По пауза од четири години, на мала врата по скратена постапка повторно се отвора можноста за враќање на државните реклами на приватните радија и телевизии, пракса која ја усоврши претходната власт на ВМРО ДПМНЕ, со фанфари ја укина СДСМ, ама сега пак ја враќа назад.
Предлогот за промена на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, познат и како Закон за медиуми, доаѓа од пет пратеници од власта и денеска е на дневен ред во Собрание.
Со него се бара бришење на членот 102 од законот, со кој беше запрено одливањето државни пари за кампањи во приватни медиуми, бидејќи праксата покажа дека тоа „ги наклонува“ овие медиуми кон власта.
Со реклами тешки неколку милиони евра до посвесни граѓани
Со законските измени, освен што се трга забраната за ваквото рекламирање, се воведува и обврска државата и општините да имаат од една до четири јавни кампањи годишно кои ќе се емитуваат на комерцијалните радија и телевизии.
Финансирањето на кампањите од јавен интерес се обезбедува од буџетот во висина од задолжителни 0,1 отсто.
Од нив, 80 отсто се наменети за кампањи од јавен интерес кои ќе се емитуваат само на национални телевизии, а останатите 20 отсто се наменети за регионалните телевизии и радијата на државно и регионално ниво.
Така, околу 4 милиони евра ќе отидат за кампањи од јавен интерес, по теркот на рекламите за трето дето, или за јадење здрава храна кои јавноста уште ги памети од времето кога премиер беше Никола Груевски.
Во предлог-законот доставен до пратениците е наведено дека измените се носат за поголема транспарентност при изборот на емитување кампањи од јавен интерес, како и нивно почесто спроведување и емитување за подигнување на јавната свест.
Носење важни измени во тесен круг
Професорката Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, вели дека дека ваква сериозна измена на законот мора да помине низ јавна дебата. Како медиумски експерт таа не била консултирана. Не биле консултирани ниту новинарските здруженија.
Трпевска посебно се осврнува на бришењето на членот 102, кој ќе отвори нова врата за државни пари во приватни медиуми.
„Кај нас голем обем јавни пари се одлеваат во приватните медиуми. Знаеме дека и со изборниот законик платената политичка програма се финансира од средства од Буџет, тоа е еден начин, а ова е веќе втор сериозен извор на одлевање јавни пари што може да ја доведе во прашање уредувачката политика на медиумите, без оглед што тие што се залагаат за ова тврдат дека тоа не е така“, загрижена е Трпевска.
Од слични причини, забележува, во Велика Британија има забрана во законот за емитување на јавни кампањи од било каков вид во аудиовизуелните медиуми. Зачудена е и што овие измени се носат избрзано, во период кога во Европската унија се дебатира за носење предлог акт за слобода на медиуми, со цел да се намали влијание врз уредувачката политика.
Во изјава за „Слободен печат”, за ставот на Европската унија за новите измени, евроамбасадорот Дејвид Гир вели:
„Измените на законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги предложени по скратена постапка покренуваат важни прашања поврзани со независноста на медиумите и пошироко со јавниот интерес. Како што наведовме претходно, ваквите промени треба да бидат компатибилни со стандардите и најдобрите практики на ЕУ и да се направат врз основа на политички консензус и по консултации со сите релевантни чинители”.
Новинарски здруженија контра измените
На иста линија е и Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинари на Македонија. Од ЗНМ реагираа и пред две години, кога измените ги најави тогашниот премиер Зоран Заев. Заев тогаш рече дека ќе биде даден предлог до надлежното министерство за укинување на членот 102, односно негова промена, „за да им се помогне на медиумите“.
И тогаш и сега останаа истите стравувања за можно влијание на власта врз начинот на известување на медиумите.
„Ако се донесе ваков закон каков што е сега, гледаме дека тоа нема да влијае добро на целата медиумска слика, затоа што голем дел од медиумите сметаат дека тоа е спротивно на заложбите за фер и транспарентен процес“, вели Чадиковски.
Заложбата на ЗНМ е да се користат европските практики, па предлогот на ова здружение за повеќе пари во медиумите е преку формирање Фонд за медиумски и новинарски продукти со кој сметаат дека ќе се овозможи фер натпревар и развој на професионалните редакции. Ова Чадиковски го смета за своевидно компромисно решение, за кое вели дека никој нема против, а ќе ја подобри медиумската слика.
Вчера критики за Законот стигнаа и од претседателот на Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум објектив“, Димитар Мицев. Според нив, на нетранспарентен начин се брише активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми и истовремено се предвидуваат огромни суми за радиодифузерите од буџетот на граѓаните.
„Не е потребно да се носат штетни закони со тесни интереси“, истакна Мицев.
На денешната собраниска седница измените на законот се ставени како 20-та точка на дневен ред.
СДСМ додека беше опозиција критикуваше дека со тоа се поткупуваат медиумите, како и дека нивното корумпирање беше очигледно преку уредувачката политика наклонета кон тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ.
Со години наназад нетранспарентно владино рекламирање беше силно критикувано во сите извештаи на меѓународните организации. Ова е дванаесетта промена на Законот кој за првпат беше донесен пред десет години.