Достапни линкови

Како кај нас, а како во Европа се справуваат со растот на цените на храната и горивата


Зејтин во маркет во Скопје
Зејтин во маркет во Скопје

Мерките за ограничување на цените прекинаа и храната и бензинот од денеска се продаваат по рекордни цени. Опозицијата бара ослободувањето од ДДВ за храната и преполовување на акцизата за горивата да се продолжи до крајот на годинава, но прашање е од каде ќе се најдат пари за тоа. Земјите во Европа различно се справуваат со зголемените цени.

Зејтин од 155 денари, иако до вчера беше 135, леб од 24 денари нагоре, шеќер 73 денари, брашно 34 денари, млеко 60 денари. Горивата од ноќеска поскапеа за по 9 денари и за првпат ја пробија границата од 100 денари. Бензинот Супер 95 сега чини 104 денари, Супер 98 е 106,5 денари, а дизелот 95 денари.

Од денеска веќе не важат владините мерки за ограничување на цените на основните животни производи и цените нагло пораснаа. До крајот на годинава останува само намалениот ДДВ за струјата на 5 отсто.

Во април трошоците за живот биле за над 10 отсто повисоки од април минатата година, а храната е поскапена за 15 отсто. Лебот бил поскапен за 17 отсто, месото за 10 отсто, а маслото за 32 проценти. По укинувањето на мерките, овие поскапувања ќе бидат уште поголеми.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага мерките да продолжат до крајот на годинава за граѓаните да здивнат од поскапувањата.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека мерките би требало да се продолжат, но оти во буџетот нема пари. Кога увозот ни е поголем од извозот, не може многу да влијаеме на цените. Пари може да се најдат само со повисоки даноци за компаниите што прават екстра профити, вели таа.

„Има начини, меѓутоа, дали сакаме тоа да го направиме и дали сакаме да користиме мерки кои ги има во другите држави. Овие големи компании нема да сакаат да им се земе дел од профитот“, вели таа.

Леб во маркет во Скопје
Леб во маркет во Скопје

Од 15 ноември минатата година, во Србија се замрзнати цените на брашното, зејтинот, свинското месо, млекото и шеќерот, а ограничувањето на цените беше продолжено за уште 5 месеци. Цените на горивата се ограничени до крајот на месецов.

Велика Британија воведе еднократен данок од 25 отсто за нафтените и гасни компании, за од тие пари да им даде по 650 фунти на најсиромашните граѓани за да може да си ги платат сè повисоките сметки за струја.

Бугарија на почетокот на мај донесе пакет од 1 милијарда евра за помош на најсиромашните. Бугарската влада најави поевтинување на горивата за 0,25 лева, како и укинување на акцизата за природен гас, струја и метан.

Франција го ограничи поскапувањето на струјата.

Германија одлучи да ги поевтини горивата и да ги намали цените на билетите за јавен превоз.

Речиси сите земји во Европа спроведуваат некакви мерки за заштита на граѓаните поради растот на инфлацијата по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари.

Вчера беше последниот ден од антикризните мерки кои стапија во сила во март, а со кои се намали ДДВ-то за основните производи за исхрана од 5 на 0 отсто, се намали акцизата и ДДВ за горивата, а Владата на трговците им ја ограничи маржата на 5, односно на 10 отсто за одредени производи. Од денеска веќе нема ограничувања.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара ослободување од ДДВ за прехранбени производи до крајот на годинава, како и преполовување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти.

„Народот гладува, а власта нема идеа и план што да направи. Платите се целосно обезвреднети. Тоа што можеше да се купи во месецот со една плата, сега не може ни со две плати да се покрие“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве изјави дека не се планира продолжување на овие мерки, бидејќи како што рече, не може да се влијае на цените на суровините кои се користат за производство на продукти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG