По неколку години кампањи за промоција на стручното образование, во време кога на пазарот на труд има недостиг на стручни кадри, во првиот уписен рок годинава 66% или 7.698 ученици избрале упис во стручно пред гимназиско образование, каде пак влегле 3.971 ученици. Оттука, интересот за гимназиите останува стабилен, додека кај стручните училишта варира. Така на пример, во медицинското „Панче Караѓозов“ и годинава се полагаше примен испит, додека во машинското „8 Септември“ кубурат со ученици.
Иако бројките од првиот уписен рок одат во корист на стручното образование, тоа е очекувано бидејќи бројката на слободни места за упис во средните стручни училиштата е двојно поголема од местата во гимназиите.
Анита Тасевска, вели дека ја поттикнала нејзината ќерка сама да го одбере средното училиште, а изборот паднал на математичка гимназија. Како родител, но и професор по психологија и педагогија во две училишта, едното гимназиско, второто стручно таа вели дека школото мора да се избере според способностите на ученикот.
„Се одлучивме за гимназија, со тоа што и предочивме дека со завршена гимназија нема никаква струка и дека мора понатаму да оди и да се заврши на факултет којшто на нејзе најмногу ќе и одговара и одговара“, вели Тасевска.
Според неа, најголемиот проблем за тоа што многу од идните средношколци ја бираат гимназијата пред стручното училиште, е во отсуството на сериозно кариерно советување во училиштата, кое би почнало уште во првите одделенија.
„Коренот најчесто лежи во тоа што децата по завршување на деветтото одделение, најчесто поради тоа што не знаат што понатаму ќе направат, немаат изградено цел. Тие деца најчесто се одлучуваат за гимназиското, а многу мал процент за жал се одлучуваат за средно стручно“, која забележува силно влијание во оваа одлука од страна на родителите и другарите.
Откако на пазарот на труд се појави дефицит на квалификувани кадри со средно образование, а уписот во голем дел од стручните училишта со години беше во слободен пад, надлежните одлучија со кампањи и вложувања во стручните школи да го вратат интересот на младите. Кампањата „Снајди се со стручно“, стартуваше во 2019 година кога на чело на МОН беше Арбер Адеми, а министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска. Царовска следната година седна на министерското столче во МОН, а стручното образование го наведе како една од нејзините приоритети, продолжувајќи ја промоцијата со нова кампања „Учи паметно, работи стручно“. Целта беше младите да се запознаат што нуди стручното образование, и да го изберат пред гимназиското.
Новина беше и воведувањето на дуалните паралелки, каде се склучуваа договори со компаниите, па учениците добија однапред обезбедена пракса, а дел од нив и вработување веднаш штом завршат средно. Првата година имаше 11 дуални паралелки, лани беа отворени 97, а од идната година според најавите на МОН, ќе има 227 вакви класови во соработка со 450 компании.
Едни школи рушат рекорди, други не можат да направат клас
Сите овие работи доведоа до раст на интересот во дел од стручните школи каде со години бројката на ученици беше во слободен пад. Електротехничкото „Михајло Пупин“ и машинското „8 Септември“ се оддалечени едвај километар во скопска Гази Баба, но нивното искуство е различно. Додека во првото годинава по период од 1,5 деценија имаше рекорден број пријавени ученици, во второто пак има пад споредено со лани.
Директорот на СЕУГС „Михајло Пупин“ Димитар Ѓорѓиев, вели дека вложувањето во училиштето, паралелно со кампањите, стипендиите и воведувањето на дуалното образование довеле до промени.
„Можам да кажам дека сум презадоволен од уписот оваа година, имајќи предвид дека во 2018 имавме 614 ученика, денеска со овој последен уписен рок броиме преку 920 ученика. Тоа се преку 300 ученика за 3,5 години што претставува огромен успех“, вели Ѓорѓиев.
Сепак, и тука не се исполнети сите 424 слободни места предвидени за оваа година. Најмал бил интересот за профилот електромеханичар, иако пазарот на труд има голема потреба од ваков кадар. Најголем интерес пак имало во компјутерските паралелки, каде биле примани исклучиво одлични ученици, што според директорот го става ова школо во редот со најдобрите скопски гимназии.
Но во соседното „8 Септември“ каде се едуцираат идните водоинсталатери, мајстори за клими, заварувачи и машинци годинава се запишале само 40-тина ученици, од 218 слободни места. Директорот Кенан Асани вели дека вовеле дуални паралелки, вложуваат во наставата, но проблемот го гледа во долгите години неработење во оваа сфера како и отсуството на системски мерки.
„Тотално се незаинтересирани, од децата, наставниците, не ги интересира. Компаниите само кога имаат потреба, тогаш, скокаат по секоја цена да ни најдете, ни требаат деца. Првиот момент кога ќе го задоволат тој услов, десетина деца ќе земат и после не ги интересира. Кога ќе останат без работници, тогаш повторно трчаат. Значи фалат системски решенија“, вели Асани.
Се жали дека му прават опструкции од МОН, па кога лани побарале воведување нова струка за авио-механичари, таа не им била дозволена иако веќе целиот систем им бил подготвен.
„Значи мора да бидеш со нешто атрактивен, не само со чекан и уље“, дециден е директорот.
Речиси сите класови во ова училиште бројат под 10 деца. Вели дека иднината е во стручното образование, па затоа смета дека мора да има намалување на слободните места во гимназиите.
„Многу и се повеќе паралелки отвораат гимназиите. Административци не бара Европа. Ниеднаш не ми рекле - донесе ми секретарка. Дај ми заварувач, дај ми за климатизација, дај ми за водовод. Стручни бараат“, додава тој.
Цели сектори кубурат за кадар
Дарко Велков, основачот на порталот Вработување, вели дека во земјава расте потребата од стручни кадри со средно образование, каде има огромен дефицит. Неговото искуство покажало дека огромен проблем има да се најдат работници во угостителскиот, градежниот и рударскиот сектор, а евидентен е недостигот и кај одредени машински струки и електро техничари. Во дел од овие професии додава дека платите значително растат.
„На терен нивната струка ќе достигне дупло од тоа што било лани или преклани, бидејќи кога нема, понудата е многу поголема. Стручните струки дефинитивно ќе преовладуваат во следните 5-10 години и сите што ќе имаат такви компетенции, ќе бидат добро платени, не мора да одат во странство бидејќи истите плати тука ќе ги имаат. Тоа можам 100% да го потврдам“, дециден е тој.
Во Програмата за реформи во вработувањата, на Министерството за труд и социјална политика која се однесува на перидот до 2022 година, посебно е истакнат проблемот со слабиот интерес за упис на ученици во средно стручно образование. За негово надминување беа предвидени околу 2,5 милиони евра, потребни за унапредување и реформи на образовниот систем и полесна транзиција на пазарот на труд.
20% од невработените над 120 000 граѓани, отпаѓаат на младите до 29 години.
Лука Павичевиќ, претседател на Сојузот на средношколци вели дека покрај останатото мора да се врати репутацијата на професиите како пекар или автомеханичар. Забележува дека честопати, луѓето бираат и помалку платени работи, само затоа што се општествено поприфатливи.
„Во земјава потребата да се има факултетска диплома се наметна како прв критериум за вработување. Многу ученици од стручните училишта, стравувајќи дали ќе најдат работа со средно училиште, се запишуваат на факултет“, додава тој.
Со цел да се поттикне уписот во средните училишта од МОН воведоа нови стипендии за запишаните во средни стручни училишта, пред се онаму каде се создаваат дефицитарни кадри. Така лани за првпат беа предвидени по 3500 денари месечно, за 3500 ученици кои ќе се запишат во стручните школи. Во дуалните паралелки пак стипендираат и самите компаниите, при што дел од учениците се вработуваат веднаш по дипломирањето.