Дваесетитригодишниот Радован М. Спиридонов, кој Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го прогласи за еден од најдобро дипломираните студенти за учебната 2020/2021, е најдобро дипломиран студент од Филозофскиот факултет, со највисок просек во областа на општествените науки. Има полн индекс чисти десетки и вели дека два елементи се посебно важни за студентот да го извади најдоброто од себе во текот на студирањето.
„Ќе признаам дека јас не бев премногу добар студент по оние метрики, во смисла на учење секој ден и таканатаму, но, она што е главно, според мене, е студентот да се опкружи со луѓе кои го инспирираат, луѓе што се подобри од него во таа област, кои се остварени. Треба да сфати дека професорите се негови пријатели кои се тука да пренесат знаење и да не заборави дека подобро е да се чита целата книга, отколку скратената скрипта. Треба да се чита барем малку повеќе од пропишаната литература. Тоа барем денес со интернетот е многу лесно. Можеме целата светска библиотека да ја отвориме“, изјави Спиридонов за РСЕ.
Сака да ги охрабри студентите да имаат квалитетна комуникација со професорите.
„Секогаш треба да има комуникација со професорот, бидејќи најголем дел од професорите не се бабароги и чудовишта што сакаат да нè изедат, иако така си мислиме“, истакна Спиридонов.
Вели дека „кампањски“ ги учел оние предмети кои баш и не му „лежеле“ на срце, но за среќа, тие биле малку на број во споредба со предметите кои посебно го интересирале, па за нив учел континуирано.
„За да се решат домашните проблеми, треба да се биде дома“
Радован е дипломиран политиколог на програмата по Меѓународни односи на УКИМ и актуелен студент на програмата по Филозофија. Вели дека одлучил да се едуцира дома, за да може да ги реши „домашните“ проблеми.
„Кога имав 18 години си поставував прашања и на крај дојдов до заклучок дека ако сакам да се бавам со политичките науки, со креирањето на политики, нема подобро место за работа од дома. Се разбира, УКИМ има многу маани, како и секоја институција во Македонија. Дел од тие можеме да ги препишеме едноставно на мизерните средства што ги издвојува државата. За дел од нив сме криви ние студентите, за дел од нив се криви професорите, не е важно... За човек што сака да се бави со македонското општество, добро е да остане дома, да си ја запознае својата земја, да ги запознае проблемите на лице место и на крајот од денот, денес, кога светот е ставен во едно „глобално село“, не чувствувам дека имам нешто многу испуштено. Не чувствувам дека македонските студенти се уназадени во споредба со оние во странство. На крајот на денот, сите го имаме тој магичен интернет“, истакна студентот.
Оптимист меѓу разочараните
„Јас сум еден од пооптимистичните, меѓутоа има такви кои се запишани на УКИМ и останатите државни универзитети кои се разочарани од многу гледни точки. Со право... Разочарани се и самите наставни и научни работници. Секоја година тонеме на таа листа. Имаме една мала шега со моите колеги и пријатели, па велиме: „Ајде конечно да паднеме од тие 2000, барем да нè нема на листата, да не се брукаме секоја година“. Но, јас сум непоправлив оптимист и велам: „Ако сме можеле да направиме Универзитет од ништо после ослободувањето, можеме и сега овие нешта да ги поправиме, иако моите пријатели и колеги не го делат овој оптимизам и се склони кон апатија и мислат дека некои работи нема да се поправат“, сподели Спиридонов.
Тој вели и дека се труди да им укаже на разочараните врсници дека успех е проблемот да се реши, но ги разбира оние кои се „навикнати“ да живеат во апатија.
„Ги разбирам и тие што не се согласуваат со мене и ја имаат таа апатија и нивниот став дека ако едноставно нешто не функционира треба да се остави да продолжи така понатаму, бидејќи ете, за жал, такво општество можеби ние сме наследиле од повозрасните“, вели студентот.
Во иднина сака да биде дел од некој истражувачки институт којшто работи на развој на добри применети политики.
„Би сакал да бидам на работно место, кадешто моето теоретско знаење и тоа што сакам да читам книги, да следам публикации и слично, би можел да го применам на лице место, тука, кај нас, да се креираат добри применети политики. Не само за прашањата за надворена политика, меѓународни односи и за внатрешната политика. Едноставно, да бидам креатор на применети политики коишто подоцна, нели, извршната власт ќе ги примени“, потенцира тој.
Наградата од УКИМ, вели дека донела задоволство кај професорите, пријателите, семејството, но и гордост кај него, особено гледајќи ги и студентите од другите факултети и науки.
„Ми се допаѓа тој момент што, ете, во време кога знаењето се купува и се продава, сè уште има една таква мала церемонија кадешто се оддава признание на луѓето што се посветиле кон учење и кон знаење“, додаде Спиридонов.