Собранието за в четврток во 13:30 ја закажа седницата на која пратениците треба да расправаат за францускиот предлог.
Како што може да се види од информациите на собраниската веб-страница закажана е 81. седница со единствена точка на дневниот ред – Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Претходно, претседателот на Парламентот Талат Џафери ја закажа 80-тата седница на Собранието за в четврток во 13 часот, но во дневниот ред стои само:
„На оваа седница на Собранието на Република Северна Македонија ќе се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен“.
Владата, според барањата од вчерашната координација во Собранието, попладнево достави до Собранието дополнување на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција на 30 јуни 2022 година, соопшти собраниската прес-служба.
Документите, како што посочуваат од Собрание, се доставени до сите пратеници.
Владата ги објави трите документи од преговарачката рамка, но не и билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија. Од различни извори во владејачката коалиција доаѓаа контрадикторни информации дали и кога ќе биде објавен протоколот, и што содржи.
Опозицијата обвинува дека прифаќањето на предлогот ќе доведе до „бугаризација“ на општеството и губење на јазикот и идентитетот, додека власта уверува дека јазикот и идентитетските обележја се заштитени.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека не можат да го објават Протоколот, зашто сè уште не е потпишан. Неговата бугарска колешка Теодора Генчовска, пак, рече дека со Османи има „џентлменски договор“ дека протоколот е завршена работа.
Дипломатски извори за Радио Слободна Европа велат дека ако се прифати францускиот предлог, првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ може да се одржи веќе на почетокот на наредната недела, а веднаш потоа ЕУ ќе ги почне и преговорите со Албанија.
Сепак, тоа ќе биде само формален почеток на преговорите со ЕУ. Отворањето на поглавјата ќе почне дури откако Македонија ќе го смени Уставот за да ги внесе Бугарите во преамбулата, како што наводно е предвидено во Протоколот, којшто не е објавен.
За да се обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот е потребна и поддршка од неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но Мицкоски рече дека тие нема да поддржат промена на Уставот.
Централниот одбор на СДСМ синоќа го поддржа процесот за отпочнување на преговорите за полноправно членство на земјава во ЕУ согласно Предлог-преговарачката рамка за пристапни преговори со Унијата од последниот европски предлог од 30 јуни 2022 година, предложен од француското претседателство.
Во партиското соопштение се посочува дека СДСМ како државотворна партија останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ во ниту едни околности. Овие определби и принципи СДСМ очекува да бидат поддржани од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури, посочуваат од најголемата владејачка партија.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати повик до на СДСМ да го одбијат предлогот.
„Сакам јасно да подвлечам дека независно што ќе се расправа во Собранието, за нејзиното прифаќање пресудно е влијанието на Владата на СДСМ и ДУИ која игнорирајќи ја волјата на огромното мнозинство граѓани, на сила сака да протурка процедура која е во целосна спротивност со државните и национални интереси. Се работи за информација која Собранието ја носи со просто мнозинство, односно со 41 пратеник од присутни 61. Суштински, усвојувањето, односно неусвојувањето на оваа информација нема да смени ништо посебно бидејќи Владата на Ковачевски истата веќе ја прифати“, наведува Мицкоски кој додава:
„Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест. Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија“, наведе Мицкоски.
Во меѓувреме, дебатата во Собранието пред закажувањето на пленарна седница за разгледување на францускиот предлог, се води токму за Протоколот, односно дали може пратениците да донесат обврзувачки заклучоци за Владата во однос на преговорите со ЕУ без да знаат што е усогласено и договорено како обврска кон Бугарија.
Опозицијата веќе осум дена протестира против францускиот предлог под мотото „Ултиматум, не благодарам“. За вечерва се најавени нови протести.
Софија денеска испрати нота до Министерството за надворешни работи во Скопје поради, како што се наведува, констатираните многубројни слогани и транспаренти насочени против Бугарија во изминатите денови во македонската јавност.