Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска е во посета на Скопје. Таа ќе има средби со државниот врв, а ќе се обрати и во Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог со кој треба да се одблокираат македонските евроинтеграции. Протестот против францускиот предлог денеска ќе започне напладне. Опозициските партии повика на масовност.
Седницата на која ќе се обрати фон дер Лајен е закажана за 13 часот, а половина час подоцна треба да почне седницата на која ќе се расправа за предлогот.
Од Владата соопштија дека претседателката на Европската комисија напладне ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски. Претходно фон дер Лајен ќе има средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски, а непосредно пред седницата во Собрание ќе има средба и со претседателот Талат Џафери.
Фон дер Лајен е последната од низата на европски лидери и владини претставници кои во изминативе денови го посетија Скопје за да им дадат ветер во грб на македонските власти да го прифатат предлогот со кој ќе се отстрани бугарското вето.
Најавувајќи ја посетата на Скопје, од ЕК во објавата на Твитер првин напишаа дека Фон дер Лајен ќе се сретне со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски, за по кусо време да ја коригира објавата и да напише дека претседателката е на средба со претседателот на Северна Македонија.
Од Министерството за надворешни работи наведуваат дека како и секогаш реагирале веднаш штом забележале дека е употребена несоодветна придавка.
Протести напладне
ВМРО-ДПМНЕ повика на масовен протест пред Собрание во 12 часот, иако портпаролот на партијата, Наум Стоилковски претходно рече дека протестот ќе почне во 13:30 часот.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги повикаа граѓани масовно да излезат напладне пред Собрание во пресрет на собраниската расправа, за како што наведуваат, срамниот предлог кој ја бугаризира Македонија.
„Да излеземе масовно и да протестираме мирно и достоинствено против асимилација и бугаризација на Македонија. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени нема да поминат. Власта мора да го отфрли предлогот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ,
Претходно и од Левица соопштија дека нивните активисти кои досега кампуваа пред Влада, се селат пред Собранието. Од партијата ги повикаа граѓаните во 12 часот да дојдат пред Парламентот. Левица вели дека денеска е Денот Д за народот пред Собрание гласно и јасно да порача НЕ за бугаризацијата.
МВР подготвено да одговори на безбедносните предизвици
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека полицијата ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом. Тој порача дека МВР е подготвено да одговори на каков било безбедносен предизвик со кој ќе се соочи.
Во пресрет на собраниската седница власта побара поддршка за францускиот предлог, а опозицијата порачува дека уставните измени тешко дека ќе поминат. Опозицијата обвинува дека прифаќањето на предлогот ќе доведе до „бугаризација“ на општеството и губење на јазикот и идентитетот, додека власта уверува дека јазикот и идентитетските обележја се заштитени. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека додека не го види клучниот документ - билатералниот Протокол со Бугарија не се согласува за почнување на преговори.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека очекува плодна и суштинска дискусија во Собранието. Тој очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии.
Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот протест повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени со кои се предвидува Бугарите да бидат вметнати во Уставот пред да почнат преговорите за членство во ЕУ.
Мицкоски рече дека на Фон дер Лајен ќе ѝ порача дека „ова е Македонија“.
Дел од помалите партии од владејачката коалиција се изјаснија против одредби на договорот. Централниот одбор на Зелената партија ДОМ синоќа донесе одлука дека нема да го поддржи т.н. француски предлог за започнување преговори со ЕУ. Пратеникот Павле Трајанов од Демократски сојуз пак објави предлог – заклучоци со кои бара интервенции во францускиот предлог. Забелешки за предлогот имаат и од ЛДП. Од опозициските албански партии, иако имаат забелешки, рекоа дека за нив предлогот е прифатлив.
Францускиот предлог беше доставен на разгледување во Собрание, но пратениците сè уште го немаат Протоколот со Бугарија.
Според она што се објавува во бугарските медиуми се претпоставува дека Протоколот ги содржи клучните прашања за историјата за кои луѓето негодуваат. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ 24 повторно вети дека протоколот со Бугарија ќе биде објавен пред на него да се стават потписи. Но, такво ветување даде и пред две недели.
Во последната верзија на францускиот предлог која ја објави и македонската влада, Протоколот не се споменува директно во Преговарачката рамка. Но тој се спомнува во предлог заклучоците на Советот на ЕУ. Во нив се вели дека на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, Советот ја потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Бугарија ја блокира Македонија на патот кон ЕУ од 2019. Десетина дена пред да истече француското претседателство со ЕУ, Франција испрати предлог првин до Бугарија, а потоа и до Македонија со кој треба да се тргне ветото и да се откочат македонските евроинтеграции. Во меѓувреме падна Бугарската Влада, меѓудругото и заради наводна попустливост кон Скопје, а во земјава почнаа протести против предлогот, кој за голем дел од граѓаните значи „бугаризација“ на Македонија.