Достапни линкови

Што и да одлучи Бугарија - Македонија ќе заглави на патот кон ЕУ


Знамиња на Македонија и на ЕУ
Знамиња на Македонија и на ЕУ

Експертите негативно го оценија „францускиот предлог“ за откочување на евроинтеграциите, со кој бугарските барања за Македонија ќе станат европски барања. Тие го критикуваат молкот на владата и надежта дека други земји од ЕУ ќе се спротивстават на внесувањето на билатерални спорови во преговарачката рамка, што може негативно да се одрази на понатамошното проширување на ЕУ со сите балкански земји.

Сите сценарија за ЕУ

На три дена до Самитот на ЕУ, на кој треба да се одлучи дали ќе се одблокираат македонските евроинтеграции, јавноста официјално не го видела „францускиот предлог“, ниту, пак, владата се изјаснила дали е прифатлив за неа. Дел од медиумите кои го добиле предлогот, објавија дека тој ги содржи сите бугарски барања, освен за македонскиот јазик. Бугарски претставници оценија дека се работи за предлог во вистинска насока, но оти треба да се доработи.

Што ако Софија го отфрли предлогот?

Ако официјална Софија го отфрли предлогот, владата во Скопје нема да мора да се изјасни, во услови кога има отпор во јавноста, дури и меѓу поддржувачите на власта. Тогаш на сила останува ветото и закочената евроинтеграција на Македонија.

А доколку го прифати?

Ако Бугарија го прифати францускиот предлог, владата во Скопје ќе мора да даде свој став. Министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски досега велеа дека ќе дадат свој став кога ќе има усогласен став од сите 27 членки на ЕУ.

Еден од условите за отворање на преговорите е внесувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека тие нема да поддржат отворање на Уставот, а без нив нема двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени.

Во случај Софија да каже „да“, следува Советот за општи работа на ЕУ да ги одобри преговарачките рамки за Скопје и Тирана, а на Самитот в четврток да бидат одредени датуми за почеток на преговори.

Но, работите дополнително ги комплицира и закажаното гласање за доверба на бугарската влада на Кирил Петков, еден ден пред Самитот во Брисел. По излегувањето на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов од бугарската влада, владејачката коалиција сега нема мнозинство во Парламентот. Опстојувањето на владата е неизвесно, со оглед на тоа што неколку пратеници го напуштија Трифонов, но во среда ќе се знае дали тоа ќе биде доволно за Петков да остане на функцијата.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ побара Собранието веднаш да свика седница на која ќе се разгледува овој француски предлог и одредбите од него кои може да ја променат или влошат преговарачката позиција на Македонија.

„Во случај ние да го прифатиме овој предлог, нè става во една прилично нелагодна, самоуништувачка ситуација како земја, да имаме започнато симболичен преговарачки процес, темата за проширувањето, барем што се однесува до Брисел, на некој начин е задоволена. Ние не можеме да испорачаме квалификувано мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот и тоа ќе биде така до догледно време и земјата останува во една бестежинска состојба во која имаме започнато преговори од една страна, меѓутоа процесот никако не започнува и ќе бидеме заглавено во внатрешни меѓуетнички, меѓумакедонски анатагонизми“, рече Трошановски.

ЕПИ и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ уште во март подготвија документ со тоа на што треба да се внимава при евентуален компромис со Бугарија. Првите луѓе на овие институти велат дека Владата никако не смее да го внесе билатералниот проблем во преговарачкиот процес и никако не смее да биде нема по ова прашање.

Дел од клучните ризици, доколку се прифати предлогот е прераното внесување на Бугарите во македонскиот Устав, тоа може да го искомплицира текот на преговорите изјави Симонида Кацарска институтот за Европски политики (ЕПИ), презентирајќи го документот – Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загриза Македонија?

„ЕУ влегува во нешто што не е нивна територија, значи малцинските прашања се во домен на Советот на Европа. ЕУ внатре нема регулирани стандарди за овие прашања, особено ги немаат регулирано Франција и Бугарија, и од тој аспект мислиме дека овој предлог задира во области во кои не би требало и креира преседани пред сè, и со историската комисија доколку влезе преку протоколот и со малцинските прашања кои може да бидат многу ризични за проширувањето на ЕУ во иднина“, вели Кацарска.

Како проблем го наведува и тоа што нема реципроцитет, односно има услов на бугарското малцинство во Македонија, а ни и обратно, за македонското во Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека францускиот предлог е чекор во вистинска насока, лидерот на владејачката „Демократска Бугарија“ Христо Иванов дека е „исклучително добар“, а и доскорешната шефицата на дипломатијата го оцени позитивно.

Бугарското МНР за денеска побара состанок на Парламентарната комисија за надворешни работи за да се изјасни за „францускиот предлог“. Според предлогот, Бугарија денеска треба да се изјасни дали го прифаќа, за утре да биде ставен пред останатите членки на Европската унија.

Што е спорно за Македонија во францускиот предлог?

Во францускиот предлог се наведува дека Бугарите треба да влезат во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите, но за отворање на уставот се потребни неколку месеци. Поради тоа, Франција предлага организирање на две Меѓувладини конференции. Првата уште на 23 јуни во Брисел, која ја претставува како „политичка“, и втората во иднина, тогаш кога Македонија ќе заврши со уставните измени.

Бугарскиот сервис на РСЕ анализирајќи го предлогот, пишува дека ЕУ и понуди на Бугарија повеќе отколку што можеше да замисли за прашањето за Северна Македонија и наведува пет факти. Една од придобивките е што францускиот предлог предвидува условите на Бугарија за Скопје да станат дел од обврските на Северна Македонија кон Брисел, што Софија го бара од 2019 година. Потоа го наведува внесувањето на Бугарите во Уставот, предлог што го даде македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во март 2021 година. Ваква идеја немаше во бугарските официјални документи. Но идејата беше тоа да се случи пред Македонија да влезе во ЕУ, тогаш да се отвора Уставот, сега ЕУ предлага наместо на крај, Бугарите да влезат во Уставот уште на почетокот.

Мицкоски – Избори за спас на Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:06 0:00

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој учествуваше на настанот во организација на ЕПИ и ИДСЦС, вели дека само на неколку месеци се сменило многу и тоа резултирало со неповолни предлози за македонската евроинтеграција. Вината треба да се бара во дипломатијата и владата, вели тој. Димитров беше дел од Владата до јануари годинава.

„Предлогот не нè носи кон членство во ЕУ. Ние сакаме да ги почнеме преговорите или сакаме да ги завршиме преговорите и да влеземе во членство? Затоа што не носи во едно тесно сокаче, што е исклучително комплицирани и обременето со барањата на Бугарија, при што се прават преседани и за други држави кандидати што ќе следат после нас“, вели Димитров.

Остануваат точно 11 дена до крајот на ротирачкото претседателство на Франција. Но Софија веднаш треба да се изјасни за планот, за тој да може да се оствари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG