Вести
Вербален инцидент меѓу Мицкоски и граѓанин на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград
Вербален инцидент се случи денеска во Благоевград на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и граѓанин кој носел звучник од кој одекнуваа патриотски песни.
Нарекувајќи го Мицкоски предавник, граѓанинот побарал од него да зборува бугарски по што насобраните граѓани почнале да извикуваат „Македонија, Македонија“.
Инцидентот се случил кога гостите и домаќините се упатија кон споменикот на таткото на Гоце Делчев. Денешното отворање на клубот се одржува со засилено полициско обезбедување.
Мицкоски изјави дека присуствува на отворањето „за да им дадеме поддршка на нашинците во Бугарија и да испратиме јасна порака дека ние сме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија“.
види ги сите денешни вести
Клековски: Лековите поевтини од кутија цигари, не треба да бидат на позитивната листа
Матичните лекари ќе добијат зголемена капитација, а пациентите проширена позитивна листа на лекови. Ова се дел од новините кои за идната година ги најави директорот на Фондот за здравството осигурување, Сашо Клековски.
Фондот за здравството осигурување има повеќе дилеми за тоа како да ја прошири позитивната листа, но приоритет ќе имаат лековите за кардиоваскуларни болести, оти како што рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, тие се причина за 60 отсто од смртните случаи во земјава.
Тој истакна дека лековите кои во моментот се поевтини од една кутија цигари и чинат од 50 до 100 денари, не би требало да бидат на позитивната листа.
„Треба да се ослободат средства за понови и поскапи лекови. Говорам за таму каде што товарот врз граѓаните е поголем. Според проценката од СЗО, 65 отсто од потрошувачката на лекови е платена од џебот на граѓаните. Тој процент мора да го намалиме, но и тука ни треба стратегија“, рече Клековски на брифинг со новинарите.
Од ФЗО најавуваат и поскапување на специјалистичките прегледи, иако како што велат, тоа нема да биде радикално.
„Цената на основен специјалистички преглед е 280 денари и таа е цената од пред повеќе од 10 години. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне како во приватните болници, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 до 15 денари“, изјави директорот на ФЗО.
Во меѓувреме, Фондот и Министерството за здравство со поддршка од ЕУ преку нова стратегија ќе го решаваат проблемот со недостиг на кадри, особено во внатрешноста. На здравствените установи не им недостигаат само лекари и медицински сестри, туку и болничари и хигиеничари, но ретко кој сака да работи на овие позиции.
Според Клековски, неминовна ќе биде и регионализацијата, а тоа ќе значи функционирање на поликлиниките надвор од Скопје како дневни амбуланти. Болнички капацитети пак, ќе има само во неколку поголеми регионални центри.
Вработените со договор на дело повторно ќе извисат
Уште еден проблем на кој укажуваат од Фондот е нерешениот статус на голем дел од лекарите. Над илјада здравствени работници од целата државата чекаат трајно вработување, но нивните договори, според најавите од Клековски, нема да бидат трансформирани со закон.
„Сите јавни здравствени установи имаат обврска да поднесат барање до Министерството за здравство, но и до Министерството за финансии преку Фондот. Тоа е барање за нови согласности за вработување во 2025 година и треба да се реализира до 31 март 2025 како краен датум“, објасни Клековски.
Со одлука на ФЗО, на овие здравствени работници, договорите на дело им се продолжени за уште три месеци.
Таргетот на новите вработувања ќе биде за околу 1500 лица, но новото решение за кое размислуваат здравствените власти, отвора можност да не добијат трајно вработување оние кои сега работат со вакви договори, бидејќи на оглас ќе може да конкурира кој било.
„Теоретска шанса има, но станува збор генерално за средномедицински кадар. Не станува збор за лекари. Не верувам дека понудата на работна сила е толку голема. Во најголем дел од здравствената заштита има голем недостиг на овие кадри“, додаде Клековски.
Решавањето на работниот статус на околу илјада вработени во здравството кои имаат договор на дело, требаше да се реализира до крајот на оваа година. Министерот за здравство, Арбен Таравари зборувајќи за огромниот дефицит од кадри, рече дека до крајот на 2024 ќе има решенија барем за дел од нив.
Решение за овој проблем најави и еден од неговите претходници, екс министерот Фатмир Меџити, кој меѓу другото, ветуваше и дисперзија на кадри од Клиничкиот центар низ целата државата.
Минчев: Новиот закон за правична застапеност не смее да биде предмет на политика
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска (27 декември) изјави дека не е важно кога ќе биде донесено законското решение за правична застапеност, туку дека тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии.
Законското решение, вели Минчев, треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.
„Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд“, рече Минчев на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали по укинување на Балансерот од страна на Уставниот суд, во догледен рок ќе биде донесено ново законско решение за правична застапеност во јавната администрација.
Во врска со ова законско решение, како што подвлече, треба да бидат вклучени експерти од областа на Уставот.
Тој посочи дека втората фаза на имплементација на законското решение е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.
„Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон“, рече Минчев.
Тој истакна дека кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен.
„Многу фама се крева околу укинувањето на балансерот, но статистичките податоци го велат следното - Од 2001 до 2015 година не постоел балансер како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување, во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен“, рече Минчев.
Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.
Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.
Турција планира да извезува струја во Сирија
Турција планира да извезува електрична енергија во Сирија и да работи на обнова на енергетската инфраструктура, изјави турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар.
Тој најави дека ќе ја предводи турската делегација при утрешната посета на Сирија, каде ќе се разговара за снабдувањето со енергија, инфраструктурата и други прашања.
„Треба брзо да обезбедиме електрична енергија за делови од Сирија каде што нема струја, прво преку увоз. На среден рок планираме да го зголемиме инсталираниот производствен капацитет“, посочи Бајрактар.
Министерот додаде дека Анкара може да соработува со новата сириска влада на полето на екстракција на нафта и природен гас, истакнувајќи ја можноста за изградба на нафтовод помеѓу Сирија и Турција, што би бил поврзан со постојниот нафтовод Ирак-Турција.
Падот на владата на Башар ал Асад од рацете на бунтовниците, вклучително и фракциите поддржани од Анкара, практично ја направи Турција доминантен странски актер во Сирија на сметка на Иран и нејзиниот сојузник Русија.
Турција и Иран со години се натпреваруваат за влијание на Јужен Кавказ, а се чини дека ова ривалство сега се прошири и на истокот.
Штајнмајер го распушти Бундестагот и закажа избори на 23 февруари
Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер денеска (27 декември) го распушти германскиот Парламент и закажа предвремени парламентарни избори на 23 февруари. Ова следува откако трипартиската владејачка коалиција предводена од канцеларот Олаф Шолц се распадна.
Шолц го загуби гласањето за доверба во парламентот претходно овој месец, по повлекувањето на Слободната демократска партија (ФДП), чиј лидер е министерот за финансии Кристијан Линднер. Со тоа, владата остана без поддршка на парламентарното мнозинство.
Губењето на довербата го означи фактичкиот почеток на изборната трка за нов канцелар на Германија.
Според досегашните анкети, фаворит за наследник на Шолц е лидерот на конзервативната коалиција Христијанско-демократска/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц.
Тој ја обвини владата за преголеми регулации кои го задушиле економскиот раст.
Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на Шолц во повеќето анкети заостанува зад ЦДУ/ЦСУ за повеќе од 10 процентни поени.
Крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) исто така ја надминува СПД во анкетите, иако со мала предност. На четврто место засега се наоѓаат „Зелените“.
Естонската морнарица со патроли за заштита на електричните кабли со Финска
Естонските вооружени сили започнаа поморска операција за заштита на подводниот електричен кабел Естлинк 2 во Балтичкото Море, соопшти министерот за надворешни работи на Естонија Маргус Цакна.
„Доколку постои закана за подводната критична инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“ напиша Цакна на платформата X.
Финските власти го задржаа бродот поврзан со Русија, кој моментално се наоѓа во финските територијални води, за да истражат дали тој го оштетил кабелот за пренос на струја во Балтичкото Море и неколку интернет кабли, соопшти финската полиција.
„Финската полиција и граничната служба вчера (26 декември) извршија контрола на бродот „Eagle S“, преземајќи ја командата врз него“, рече началникот на полицијата во Хелсинки, Јари Лиуку, на прес-конференција.
Припадниците на крајбрежната стража се качија на бродот, кој е регистриран на Куковите Острови, додека тој се наоѓаше во Балтичкото Море, и го пренасочија во финските води.
Истрагата се фокусира на сомнежот дека сидрото на бродот „Eagle S“ го оштетил кабелот, објави финскиот јавен сервис Yle, повикувајќи се на полициски извори.
Електричниот кабел Естлинк 2, кој пренесува струја од Финска до Естонија преку Балтичкото Море, беше оштетен во средата.
Поправката на овој 170-километарски интерконектор ќе трае неколку месеци, а прекинот на кабелот може да предизвика потешкотии во снабдувањето со електрична енергија за време на зимата, соопшти финскиот оператор за пренос на електрична енергија Fingrid.
Пратениците го отповикаа привремениот претседател на Јужна Кореја
На 27 декември, јужнокорејските пратеници го отповикаа вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Хан Дук-со.
Барањето на опозицијата за смена беше поднесено на 26 декември, откако привремениот претседател одби да именува судии на Уставниот суд.
Уставниот суд има шест месеци да ја потврди или отфрли смената на конзервативниот претседател Јун Сук Јеол, што пратениците ја изгласаа на 14 декември по неуспешната вонредна состојба во земјата.
Хан Дук-су ја презеде привремената претседателска функција, а Џун Сук-Јол беше суспендиран додека се чека пресудата на Уставниот суд.
Пресудата на Уставниот суд се носи со двотретинско мнозинство, но три места се слободни по пензионирањето на судиите минатата есен.
Воената состојба е без преседан во модерната демократска ера на Јужна Кореја, која започна во доцните 1980-ти, по децениската воена диктатура.
Мрачното политичко минато на Јужна Кореја е обележано со низа моќни воени лидери кои постојано прогласуваа воена состојба.
Јужна Кореја воспостави силна демократија по падот на воените режими, но останува силно поларизирана со процеси кои зависат повеќе од харизмата на политичарите отколку од демократските институции, посочуваат аналитичарите. Во меѓувреме, успеа да развие силна економија, четврта по големина во Азија со познати светски брендови.
На внатрешните услови во Јужна Кореја влијае и нејзината комплицирана меѓународна позиција, пред се поради тензиите со Северна Кореја, која се заканува со користење на нуклеарно оружје.
Прв случај на мајмунски сипаници во Косово
Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.
Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.
„Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Институтот ги следеше сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата“, се вели во соопштението.
Институтот повика на претпазливост, додавајќи дека луѓето со мајмунски сипаници обично имаат благи или умерени симптоми, кои траат две до четири недели.
Мајмунските сипаници се пренесуваат со близок контакт.
Тие обично се придружени со благи симптоми, но во некои случаи вирусот може да биде фатален за луѓето.
Вирусот е придружен со симптоми слични на грип, како и гнојни плускавци по целото тело.
Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје.
Прогласувањето на болеста за глобална вонредна здравствена состојба значи дека може да се распределат повеќе ресурси и да се преземат активности на глобално ниво за да се спречи ширењето на вирусот.
Сеул објави дека починал првиот севернокорејски војник заробен од Украина
Првиот севернокорејски војник за кој се сметаше дека е заробен во Русија откако Пјонгјанг распореди војници за да им помогне на руските воени напори во Украина, наводно, починал.
Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, Националната разузнавачка служба на земјата во кусото соопштение на 27 декември соопшти дека севернокорејскиот борец починал од раните здобиени пред неговото апсење од украинските трупи за специјални операции.
„Потврдивме преку сојузничката разузнавачка агенција дека севернокорејскиот војник, кој беше заробен на 26-ти, почина пред малку поради сериозни повреди“, се вели во соопштението.
Извештајот доаѓа еден ден откако украинскиот медиум Милитарњи објави дека војник за кој се верува дека е Севернокорејец бил заробен од украинските сили за специјални операции во рускиот регион Курск. Извештајот доаѓа еден ден откако украинскиот медиум „Милитарњи“ објави дека украинските сили за специјални операции заробиле војник за кој се верува дека е севернокорејски борец во рускиот регион Курск.
На Телеграм претходно беше објавена и фотографија од заробен војник, за кој се верува дека е ранет. Фотографијата не е независно потврдена.
Минатиот месец Пјонгјанг го ратификуваше договорот за „сеопфатно стратешко партнерство“ со Русија, зацврстувајќи го договорот што им го расчисти патот на неговите војници да се борат на руска територија против Украина.
Украинските сили окупираа дел од рускиот регион Курск, каде борбите се во тек.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 23 декември изјави дека повеќе од 3000 или околу една четвртина од севернокорејските специјални сили испратени во Русија биле убиени или повредени, иако тој ја оквалификувал неговата изјава како прелиминарна.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја објави помал број, соопштувајќи дека на 19 декември околу 1100 припадници на севернокорејските специјални сили биле убиени или повредени во Русија откако влегле во борбата против Украина.
Одделот за истражување на украинскиот сервис на РСЕ, Шеми доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и оние за кои се вели дека се севернокорејски борци.
РСЕ не можеше независно да ги потврди тврдењата. Русија не го коментираше извештајот.
Севернокорејската воена поддршка доаѓа во критичен момент од војната во Украина. Русија се обидува да ја совлада украинската пешадија со недоволно екипаж и недоволно ресурси.
Русија загуби повеќе од 600 000 војници во речиси тригодишната војна, објави Пентагон на почетокот на октомври. Руските сили потрошија толку многу воен материјал што сега се борат да ги надополнат своите потреби од артилерија и ракетни средства во услови на огромни западни санкции.
Сега, речиси две третини од минофрлачите и гранатите што Русија ги истрела кон Украина доаѓаат од Северна Кореја, објави Волстрит Џурнал, цитирајќи го Андриј Коваленко, офицер во украинската армија. Украиснките власти соопштија дека с секоја трета балистичка ракета е направена во Северна Кореја.
Се очекува одлука за распуштање на германскиот парламент
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска (27 декември) се очекува да ја соопшти својата одлука дали ќе го распушти Долниот дом на германскиот парламент, со што ќе се отвори патот за предвремени парламентарни избори во февруари, јави ДПА.
Се верува дека Штајнмаер речиси сигурно ќе го исполни барањето на канцеларот Олаф Шолц за распуштање на Бундестагот.
Со распуштањето на Долниот дом, претседателот ќе одреди датум за избори. Тој датум се очекува да биде 23 февруари.
За тој датум се договорија парламентарните лидери на социјалдемократите на Шолц и конзервативната Христијанско-демократска унија.
Олаф Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот на 16 декември, откако минатиот месец се распадна коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и Слободната демократска партија.
Последен ден изборна кампања за претседателски избори во Хрватска
До денеска на полноќ (27 декември) кога почнува дводневниот изборен молк, останува кандидатите за претседател на Хрватска да ги убедат гласачите дека еден од нив е најдобриот избор за следниот петгодишен мандат.
Дводневниот изборен молк пред изборите в недела на 29 декември ќе трае цела сабота и недела до 19 часот или до затворање на избирачките места, од кои 6755 ќе бидат отворени во Хрватска и во странство.
Осум кандидати учествуваат на осмите претседателски избори од независноста, в недела на 29 декември.
Тоа се актуелниот претседател и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ, кандидатот на ХДЗ и нејзините партнери Драган Приморац, кандидатот на Мост, Миро Буљ, кандидатот на Можемо! Ивана Кекин, кандидатката на Партијата за дом и национално обединување (ДОМИНО) Бранка Лозо, и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.
Додека е на сила молкот, се забранува секаква изборна кампања, објавување проценки за изборните резултати, како и објавување на претходни, неофицијални изборни резултати.
Забрането е и објавување фотографии на кандидати во медиумите, нивни изјави и интервјуа, како и цитирање на нивните изјави или пишани трудови.
Иако не се предвидени казни за прекршителите на претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) ги повикува кандидатите, партиите што ги поддржуваат и другите правни и физички лица да го почитуваат изборниот молк.
Официјалната кампања започна на 11 декември, но беше одбележана со трагедијата во основното училиште „Пречко“ и божиќните празници, што ги натера кандидатите да ги прекинат или да ги забават своите активности.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете