Достапни линкови

„Преку езерото“ - Меѓународен филмски фестивал што стреми кон свет без граници


Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ во Дојран, постер
Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ во Дојран, постер

Девет одбрани кратки филмови со актуелни теми од осум медитерански земји ќе бидат прикажани на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“, што од 5 до 7 август, ќе се одржи во Стар Дојран.

„А ЛА КАРТ“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис од соседна Грција, „Пресуда“ на Дора Јунг од Србија, „Марко“ на Марко Шантиќ од Хрватска, „Перики“ на нашата Ангела Димеска, „Виножито“ на Александар Вујовиќ од Црна Гора, „Криминалци“ на Турчинот Серхат Караслан, „Што знаеме за Маријам“ на Египќанецот Морад Мостафа, „Светиот син“ на Аљоша Масине од Италија и „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис се деветте кратки филмови снимени во последниве две години, што ќе бидат прикажани во главната програма на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ (ACROSS THE LAKE DOJRAN FILM FESTIVAL) што од 5 до 7 август ќе се одржи во Стар Дојран.
Станува збор за Фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и за автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земји и за прва филмска манифестација од ваков формат во Македонија, чија цел не е само да го збогати културниот живот во градот и околината, туку да се обиде со јазикот и моќта на уметноста да ѕида нови мостови на пријателство меѓу народите од овој дел на светот.

„Иако живееме во исто опкружување, а во минатото сме живееле и во исти царства и империи и споделуваме многу заеднички културни вредности, ние, уметниците од Балканот и Медитеранот не се познаваме помеѓу себе, а публиката не ги препознава нашите дела како феномен на иста цивилизациска средина. Идејата е Дојран, кој е суштината на Медитеранот во Македонија, да го претвориме во зона на размена на културните, духовните и уметничките вредности на Балканот и Медитеранот и минувајќи ги границите на поделеното езеро, да отидеме преку езерото во светот без граници, а тоа е светот на уметноста, во овој случај, светот на филмот“, вели Јани Бојаџи, филмски режисер, продуцент и носител на иницијалната идеја за случувањето.

Покрај главната програма во рамките на Фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји што се истакнале по особениот пристап на темата кој нуди нов поглед на нештата и поттикнува дијалог помеѓу различните култури, општествени групи, нации...

Згора на тоа, за првото издание на „Преку езерото“ планирано е да се одржи и мастерклас на тема: „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“, а ќе го води докажаниот скрипт-консултатнт од Англија - Џон Стивенс.

Конечно, идејата на организаторите е Фестивалот да се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото, и од година во година да изгради репутација на врвно културно случување не само во Македонија и во соседна Грција, туку и во земјите од регионот.

„Потенцијалите на Дојран и регионот на Дојран од двете страни на границите се огромни, но во овој момент оставени се самите на себе. Од двете страни на езерото. И од македонска и од грчка. Нашата намера е преку уметноста, преку филмот, преку културата да ги пронајдеме точките на взаемно поврзување и да ги продлабочуваме од година во година. Да одиме секоја година сè подалеку и подалеку преку езерото. Сите знаеме кои се точките на взаемно поврзување кои ќе нè препознаат како блиски или слични. Тоа се уметноста, филмот како популарна уметност, музиката, храната, духовните вредности, историјата, сегашноста и иднината. Идејата е „Преку езерото“ да прерасне во фестивал на тотално филмско, музичко и гастрономско медитеранско доживување. Зона на преминување на сите граници на непознатото и слободно пливање во светот на уметноста преку езерото“, ќе рече Бојаџи.

Инаку, меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција ќе го предводи истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а членови се Гоце Кралевски, продуцент и Ева Камчевска, сценарист од Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG