Најавата за делумна мобилизација во Русија наиде на критики во западните земји, кои предупредија дека таа треба да се сфати сериозно, но дека рускиот претседател Владимир Путин со тој потег покажува слабост.
Путин во неговиот денешен говор најави делумна мобилизација во земјата, што е прва руска воена мобилизација по Втората светска војна.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека мобилизацијата на Путин на илјадници дополнителни војници ќе го ескалира конфликтот и дека неговата закана за употреба на нуклеарно оружје е „опасна и непромислена реторика“.
Столтенберг додаде дека потезите на Путин покажуваат „дека војната не оди според неговите планови“ и дека е јасно оти рускиот претседател направил „голема погрешна проценка“.
Американскиот претседател Џо Бајден го обвини Путин за време на неговото обраќање во Обединетите нации, само неколку часа откако рускиот лидер драматично ги повика воените резервисти од неговата земја да се борат во Украина.
Бајден го обвини Путин за „бесрамно“ кршење на Повелбата на ОН и го критикуваше за прикриена закана за употреба на нуклеарно оружје, откако Путин рече дека неговото ветување дека ќе ги користи сите воени средства во Украина „не е блеф“.
„Русија бесрамно ги прекрши основните принципи на Повелбата на Обединетите нации“, рече Бајден во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, предупредувајќи дека „нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води“.
Амбасадорката на САД во Украина, Бриџит Бринк изјави дека Русија покажала слабост со најавата на мобилизацијата и распишувањето на референдум на териториите под руска окупација.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерката на Велика Британија, Лиз Трас, исто така ги осудија руските акции во Украина.
Тие се сретнаа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации и по средбата во заедничко соопштение оценија дека повиците на рускиот претседател Владимир Путин за мобилизирање на делови од населението се знак дека „руската инвазија пропаѓа“.
„Тоа е изјава на слабост. Тие ја препознаа храброста и херојството на украинскиот народ и ја истакнаа нивната заедничка посветеност да ја поддржат Украина во нејзината борба се додека тоа е неопходно“, се вели во заедничката изјава.
Претходно, портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано оцени дека говорот на рускиот претседател Владимир Путин е доказ дека тој не е заинтересиран за мир.
„Тој е заинтересиран за војна и ескалација. Ова е уште еден знак за неговиот очај додека се развива агресијата против Украина“, рече Стано на прес-конференција.
Говорот на Путин претставува загрижувачка ескалација и заканите што тој ги упати мора да се сфатат сериозно, изјави британската министерка за надворешни работи Џилијан Киган за „Скај Њуз.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас ја опиша најавата на Путин за мобилизација како „признание дека неговата инвазија пропаѓа“.
„Тој и неговиот секретар за одбрана испратија во смрт десетици илјади свои граѓани, неопремени и лошо водени“, изјави Валас во соопштението.
Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек рече дека тоа е „уште еден лош и погрешен чекор на Русија, за кој секако ќе разговараме и ќе се консултираме политички за тоа како да одговориме“.
Чешкиот премиер Петр Фиaла изјави дека делумната мобилизација што ја најави Путин е обид за дополнителна ескалација на војната што ја започна Русија против Украина.
„Тоа е уште еден доказ дека Русија е единствениот агресор“, рече Фиaла додавајќи: „неопходно да и помогнеме на Украина, а во наш интерес мора да продолжиме да го правиме тоа“.
Осуда и за најавените референдуми
Истовремено, западните земји ги осудија плановите на Москва да одржи вонредни референдуми во делови на Украина кои моментално се под руска контрола.
Референдумите, кои се очекуваат од првите месеци од војната во Украина, ќе започнат на 23 септември во регионите Луганск, Керсон, Запорожје и Доњецк.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон „недвосмислено“ отфрла какви било референдуми, додека германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон го употребија зборот „измама“ за да ја опишат планираната акција.
„Ова нема правен статус“, рече Макрон на 20 септември пред да се обрати на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Самата идеја за организирање референдум во области кои поминаа низ војна е знак на цинизам“.
„Многу е јасно дека овие лажни референдуми не можат да бидат прифатени и не се опфатени со меѓународното право“, изјави Шолц за новинарите додека учествуваше на Генералното собрание на ОН.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ,исто така, ги осуди планираните руски референдуми, велејќи дека Канада никогаш нема да ги признае.
„Ова е јасно кршење на меѓународното право. Тоа е натамошна ескалација на војната. И тоа е неприфатливо“, напиша Трудо на Твитер.
Кина повика на дијалог од сите страни
Кинеското Министерство за надворешни работи ги повика сите страни да се вклучат во дијалог и консултации и да најдат начин за решавање на безбедносните прашања.
Позицијата на Кина за Украина е конзистентна и јасна, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на денешниот редоев брифинг за медиумите.
Во меѓувреме, затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални остро го критикуваше Путин, а опозициска група повика на протести низ целата земја.
Опозициското движење Весна денеска повика на национални протести, велејќи: „илјадници Руси - нашите татковци, браќа и сопрузи - ќе бидат фрлени во мелницата за месо на војната. За што ќе умираат? За што ќе плачат мајките и децата?“
Набргу по обраќањето на Путин, руските медиуми објавија нагло зголемување на побарувачката за авионски билети во странство, поради очигледниот обид за заминување и покрај превисоките цени на летовите.