Апокалиптична е сликата во дел од малешевскиот регион, кој и годинава беше зафатен со пожар.
Над 50 хектари букова и дабова шума беа зафатени од огнените стихии.
Во гаснењето на пожарот учествуваше и армиски хеликоптер, кој им помагаше на пожарникарите, а на помош се вклучија и граѓаните од околните места.
Во центарот на Малешевијата е Берово, град на 840 метри надморска висина, со богатство од букови, борови, дабови шуми и најголема концентрација на кислород во воздухот во Македонија.
Беровчанецот Сенад Расимов, локален новинар вели дека жално е што еден од најживописните и најубавите предели во земјава пожарот ги опустоши.
„Сликата е многу лоша. Да одите од Берово до Пехчево или до Делчево сликата е како апокалипса. Многу лошо за таква прекрасна живописна и питома шума“, вели Расимов.
Расимов, кој ја следи и известува за состојбата со пожарите вели дека за разлика од лани надлежните институции годинава побрзо и поефикасно успеале да се справат со гаснењето на пожарите.
Но, она што го загрижува е возобновувањето на природата и пошумувањето, нешто на што треба да се обрне многу поголемо внимание.
„Претходната година имаше само две пошумувања, но тоа е многу малку. Треба многу поголема ангажираност на државата. Сега е мирно, но последниот пат гореше висококвалитетен даб и тоа околу 50 хектари што беше жално да се гледа, така што поголеми акции за пошумување мора да има дефинитивно“, вели Расимов.
Градоначалникот на општината Берово, Звонко Пеќевски вели дека најголем дел од опожарената површина е државно земјиште.
„На подрачјето на нашата општина опожареното беше во најголем дел државно земјиште, мал дел се земјдоелски површини , во најголем дел станува збор за овоштарници кои биле во непосредна близина на пожарот. Општинската комисија излезе на терен, утврдени се штетите колкави се и заклучоците се доставени до Владата“, вели градоначалникот на Берово.
Колкави се штетите од овогодишните пожари?
Годинава регистрирани се 69 шумски пожари.
Според податоците од ЈП Македонски шуми, опожарена е површина од 733,02 хектари, при што е опожарена шума од лисјарски, иглолисни и мешани дрвни видови, како и тревна вегетација.
Штетите од овогодишните пожари досега изнесуваат околу 700.000 евра.
По настанат пожар во шума, шумското земјиште без оглед на површината, интензитетот и причината за неговото настанување, последиците се големи и непроценливи, покрај тоа се нарушува биодиверзитетот каде опстојува растителниот и животински свет.
Од ЈП Македонски шуми објаснуваат дека за да се отпочне обнова на опожарена површина потребно е да поминат најмалку 2 години, каде по констатирана нанесена штета се пристапува кон законските обврски и прописи за изготвување на записници, чистење и изнесување на опожарената дрвна маса од површината, по што се подготвува површината за природна или вештачка обнова, со пошумување.
„Целата постапка на нега на пошумена површина според нашите Ценовници чини 52.520 денари/ха без ДДВ 18%.
Значи од настанат пожар до прав насад со млади стебла потребно е да поминат 7-8 години“, велат од ЈП Македонски шуми.
Лани пак, според податоците од заводот за статистика во периодот јуни - септември 2021 година, имала 142 шумски пожари од кои биле зафатени 11 420 хектари површината под шума.
Од вкупните штети од пожарите најмногу биле зафатени шумите од мешаните насади, кои учествувале со 52.2 %, шумите од листопадни видови со 30.2 %, шумите од иглолисни видови со 10.1 %, додека приземната вегетација учествувала со 7.4 %.
Опожарената дрвна маса во шумите изнесувала 482 106 м3 , а износот на проценетата материјална штета изнесувал 2 318 091 000 денари за ланската година.
Треба да се работи на превенција, а не на обнова
Биологот и еколог Кирил Арсовски Пржо за РСЕ вели дека 99% од сите шумски пожари во Македонија настануваат од човекот, а според проценките во последните 20 години Македонија изгубила повеќе од 50% во шумските пожари.
Биологот лоцира неколку причини за зачестените пожари.
„Фрлање на пикавци, палење логорски оган, управување со возило кое испушта уље, ретки се но постојат вакви случаи. Потоа, пожари кои настануваат при горење на стрништа. На пазарот има сатра метода на стерилизација на полињата на жетвите, горење на стрништата е нелегално, но се прави и тоа многу лесно се шири кон шумите и трета причина е пироманија со цел да се искорити дупка во законот, а тоа е дека изгорена шума може да се сече“, вели биологот.
Иако имало обиди да се смени овој дел од законот сепак до овој момент тие обиди се неуспешни.
Биологот Арсовски потенцира дека проблемот е што обновата на шуми е тежок и долг процес.
Дополнително вели, во шумските пожари не само што горат шумите туку се губи и биолошката разновидност, а Македнија е соочена со суши и сериозни непогоди така што опаснота расте и ако се појави може многу лесно да се прошири шумскиот пожар.
Според биологот потребни се итни системски решенија за да се спречат ваквите сотојби.
„Додека другите држави вложуваат во спречување, во системи, сензори, камери, набљудувачници, ние не правиме ништо. Немаме политики. Имаме две агенции кои не знаат меѓусебе кој за што е одговорен. Немаме една централа која ќе ги раководи сите државни ресусри. Ние имаме изгубена институционална свесност за природни катастрофи. Ако се случи голема катастрофа не постои институција, која ќе не спаси, немаме логистика ниту машинерија“, предупредува биологот.
Арсовски додава и дека противпожарните служби имаат една иста единица што обучува и за градски и за диви пожари, што вели се две различни појави и различно се гасат.
Дополнително вели недостасува соодветна опрема и системи за предупредување и алармирање.
„Ако Македонија нема пари да вложи тогаш треаба да направи соработка со други држави, на пример со Грција, Албанија. Значи треба да имаме стратегија и развој, да знаеме кои региони се осетливи, значи треба да се размилува за превенција, а не за репарација. Проблемот е што не треа да се размислува за обновување на шумите, туку да се превенира, бидејќи обновата е многу тешка“, заклучува биологот.
ЦУК со апел до граѓаните
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК) само во јули се регистрирани 91 пожар, а од почетокот на август пријавени се 14 пожари.
За тоа колку и каква површина е опожарена велат дека проценките се во рацете на ЈП Национални шуми и инспекторатот, кои што треба да покажат и индиректното влијание врз животната средина, биодиверзитетот и дивечот.
Од таму апелираат до граѓаните при движење и престој на отворен простор или во шума да бидат исклучително внимателни бидејки сосем мал пожар за миг може да прерасне во голем пожар и да ги згрози животот, здравјето и имотот на граѓаните.
САД ќе засадат милијарда дрвја како компензација за уништувањето на шумите
Голем шумски пожар неодамна зафати делови на Калифорнија, при што беа изгорени приближно 4.815 хектари земја.
По пожаарот, Владата на САД објави дека планира да засади повеќе од милијарда дрвја во наредните години низ изгорениот запад на САД, кој во моментов најмногу страда од ефектите на климатските промени и се соочува со големи суши, горештини и шумски пожари.
Пожарите уништија неколку милиони хектари шума во последните години, а тоа се одвива многу побрзо од способноста на шумите да се обновуваат природно или од капацитетот на владата да засади нови дрвја.
Се проценува дека треба повторно да се засадат 1,7 милиони хектари. Американското Министерство за земјоделство соопшти дека ќе мора да го зголеми четирикратно бројот на садници за да го надомести тој заостаток и да ги задоволи идните потреби.
Многу шуми природно се обновуваат по пожар, но ако пожарите се премногу интензивни, тие можат да остават голи области кои остануваат такви со децении пред дрвјата да се регенерираат.