Достапни линкови

Путин: Западот сака да ја уништи Русија


Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека потпишал декрет за делумна воена мобилизација во Русија. Путин, исто така, го предупреди Западот дека „не е блеф“ тоа што Русија ќе ги искористи сите средства што и се на располагање за да ја заштити својата територија.

Рускиот претседател Владимир Путин во денешното телевизиско обраќање изјави дека наредил делумна мобилизација во земјата која стартува денеска.

„Зборуваме за делумна мобилизација, односно само граѓаните кои моментално се во резерва ќе подлежат на воен рок, а пред се оние кои служеле во вооружените сили и имаат одредена воена специјалност и соодветно искуство“, рече Путин.

„Ќе ги искористиме сите ресурси за да го одбраниме нашиот народ. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија“, рече Путин, наведувајќи дека неговата цел е да го „ослободи“ источно украинскиот регион Донбас и оти повеќето луѓе во тој регион не сакаат да се вратат на она што го нарече „јарем“ на Украина.

„Ние немаме право да се откажеме од овие луѓе“, рече Путин, наведувајќи дека и наредил на владата да им даде правен статус на волонтерите кои се борат во Донбас и да најде средства за да го зголеми производството на оружје.

Во своето обраќање, Путин го обвини Западот за вклучување во „нуклеарна уцена“ и наведе, без да обезбеди докази, дека „високите претставници на водечките земји на НАТО“ наводно дале изјави „за можноста за употреба на нуклеарно оружје за масовно уништување против Русија“.

„На оние кои си дозволуваат вакви изјави во однос на Русија, сакам да ги потсетам дека и нашата земја има различни средства за уништување, а за посебни компоненти и помодерни од оние на земјите на НАТО и кога е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја. Во заштитата на Русија и нашиот народ, ние сигурно ќе ги искористиме сите средства што ни стојат на располагање“, рече Путин, додавајќи дека „тоа не е блеф“.

„Не е блеф“ - Путин за нуклеарната закана
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Веднаш по обраќањето на Путин, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека најавената мобилизација во Русија ќе опфати 300.000 илјади руски резервисти.

Во интервју за руската државна телевизија, Шојгу рече дека студентите и оние кои служеле како регрути нема да бидат повикани и дека поголемиот дел од 25 милиони руски резервисти нема да бидат регрутирани. Шојгу оцени дека Русија во Украина се бори против Запад.

Русија ги интензивира нападите врз цивилната инфраструктура во Украина

„Целата сателитска мрежа на НАТО работи против Русија во Украина“, рече Шојгу, додавајќи дека западни команданти во Киев ги воделе операциите против Русија. Тој додаде дека Русија досега во војна загубила 5.937 војници.

Обраќањето на Путин доаѓа еден ден откако регионите окупирани од Русија во источна и јужна Украина ги објавија плановите да одржат гласање за приклучување во Русија, што предизвика бес и осуди не само во Киев, туку и кај голем дел од меѓународната заедница.

Аналитичарите велат дека напорите поддржани од Кремљ да проголта четири региони би можеле да создадат терен за Москва да ја ескалира војната по украинските успеси на бојното поле.

Референдумите, кои се очекуваше да се одржат уште од првите месеци од војната, ќе започнат на 23 септември во областите Луганск, Керсон и делумно контролирани од Русија, Запорожје и Доњецк.

„Мобилизацијата на Русија беше предвидлив чекор што ќе се покаже крајно непопуларен и нагласува дека војната не оди според планот на Москва“, изјави советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

Според него рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја префрли на Западот вината за започнување на „неиспровоцирана војна“ и за влошената економска ситуација на во Русија.

Министерката за надворешни работи на Британија Џилијан Киган пак, оцени дека говорот на рускиот претседател Владимир Путин била загрижувачка ескалација „Јасно е дека тоа е нешто што треба да го сфатиме многу сериозно. Ова е очигледно ескалација“, рече таа.

Холандскиот премиер Марк Руте оцени дека наредбата за мобилизација на Русија е знак на паника во Кремљ, што не треба да се сфати како директна закана за целосна војна со Западот.

„Мобилизацијата, повикувањето на референдуми во Доњецк, сето тоа е знак на паника. Неговата реторика за нуклеарното оружје е нешто што сме го слушнале многу пати досега и нè остава ладни“, изјави Руте, додавајќи: „Сето тоа е дел од реториката што ја знаеме. Би советувал да останеме смирени“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG