Достапни линкови

Без пари не бива професионално новинарство


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Последното рангирање на Индексот на слободата на печатот на Репортери без граници, покажа дека македонските новинари не работат во непријателска средина, но имаат сериозен проблем со почитувањето на професионалните новинарски стандарди.

Поради новата методологија која се воведе годинава, Македонија забележа скок за 33 места споредено со лани, па се најде во групата „проблематични“ држави кога се работи за слободата на медиумите. Како што појаснуваат Репортери без граници, раширените дезинформации заедно со недостатокот на професионализам во новинарството доведуваат до опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што пак ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Без пари нема професионалност

За професорката Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, која со години ги следи проблемите во медиумската сфера, забелешката за непрофесионалноста во медиумите не е нешто неочекувано.

Таа потсетува дека уште во 2016 година во извештајот на Прибе, групата ЕУ експерти констатираше системски аномалии во медиумската сфера. Вели дека ,во меѓувреме, подобрувањето на општите слободи се случи поради намалувањето на политичкиот притисок од страна на властите, но остана еден од главните проблеми - нерешениот социоекономски статус на новинарите.

„Значи ако новинарот не е економски сигурен и ако се плаши за своето работно место, ние не може да кажеме дека не е подложен, не е ранлив на различни влијанија. Во таа смисла тоа се одразува на професионализмот. Од друга страна, самите медиумски редакции, особено медиумските сопственици не вложуваат во професионализација на редакциите, многу малку има внатрешни обуки на новинарите, редакциите се десеткувани, новинарите работат различни теми“, забележува Трпевска.

Изминатата деценија донесе големи промени во новинарството, како во светот, така и кај нас. Подемот на онлајн медиумите го смени медиумскиот пејсаж овозможувајќи брзо и релативно евтино формирање многу нови медиуми. На сметка на тоа се намалуваа редакциите, што значи ако во минатото новинарите имаа свој сектор кој го следат, сега тоа е привилегија на малкумина во фелата. Паралелно со сите овие процеси, платите на новинарите продолжија да каскаат зад просекот.

Токму овој проблем го потенцираа од Синдикатот на новинари и медиумски работници во својата онлајн кампања насловена „Работничките права – предуслов за професионално новинарство“.

„Ако во земјава постоеаја само десетмина новинари, седуммина ќе земаа потпросечна плата. Четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело. Четворица ќе работеа прекувремено, а на тројца немаше ниту да им се плати. Петмина ќе застанеа на вратата за да излезат од професијата“, објавија од ССНМ во обид пластично да го објаснат проблемот.

И Младен Чадиковски претседателот на Здружението на новинари на Македонија вели слободата на медиумите е генерално ограничена од зависноста на медиумите од пари.

„Пазарот на медиуми во Македонија е мал, недоволно атрактивен, не остава простор за развој на независно новинарство и медиумите многу често зависат од некои политички или од бизнис центри на моќ“, укажува Чадиковски.

И самиот признава дека е незадоволен од квалитетот на медиумските содржини во земјава. Вели дека недостига сè - од информативни и едукативни, па се до аналитички и истражувачки стории кои отскокнуваат од дневното новинарство.

„Професионалното новинарство чини пари, ние тоа мораме да го признаеме, сакале или не. Без средства немаме добри медиуми и немаме квалитетни и добри новинарски содржини. Илустрација за тоа е што има неколку навистина квалитетни проекти коишто се работат и во моментов, не само сега туку во континуитет, но тие можат на прсти да се избројат. И тие генерално најчесто се поттикнати или поддржани од меѓународни донатори“, вели Чадиковски.

Проблемот со финансирањето на медиумите се нотира и во последниот извештај на Репортери без граници.

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој“, се вели во делот од извештајот посветен на Македонија.

Професионaлизам vs кликбејт

Токму од таков проект доаѓа младата новинарка Ирена Каревска од „360 Степени“. Минатиот месец ја доби наградата за истражувачко новинарство „Никола Младенов“ за серијалот прилози со кој го истражуваше случајот со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци од поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Вели дека професионалното новинарство бара напор и посветеност, многу часови минати во прегледување документи, теренско истражување, трагање по одговори од повеќе страни, но и ангажирање цел тим за изработката на професионална сторија. Како во случајот кога ја доби годишната награда „Никола Младенов“.

„Значи за изработка на еден професионален текст, дали е сторија, репортажа или истражување секако дека треба повеќе време и посветеност од она дневно кликбејт новинарство коешто за жал е се пораспространето во медиумскиот простор, засенувајќи ги оние вистински професионални стории коишто знаат да се изгубат во тоа море од информации или дезинформации“, вели Каревска.

Кликбејт во буквален превод значи мамец за кликови. Најчесто се работи за сензационалистички наслов креиран со цел преку него, публиката да се наведе да го отвори линкот во кој содржината може, но и не мора да биде невистинита. Ова е најчесто употребуваната форма на манипулација кај онлајн медиумите, а ваквите објави се креираат за да можат лесно и брзо да се шират на социјалните мрежи.

Каревска забележува дека се потешка станува оваа битка со дигиталните медиуми. Сепак, додава дека постои и будна публика која знае критички да размислува и препознае квалитетен новинарски текст.

„И токму за неа, затоа вреди да се работи професионално. Односно со професионално новинарство да одговориме на непрофесионалното“, децидна е младата новинарка.

На слично мислење е и професорката Трпевска.

„Дезинформации тешко ќе спречите, но ништо друго не останува на новинарството, на медиумите туку силно да се заложат за една професионализација. Меѓутоа имате многу приватни медиуми кои не ги интересира тоа туку ги интересираат одредени политички интереси, или да остварат средства од тоа што го работат“, укажува таа.

Со саморегулација против државна регулација

Со цел да се спротивставаат на непрофесионализмот во онлајн новинарството, ЗНМ и Советот на етика на медиумите (СЕММ) кон крајот на 2019 година го креираа Регистарот на професионални онлајн медиуми, кој сега брои над 150 членки. Идејата беше преку саморегулација да се поттикне професионалноста на медиумите, наместо да се остави тоа да го направи државата- со дополнителна државна регулација.

Марина Тунева, експерт по медиуми и до неодамна извршна директорка на СЕММ вели дека сите медиуми коишто ја избегнуваат саморегулацијата, ги заобиколкуваат и правилата на професијата.

„Можеби една од причините е условеноста од одредени центри на моќ, фактот дека одредени редакции практично го условуваат своето работење од добивањето поддршка од одредени центри коишто практично и го насочуваат нивното информирање“, смета Тунева.

Од Формирањето на Комисијата за жалби во СЕММ во 2014 година, па се до денеска до денеска биле примени 632 жалби за прекршување на Кодесот на новинарите, чие почитување е важен предуслов за професионално новинарство. Само кај 66 примени жалби било утврдено дека нема основ за отпочнување на постапка. Скоро 30 отсто од жалбите се однесуваат на три онлајн медиуми.

Најголем број од претставките, како што појаснува Тунева, се за прекршувања во однос на вистинитоста на информирањето, сензационализам, но и немањето дистанца од политичките субјекти. Излез од оваа ситуација таа гледа во саморегулацијата, како и во држење настрана на центрите на моќ.

Чадиковски од ЗНМ пак, вели дека е потребно формирање независен национален фонд за создавање на медиумски содржини, со цел да се продуцираат квалитетни новинарски производи на локалните, регионалните и националните медиуми.

Паралелно со тоа смета дека мора да се работи на едуцирање на публиката и целокупната медиумската писменост.

„Не постои ниту еден начин да се спротивставите на кликбејт новинарството освен со вистински професионализам, вистински квалитет, препознавање на добрите содржини“, дециден е претседателот на ЗНМ.

Според професорката Трпевска пак, ако сакаме попрофесионални медиуми, мора да работиме и на подобрување на статусот на новинарите, вклучително и нивните примања и работнички права.

Професионализмот во новинарството и „разбудената јавност“ се клучни за постоењето функционална демократија. Затоа медиумите во демократските земји се нарекуваат и четврта власт, па треба да бидат контролор на останатите три власти - законодавната, извршната и судската власт. Ако четвртата власт работи непрофесионално, тогаш отсуствува и контролата на она што се работи во општеството.

Во најновиот Светски индекс на слободата на печатот во светот Северна Македонија се најде на 57 место. Лани беше на 90-то. Во нејзината група „проблематични“ се најдоа и Ерменија (51), Романија (56), Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Киргистан (72), Србија (79), Унгарија (85), Грузија (89), Бугарија (91), Украина (106). Норвешка и натаму е на прво место, а во најдолната група на Индексот се најдоа државите како Белорусија (153), Азербејџан (154), Русија (155), Авганистан (156), Пакистан (157), Кина (175), Туркменистан (177) и Иран (178).

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG