Струмица од 5 до 9 август, во времево на понижувања, поделби и измешани емоции, заматени вредности и нови стремежи за лет во висините, повторно ќе биде во филм. На љубителите на подвижните слики во градот под Беласица и воопшто на македонската култура (онаква каква што е или каква што треба да биде), под мотото „Светлините на астерот“, ќе им се случи 17-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
И, кога сме веќе тука, согласно востановената традиција, најнапред информацијата дека овојпат добитник на наградата „Астер за животно дело од областа на филмската уметност“ е Желимир Жилник, легендарниот српски режисер и сценарист, автор на низа познати филмови ( кратките „Журнал за селската младина во зима“, „Пионери малечки“, „Невработени луѓе“ ... „Убавите жени се шетаат по градот“, „Београде, добро утро“, документарниот „Тито по втор пат меѓу Србите“, „Газиште од мермер“, „Тврдина Европа“, „Стара школа на капитализмот“...), меѓу кои и „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.
Отворањето на манифестацијата, вечерта на 5 август во врелината на летниот Амфитеатар во Градскиот парк во 20.30 часот, ќе му припадне на блокот од седум ексклузивни кратки играни филма. Ќе бидат прикажани „Северен пол“ на нашата Марија Апчевска, „Божилак“ на црногорскиот режисер Александар Вујовиќ, „Аjкула“ на Неш Еџертон од Австралија, „Во мојот ум“ на Мартин Стренџ-Хансен од Данска, „Писмарницата“ на Елвира Линд од САД, „Сведок“ на Иранецот Али Азгари и белгиско-францускиот „Титан“ чиј режисер е Валери Карној.
Следната вечер публиката ќе има можност да го проследи и помине низ себе блокот со кратки документарни филмови каде е планирано да бидат прикажани полскиот „Балконски концерт“ на Дијана и Кжиштоф Кадлубовски, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот оскаровец „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут.
Третата фестивалска вечер ќе им биде посветена на анимираните дела и во нејзини рамки се вклучени „Домашар“ на Ева Смик – полско-британска копродукција, „Мравкин град“ на Марек Напрстек од Република Чешка, словенечкиот „Стекџилница“ на Шпела Чадеж, „Вљубени черупки“ на Сливен Димитров од соседна Бугарија, „Тио“ на Хуан Хозе Медина од Мексико и данскиот „Џелатот дома“ на Мајкл и Ури Кранот.
Во понеделник на 8 август е предвидено да се одржи вечерта посветена на Лауреатот и во негова чест ќе биде прикажан филмот „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак, инаку филмски и телевизиски режисер и професор на Факултетот за драмски уметности од Белград.
Конечно, за спуштањето на завесата на ова 17 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во вторник на 9 август, е планирана специјалната премиера на најновиот македонски документарец „Трн“ чии автори се Никола Пијанманов како сценарист и Столе Ангелов - кинематографер и монтажер. За филмот во најавата за неговата промоција ќе биде забележано дека е тоа „суптилна и моќна филмска приказна за актерот, граѓански борец и активист Стојан Велков Трн“. Дизајнот на звукот е на Ставро Ангелаков, а во филмот, покрај Стојан Велков Трн, учествуваат и Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова и Дејан Ангелов, кој е и уметнички соработник на проектот.
„Трн“ е документарен филм кој го раскажува и опфаќа периодот околу претставите “Кротка“ и „Каин“ кога актерот Стојан Трн Велков ги создаде, според мене, своите две најзначајни улоги досега. Тој во истиот период непоштедно дејствуваше и како граѓански активист, но пред се како човек кој без никакви калкулации го крена гласот и храбро се спротистави против сериозни и големи проблеми, кои за жал стануваат дел од нашето секојдневие, а многумина од нас тоа немо ги прифатија. Тој негов начин на живот кога во исто време создава маестрални улоги , се бори против неправди и живее како посветен семеен човек во секеојдневен контакт со почвата и природата беше инспирација за нас мала група истомисленици и дел од локалната уметничка сцена во Струмица. На идеја на Никола Пијанманов и Дејан Ангелов добив покана некако да пробаме таа енергија да ја преточиме во документарен филм. Така почна мојата „авантурата“ со ТРН, вели Столе Ангелов.
Кинематограферот и со дополнување дека ова него бил прв обид за посериозен проект и дека филмот е снимен со навистина скромен буџет, поради што снимањето често морало да се прилагодува и одложува.
Но тие проблеми и таа борба што сите од нас ја водевме тој период ако од една страна му одземаат од софистицираноста на филмот, од друга страна подиректно ја прикажуваат неговата поента. Затоа голема чест за сите нас беше кога ја добивме поканата да имаме специјална премиера во рамките 17-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ токму во Струмица, истакнува Ангелов, кој покрај Мими Ѓоргоска-Илиевска, Владимир Перовиќ и Мимоза Рајл е член и на стручното жири на Фестивалот.