Достапни линкови

Врабевски - Ако мора, бугарските здруженија ќе ги сменат имињата


Отворање на бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, 7 октомври.
Отворање на бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, 7 октомври.

Бугарските здруженија во земјава ќе постапуваат според закон, кој предвидува во рок од три месеци да си ги променат имињата, вели финансиерот Милен Врабевски. Бугарското МНР смета дека Законот ќе го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија.

Бугарските здруженија ќе направат сè што е потребно да продолжат да постојат во согласност со сите закони во Северна Македонија, велат од Фондација „Бугарско сеќавање“ на бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски. Фондацијата на барање на бугарската држава ги финансира овие здруженија во Македонија.

Со законот директно се засегнати бугарските здруженија во земјава, Иван Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид. Тие имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар, откако македонското Собрание на 2 ноември изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.

Во одговор за Радио Слободна Европа од Фондацијата велат дека како земја членка на Европската унија, секогаш постапуваат по закон, и доколку никој не ги обжали на повисоко ниво измените на Законот за здруженија, бугарските здруженија ќе го почитуваат тоа.

Бугарско МНР сериозно и силно загрижено

И додека бугарските здруженија во земјава молчат, сериозна и силна загриженост изразува бугарското Министерство за надворешни работи (МНР). Бугарското МНР смета дека тоа ќе го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија, зашто има еднострано толкување на историските факти.

Од Фондацијата „Бугарско сеќавање“, велат дека нема да ги коментираат одлуките на македонските власти, но додаваат дека ставот на бугарската држава за ова прашање, може да се смета и за нивен став.

Директен линк

Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ која ги иницираше измени на Законот, вели дека не очекувала вака наивно да постапуваат бугарските институции, кои, како што вели, тие се високо професионални и во кои се внимава на искажаниот збор.

„Ако се каже во нивната реторика дека на овој начин се загрозува здружувањето на Бугарите во Македонија, тоа е сосема неправично бидејќи не сметам дека сите здруженија ќе имаат имиња на контроверзни ликови – фашисти, нацисти или соработници на Третиот Рајх, националсоцијалисти. Напротив, имаат имиња на престижни уметници, поети, доктори, културни работници. Доколку решат да отворат здружение на граѓани или културен клуб Пешев во Скопје, јас и би присуствувала на таквото отворање“, вели Мизрахи за Радио Слободна Европа.

Здружението Културен центар Иван Михајлов Битола е формирано во март 2019, а клубот Иван Михајлов ВМРО беше отворен во април годинава. Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари Цар Борис Трети Охрид е основано во ноември 2021, а во октомври годинава беше отворен истоимениот клуб во центарот на Охрид.

Овој закон не се однесува на спортските клубови и трговските друштва. Се работи и на измени на Законот за трговски друштва, но поради неговата обемност, за тоа ќе требаат неколку месеци, додава Мизрахи.

Побаравме коментар од претседателите на двете здруженија, Томе Блажески на „Цар Борис Трети“ во Охрид и Љупчо Ѓоргиевски на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, за тоа дали ќе ги сменат имињата или ќе чекаат да бидат избришани. Но тие не одговорија на нашите телефонски повици, СМС пораките и на мејловите.

Политичките елити „да ја смират топката“ со клубовите

Два дена по донесувањето на измените реагираше бугарското МНР. Тие сметаат дека телото во Министерството за правда кое ќе биде задолжено за давање согласност за имињата на здруженијата, еднострано ќе толкува историски факти, што, пак, нема да ја деблокира работата на македонско - бугарската Комисија за историски и образовни прашања.

Бугарските власти оценуваат дека овие законски измени го попречуваат спроведување на Договорот за добрососедство.

„Ги повикуваат македонските власти во духот на стратегијата „Едно општество за сите“ да обезбеди услови за претставниците на етничките заедници да ја задржат и развиваат својата култура, идентитет и традиција“, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.

Мизрахи, пак, вели дека двата народи имаат капацитет да изградат добри односи и без контроверзни договори, да соработуваат на полето на земјоделство, инфраструктура што ќе ги поврзува, вистински културни настани, медицинска соработка.

„Тоа ќе ги зближеше повеќе, тие и се зближени со децении наназад, никогаш не било контроверзно Македонец да патува и да ја посети Бугарија или Бугарин да ја посети Македонија“, вели Мизрахи.

Сите настани во Бугарија или во Македонија поврзани со историјата се одразуваат на работата на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања. За отворањето на клубовите не се зборувало на состанокот на Комисијата, што се одржа мината недела, но сепак била присутна атмосферата што се создаде во јавноста по отворањето, вели Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања.

Тој во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела, вели дека отворањето на клубовите со такви имиња, станува јаболко на раздорот и причина за уште поголема тензија меѓу Македонците и Бугарите.

„Доколку двете држави сакаат тие клубови да придонесат за релаксирање на односите меѓу двете држави, тогаш треба политичките елити на двете држави да седнат и да размислат добро на кој начин ќе се менаџираат тие клубови, затоа што очигледно е дека отворањето на тие клубови, посебно на бугарските клубови во Македонија, имаат друга цел, односно да ги нарушат уште повеќе односите меѓу Македонците и Бугарите, и тоа очигледно станува збор за некоја смислена политика, која можеби се води во некои други центри надвор и од двете држави“, вели Ѓоргиев.

Во Благоевград отворена само канцеларија на клубот, се уште се бара решение за негова регистрација

Во Бугарија, пак, на 30 октомври во Благоевград беше отворена канцеларија на клуб со името на поетот Никола Вапцаров. Бугарија тоа го оцени како провокација. Но Ѓоргиев вели дека за македонскиот клуб во Бугарија е избрана личност што не е контроверзна и која е прифатена и во бугарското општество. Кога се обзнанила идеја за отворање на клубот, Бугарскиот Врховен суд го активирал решението за затворање на македонското здружение во Бугарија за човекови права „Никола Вапцаров“. Постоењето на ова здружение е под знак прашалник уште од 2019, но на 8 октомври Врховниот суд го потврдува мислењето на Судот во Благоевград за негово згаснување.

Отоврање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, 30 октомври 2022
Отоврање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, 30 октомври 2022

Атанас Мазнев е еден од основачите на здружението, како и еден од иницијаторите за клубот. Всушност минатиот викенд е отворена само канцеларија на клубот, а се уште се разработуваат идеи како тој да биде регистриран пред бугарската Агенција за регистрација на здруженија, партии, фирми.

„Ако не нè регистрираат, ние ќе останеме нерегистирани, но тие ни по тој начин не можат да не забранат, затоа што станува збор за иницијатива на Македонците од Пиринска Македонија, ние немаме здружение, нема како да не забранат“, вели Мазнев.

Отворањето на клубовите во Македонија почна пред усвојувањето на францускиот предлог со кој се одблокираа евроинтеграциите на Северна Македонија. Според овој предлог, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите со ЕУ по поглавја.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG