Достапни линкови

Протестите ја продлабочија поделеноста во и онака поделеното општество


Фотографија од протестите против францускиот предлог
Фотографија од протестите против францускиот предлог

Кога еднаш ќе се запали меѓуетничката тензија, многу е тешко да ја контролирате, вели професорката Мирјана Најчевска за поделеноста по етничка основа по последните политички случувања во земјава. Ибрахим Мехмети пак смета дека протестите ќе влијаат на меѓуетничката кохезија градена со години

Протестите против францускиот предлог покажуваат дека поделбите во македонското општество не само што не се надминати, туку истите се продлабочуваат, велат аналитичарите во земјава. Вперувајќи го прстот во политичарите и обидот да се партизира секоја сфера од општеството, тие посочуваат дека единствена корист од деструктивните сценарија и поделби кои се прелеваат и на етничка основа ја имаат токму политичките елити.

Веќе неколку дена во Скопје се одржуваат протести, чија цел е да се отфрли францускиот предлог, кој пак според власта е претставен како можност да се тргне бугарското вето и да се отворат преговорите на Македонија со ЕУ.

Анализирајќи ги протестите и пораките кои на нив може да се слушнат, професорката Мирјана Најчевска вели дека позитивниот дух од „Шарената револуција“(која започна како резултат на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да прогласи аболиција за сите осомничени и обвинети политичари во истрагата за незаконското прислушкување)која ги поттурнала настрана партиските елементи, на овие протести го нема.

Според неа политичките партии сега повторно играат на картата на меѓуетничките тензии, а секое барање добива етничка боја дури и тогаш кога барањето нема врска со меѓуетничките односи.

Покрај навредливи зборови за Бугарите, на протестите може да се слушнат навредливи зборови и за албанската етничка заедница, а на еден од протестите имаше и обид за предизвикување меѓуетнички инцидент.

„Тоа е некој вид на немоќ на луѓето да ги адресираат вистинските проблеми и да се справат со она што преставува вистинско загрозување на нивните интереси и потреби. И затоа се вртат кон познати флоскули, шеми и работи кои претходно им биле внесени во главата и на тој начин доаѓаме до ситуација да не го адресираме вистинското со кое треба да се справиме и да се обединиме на едно граѓанско ниво во остварување на вистинските цели, туку подлегнуваме на партиските пароли и поттикнувања и на тој начин влегуваме во еден затворен круг на повторно и повторно повторување на истите грешки,“ вели Најчевска.

За политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети ваквото однесување не е изненадување. Речиси и да нема политички проблем во земјава кој не се одразува на односите меѓу македонската и албанската етничка заедница, вели Мехмети.

„Земајќи предвид колку ова прашање е чувствително, потенцијалното нарушување на тие односи е поголемо. Од друга страна, просторот за манипулација и за евентуална политичка корист кај одредени актери е поголема и мислам дека ова се злоупотребува многу. Можам да прифатам дека има и искрено недоразбирање, но, во исто време, мислам дека има голем процент на намерно предизвикување на недоразбирања и конфликти со цел да се одбие некаква политичка позиција која ќе им помогне во остварување на нивната политичка цел,“ вели Мехмети.

И Најчевска и Мехмети велат дека политичарите треба да бидат повнимателни и поодговорни со изјавите кои ги даваат во јавноста за да не предизвикаат дополнителни меѓуетнички тензии и поделеност.

„Јас не мислам дека Македонците и Албанците сега ќе почнат да војуваат, но секако дека тоа може да влијае на расипување на таа мала кохезија која се градеше неколку години наназад со голем напор на одредени политички чинители. Мислам дека и од двата блока имаше искрена желба да се премостат тие разлики кои се многу влијателни за вкупното функционирање на државата. Ако ние мислиме дека секоја етничка заедница треба да биде застапена од припадници на својата етничка заедница, тоа е навистина опасен став зошто истиот води кон подлабоки поделби и може да влијае на градењето на целокупните односи во иднина“, вели Мехмети.

Пред десеттина дена токму министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека отфрлањето на францускиот предлог ќе донесе безбедносни ризици и меѓуетнички тензии.

„Тие(политичарите) се на ниво на мали деца на кои им е даден оган и мислат дека може да играат со огнот, дека може да го контролираат. Меѓутоа, еднаш кога ќе се запали меѓуетничката тензија многу е тешко таа да се контролира и тоа е она кое не знам зошто, никако да го научат нашите политичари и покрај искуствата коишто ги имаат од минатото“, вели Најчевска.

Според професорката, јасно изразената поларизација во општеството може да се надмине само преку примена на вистинска демократија, владеење на правото и подигнување на нивото на образование на широките граѓански структури.

„Единствениот „лек“ против длабоката поделеност во општеството е воспоставување на вистинска граѓанска држава која ќе обезбеди заштита на човековите права и нема да биде структиурирана на етнички поделби“, додава Најчевска.

На 5 - тиот ден протести – инциденти кај плоштадот Скендер бег
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Дека поделеноста во општеството е пренагласена деновиве предупреди и претседателот на државата Стево Пендаровски. Во интервју за ТВ 21 тој изјави дека политичката поларизација без преседан е на невидено ниво во независна Македонија.

„Никогаш, паметиме и рани 90-ти имало расколи, имало проблеми, имало и тепачки, демонстрации и контрадемонстрации. Јас бев склон да верувам дека во времето на Груевски таа поларизација беше отидена до ниво кое не може да оди подалеку, е сега од други причини јас мислам дека најмногу е така затоа што не напредуваме кон Европа, туку остануваме во оваа балканска баруштина или кал, дека тука луѓето продолжуваат да се иселуваат, овие што остануваат бараат алтернатива и бараат решение“, рече неодамна Пендаровски.

Инаку Владата пред десетина дена го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Веднаш потоа започнаа протестите против францускиот предлог.

Илијадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG