Достапни линкови

До последниот бран во Кинотека


Плакатот за документарецот „Нов бран - 40 години подоцна“
Плакатот за документарецот „Нов бран - 40 години подоцна“

Со избор од класици на францускиот „нов бран“ и уште повеќе со прикажување на серија на документарни филмови кои се занимаваат со панкот и „новиот бран“ кој од корен ја смени музичката мапа на некогашна Југославија во 1970- 1980-те години, Кинотека во август кани на несекојдневни визуелни патувања.

Каде припаѓаме? Ова прашање го поставува документарниот филм со истоимениот наслов „Каде припаѓаме“? (Where We Belong?) на швајцарската режисерка Жаклин Цинд – поетска приказна за тоа како младите се справуваат со разделбата на нивните родители – филм со кој што го започнуваме патувањето низ августовската филмска програма на Кинотеката. И, по стариот добар филмофилски обичај, тоа патување нема дестинација: битно е патувањето.

А нема подобар месец во годината создаден за патување од август, не само географски, туку и низ целолуидниот лавиринт. Со право ќе речете – „Од кај сега најдовте целолуидни ленти, нели сè е дигитализирано!?“ Секако дека е, но Фестивалот на неми и класични филмови на Кинотека избра неколку наслови за августовската програма кои биле особен целулоиден печат на своето време, а денес ги гледаме во „блу-реј“ формат.

Вака од Кинотека го почнуваат својот нов проглас до љубителите на филмот и до сите оние што се решени да не мрдаат од нивниот двор особено во август ова врело скопско лето.

Сцена од филмот „До последен здив“ на Жан Лик Годар

И, во продолжение како најава забележуваат дека „тука се иконите на францускиот „нов бран“ – „До последен здив“ (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар, „400 удари“ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо, „Еден човек и една жена“ (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш, како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови „Звенигора“ (1928), „Арсенал“ (1929) и Земја (1930).

Кога луѓето во 20-ите и 30-ите години на минатиот век говореле за Првата светска војна, тие го употребувале терминот „Големата војна“. Таа војна била најголема и најразорна дотогаш на европско тло. Несреќниците тогаш не знаеле дека следува втора „Голема војна“, уште потрагична од претходната – за да им дадат предзнак „Прва“ и „Втора“ светска војна. Филмот и уметноста – во дваесеттиот век – веќе имале напластено многу естетички вредности, па кога новото го менува старото, секогаш говориме за некој „нов бран“. Не дека старото во францускиот и европскиот филм на почетокот на втората половина на минатиот век било помалку вредно, но младите филмски критичари од „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“) под менторство на нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен, решиле да снимаат филмови наместо да ги рецензираат, во духот на Марксовата „11 теза за Фоербах“ – „Филозофите до сега само го објаснуваа светот, а се работи за тоа да го менуваат!“. Останатото е запишано на поубавите страници на историјата на француската, европската и светската кинематографија: како што „новобрановците“ црпеа инспирација, меѓу другото, и од американската „Б“ продукција, на згрозување на критичарите-пуританци – така неколку години подоцна францускиот „нов бран“ стана инспирација за новата генерација американски автори, предводена од Мартин Скорсезе и другарите, појаснуваат од Кинотека.

Згора на тоа, во нивната објава ќе биде запишано дека Александар Петрович Довженко (1894–1956) е задолжителна лектира за секој филмофил. Дека станува збор за пионер на рускиот/советскиот филм од 20те – заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволд Пудовкин и Ѕига Вертов – кои снимаат токму во најжестоките години по Октомвриската револуција, исполнети најпрвин со граѓанска војна, а потоа со внатрешни чистки на сите оние на кои била „падната голема сумња“ (цитат: Душко Костовски како Диле Јоргачев во „Среќна нова ’49“ на режисерот Столе Попов).

„Звенигора“, „Арсенал“ и „Земја“ се тематски различни, но се филмови со заедничка естетска нишка, и не ретко во текстовите на историчарите на филмот покрај нив задолжително стојат епитетите како „чиста поезија“, „визуелна симфонија“… сметаат авторите на програмата.

Инаку, августовската програма на Кинотеката е вистински предизвик и за музичките сладокусци. Ако францускиот „нов бран“ ја размрда европската кинематографија во 60-ите, панкот и „новиот бран“ во 1970-те и 1980-те неповторливо ја изменија музичката мапа на Европа, но и на некогашна Југославија.

Така со документарниот филм „Нов бран – 40 години подоцна“ ќе биде означен почетокот на деновите на „Кроација рекордс“ (Croatia Records) во Скопје во чии рамки се предвидени средби и со авторите и продуцентите на ова значајно остварување. Овој филм, од друга страна, е и своевиден вовед во тематскиот блок од неколку документарци кои се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“, по кој и не само звучните туку и социо-културните, па ако сакате и општествените слики на Љубљана, Загреб и Белград (делумно и на Скопје) веќе никогаш не беа исти. На програмата се „Небесна тема“ на Младен Матичевиќ, „Среќно дете“ на Игор Мирковиќ , блокот „Музиката е уметност на времето“ со остварувања како филмот за љубљанските панк легенди ПАНКРТИ - „Долгцајт“ (Glasba je časovna umetnost 1: LP film Pankrti Dolgcajt – Music Is the Art of Time, LP Film Pankrti -No Fun) на Игор Зупе (Igor Zupe), потоа „Плукни и на вистината во очи“ за арт бендот БУЛДОЖЕР (Glasba je časovna umetnost 2: LP film Buldožer – Pljuni istini u oči / Music Is the Art of Time 2: LP film Buldozer – Spit The Truth In The Eye) на Варја Мочник (Varja Močnik), и конечно оној посветен на интернационалните ѕвезди ЛАЈБАХ (Glasba je časovna umetnost 3, LP film Laibach / Music is the Art of Time 3, LP film Laibach), повторно на Игор Зупе.

Сцена од документарецот „Плукни и на вистината во очи“ посветен на словенечката арт-рок група БУЛДОЖЕР

Од Кинотека и со информација дека серијата на музички документарци продолжува со 55 издание на: „Нов свет – нов поредок: Еко вознемиреност и миграции“ (Live Soundtrack 55 – New world (dis)order : Eco-anxiety and migrations), а во овој контекст ќе п отсетат и на традиционалната чалгаџиска музика со документарецот „Ќеиф – Македонска чалгиска традиција“ на Блаже Дулев.

Кога сте на одмор, мемориите на вашите „смарт“-телефони сигурно се полни со фотографии и видеа. Ако, пак, сакате да видите како вашите сограѓани од постарите генерации си ги сочувувале спомените, тогаш документарниот филм „Тајните филмски архиви на Градот – втора приказна“ на „Вардар филм“ е одлична прилика за тоа. Втората приказна од проектот „Тајните филмски архиви на градот“, со подршка на Град Скопје и во соработка со Кинотеката на Македонија, прибра 8-милиметарски ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали… ќе потенцираат творците на августовската Програма.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG