Достапни линкови

Војната на клубовите ги раздалечува народите


Протест на ВМРО-БНД во Благоевград по повод отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“.
Протест на ВМРО-БНД во Благоевград по повод отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“.

Политичари во Македонија и Бугарија отворањето на културните клубови во двете земји го користат за политички цели и сакајќи да се прикажат како патриоти само ги продлабочуваат разликите и поделбите меѓу Македонците и Бугарите, велат за РСЕ историчари и комуниколози. Од друга страна, властите од двете земји прават и чекори на приближување со старт на проекти како Коридор 8.

По отворањето на културните клубови во Македонија и Бугарија, за кои во двете земји се смета дека служат за провокации, тензичната атмосфера продолжува. Ден по отворањето бугарските власти ја затвораат организацијата која стои зад клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, чие отворање викендов помина во тензична атмосфера. Од друга страна, македонските власти не дозволија отворање Културен клуб со името на бугарскиот цар Фердинанд во Богданци. Во Собранието пак македонските пратеници почнаа процедура за законски измени за да се забрани отворање на здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.

Во исто време двете држави промовираат заеднички инфраструктурни проекти, како почетокот на изградбата на делница од пругата кон Бугарија и проширување на капацитетот на гасоводот.

И додека дел аналитичари оценуваат дека почнувањето на проектитите како Коридор 8 значи чекор кон приближување на двете земји, тензичната атмосфера со клубовите го дава спротивниот ефект. Наместо ширење култура, како што се обајснува нивната цел, се случуваат инциденти и блокади во присуство на политичари од двете земји. Сето тоа потоа се префрли и на социјалните мрежи.

Манипулација со чувствата

Постоењето и отворањето на вакви клубови е демократско право и тоа никој не со спори, велат историчари и комуниколози со кои разговаравме, но тие укажуваат дека ефектот од нив во моментов е продлабочување на проблемите во односите меѓу Македонците и Бугарите.

Проблемот меѓу двете земји е многу подлабок и трае долго низ историјата, иако сегашната официјалната политика меѓу двете земји не е таква, вели универзитетската професорка Мирјана Малеска.

Таа смета дека со сегашното отворање на културни клубови, и во Македонија и во Бугарија се манифестира некаков вид на подземна политика преку невладини организации или фондации, со навидум проевропски програми, но со скриени националистички агенди. Политичарите и политичките партии во ваквите случаи сакаат да спечалат политички поени, вели таа.

Директен линк

„Најмногу политички поени една политичка партија ќе спечали доколку се прикаже себеси како патриотска, во одбрана на нешто што можеби не е точно ама ќе го претстави пред народот и ќе се повика на неговите чувства, како загрозување на идентитет, на јазик. И секако дека политичарите се таму за да спечалат политички поени, но проблем според мене е бидејќи целата заедница е длабоко вовлечена во овој проблем, емотивно го доживува, има манипулација со чувствата на граѓаните. Испаѓа дека политичарите кои присуствуваат на отворањето на клубовите не придонесуваат за подобрување на односите меѓу народите“, вели Малеска.

Во однос на Клубот „Никола Вапцаров“, по тензичниот викенд Советот на општина Благоевград усвои декларација со која се спротивстави на отворањето на клубот, нагласувајќи дека Никола Вапцаров е бугарски поет, а формирањето центар со неговото име во градот е „груба провокација и демонстрација на организациите кои се нелегитимни за нашиот закон“.

Првиот културен клуб кој беше отворен беше бугарскиот во април оваа година во Битола кпо името „Ванчо Михајлов“, а на настанот присуствуваа тогашниот бугарски премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова, со што предизвикаа остри критики и коментари во македонската јавност. Зградата каде беше отворен клубот неколку месеци подоцна беше запалена, откако македонски граѓанин подметна пожар на влезната врата.

Клубот во Битола го запали популарниот пејач Ламбе Алабаковски, за што доби условна затворска казна.

Во македонската јавност спорно за клубот е да го носи имете Ванчо Михајлов, кој роден во Штип, но се смета за соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На почетокот на овој месец беше отворен уште еден бугарски клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид. Таму присуствуваше бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов. На отворањето на овој клуб имаше протести, а неколку дена подоцна беше оштетена таблата со името на клубот.

Протестот го организираше партијата Левица и го поддржа ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица порачаа дека цар Борис Трети е „фашистички државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот“.

Тогаш и еврејската заедница во Македонија излезе со став дека е згрозена од „глорификацијата на фашизмот и ширењето на јазикот на омразата“.

Во оваа насока пратениците во македонскиот Парламент ја започнаа иницијативата за да ограничи правото на здруженијата да избираат имиња кои се поврзуваат со фашизам.

Иницијативата за Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи рече дека треба да им се стави крај на овие процеси.

„По, Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители“, изјави Мизрахи на протестот во Охрид.

Цар Борис Трети владеел во Бугарија од 1918 до 1943 година, а во негово време во 1941 година Бугарија станува сојузник на нацистичка Германија, со што за возврат добива територии, вклучително и голем дел од денешна Македонија.

Во Македонија, овој период од историјата се нарекува „бугарска фашистичка окупација“, додека историчарите во Бугарија сметаат дека точниот термин е „анексија“, а дека владеењето пред 1944 година треба да се дефинира како „авторитарен режим под влијание на фашистичките идеи“. Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ е формирано во ноември 2021 година.

Настанот пред два дена за отворањето на Клубот „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград се случуваше со засилено полициско обезбедување, каде имаше вербални инциденти, а на македонската делегација, не ѝ беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад, затоа што таму протестираа приврзаници на десничарската бугарска партија ВМРО-БНД предводени од европратеникот Ангел Џабазки.

На овој настан присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, како и генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица , Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Народите се блиски, не се потребни клубови за нивно зближување

Комуникологот Александар Цветкоски смета дека Македонците и Бугарите се доволно блиски народи на кои им треба зближување преку вакви клубови. Овие клубови не се прават за да ги зближат народите, туку спротивно за да ги раздалечат, бидејќи ако народите се зближат нема да има толку политичари колку што ги има сега на сите страни од барикадите, вели Цветкоски.

„Тој „гап“ можеме да го гледаме на многу нивоа. Прво, инволвирањето на политичарите. Тие секогаш биле инволвирани околу националните прашања, не само овде, туку секаде во светот, затоа што тие се како мршојадци, каде што гледаат мрша тие нормално дека ќе се инсталираат“, вели Цветкоски.

Политичарите обично ги искористуваат чувствата на граѓаните, додава тој, тоа се инструментализира и се користи за политички цели. Луѓето кои демонстрираат, свесно или несвесно, во суштина поддржуваат нечии политички кариери и агенди, вели Цветкоски.

Ако целта е да се бараат сличности, а не разлики меѓу народите, тоа може да се направи многу поедноставно со работа на етнолози или антрополози кои можат да обработуваат теми од антрополошка, етнолошка или јазична гледна точка.

„Ова што се случува е смешно, но е неминовно затоа што политичкиот дискурс е главен и тој одлучува на какви истражувачи ќе им ги даде парите за проекти или дела. Од интенцијата на политичкото општество така понатаму ќе се случуваат работите, и во науката, во антропологијата, етнологијата, социологијата, политикологијата и за жал тие диктираат, што значи дека подобрување нема да има, бидејќи конфликтот на политичарите им е еминентно корисна состојба за да си останат на власт без никаква развојна агенда“, вели Цветкоски.

Формално, бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ во Македонија се основани од македонски државјани кои се чувствуваат како етнички Бугари. Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија го отворија бугарски државјани, кои се чувствуваат како етнички Македонци.

Но, отворањето на овие центри ја брануваат политичката јавност во двете земји, затоа што и во Македонија и во Бугарија, нивното отворање се доживува како провокација.

Бугарските клубови во Македонија и македонскиот клуб во Бугарија се приватни иницијативи кои се спроведуваат со донации од приватни лица. Владите на двете земји не стојат зад нивното отворање.

Македонија и Бугарија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. И покрај тоа, Бугарија во 2019 година стави вето Скопје да ги почне преговорите со Европската унија.

Но, пред неколку месеци прво Бугарија го усвои таканаречениот француски предлог и го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).

Во јули францускиот предлог го прифатија и македонските власти, но за да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата, нешто кое треба да се случи за околу една и пол година и за што е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.

Пред потпишувањето на францускиот предлог, во Скопје се случуваа протести во кои учествуваше и опозициска ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека прифаќањето на предлогот е национално предавство и закана за „бугаризација“ на земјата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG