Вести
50.000 руски војници убиени и ранети во Украина, вели британскиот воен началник
Русија има околу 50.000 убиени или ранети војници во инвазијата на Украина, а речиси 1.700 тенкови се уништени, изјави шефот на британските вооружени сили адмирал Тони Радакин за Би-Би-Си. Сепак, според него, секоја шпекулација дека загубите би можеле да ја урнат владата на рускиот претседател Владимир Путин се само „желби“. „Мислам дека некои од коментарите дека Путин не се чувствувал добро или дека всушност некој сигурно ќе го убие или смени се само желби. Како воени професионалци, гледаме релативно стабилен режим во Русија“, изјави тој, додавајќи:
Во Русија, мајките и сопругите се борат да ги вратат војниците дома
„Претседателот Путин може да потисне секоја опозиција. Гледаме хиерархија која е вложена поставена од претседателот Путин и затоа никој од врвот нема мотивација да го предизвика. И тоа е мрачно“. Британскиот воен началник смета дека по неуспесите во Украина, руските копнени сили сега може да претставуваат помала закана отколку пред војната.
види ги сите денешни вести
Пресуда за тројца од адвокатите на Навални обвинети за „екстремизам“
Рускиот суд треба да осуди тројца адвокати кои работеа за опозицискиот политичар Алексеј Навални и беа обвинети во 2023 година за обвиненија за „екстремизам“.
Рочиштето за изрекување на пресудата за адвокатите Вадим Кобзев, Алексеј Липцер и Игор Сергунин треба да започне на 10 јануари во 10 часот по локално време во Владимирската област источно од Москва.
Тие се обвинети за учество во „екстремистичка“ организација, обвинение кое предвидува максимална казна од шест години затвор. Обвинителите бараат затворски казни од најмалку пет години за секој од адвокатите.
Се очекува тие да бидат прогласени за виновни бидејќи ослободителните пресуди се практично нечуени во руските судови, особено во политичките случаи.
Антикорупциската фондација на Навални (ФБК) и другите групи на Навални беа означени како екстремистички и забранети во Русија во 2021 година.
Судењето на Кобзев, Сергунин и Липсер започна во септември и се одржа зад затворени врати, но пресудата треба да биде отворена за медиумите.
Истражителите рекоа дека адвокатите го користеле својот „статус“ за да пренесуваат пораки меѓу Навални и неговите соработници, помагајќи му да „спроведува екстремистички активности од зад решетки“. Две други поранешни адвокати на Навални, Александра Федулова и Олга Михаилова, побегнаа од Русија минатата година.
Пред неговата смрт, Навални го осуди апсењето на адвокатите како „безобразно“, велејќи дека тоа е дел од кампањата за понатамошна изолација во затвор.
Критичарот на Кремљ почина во сомнителни околности во арктичка затворска колонија во февруари 2024 година. Неговите соработници рекоа дека тој бил убиен, најверојатно по наредба на Кремљ, што Кремљ жестоко го негираше.
Навални можеше да комуницира од својата затворска ќелија, со неговите критики за целосната инвазија на Русија на Украина и саркастични коментари, а често и за условите во кои тој беше задржан, на социјалните мрежи.
Кобзев беше најпознатиот член на адвокатскиот тим на Навални кој го бранеше на суд.
Интерпелациите против Меџити, Стоилковиќ, Тошковски, Исени и Даути на дневен ред во Собранието
Собранието денеска (10 јануари) треба да ја започне 29-тата седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата денеска.
Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од коалицијата Влен, СДСМ и Левица ќе гласаат против четирите интерпелации, поднесени по случувањата на прославата на Денот на албанското знаме.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден или во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите од Штип кажа дека за време на денешната дебата за интерпелациите на Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исени очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.
Вицепремиерот Меџити вчера во изјава за медиумите во Тетово коментираше дека поднесувањето интерпелација против неговата работа е демократски чекор што опозициската партија го користи само за партиска корист и спротивно на државните интереси.
Пратеничката група на СДСМ, како што изјави во средата портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Меџити и Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.
Сиљановска-Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен, намерата не е чесна
Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање, изјави денеска (9 јануари) претседателката Гордана Сиљановска Давкова коментирајќи ја изјавата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата во интервју за ТВ Алфа, изјави дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.
Претходно реагираше и македонското Министерство за надворешни работи, осудувајќи ја изјавата на Костадинов и опишувајќи ја како злонамерна.
И опозицискиот лидер, Венко Филипче, ги осуди изјавите на Костадинов и ги нарече иредентистички.
Тој повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои, според него, се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Бугарија сака Северна Македонија да го признае бугарското малцинство како национално малцинство. За да се постигне тоа, потребни се уставни измени.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски смета дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.
Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскио премиер на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите, во октомври 2024 година.
За усвојување на уставните амандмани потребно е двотретинско мнозинство. Парламентарното мнозинство во Северна Македонија во моментов се состои од 78 пратеници од вкупно 120 во Собранието.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Одбележан неуставниот Ден на Република Српска и покрај предупредувањата од ЕУ и САД
Со парада на улиците на Бања Лука денеска (9 јануари) беше одбележан Денот на Република Српска, кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина три пати го прогласи за неуставен.
Од Обвинителството на Босна и Херцеговина не одговорија на прашањето на Радио Слободна Европа дали е покрената истрага во врска со овогодинешното одбележување, ниту дали нешто било преземено во врска со ова прашање минатата година, кога, како што се наведува, ги следеле активностите на 9 јануари.
На парадата присуствуваа, меѓу другите, претставници на ентитетските јавни и спасувачки служби, демобилизирани припадници на Армијата на РС, студенти.
Меѓу официјалните претставници беа премиерот на ентитетот, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
Не присуствуваше претседателот на РС, Милорад Додик, кој се опоравува од операцијата направена на почетокот на декември.
Во негово име зборуваше министерот за внатрешни работи на Република Српска (РС), Синиша Каран.
Тој во својот говор го спомена и Дејтонскиот договор, оценувајќи дека по завршувањето на постапката во Судот на БиХ против Милорад Додик „ќе се знае дали ќе опстанат Дејтонскиот мировен договор и БиХ“.
На Додик му се суди за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит.
Дојдоа и претставници на Владата на Србија
Во Бања Лука пристигна и делегација од Владата на Србија. Меѓу нив беше и министерот за одбрана Братислав Гашиќ.
Дојде и Александар Вулин, министер во Владата на Србија, кој е на американската црна листа.
Тој рече дека „РС е празник за секој Србин односно празник на сите Срби“.
„Затоа ја уриваат, ја напаѓаат секоја српска вредност, бараат да се утврди што ќе славиме, како ќе славиме, затоа бараат да ни се одреди и знаме и име и сакаат да владеат наместо нас. Бараат да му се суди на Додик, како одмазда, како што им судеа на нашите во Хаг, да го соборат првиот меѓу нас, Александар Вучиќ, и тоа на улица, а не на избори“, рече Вулин.
Меѓу учесниците беа и претставници на Ноќните волци, огранок на рускиот мото клуб на чело со Александар Залдостанов, кој е близок до Кремљ и рускиот претседател Владимир Путин.
За прославата беа издвоени околу 283.000.
Во пресрет на одбележувањето, Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во БиХ и Амбасадата на САД во Сараево објавија соопштенија во кои повикаа на реакција на судските власти во земјата поради прославата, и почитување на државниот Устав.
Ден претходно, Владата на Србија, предводена од премиерот Милош Вучевиќ, на 9 јануари ја посети Бања Лука, а во делегацијата беше и Ана Брнабиќ, претседателката на српскиот парламент.
Поради доаѓањето на овие функционери, шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ упати протестна нота до Србија.
Што се слави, а што се оспорува?
На 9 јануари 1992 година, Собранието на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја усвои Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина како независен ентитет во рамките на Босна и Херцеговина.
Властите во РС го одбележуваат тој датум како ден на основање на Република Српска.
Претставниците на Бошњаците и Хрватите не учествуваа во декларацијата, а тие два народи на 9 јануари гледаат почеток на војната во Босна и Херцеговина и почеток на етничко чистење, воени злосторства и геноцид врз несрпското население.
Во 1992 година, Уставниот суд на Република Босна и Херцеговина ја поништи Декларацијата, а во 2015 и 2019 година Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи за неуставно одбележувањето на Денот на РС, 9 јануари.
Во одлуката од 2015 година беше наведено дека „Уставниот суд на Босна и Херцеговина не го оспорил правото на Република Српска да го слави Денот на Републиката, но тоа не може да биде 9 јануари“, бидејќи тој датум „не е прифатлив за сите граѓани“ .
Деветти јануари е и слава на РС, кога се слави Свети архиѓакон Стефан.
И покрај овие одлуки, Денот на РС редовно се одбележува во последните десет години, а за секоја прослава се трошат по неколку стотици илјади евра.
Највисокиот суд во Њујорк одби да ја блокира пресудата за Трамп во случајот со тајните плаќања
Највисокиот суд во Њујорк денеска (9 јануари) го отфрли барањето на Доналд Трамп за суспендирање на неговата пресуда по кривични обвиненија за тајни исплати на порно ѕвезди. Со ова, на новоизбраниот претседател, Врховниот суд на САД му останува последна опција која може да го спречи утрешното рочиште.
Еден од судиите во Апелациониот суд во Њујорк издаде налог со кој одби да му дозволи сослушување на правниот тим на Трамп.
Трамп побара од Врховниот суд да ја поништи казната, која се очекува да биде изречена утре (10 јануари). Неговите адвокати на 8 јануари поднесоа жалба до највисокиот суд во САД, откако њујоршките судови одбија да го одложат изрекувањето на пресудата минатиот мај кога беше осуден по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги. Трамп ја негираше вината.
Во поднесокот до највисокиот суд во Њујорк, адвокатите на Трамп рекоа дека судечкиот судија и државниот апелационен суд „погрешно пропуштија да го запрат изрекувањето на пресудата“, тврдејќи дека Уставот наложува автоматска пауза по жалбата и дека пресудата ќе ја наруши претседателската транзиција, бидејќи Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа на 20 јануари.
Обвинителите одговорија велејќи дека нема причина високиот суд да преземе „вонреден чекор“ да интервенира во случајот на федерално ниво за да го запре изрекувањето на казната.
Адвокатот на Трамп, Џон Зауер рече дека случајот е политички мотивиран и оти пресудата ќе биде „тешка неправда“.
Адвокатите на Трамп, исто така, тврдат дека доказите користени во судењето на Менхетен ја прекршиле одлуката на Врховниот суд од минатото лето, која на Трамп му дава широк имунитет од кривично гонење за дејствија што ги презел како претседател.
Судиите во Њујорк утврдија дека пресудите за Трамп се однесуваат на лични работи, а не на официјални претседателски прашања кои се во суштината на пресудата на Врховниот суд.
Извори: АП, Ројтерс
Тринаесетта жртва на масакрот во Цетиње
Еден од четворицата тешко ранети во масакрот во Цетиње, Дејан Кокотовиќ, почина денеска (9 јануари) во Клиничкиот центар во Црна Гора.
На 1 јануари, по крвавиот упад во Цетиње во кој Ацо Мартиновиќ уби 12 лица, тој беше примен во Клиничкиот центар каде лекарите се бореа за неговиот живот.
Од таа здравствена установа на 6 јануари соопштија дека тројца пациенти успешно закрепнуваат, а пациентот кој бил во критична состојба покажува знаци на опоравување.
Осомничениот за повеќекратно убиство во Цетиње и ранувањето на најмалку четири лица Ацо Мартиновиќ се самоуби.
Тој починал при транспорт во болница.
Многу лидери на земјите од регионот и странски амбасади испратија телеграми со сочувство до црногорските власти, граѓаните на Цетиње и Црна Гора.
Поради трагичниот настан сите новогодишни манифестации во Црна Гора беа откажани.
Ова е второ масовно убиство во Цетиње во последните две години. Во август 2022 година, Вук Бориловиќ уби 10 и рани 6 лица, по што беше убиен.
Фицо: Словачка може да ја запре помошта за Украина поради прекинот на испораката на гас
Словачка размислува за мерки против Украина, вклучително и задржување на помошта доколку не се најде решение за одлуката на Киев да го прекине рускиот гас, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо денеска (9 јануари) по разговорите со европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен.
На 1 јануари, Киев презеде мерки за намалување на приходите кои и помагаат на Русија да ја финансира војната против Украина, овозможувајќи време да најдат алтернативни добавувачи додека има залихи во Европската унија.
Меѓутоа, Фицо вели дека ова ќе ја чини Словачка 1 милијарда евра годишно по повисоки цени за гасот што го користи и 500 милиони евра во такси за понатамошен транзит.
Тој се закани дека ќе го прекине вонредното снабдување со електрична енергија на Украина во време кога Русија ја напаѓа украинската енергетска мрежа, или ќе ја намали помошта за украинските бегалци.
Фицо рече дека владата, исто така, може да ја запре хуманитарната помош или да го искористи правото на вето врз одлуките на ЕУ за Украина, истовремено инсистирајќи дека не сака да ги зголемува тензиите.
„Не постои ништо, ниту меѓународното право ниту санкциите, што го спречува транзитот на гас низ Украина“, изјави тој за новинарите во Брисел.
„Доколку штетата за ЕУ е трајна, како и штетата за Словачка, Словачка ќе преземе реципрочни мерки“, додаде тој.
Словачка и Европската комисија објавија дека се договориле да формираат работна група за ова прашање.
Фицо ја промени надворешната политика на Словачка откако ја презеде власта во 2023 година, негувајќи ги односите со Русија и одбивајќи да обезбеди воена помош за Украина.
Сепак, не е јасно како стигнал до проценката на потенцијалните загуби на Словачка.
Словачкиот оператор за пренос на гас Eustream, во кој државата има 51 отсто сопственост, пријави приход од 226 милиони евра за целиот транзит на гас за годината што завршува во јули 2023 година, што е последниот достапен податок и вклучува мал удел на гасот што не доаѓа од Русија.
Словачка предложи технички решенија, вклучително и преземање на сопственоста на рускиот гас пред да стигне до Украина, но Киев ги отфрли на самитот на ЕУ во декември. Неколку дена подоцна, Фицо се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да разговара за ова прашање.
На Словачка, која има договор со руски Газпром, годишно и се потребни 4-5 милијарди кубни метри гас за да ги задоволи потребите, а од Русија преку Украина увезувала околу три милијарди кубни метри гас.
Словачката државна компанија за гас SPP сега купува течен природен гас (LNG) од BP, ExxonMobil, Shell, Eni и RWE.
Извор: Ројтерс
Бајден подготвува нови санкции за Русија пред мандатот на Трамп
Американскиот претседател Џо Бајден се очекува следната недела да воведе нови санкции против руската економија, според американски функционер, како дел од мерките за зајакнување на Украина соочена со агресијата на Москва, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Санкции се очекуваат, рече функционерот кој побара да остане анонимен, бидејќи администрацијата на Бајден денеска (9 јануари) објави нова воена помош од 500 милиони долари за Украина, која се очекува да вклучи проектили за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за поддршка на борбените авиони Ф-16.
Враќањето на новоизбраниот претседател Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги поттикна шпекулациите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва, но и стравот во Киев дека набрзина постигнатиот мир може да има висока цена.
Советниците на Трамп изнесоа предлози за ставање крај на војната во Украина, со кои практично во догледна иднина на Русија би и се отстапиле големи делови од украинската територија.
Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.
Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат, рече функционерот.
Ројтерс претходно оваа недела објави дека три извори рекле оти САД планираат дополнителни санкции насочени кон приходите на Русија од нафтата, кои помагаат во финансирањето на нејзината војна против Украина.
Еден од изворите рече дека санкциите ќе бидат насочени кон две руски нафтени компании, повеќе од 100 танкери, трговци со нафта и руски осигурителни компании, без да прецизира за кои субјекти станува збор.
Извор: Ројтерс
МНР ја осуди изјавата на лидерот на бугарска „Преродба“ за припојување на Северна Македонија кон Бугарија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија соопшти дека „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.
„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, македонското МНР во реакцијата.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Оваа негова изјава е дел од објавата, во која Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот Канал.
Изјавата на Костадинов, за македонското МНР е „недолична и непримерна“.
„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Изјавата на Костадинов доаѓа во време на чувствителни односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, поврзани со историјата, идентитетот и јазикот.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ.
Јаневска: Мора да се запре со нарачаните магистерски и докторски трудови
Појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре, порачува Министерката за образование, Весна Јаневска.
Според неа, Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование.
„Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа“, рече Јаневска на денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука (МОН).
Таа очекува новиот Закон за високо образование на кој работи МОН, Законот за научни истражувања и националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области, кои треба да се донесат како пакет, да го подобрат квалитетот на високото образование.
„Кога ќе бидат готови, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, доколку има потреба овојпат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе го предадеме во владина и собраниска постапка“, дополни министерката.
Јанева рече и дека Законот за високо образование е при крај, а на него го подготвува работна група формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете