Достапни линкови

Aнтифашистички пароли за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“во Охрид


Протести против отворањето на бугарскиот клуб во Македонија „Цар Борис Трети“
Протести против отворањето на бугарскиот клуб во Македонија „Цар Борис Трети“

Додека траеше скромната церемонија на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, стотини граѓани протестираа. Спорно им е името на клубот и здружението на граѓани кое стои зад него. На отворањето на клубот присуствуваше амбасадорот на Бугарија во Македонија.

Со тензија, туркање, фрлање јајца и антифашистички пароли помина протестот против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Клубот беше отворен точно напладне, а половина час пред тоа на повик на партијата Левица, се собраа неколку стотини граѓани да протестираат против клубот со такво име.

Тензии на отворањето на клубот „Цар Борис“ во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00

На масовност на протестот претходно повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Но на протестот не присуствуваа лидерите на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ.

Неколку од граѓаните кои протестираа почнаа да се туркаат со полицискиот кордон распореден пред трговскиот во кој се наоѓа клубот, но потоа дел од учесниците и полицијата ја смирија работата.

Kлубот „Цар Борис Трети“ во Охрид
Kлубот „Цар Борис Трети“ во Охрид


На отворањето на клубот присуствуваше амбасадорот на Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов и бугарскиот филантроп Милен Врабевски.

Демонстрантите фрлаа со јајца кон клубот.

Луѓето кои протестираа пееја „Македонско име нема да загине“, се вееја знамиња од Вергина, знамиња на поранешна Југославија, Социјалистичка Република Македонија и антифашистички транспаренти. А извикуваа и антифашистички пароли.

Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ е формирано лани во ноември, а на 7 октомври отвора само свој клуб, дуќанче од 25 квадратни метри сместено на првиот кат во трговскиот центар Амам во Охрид, кој Бугарите го сметаат за втор Ерусалим.

Клубот го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Борис Трети, станува бугарски цар на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.

Реакции за името на клубот и здружението на граѓани кое стои зад него.

Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот“.

За време на Втората светска војна, бугарската војска ја спроведува депортацијата на над 7000 македонски Евреи во концентрациониот логор Треблинка, од каде никој не се враќа жив.

На Левица и пречи тоа што здружението е именувано по, како што наведуваат „фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации. Во Охрид, кој е околу 170 километри одалечен од главниот град на земјава, беше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која е Еврејка. Таа во изјава за медиумите порача дека ова е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација“.

„По Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети неспорно е дека ќе продолжат обидите за регрутирање на историјата на Македонија и преставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот, не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување во војски испратени против од оној за кој денеска му се отвара клуб“, рече Мизрахи.

Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ на прес-конференција во Собранието во врска со отворањерто на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид изјави дека не поддржуваат отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот рајх.

Во земјава нема закон со кој се забранува здружение да носи име на контроверзна личност. Па додека се подготви закон, се формираше државно советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.

Од Министерството за правда, под чии ингеренции спаѓа изготвувањето на законот, најави дека Законот за здруженија и фондации ќе биде објавен на електронскиот регистар за закони (ЕНЕР) до крајот на октомври за да биде подложен на јавна расправа.

А клубот скромен

Освен полиците со бугарски книги, во дуќанчето има и навивачки шал и дрес, фотографии од дејците на ВМРО, икони од Свети Климент и Наум, за кои има препораки од историската комисија за заедничко чествување.

На ѕидот во клубот „Цар Борис Трети“, висат фотографии од Фердинанд Први, Цар Борис Трети и од Симеон Саксобурговски.
На ѕидот во клубот „Цар Борис Трети“, висат фотографии од Фердинанд Први, Цар Борис Трети и од Симеон Саксобурговски.


На ѕидот пак висат големи врамени фотографии од Фердинанд Први, кој владеел од крајот на 19 до крајот на Првата светска војна и е прогласен на Цар на Бугарите. Потоа слика од Цар Борис Трети, кој владеел до 1943 и од неговиот син Симеон Саксобурговски, кој се уште е жив.

Клубот во Охрид, е втор бугарски клуб што се отвори годинава. Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На 3 јуни беше опожарена портата на клубот во Битола. За тоа беше обвинет пејачот Ламбе Алабакоски. Тој на 27 септември доби условна казна затвор од шест месеци, која нема да се реализира доколку во следните две години, Алабаковски не стори ново кривично дело.

Бугарија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски и идентитетски спорови. Софија тврди дека македонскиот народ е измислен од југословенскиот лидер Тито и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG