Достапни линкови

Џенсен: Во војната со информации, противниците не бираат методи


Џенсен: Русија не е единствениот „актер“ кој сака поголема моќ на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:53 0:00

Џенсен: Русија не е единствениот „актер“ кој сака поголема моќ на Балканот

Русија и Кина се едни од главните актери, но постојат и други регионални влади кои се обидуваат да воспостават поголема моќ и влијание на Балканот, вели Џеј Џенсен директор за комуникации на Сојузничката команда за операции на НАТО во неделното интервју за РСЕ. Тој истакнува дека единствениот начин да се одговори на лажните вести е да се изгради отпор кон дезинформациите и да се зацврсти довербата во националните влади

Господине Џенсен, дали по пандемијата, а сега и војната во Украина, светот се соочува со од нова, „информациска“ војна и кои се најновите методи на ваквите активности?

Мислам дека се соочуваме со предизвици во повеќе области, економски, воени, информациски, кога зборувате за „информациската“ војна се работи за само една компонента од еден спектар на конфликти и натпревари во кои всушност сме. НАТО како сојуз не е во војна, немаме конфликт со никој во моментот, но сигурно дека има натпревар. Натпревар помеѓу други сили, како на пример Русија, загрижени сме за терористички групи исто така и затоа мора да сме подготвени за овие предизвици. Едно од моите правила е да размислувам за информациите и когнитивната димензија, за тоа како луѓето ја перципираат Алијансата, што противниците можат да направат во умовите на граѓаните, како да ги искористат информациите за да го поделат општеството, да создадат недостиг на кохезија во Алијансата, овие се дел од работите на кои сме фокусирани. На политичко ниво многу внимание посветуваме на идејата на отпорност за да се осигураме дека нашите граѓани се способни да ги препознаат овие информации, информациите кои не се точни, да ги препознаат непријателските напори да се направат поделби и проблеми. На воено ниво се грижиме нашите трупи да останат заштитени од овие работи, се грижиме нашите граѓани да разберат дека ние сме одбранбен сојуз, дека сме професионални и се однесуваме соодветно за да одговориме на тие закани.

Хибридната војна е предизвик со кој се соочуваат сите членки на НАТО. Кому му одговара таа хибридна војна и од кои центри на моќ се води?

Мислам дека хибридната војна и тактики не погодуваат сите. Имаме свет кој е меѓусебно поврзан. Земјите се поврзани, економиите се поврзани и секако дека сме поврзани и во информациското општество. Повеќето од нас се на платформите на социјалните мрежи, споделуваме видеа, информации, консумираме повеќе информации од кога и да било порано. Има исто така многу начини за искористување на вештачката интелигенција, автоматски вести, слушаме за ботови и лажни личности онлајн, па дел од предизвикот е поврзаноста на светот, способноста да се автоматизираат информациите и нивниот проток, сите ние учествуваме во ова опкружување, но некои актери користат посебни техники, прават фарми на ботови со илјадници неавтентични профили и ги користат за да ги мултициплираат лажните вести за да помогнат во постигнувањето на нивната цел. Русија со сигурност го прави тоа, но тие не се единствениот актер во тој простор, и за нас во НАТО предизвикот е да разбереме што се случува, како да ги детектираме тие противнички напори, како да ги заштитиме нашите општества и трупи и како да користиме соодветни алатки за да го пренесеме нашиот наратив, не можеме да користиме истите тактики и техники како нашите противници, бидејќи сме во сојуз кој се заснова на вредности, но сепак треба да бидеме ефективни во комуницирањето и справувањето со штетните информации.


Во таа војна во која се користат дезинформациите, лажните вести и пропагандата како алатки за поголемо влијание и моќ, кои се начините на кои може да се заштитиме од нивното штетно влијание?

Можам да зборувам за неколку конкретни чекори кои може да се преземат. Прво да се создаде општествен отпор што е долгорочен напор, но колку повеќе луѓето се свесни дека тие активности се случуваат дека противниците пробуваат да комуницираат со нив, дека се кријат кои се и кријат која им е намерата, таква свесност помага да се заштити општеството. Исто така е важно образованието, способноста и желбата да се бараат други мислења, да се знае на кои извори може да им се верува, а кои не се такви или се сомнителни, тие видови навики како луѓето ги примаат информациите се важни за општествата. И последната работа која ќе ја споменам како многу ефективна која ние во НАТО ја размислуваме е како да ја зголемиме и задржиме довербата кај нашите граѓани. Значи кога се збунети или се соочуваат со лажни вести или со неавтентичен начин на комуникација со нив, дали знаат дека може да се обратат до НАТО, до нивните влади и да кажат им верувам и знам дека ќе ми дадат точни и доверливи информации и тоа ќе помогне за да се разјасни некое прашање кое е оспорувано од противникот.

Кои групи луѓе или организации се главна цел на центрите кои шират пропаганда и дезинформации?

Можам да ви дадам неколку примери за тоа што Русија го прави. Русија и Кремљ се прилично опортунистички во своите информациски напори и нивниот главен приоритет по илегалната инвазија на Украина е нивното население. Видовме во деновите кои следеа по инвазијата на 24 февруари дека руските граѓани всушност протестираа и зборуваа гласно не ја разбираа оваа специјална воена операција, тие ја преиспитуваа потребата да се пратат руски војници во Украина, многу од тие луѓе имаа врски со тие луѓе во Украина и тие ја преиспитуваа одлуката на Владата. И Кремљ набрзина ја вклучи нивната машина за манипулации директно врз нивното население. Ги затворија преостанатите опозициските медиуми, политички и невладини организации и преземаа и понатамошни чекори. И тогаш почнаа со масовна продукција на лажни наративи кон сопствената популација. Еве пример. Четири дена пред инвазијата видовме висок официјален претставник на Русија кој вели дека немаат намера за инвазија, дека е тоа сосема погрешно и дека секоја сугестија дека ќе направат нешто воено во Украина е сосема погрешно. Четири дена подоцна видовме што се случи. И тогаш го сменија наративот сугерирајќи дека требало да се ослободат од таканаречените нацисти во Украина иако претседателот на Украина е еврејски дисидент, тие го продуцираа овој наратив и го искористуваа долг период така што тоа се залепи во главите на луѓето. Другата можност што ја бараат е всушност кај нашата популација и искрено ние сме прилично силни, имаме добро ниво на отпорност против руските пораки. Како и да е има категории граѓани кои се поранливи, тоа би можеле да бидат помалку образованите луѓе, политички поделените, може да се работи за емоционални недоразбирања и Русија ги таргетира тие сегменти од популацијата и наоѓа начини да ги искористи. И тие знаат дека не можат да ги поткопаат демократиите преку ноќ, но она што тие се обидуваат да го направат е долгорочно барање на такви можности и слабости. И гледаме ефект, но треба да продолжиме да работиме на отпорноста.

Какви се проценките на НАТО за руско влијание на Балканот, колкаво е и колку е тоа резултат на оваа, како што велите, хибридна војна на Москва?

Па ние забележуваме бројни влијанија во информацискиот простор на Балканот. И како што гледаме и во другите делови на Европа, Русија е прилично активна тука и пак ќе речам дека таа не е главно фокусирана на Балканот, тој е спореден фокус за нив, но знаат дека тука има тензии меѓу одредени групи и се обидуваат да ги влошат тие тензии, да ги манипулираат, да прават работи кои ќе предизвикаат лутина кај едната или другата група и се надеваат дека тоа ќе води до поделби, протести, борби. Тоа е нивната цел, но тие не се единствениот актер тука. Очигледно е дека Кина е активна тука, на друг начин, на долгорочен план таа се обидува да воспостават економска моќ тука, се обидуваат преку поткуп или други бенефиции кај официјални претставници да ги остварат своите цели во регионот, и секако тука се и некои влади од регионот кои бараат влијание во регионот. Значи сите тие работат заедно и креираат комплексно опкружување кое треба да го разбереме и да бидеме способни да делуваме активно. Она што можам да го кажам е дека најефективниот начин за НАТО или некоја национална влада да се справи со оваа комплексна ситуација е да ја заработи таа доверба кај луѓето и да има силен наратив за тоа што претставува, зошто е тоа важно, зошто луѓето треба да ви веруваат и да ве поддржуваат.

Во Скопје деновиве се одржа НАТО-конференција за комуникатори. Колку Северна Македонија како најмлада членка на Алијансата е подготвена за справување со безбедносните предизвици, во делот на стратегиските комуникации?

Северна Македонија покажува доста лидерство во однос на градење на воени капацитети и во информациското опкружување. Очигледен сигнал е одржувањето на оваа голема конференција која е прв голем настан со НАТО кое Северна Македонија го води како најнова членка. Самиот факт што има преку 300 експерти и практиканти од сите партнери и од Алијансата го насочува вниманието кон овие прашања, ја динамизира дебатата и има влијание на нас како Алијанса но и врз Северна Македонија како домаќин. Северна Македонија инвестираше во Центар за односи со јавност за регионот, тој се наоѓа надвор од Скопје и вклучува обуки и градење капацитети за информациско опкружување за воените сили на Македонија и тој е важен линк во комуникацијата помеѓу НАТО и Северна Македонија. Си помагаме меѓусебно, работиме заедно и оваа конференција е зацврстување на тие врски, тие обиди да се разменат искуства, лекции, најдобри практики, па тоа е навистина позитивен чекор напред. Северна Македонија како релативно мала и најнова земја членка поставува добар пример.

Што е всушност улогата на комуникаторите на НАТО?

Генерално улогата на НАТО комуникаторите е да ја кажеме нашата приказна на нашите популации и да кажеме кои сме, за што се залагаме и зошто е тоа важно. Договорот од Вашингтон што беше потпишан кога НАТО беше формиран пред 73 години одговара многу од овие прашања. Ние сме одбранбен сојуз, заснован на принципите на демократија, слобода, почит кон меѓународните правила кои не штитат од војна и градат мир. Знаете воените капацитети се наменети за одбрана на сојузниците, но со користење на насилство. Луѓето не сакаат да зборуваат за ракети, авиони, војување, тие се деструктивни капацитети, но на крајот на денот нашето општество треба да разбере дека одбраната на нашите економии, општества и верувања се многу важни и треба да се грижиме за нив. Имаме 30 сојузници кои се согласија дека ќе работат заедно, дека ќе се заштитат меѓусебе од закана од која било страна. И наша одговорност е да се изгради таа поддршка, тоа разбирање и да се осигураме дека нашите граѓани ја разбираат важноста на одбраната и безбедноста. И последната функција која ја имаме...мора да бидеме подготвени за конфликт. Ако се случи најлошото, мора да бидеме сигурни дека армиите, воздушните и водените сили се подготвени но исто така дека се подготвени и комуникаторите за да се борат против лажните и штетни вести кои доаѓаат кон нас и да им објасниме на другите публики зошто се браниме, за што се бориме бидејќи знаеме дека нашите противници ќе кажат друга приказна која нема да биде точна.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG