Вашите закони можат да бидат целосно усогласени со законите на Европската Унија, но ако не ги имлеметирате, скрининг процесот нема да има значење, вели евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Скринингот кој всушност значи анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното со законодавството на Унијата, ќе се одвива на ниво на шест кластери, а ќе почне во септември годинава.
„Секако дека е точно дека оваа земја постигна одреден напредок во усогласувањето на националното законодавство со европското. Значи усогласувањето со ЕУ стандардите и нормите е важно, но работата е што скринингот не е само бирократска задача. Вие можете да бидете 100 процентно усогласени со европското законодавство, но како што веќе сите во земјата и другите земји знаат, ако не го имплементирате, спроведете, тогаш нема смисла. Значи усогласувањето е многу важно, но уште поважно е да го имплементирате и да обезбедите спроведување на законите“, изјави Гир во интервју за нашето радио, кое ќе го емитуваме во недела.
Скринингот кој всушност значи анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното со законодавството на Унијата, ќе се одвива на ниво на шест кластери. На прашањето дали темпото на преговори со Унијата може да се забрза, ако се има предвид дека наводно 45 проценти од македонското законодавство е веќе усогласено со европското, Гир со став:
„Прашањето колку врeме ќе биде потребно за да станете членка на ЕУ, е поврзано со прашањето колку брзо ќе ги спроведете потребните реформи. Кога ќе станете членка на ЕУ, од аспект на ЕУ, ќе може да се однесувате како одговорна членка, способна да ги имплементира сите правила и закони и да се натпреварува подеднакво со другите. И гледано од ваша перспектива, тоа ќе значи дека сте доволно силни да се натпреварувате со оваа моќна организација и еден моќен пазар. Има области каде што сте понапредни, но има и такви во кои има уште работа која треба да ја завршите“, вели, меѓу другото, Гир во интервјуто.
Две фази од скринингот
Инаку, скрининг процесот има две фази. Првата фаза, се нарекува Објаснувачки скрининг и тоа е кога Европската Комисија заедно со Северна Македонија и Албанија го разгледува целосниот процес и гледа што треба да се направи за време на тој процес.
Втората фаза или Билатерален скрининг, е многу структуриран и интензивен во дијалогот и истиот може да трае од 14 до 16 месеци во целост, а во кој Европската Комисија ги гледа нормите и законодавството во сила во Северна Македонија и во Албанија, односно ги гледа празнините, идентификува каде тие празнини треба да се пополнат и идентификува кои одредници се потребни да бидат направени за напредок.
Македонија го почнува скринингот со отворање на поглавјето 23 коешто се однесува на правосудството и фундаменталните права. Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека ова поглавје има мултидимензионален карактер, а динамиката со којашто ние ќе се движиме и успешноста во однос на хармонизација на нашето законодавство со европското, ќе има одредени импликации и врз другите поглавја.
„Не сакам и не смее да биде нихилистички пристапот затоа што податоците говорат дека веќе 45 проценти од преземените обврски веќе се завршена работа. Ни останува нешто повеќе од половина да го завршиме тоа и јас сум сигурен дека во тие две потфази, првата е објаснувачка, а втората е билатералниот скрининг, дека ќе бидеме на ниво на задачите, затоа што Министерството за правда веќе беше подготвено, а ќе биде и надградено во однос на капацитетот и во однос на подготовката за остварување на она што се нарекува имплементација на поглавјето 23“, вели министерот Тупанчески.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пак неодамна изјави дека отворањето на кластерите ќе биде побрзо од предвидената динамика.
Преку билатералниот процес, земјата ќе треба да го презентира степенот на усогласеност со правото на ЕУ и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.
Дали македонската администрација има капацитет за скринингот?
Андреја Стојковски извршниот директор на Институтот Преспа вели дека почнувањето на билатералниот скрининг не е условен од уставните измени, туку дека двата скрининзи се веќе закажани во календарот на ЕУ согласно новата Методологија на ниво на кластери. Во делот на тоа дали надлежните институции ги имаат потребните ресурси и капацитети за спроведување на обврските од скринингот во согласност со предвидената динамика, Стојковски со одговор:
„Би сакал да верувам дека имаме институции коишто би требало да функционираат. На крајот на краиштата имаме превработена администрација. Но она што е битно кога се зборува за ова е елементот на нивна организација во процесот на преговори. Ние имавме неколку обиди, во државата функционираат веќе подолго време работни групи, но тоа се групи за подготовка на национална програма за преземање на националното законодавство. Тоа е различно од работна група за подготовка на преговарачки позиции, и на тоа треба да работиме,“ објаснува Стојковски.
Независно од тоа каков ќе биде исходот во делот на промена на Уставот, од што зависи одржувањето на Втората меѓувладина конференција , Стојковски вели дека скрининг процесите ќе продолжат.
Според некои експерти пак и во натамошниот процес нема никакви гаранции во предложените документи дека нема да има натамошни бугарски условувања. Дури и со промена на Уставот за во него да се внесат Бугарите (а заедно со нив и Црногорците и Хрватите), упатените велат дека Бугарија обезбедила два начини да ги блокира македонските интеграции. Првиот е можноста за вето која стои поради потребата од консензус за усвојување на одредниците за кластерот фундаменталс или вториот начин, е преку барања за таканаречени „корективни мерки“.
Инаку, Македонија се стекна со статусот земја кандидат за членство во ЕУ уште пред 17 години, ама не можеше да ги почне преговорите поради спорот за името со Грција. Овој спор беше решен со Преспанскиот договор, кога земјава го прифати името Република Северна Македонија, а јазикот остана македонски.
Сепак, наместо брз почеток на преговори за ЕУ, како што беше најавено од тогашните власти, блокадата стигна прво од Франција, а потоа и од Бугарија. Бугарија го смета македонскиот јазик за бугарски дијалект, а има проблеми и со повеќе делови од македонската историја.