Достапни линкови

„Францускиот предлог“ ќе го чека ребалансот на Буџетот


Собраниска седница на која ќе се донесат заклучоци за францускиот предлог најверојатно ќе биде закажана откако ќе помине ребалансот на буџетот. Опозицијата инсистира да се објави билатералниот Протокол со Бугарија. Лидерот на ДС Павле Трајанов тврди дека вчера бил спречен државен удар.

Францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ ќе го разгледуваат пратениците откако на дневен ред ќе помине во Собранието ребалансот на буџетот, велат за РСЕ собраниски извори. Седницата за ребалансот за буџетот е закажана за в понеделник, 11 јули и таа, според собраниските правила, треба да трае најмногу пет дена.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за новинската агенција МИА изјави дека на редовната понеделничка координација ќе се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација која стигна во Собранието вчера за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.

В понеделник би можело да се знае кога ќе расправаме за францускиот предлог, вели Џафери

Џафери вели дека можно е да биде и прекината седницата за ребалансот и да закажа нова за „францускиот предлог“. Но, опозицијата денеска побара од Џафери да ја отфрли оваа информација од една страница затоа што е нецелосна, односно во неа не се содржани сите потребни документи.

Билатералниот Протокол со Бугарија - тајна за опозицијата и јавноста

Ниту пратениците, ниту јавноста се уште не го виделе билатералниот Протокол со Бугарија кој, според опозицијата и помалите партии во Парламентот, е клучниот документ за тоа како ќе изгледаат преговорите со ЕУ.

За координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ова е срамно однесување на Владата која го крие од јавноста Протоколот, а одговорноста за отворање на преговорите ја префрла врз пратениците без да ги имаат сите документи во рака.

„ Криењето на овие документи, само ја зголемува загриженоста дека овој цел пакет на документи е штетен за Македонија. Мораме да направиме заеднички притисок билатералниот протокол да биде објавен веднаш“, вели Мицески.

Од Министерството за надворешни работи до објавувањето на овој текст не ни одговорија зошто уште не го објавуваат текстот на билатералниот Протокол.

Кацарска- Ни треба целосно транспарентен процес

Директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска смета дека необјавувањето на протоколот и записниците оневозможува дел од луѓето да ја проценат состојбата и веројатно поради тоа се создава простор за недоумици и за поинакви толкувања.

„Веројатно е подобро за сите нас доколку би знаеле во целиот тој пакет кои се тие документи и како изгледаат. Инаку, не можеме да говориме за суштествена дебата. Собранието е исклучително важно, бидејќи знаеме дека првиот чекор којшто доаѓа кај нас е промената на Уставот во тековниот предлог на преговарачката рамка, што нема да биде лесен чекор и за него мора да бидат обезбедени сите чинители колку што е возможно“, рече Кацарска, нагласувајќи дека ниту еден консултативен процес не може да биде залуден доколку е отворен.

Во документите кои досега се јавно објавени и доставени засега не се содржани забелешките ни на опозициската ВМРО- ДПМНЕ кои беа побарани да се вградат во преговарачката рамка, ниту на коалициската „тројка“ Либерална партија, Демократски сојуз и ДОМ.

Гир- одлуката дали да се оди со овој ревидиран француски предлог или не е во рацете на земјата

Амбасадорот на ЕУ во Скопје Дејвид Гир вели дека јасно е дека одлуката дали да се оди напред со овој, како што вели, ревидиран француски предлог“ или не е во рацете на земјата, не е ниту во ЕУ нити во некоја земја членка на ЕУ. Според него дебатата која сега се одвива е тешка, емотивна и поларизирана, и жали поради тоа.

„ Дали тоа значи дека земјата треба да прифати секаков предлог или францускиот ревидиран предлог – секако дека не. Земјата треба да одлучи, но тоа е фактор во изборот и тој избор да се направи смирено и со дискусија, како овде. Предлогот е секако компромис, многу чувме за тој компромис, некои оценки се фер, некои далеку од вистината “,изјави тој на неговиот говор на денешниот форум на ЕПИ посветен на Западен Балкан.

Гир смета дека ЕУ треба да утврди некои лоши постапки кои како што вели предизвикаа штета по ненапредувањето во пристапувањето на земјава кон ЕУ. Според него по Преспанскиот Договор земјата влезе во НАТО, постигна голем напредок но ЕУ не даде отворање на преговорите и тоа доведе до фрустрација и недоверба во јавноста и целиот процес.

Трајанов објави - вчера бил спречен државен удар

Од друга страна пак, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој уште има резерви за францускиот предлог, објави дека вчера добил информации дека во текот на вчерашниот ден бил спречен државен удар. Тој се оградува дека можеби неговите информации се шпекулации, но сепак тврди дека имало обиди за преструктуирање на парламентарно мнозинство за уривање на Владата.

„ Веројатно Парламентот има некои мнозинство, што јас не верувам дека има со кое требало да се урне ( Владата), тоа сигурно се работи за шпекулации, но тие информации биле предмет на разгледување на државниот врв“ изјави Трајанов во Собранието без да посочи повеќе детали од каде се овие информации, додавајќи дека тој не е дел од никакви заговори.

До сега овие информации не се потврдени независно од други извори.

Трајанов изјави дека не се исклучува ризикот пратениците од владејачкото мнозинство без сите документи в рака да ја задолжат Владата да започне преговори со ЕУ.

„Можно е, знаете мнозинство има, не само ова што ја подржува Владата, туку пошироко мнозинство има во Парламентот. Тука се Алијанса за Албанците, Алтернатива, БЕСА, ДУИ, за пратениците од СДСМ не можам да кажам дека сите би подржале затоа што има и меѓу нив дел кои што се противат на овој предлог,“ изјави Трајанов.

По објавувањето на документите , во земјава веќе шести ден се одржуваат протести против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето кои поминаа со инциденти и тензии.

Една седмица протести против францускиот предлог
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

Владата го објави францускиот предлог составен три документи на 30 јуни, но останатите политички актери и натаму очекуваат да се комплетира со билатералниот Протокол.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG