Достапни линкови

Петковска - Катастрофалната состојба во медумите нема да се реши со враќањето на владините реклами


Петковска - Медиумите во Македонија долго се во длабока криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:39 0:00

Петковска - Медиумите во Македонија долго се во длабока криза

Јасни ни се последиците од создавањето на мрежа на корумпирани медиуми коишто сервилно и служат на власта која за тоа им возвраќа со пари за реклами. Решението не е во тоа членот 102 да се укине за да можат локалните и регионални медиуми да ги наплаќаат услугите за проследување на соопштенија од локалните власти. Потребни се стратешки поставени, одржливи решенија за економски опстанок на медиумската сфера, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми во неделното интервју на РСЕ.

Вашата организација деновиве одбележа 20 години постоење. Вклучени сте во сите процеси во медиумската област. Како во моментов гледате на целата атмосфера во медиумите во Македонија?

Искрено после 20 години се надевавме дека состојбата ќе биде далеку подобра отколку што реално е ситуацијата денес. Меѓутоа, споредено со периодот пред 20 години, горди сме што денес во Македонија има навистина голем број на многу квалитетни новинари кои со својот професионализам можат да се носат рамо до рамо со светски признати новинари.

Но, она што е проблем и предизвик сега, прво е наметнато од долгогодишната незаинтересираност и апатија која е поприсутна сега во овој период, како и значајната интервенција на властите во еден значителен период, од 2010 година со затворањето на А1 телевизија, нашата медиумска сцена западна во една длабока криза и таа криза е сè уште присутна. Главно се однесува на условите во коишто функционира новинарството и медиумите во Македонија и како тоа се рефлектира врз уредувачката политика и квалитетот на информациите коишто ги добиваат граѓаните.

Стејт департментот го објави новиот извештај за човекови права. Меѓу забелешките е насилството и заканите кон новинари. Зошто според вас, земјава континуирано толерира насилство врз медиумските работници?

Институциите во оваа држава најмногу потфрлаат кога се работи за решавање на прашањата поврзани со медиумската сфера и воопшто создавањето на систем и амбиент за функционирање на медиумите. Од тоа како е поставен пазарот на медиуми, од тоа како се имплементираат законите, од односот на обвинителството, на полицијата, начинот на којшто постапуваат судовите... Се работи за низа прашања кои бараат сериозен третман од страна на државата и всушност покажуваат како државата гледа на медиумите и новинарството во севкупното општествено милје. Тие се уште ја немаат позицијата и местото коешто им припаѓа во една домократска средина.


Дел од проблемот е и тоа што нема судска разрешница на случаите за напади и насилство врз медиумските работници?

Да, добар дел од тие случаи се уште не се разрешени. Организациите кои се многу поактивни во оваа сфера, Синдикатот (ССНМ) и ЗНМ, упорно апелираат и предупредуваат на опасноста која создава една пракса на нетолеранција, пракса на казнување коешто потоа резултира со конкретни насилства врз новинарите и медиумските работници.

Власта најавуваше законски измени со кои нападите врз новинари ќе се третираат како напад врз службено лице? Зошто и натаму не се донесени овие измени?

Тоа беше навистина добра иницијатива од страна на Владата, меѓутоа колку што ми е познато постапката е сега во Собранието и таму е, условно кажано, заглавен процесот, и за причините зошто е тоа така има навистина оскудни информации. Транспарентноста на целиот процес сега откако иницијативата е во Собранието, е прашање за коешто се надевам дека ќе има некакви одговори од страна на институциите, бидејќи вака се добива впечаток дека помпезно се најавуваат одредени позитивни решенија кои на крајот никако не се реализираат.

Тоа би ја променило состојбата?

Може да влијае, секако дека може да влијае многу позитивно врз начинот на којшто новинарите известуваат на терен, нивната безбедност е од клучно значење за да можат работата да си ја работат одговорно, професионално и без страв од закани.


Актуелнава власт во минатото рекламирањето со јавни средства во приватни медиуми го нарекуваше медиумска корупција, а сега најавува измени на законот за укинување на забраната за рекламирање. Како ова ќе влијае врз независноста на медиумите?

Ние имаме принципиелен став во однос на тоа прашање и се повикуваме на горкото искуство што го имаме кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Јасни ни се последиците од создавањето на мрежа на корумпирани медиуми коишто сервилно и служат на власта која за тоа им возвраќа со пари за реклами. На тоа јасно предупредуваме како на потенцијална опасност, бидејќи би било илузорно истите грешки како држава постојано да ги повторуваме. Дали наидуваме на разбирање и од медиумите и од властите, зборувам не само за нас, туку и за сите релевантни медиумски организации и еснафските организации, тоа е прашање, но наше е да предупредиме дека мора да се најдат други механизми за решавање на исклучително тешката економска состојба во која се наоѓаат медиумите. Добро е што за време на кризата беа намалени износите за придонеси за вработените во медиумите. Агенцијата за медиуми ги намали давачките кои радиодифузерите ги имаат кон нив за лиценците. Предлагаме веќе подолго време да се формира Фонд за медиуми, каде што пристап ќе имаат сите медиуми коишто имаат добра идеја да создадат, да понудат квалитетна содржина. Предлагаме да се намалат давачките, да се намалат даноците и на тој начин тоа да влијае врз намалување на трошоците, подобрување на економската состојба, меѓутоа ништо од тоа не е реализирано, ниту пак има некакви најави нешто да се реализира. Ние сме свесни дека економската состојба во медиумите е не лоша, туку катастрофална. Особено е лоша состојбата во локалните и регионалните медиуми кои се пред затворање. Речиси не постои локален и регионален медиум којшто не се жали и не најавува затворање, бидејќи локално условите за генерирање средства на комерцијална основа се речиси невозможни. Нас ни фали еден широк општествен дијалог во поглед на тоа прашање. Решението не е во тоа членот 102 да се укине за да можат локалните и регионални медиуми да ги наплаќаат услугите за проследување на соопштенија од локалните власти. Тоа е несериозно за дискусија. Потребни се стратешки поставени, одржливи решенија за економски опстанок на медиумската сфера во кои треба да биде вклучена и државата, бидејќи по закон државата е одговорна да се грижи за креирање амбиент и услови за функционирање на медиумите, се разбира да бидат вклучени и медиумите и сите други релевантни институции.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG