Достапни линкови

Втор ден од монтираните референдуми во украинските региони под контрола на Кремљ


Крим - Митинг за поддршка на руските референдуми на окупираните територии во Украина, Севастопол, 23 септември 2022 година.
Крим - Митинг за поддршка на руските референдуми на окупираните територии во Украина, Севастопол, 23 септември 2022 година.

Во украинските регион под контрола на Русија - Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје се одржуваат референдуми со кои се отвора пат за нивно припојување кон Москва. За Украина и Западот референдумите се нелегални. Кремљ вели дека Русија брзо ќе ги преземе регионите, доколку гласањето е успешно.

Во четири украински региони делумно окупирани од Москва денеска се одржува вториот ден од таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација.

Украина, Западот и Обединетите Нации велат дека референдумите се нелегални според меѓународното право.

Гласањето во областите под контрола на Русија во регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, што се одржува во ек на најголемиот конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна, е спротивно на Повелбата на ОН. Според тврдењата на некои официјални лица, гласачите биле под закани и заплашување.

На гласањето нема независни набљудувачи, а многу од жителите кои таму живееле пред војната побегнале. Четирите региони претставуваат околу 15 отсто од Украина, или област со големина на Унгарија.

Украинскиот Генералштаб на 24 септември соопшти дека „вработени во изборните комисии, придружувани од вооружени војници на војската на Руската Федерација собираат потписи од локалните жители директно во нивните домови“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го повика светот да ги осуди „псевдореферендумите“ наменети за анексија на украински територии.

„Светот ќе реагира апсолутно праведно на псевдореферендумите, тие ќе бидат недвосмислено осудени“, рече Зеленски на 23 септември во своето ноќно обраќање до нацијата.

Американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон остро го осуди потегот и предупреди дека ќе има уште санкции за Москва.

„Руските референдуми се измама, лажен изговор за насилен обид за анексија на делови од Украина со флагрантно кршење на меѓународното право“, рече на 23 септември претседателот на Соединетие Американски Држави (САД), Џо Бајден.

„Со нашите сојузници и партнери ќе работиме да наметнеме дополнителни брзи и сериозни економски трошоци за Русија“, рече Бајден.

Русите реагираат на делумната мобилизација наредена од Путин
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:11 0:00

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави за новинарите дека Соединетите Држави се подготвени да воведат дополнителни економски казни за Русија, во договор со сојузниците, доколку Москва се обиде да анектира уште украинска територија.

Референдумите и рускиот декрет за делумна мобилизација уследија откако украинските сили рекоа дека си ја повратиле територијата од сепаратистите поддржани од Москва и тоа териториите што Русија сака да ги анектира.

Украинските власти соопштија дека на луѓето им било забрането да ги напуштаат дел од окупирани области додека не заврши петдневното гласање.

Избирачките места ќе работат само петтиот ден, на 27 септември, а официјалните лица наведуваат безбедносни причини.

Украинскиот Генералштаб во објава на Фејсбук соопшти дека на терен Русија „не престанува да ја напаѓа цивилната инфраструктура и домовите на цивилите“.

Се додава дека во текот на ноќта градот Миколаив бил подложен на ракетен оган од руски окупатори, но првично нема информации за цивилни жртви.

Референдумите, кои беа осудени како нелегитимни, и кои се кореографија која ѝ претходи на илегалната анексија, следуваат откако рускиот претседател Владимир Путин на 21 спетември најави делумна воена мобилизација во услови на очигледни големи загуби на луѓе во неиспровоцираната инвазија на Украина што Москва ја започна во февруари.

Зеленски ги повика Украинците во окупираните региони да ги поткопаат референдумите и да споделат информации за луѓето што ја спроведуваат „оваа фарса“. Тој ги повика жителите да се обидат да ја избегнат мобилизацијата на Москва.

„Сокријте се од руската мобилизација на кој било начин. Избегнувајте писма за воен рок. Обидете се да стигнете до слободната територија на Украина“, рече Зеленски.

Најавата за мобилизација предизвика егзодус на способни Руси кои се обидуваат да ја напуштат земјата за да избегнат да бидат регрутирани, при што сообраќајот на граничните премини со Финска и Грузија се зголеми, а цените за авионските билети од Москва растат.

Кремљ не се обидува да ја сокрие својата вистинска цел во текот на гласањето. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на 23 септември во Москва на новинарите им изјави дека е „убеден оти Русија ќе продолжи доста брзо со преземање на регионите доколку гласањето биде успешно“.

Украина вели дека никогаш нема да прифати Русија да ги преземе териториите. Шефот на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Алијансата ќе ја зголеми својата помош за Киев како одговор на „лажниот“ референдум.

Групата седум индустриски развиени земји (Г7) на 23 септември ги осуди таканаречените референдуми како „измама“ без правно дејство или легитимитет.

„Никогаш нема да ги признаеме овие референдуми кои се чини дека се чекор кон руската анексија и никогаш нема да признаеме наводна анексија доколку се случи“, се вели во соопштението на лидерите на Г7.

Според западните проценки, Москва депортирала околу 1,6 милиони Украинци од тие региони во Русија, а исто така превезува и руски државјани на украинска територија.

Исто така, се земени лични и биометриски податоци на стотици илјади украински граѓани во таканаречените „филтрациони логори“, со што, според експертите, се отвора вратата за манипулација со гласачките ливчиња.

Заменик-претседателот на руската Централна изборна комисија, Николај Булаев, рече дека очекува дека „стотици илјади“ Украинци кои се во моментов во Русија да учествуваат на референдумот.

Русија нема баш историја на одржување слободни и фер избори, со вообичаени практики за уфрлување на гласачки ливчиња, заплашување гласачи, измама и манипулација со медиумите. Москва спроведе, слично незаконско гласање и во 2014 година, пред да го анектира украинскиот полуостров Крим. Многу малку земји ги прифатија резултатите од тогашното гласање.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG