а не смирување“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, на платформата X.

Подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала околу 120 проектили и 90 беспилотни летала во, како што рече, „масовен“ комбиниран воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина.

Експлозии беа пријавени рано на 17 ноември во главниот град Киев, како и во други градови низ земјата, вклучително и Одеса на брегот на Црното Море и југоисточниот град Запорожје.

Рускиот ракетен напад беше насочен кон енергетската инфраструктура низ Украина, принудувајќи превентивни прекини на струја, изјави украинскиот министер за енергетика Херман Галушченко.

Масовниот напад доаѓа во време кога руската инвазија врз Украина се приближува кон својот 1.000-ти ден. Русија троши огромни количини на оружје и човечки животи за да оствари мали, но постојани територијални придобивки на речиси една петтина од Украина што веќе ја контролира.

Во меѓувреме, Украина се бори да ги минимизира загубите, да го одржи моралот и да ги убеди сојузниците дека, со поголема воена помош, може да ја сврти ситуацијата. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека може брзо да ја заврши војната, иако не е јасно како.

Ракетниот напад уследи по нападот со беспилотно летало во текот на ноќта врз главниот град на Украина. Покрив на станбена зграда се запали во Киев поради паѓање на остатоци и најмалку едно лице е повредено, соопштија градските власти на платформата Телеграм.

Комбинираниот напад со беспилотни летала и ракети беше најмоќниот во последните три месеци, според шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко.

Украина користи роботи на бојното поле
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Воздухопловните сили на Украина издадоа предупредувања за воздушен напад низ сите региони на земјата околу 6 часот по локално време, предупредувајќи за нападот.

Во соопштението на социјалните мрежи, најголемиот приватен снабдувач на енергија во земјата - ДТЕК, објави дека вработените ја поправаат опремата, но не прецизираше што точно е погодено.

Најмалку 10 загинати во израелски напад врз училиште во Газа

Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут по воздушните напади на израелската армија, 16.11.2024.
Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут по воздушните напади на израелската армија, 16.11.2024.

Најмалку 10 лица загинаа, а 20 се ранети во израелски напад во градот Газа, кој погоди училиште во кое моментално престојуваат раселени семејства, соопштија лекарите во саботата (16 ноември).

Во училиштето Абу Аси управувано од ОН, луѓето можеби сè уште се заробени под урнатините, рекоа здравствените власти. Израелските власти сè уште не го коментирале нападот.

Израелската војска подоцна во саботата објави дека пресретнала две ракети истрелани врз Израел од северниот дел на Појасот Газа.

Лансирањето покажува дека палестинските милитантни групи сè уште можат да истрелуваат ракети врз Израел и покрај тоа што повеќе од 13 месеци спроведуваат воздушни и копнени офанзиви кои претворија огромни делови од Појасот Газа во пустош и раселија голем дел од неговото население кое броеше 2,3 милиони.

Здравствените власти во Појасот Газа контролиран од Хамас - која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација - соопштија дека најмалку 30 луѓе биле убиени во израелските воени напади низ Појасот Газа во саботата.

Во војната во Појасот Газа, според здравствените власти на таа територија под контрола на Хамас, досега загинале 43.799 луѓе.

Војната изби кога на 7 октомври 2023 година, членови на Хамас и други радикални организации ја нападнаа територијата на Израел и, според израелските податоци, убиле околу 1.200 Израелци и киднапирале околу 250 заложници кои ги однеле во Газа.

Напади во Либан

Либанското Министерство за здравство објави дека шест лица, меѓу кои три деца, биле убиени во израелски напад во долината Бека на истокот од земјата во саботата.

Официјалната либанска национална новинска агенција (ННА) објави дека во израелскиот напад врз селото Храјбех загинале шест лица од исто семејство.

Израелската армија изврши нови напади во утринските часови врз упориштата на проиранското движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут, откако го повика населението да се евакуира.

Во пресрет на нападот, портпаролот на израелската армија преку социјалната мрежа Х, ги предупреди жителите на населбата Харет Хреика да се евакуираат.

Израел почна да бомбардира цели во Либан на 23 септември, а на 30 септември започна копнена офанзива на југот на земјата.

Во текот на ноќта Хезболах изврши и два ракетни напади врз штабот на пешадиски баталјон во северен Израел. САД сметаат дека либанската група е терористичка организација, додека ЕУ на црната листа го стави само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Подгреан од војната во Појасот Газа, конфликтот меѓу Израел и Хезболах траеше една година пред Израел да започне офанзива во септември.

Израел му нанесе тешки удари на Хезболах, убивајќи многу од неговите водачи, вклучително и Хасан Насрала, и го опустоши јужен Либан.

Според податоците на либанските власти, од октомври минатата година во израелските напади во таа земја загинале повеќе од 3.400 луѓе. Како резултат на конфликтот со Израел, штетите на инфраструктурата и економските загуби на Либан достигнаа, според проценките на Светска банка, повеќе од осум милијарди американски долари.

Техеран негираше дека иранскиот амбасадор се сретнал со Маск

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, 25 септември 2024 година
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, 25 септември 2024 година

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во саботата (16 ноември) остро ја демантираше информацијата за средба меѓу иранскиот амбасадор во Обединетите нации и американскиот милијардер Илон Маск.

Во интервју за државната телевизија, Арагчи, исто така, предупреди дека Иран е „подготвен за конфронтација или соработка“ во неговиот спор со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и западните земји во рамки на тоа тело, околу иранската нуклеарна програма.

„Тоа (состанокот) е измислена приказна од американските медиуми и може да се шпекулира за мотивите зад ова“, рече Арагчи, повторувајќи ги претходните деманти од иранското Министерство за надворешни работи.

„Њујорк тајмс“ во четвртокот (14 ноември) објави дека Маск, кој е советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во понеделникот се сретнал со иранскиот амбасадор во ОН.

„Според мене, измислицата на американските медиуми за средбата меѓу Илон Маск и иранскиот претставник е форма на теренско тестирање за да се види дали има основа за таков потег“, рече Арагчи.

Тој додаде дека Иран се уште чека новата американска администрација да ја разјасни нејзината политика, врз основа на која Техеран ќе ја приспособи својата.

„Во моментов, ниту е време за такви состаноци, ниту е соодветно“, рече Арагчи, додавајќи дека иранското раководство предводено од врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не одобрило таков состанок.

Иранскиот министер за надворешни работи изјави дека има ограничен простор за нуклеарни преговори со Западот.

„Се уште има можност за дипломатија, иако можноста не е голема, тоа е ограничена можност“, рече Арагчи.

Односите меѓу Техеран и МААЕ се заострија поради неколку прашања, вклучително и забраната на Иран за експертите на агенцијата за збогатување ураниум да влезат во земјата, како и недостатокот на објаснување од страна на Иран за тоа како се појавиле траги од ураниум на непријавени локации.

Арагчи истакна дека нуклеарниот договор од 2015 година, со кој Трамп ги повлече САД во 2018 година во неговиот прв мандат, повеќе ја нема истата вредност за Иран.

Извори: Ројтерс, АФП

Студено време со магла по котлините

Илустрација - магла над Скопје, Северна Македонија
Илустрација - магла над Скопје, Северна Македонија

Времето денеска (17 ноември) ќе биде студено со појава на магла по одделни котлини.

Маглата се очекува претпладне, а попладне ќе преовладува сончево време со мала до умерена локална облачност, соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Минималната температура ќе биде од -8 до 1, а максималната од 8 до 14 степени.

Во Скопје, минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 11 степени.

До средината на следната работна недела времето ќе биде стабилно со студени утра. По котлините ќе има утринска магла, а дневните температури ќе бидат за неколку степени повисоки.

Метеоролозите најавуваат нов влажен бран кој најпрвин ќе биде проследен со засилен јужен ветер. Се очекува да започне во среда, кон крајот на денот.

Милитанти убиле најмалку 7 пакистански војници во Белучистан

Последиците од нападот на милитантите во Пакистан
Последиците од нападот на милитантите во Пакистан

Најмалку седуммина припадници на пакистанските паравоени сили се убиени, а 13 други се ранети во напад на милитанти на контролен пункт во планинската област Калат на околу 150 километри од Квета, главниот град на југозападната провинција Балучистан, соопшти Али Гул Балоч, заменик полициски комесар во Калат, за Радио Машаал на РСЕ.

Премиерот Шехбаз Шариф го осуди нападот, за кој одговорноста ја презеде сепаратистичката милитантна група Ослободителна војска на Балучистан (БЛА).

БЛА со децении водеше бунт против пакистанската држава, вршејќи претежно мали напади против владини сили.

Дијабетесот во подем - 130.000 со и илјадници без дијагноза

Илустрација - анализа на количина на шеќер во крвта
Илустрација - анализа на количина на шеќер во крвта

Дијабетесот во Северна Македонија е во подем и има околу 130 илјади дијагностицирани пациенти, како и уште половина од оваа бројка лица кои не се дијагностицирани.

Ова беше истакнато на денешниот (16 ноември) настан организиран од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ), каде по втор пат се одбележа Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.

Претседателот на СЗДСМ, Димче Велев, повика на решавање на предизвиците на македонските дијабетичари.

„Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, каде што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите“, рече Велев.

Тој нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени меѓу пациентите, потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.

Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, пак, истакна дека Министерството преговара со Светската здравствена организација (СЗО) за проширување на превентивните програми.

Ѓорѓина и Марио:„Да им помогнеме на лицата со дијабетес“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштад Македонија го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК.

Таму, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски истакна дека планот на ФЗО за следната година е да се затворат разговорите со Синдикатите и матичните лекари, а потоа да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.

„Ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината“, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ, на прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот, која се одржа на 14 ноември.

Бројот на луѓе кои живеат со дијабетес се зголеми од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година, а преваленцата се зголемува побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи, објави СЗО.

Над половина од луѓето кои живеат со дијабет не земале лекови за болеста во 2022 година. Опфатот со третманите бил најнизок во земјите со низок и среден приход, истакнуваат од организацијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG